НАРОДНИ ВЕРУВАЊА И ЛЕКУВАЊЕ CO БАЕЊЕ

За време на третата вечер од раѓањето на детето во неговиот дом се собираат најблиските и го обавуваат обредот нарекување што се состои во следното: го поставуваат детето во крошни (дрвени лулки) или во нешто друго над огништето и околу него надонесуваат разни предмети што ги сметаат за амблем на занаетот на татко му и на сите оние занаети што, според селските сфаќања, се полезни и кон кои семејството негува почит и уважение, како на пример: паличник, сврдел, тесла, секира, нож, срп, тегови, чекан, пила, шестар, книга и молив, ако е таткото грамотен, пушка – ретко, за да не се излаже да стане ајдутин место ловец и така натаму.

Прва пред детето застанува бабицата и почнува да го благословува вака:

„Ајде, аирлија! Господ да ти дади живот и здравје! Да си касметлија, вековит, да ораш, да копаш, да жниеш, οвци да пасиш, да слушаш татко и мајка, дедо и баба (ако има такви). Да бидиш чесен, ‘рзлија, намузлија, в’село да се мешаш, да бидиш како татка ти (или) како деда ти (ако тие со своето поведение, карактер и способности заслужуваат внимание), да знаиш да говориш, со големи луѓе работа да имаш, да пречекуваш и испраќаш, домаќин да бидиш, да не лажиш и да  не се лажиш, да си дарлија и берикетлија” итн. (се што ќе и

дојдело на уста).

На крајот таа завршувала со следниве зборови:

„Ја не знам да благослоуам – Господ да благослои

повечку!”

По неа се заредуваат таткото, мајката, дедото, бабата и сите други што ги има и секој на свој начин ги искажува своите благослови според желбата и знаењето.

Вечерта пак на самиот ден во кој се раѓа детето се одвива неговото задојување на следниот начин: повикуваат жена која дои и која нема умрено дете. Таа го зема малечкото, кое дотогаш не цицнало воопшто од мајка си, го става на својата десна цицка за да биде десничар, му дава да повлече малку за адет и го изговара својот благослов. Потоа мајката си го зема од неа и го става на својата цицка за да цица колку што сака. Обично за задојница избираат жена којашто се одликува со својот добар карактер и способност, верувајќи дека преку млекото на детето му се предаваат нејзините добри особини.

На трeтиот ден од раѓањето, ноќта, детето бидува посетено невидливо од трите наречници кои му ја одредуваат судбината за целиот живот. Оние деца, на кои не им е судено да живеат, наречниците ги одбележуваат со некој знак. Напротив, ако изутрината жените не откријат таков знак врз телото на новороденчето, тие веќе не се сомневаат во неговиот живот и среќа. Според верувањето на простите, решението и предодредувањето на трите наречници се неизбежни и кога, некогаш се случува некого да го снајде несреќа, тие велат: „така му било написано”.

Close Menu