РЕВОЛУЦИОНЕРНИ ПЕСНИ ВО МАРИОВО СВРЗАНИ CO МАРИОВСКИОТ ВОЈВОДА ТОЛЕ ПАША

Booking.com

Мариовската висорамнина, односно котлина речиси од сите страни е опкружена со планини како што се:

 Кајмакчалан, Кравица, Козјак, Трибор, Зелка, Селечка Планина, Смечот и други. Реката Црна, географски мариовската котлина ја дели на два дела. Високите планини од секогаш биле покриени со борова, букова, дабова и друга четинарска шума, особено планинскиот венец Кајмакчалан, Соколот, Козјак и понатаму Кожуф. Ваквите географски особености на теренот беа мошне поволни за Мариовците по паѓањето на Македонија под турско ропство. Мариовците не го поднесувале господарењето на турската власт и сосема е логично што густите шуми уште во првите години на ропството почнале да се полнат со ајдуци. Од историските податоци е познато, дека Мариовците како храбри луѓе први на Балканот (15 век) дигнале бунт против турското ропство. Бунтот бил зддушен во крв од многубројниот турски аскер,- а тоа мошне убаво и романизирано го има опишано и писателот Стале Попов во романот “Калеш Анѓа”.

 

Раѓањето на ВМРО при крајот на деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век придонесе за разгорување на македонското револуционерно ослободително движење низ цела Македонија па и во областа Мариово. Македонскиот народен поет не останал надвор од револуционерните настани, што се случувале низ цела Македонија па и во Мариово, а кои настани го потресувале целиот слободољубив свет. Народниот пејач хронолошки ја воспевал таа долга и крвава борба на македонскиот народ и од мариовското – револуционерно подрачје. Во овој крај со голема топлина и љубов се воспевани и негувани јуначките, револуционерно – комитските и песните од нашата славна Народноослободителна војна и Револуцијата. Народот од Мариово ќе ги воспее и обесмрти јунаштвата и херојствата на сите храбри, чесни и доследни синови паднати за ослободителното дело на македонскиот народ. Секако меѓу ликовите од мариовско кои се опеани од народниот пеач спаѓа и ликот на мариовскиот војвода Толе Пашата. Народот од Мариово широкоградо ќе го воспее Толета како свој заштитник од насилието на турските поробувачи. Песните за овој војвода како водоскоци ќе потечат од душата на надарените пејачи од мариовското поднебје.

Толе Трајков, кој подоцна самиот ќе се прогласи како мариовски “Паша” е роден во мариовското село Крушевица. Толе, уште како нејако дете со својот татко Трајко и чичкото Куле и други членови од неговото семејство ќе почне да аргатува по чивлиците на турските бегови, не само од Крушевица туку по имотите и на беговите од селата на плодната “Пелагонија”. Толе ќе го навлече гневот мошне млад, особено против крушевскиот бег Адем, кој безмилосно ги експлоатирал селаните. Неможејќи да го поднесе експлоатирањето и угнетувањето на селаните од страна на Турците, Толе со својот бунтовен дух ќе стане ајдутин и со својата ајдутска дружина ќе почне да ги напаѓа имотите на беговите, а потоа да ги ликвидира и самите бегови. На сред село го убил Турчинот Акиф, кој мошне често ги напаѓал селските девојки и невести од рисјанските семејства. Во месноста “Скала” во заседа го начекува и го ликвидира насилникот Рафит. При одметнувањето како ајдутин Толе ќе ја запее омилената ајдутска песна:

He плачи мајко, не жалај мори, не жалај

He рони солзи крвави, мале крвави,

По твоите бели образи, мале образи,

Оти ќе станам ајдутин, мале бунтувник

Турчин не го јастам, мале не го јаствам

Турчин да ми се башари, мале тамбари

На татковото јагниште, мале јагниште,

На мајчиното катиште, мале катиште,

На сестрината постела, мале постела…”

