НАРОДНИ ВЕРУВАЊА И ЛЕКУВАЊЕ CO БАЕЊЕ

Некои во својата духовна простотија тврдат или пак го предаваат на други како сосем веродостојно она што им се сторило дека го слушнале со своите сопствени уши – самиот глас или разговор на наречниците. Во врска со тоа ја кажуваат следнава приказна:

На еден татко и на една мајка им се родило чупе. Таа година тие имале главено еден стар овчар. Тој на третата вечер се погодил дома. Кога дошле наречниците да му претскажуваат на чупето овчарот слушнал како си прикажуваат меѓу себе.

Првата рекла: „Ајде да го земиме сега!”

Втората и одвратила: „Не, да го оставиме да порасни, та коа ке се стори мома, да а земиме”.

Најодзади одговорила третата и рекла: „Вие као што велите не бидуа, ами ја као што ке реча: да расти, да порасти мома и, коа ке дојди редот да се мажи, овој овчар да а земи”.

Кога слушнал овчарот, си рекол: „Виа сакаат шега да се бијат – ја су сега 40 години и 20 години оште ке поминат дури она да втаса за мажене – ке се сторат 60 години, анџак ја тогај ке остареа и што ке разбера oт векот? He бидува, ами требе да се бара некое чаре”.

И за да се спаси од таа невола, решил да го погуби чупето. Станал ноќта, кога мајка му била уште првиот сон, го украл чупето и отишол та го фрлил во еден жлеб, полн со вода, божем да го удави. Се вратил назад и пак си легнал без некој да го забележи. Арно ама, внатре во жлебот, каде што не го залевала вода, се погодило да има еден чкор, та овчарот, кога го фрлил чупето, тоа се наврело на него со појасот и така не се удавило.

Утрото станува мајка му и си го побарува. И многу се зачудува што го немало дома! Барај овде, барај онде – го нема, па го нема! Растажена и расплакана, тргнала да оди на реката да залее вода. Поминувајќи покрај жлебот, каде што било закачено чупето, и се сторило како нешто божем да писнало. Застанала и наслушнала: навистина плачело дете! По гласот го нашла каде е и кога, што ќе види – нејзиното чупе! Радосна си го зела оттаму, си го донела дома, си го изгледала и тоа се сторило голема мома. И кога и излегол касметот да се мажи навистина го зела овчарот. Ете, како што прорекле наречниците, така и се случило.