НАРОДНИ ВЕРУВАЊА И ЛЕКУВАЊЕ CO БАЕЊЕ

Друга приказна: си бил некој човек нагости во една куќа, во која штотуку се родило едно чупенце. Тој се погодил таму на третата вечер кога доаѓаат наречниците да претскажуваат. Ноќта, во времето кога дошле тие, тој бил разбуден и слушнал се што говореле.

Првата рекла: „Ајде да го земиме сега!”

„Не – рекла втората – да го оставиме да порасни и тогај от оген да му дојди смртта”.

Најодзади рекла третата: „Ни така, ни така, ами да биди ја као што ке реча: да расти, да порасни, да се стори мома за мажене и тогај две куки да расплачи – да а свршат и коа ке дојди редот да а зимаат, да седнат да ручаат, она от лебот да стани, да излези во дворот и тогај да оди во бунарот да се врли – от вода смртта да и биди”.

Кога го слушнал тоа човекот, си рекол со умот: „Колај е лели е така, ја ке а куртула”.

Врвело времето, врвело. Чупето пораснало и се сторило мома за мажење. Дошле стројници: бре вака, бре така да биде – најпосле се погодиле и останало уште да се земат. Кога разбрал човекот за тоа, тргнал од дома и, земајќи си го стапот в раце, сосем сам, отишол дури таму, пак божем нагости. Тргнал, да речеме, како вечерта, а утредента од кај ручек требало да ја земат невестата.

Ноќта тој (тоа што го знаел не го кажал никому) си станал, отишол на бунарот и фатил да го расипува: фрлал во него камења, дрвја – го полнел, полнел – се скинал од работа. „Е, сега нека се удавува, ако можи” – си рекол и се вратил назад.

Осамнало утрото, а кон пладне дошле да ја земат невестата. Ја ставиле синијата – ќе ручаат. Јале што јале, чупата станала и излегла надвор. Човекот дотогаш постојано гледал што прави таа, но бил спокоен, зашто знаел дека бунарот е затрупан. Арно ама, откако почекале и виделе дека ја нема да се врати назад, излегле да видат што сторила. Кога погледнале во дворот, што да видат: мртва лежела пред бунарот! Таа, не најдувајќи вода во бунарот, се наведнала да се напие од едно вирче, што било пред него и од кое истечувала и се цедела вода, и како што се засркнала, тука модра останала.

Така пророштвото на наречниците пак се извршило.

Close Menu