Толе станал страв и трепет за агите, особено при собирање на данокот од мариовските селани. Co текот на времето дружината на Толета ќе се зголеми и ќе прерасне во комитска чета, која исто така ќе се бори против петвековниот поробувач. Таќа на пример кон Толевата дружина ќе се приклучи и една поголема група затвореници, кои успеваат со помош на Организацијата да избегаат од битолскиот затвор. Додека да го најдат Толета со својата дружина во мариовските гори, избеганите затвореници формирале чета на чело со Коле Каранџулов. Во четата биле и Јован Ѓуров, Крсто Гермов – Шаќир, кој бил осуден на 101 година затвор и други. Битолскиот валија испратил силна потера да се фатат избеганите затвореници. При тоа потерата ќе почне да се распрашува по бабите и другото селско население за избеганите затвореници и насоката по која тие минале, при што и во таа прилика со возбуда народниот пејач ќе запее:

-Нешто ќе та прашам бабо

Право да ми кажиш

… Кои војводи беа бабо

кај тебе на вечера,

дали беше Толе Паша, бабо

или беше дедот Кољо?

А бабата ќе одговори:

Дејѓиди Турче, Турче море

итро ем будало,

Та нели ме питаш

Турче право ќе ти кажам!

Ни војводи беа аго, ни комити беа,

туку беа аго кутри затвореници!

Апцана дупнале аго они испаднале.

Војвода им беше Турче, тој Кољо Каранџулов…”

Затворениците ќе успеат да се приклучат кон четата на Толета, а тоа ни го кажуваат и историските податоци. Co својата комитска чета Толе најмногу крстарел по мало Мариово – Градешница, Старавина, Беовиќ, Бешишта, Пуништа, Витолишта и други села од левата страна на реката Црна. Толева “тврдина” било селото Градешница, што е и логично бидејќи ова село е најблиску до вечните гори на Кајмакчалан, Кравица, Козјак и други долж југословенско – грчката граница. Народниот пејач ќе испее песна за Толета сврзана за селото Градешница. Имено, песната ни ја испеа 85-годишната домаќинка од Градешница Неда Чачева, а таа гласи:

-Бог да го бие тој Толе Паша

што ми излезе млад комита,

да ми шета пусто Мариово,

та да ми брка Турци поганци.

Кога влегуваше во Градешница

сето село се тресеше…”

Толе Паша не ретко правеше самоволни испади и према мирното мариовско население, при тоа ги кршеше законите на Организацијата. Поради тоа Окружното управително тело на Организацијата од Битола ќе му наложи на прилепскиот реонски војвода Петре Ацев да замине за Мариово и да му укаже на Толета за недозволените постапки према некои Мариовци. Војводата Ацев преку Крсто Гермов – Шаќир успева да се состане со Толета, да го заколне и да го прими во Организацијата, а потоа и да му укаже од недозволено самоволие над чесните луѓе, да ги почитува правилата на Организацијата, но и да се обрачунува со шпионите и предавниците на ослободителното дело на македонскиот народ, при тоа е испеана и песната:

-Ајде појави се додо на пенџерето,

да видиш што петли пеат,

што петли пеат, што кучиља лаат,

дали е кавга или е селска свадба.

-Ниту е мајко кавга ниту е селска свадба,

туку ми се Толеви комити

ќе ми одат во село Вепрчани,

село Вепрчани кај “Студеница”

таму ќе ловат турски шпиони…”

Толе Паша ја прифати идеологијата на Организацијата и активно работи за нејзино реализирање и во Мариово. За време Илинденското востание Толе Паша со својата чета, борба против Турците ќе води во мариовскиот реон. Во Мариово, односно кај селото Чаниште за време Илинденското востание крвава борба со аскерот ќе води и четата на Ѓорче Петров. Под притисок на многубројната турска војска четите на Ѓорче Петров, Толе Паша и некои други војводи се приморани да се повлечат на планината Кајмакчалан. Од Костурско на Кајмакчалан со својата чета се повлекува и Борис Сарафов со некои други костурски војводи исто така поради притисокот на многубројната турска војска, која почнала да ги пали селата и да врши и други насилства.

На Кајмакчалан, како член на главниот штаб Борис Сарафов наредил да се растурат четите бидејќи востанието пропаднало. На оваа одлука на Сарафов се спротивставиле некои од војводите и востаниците. Пред востаниците говори одржале Сарафов и Ѓорче Петров, при тоа востаниците ја испеале и потресната песна која гласи:

-Ајде вие агалари,

Агалари пашалари,

Кажете му на султанот

Нека коле нека бесе

Македонија нека се тресе!

А пак вие Македонци

Запрегнете машка сила

Македонија за да биде,

За да биде што е била.

Самоилов црвен барјак

Пека се вие нека се носи,

Мечот негов, паши, аги,

Нека сече, нека коси…”

Било наредено востаниците да се враќаат по своите домови, а војводите и оние востаници кои не сакаат да се вратат дома да заминат за Бугарија за да се засолнат од крвавиот поход на аскерот и турската војска.

Толе не сакаше да ја исполни наредбата и со своите најверни другари остана во Мариово, да го дели злото и доброто со својот народ. Ѓорче Петров од Толета се раздели во селото Градешница, при што по слегнувањето од планината Толе им нареди на Градевците Митре Гулев и Тодор Чачев, Ѓорчета преоблечен во мариовска облека да го одведат во Битола. По сугестија на Толета, Ѓорче ја остригол и брадата за по патот да не го препознаат Турците. Ѓорче со мариовските пазарџи стигнал во Битола, а потоа извесно време се задржал во Прилеп, а потоа заминал за Бугарија. Толе Паша продолжил да се бори против Турците за да го урне петвековното ропство над својот народ. Турскиот аскер постојано му ставаше заседи, кои Толе со својата чета мошне вешто ги избегнуваше. Но, бестрашниот мариовски војвода сепак загина во нерамноправна борба со турскиот аскер во месец октомври 1904 година кај мариовското село Гудјаково. Во оваа крвава борба изгинаа и сите 11-мина четници меѓу кои беше и синот на Толета, Велјан. За да го уверат дека војводата Толе е убиен, турски официри, пресечената глава на Толета му ја однеле на валијата во Битола при што валијата наредил главата пак да се врати кај Толевото тело.

По јуначкото загинување на Толета, народниот пејач од се срце ќе запее:

-Жалејте го браќа Толета војводата,

Толе војвода за народ загина.

Жалејте го браќа Толета војводата,

кој загина за нашата слобода.

Толе војводата за народ загина,

за народ загина за Македонија…”

Тешки се тие денови за населението од мариовските села, по веста за загинувањето на војводата Толета и неговите другари од четата. На населението болка му се всели во душата за изгинувањето на своите заштитници на чело со бестрашниот мариовски војвода – Толе Паша

По загинувањето на Толета и неговите комити, Мариовци ќе упатат повик до војводата Ѓорѓи Сугарев да им дојде со својата чета на помош и да го спаси народот од “душманите – грчките Андари”. Тој го “слуша гласот на поробениот народ и од Демирхисарските планини ќе тргне на помош. Но, во селото Паралово “шпионите го предадоа го сардисаа од сите страни, му ги погубија сите соборци и на крајот самиот си ја пролеа крвта” за да не падне жив во рацете на непријателот.

SUMMERY

Macedonian Ilinden revolutionary song is characteristic for its own concrete work up of the characters and events in poetic pictures. The songs are rich in revolutionary pathos and they have heroism and tragyc quality at which the resistance and the struggle of the macedonian people against the five centuries turkish slavery are expressed. Numerous songs about the dukes, about the rebels, armed squads, fighting actions, the activities of the people, the crimes of the turkish opressors and their spies represent a kind of evidence about one of important periods in the history of the macedonian people. Besides the Duke Tole Pasha from Mariovo and the already mentioned Duke George Sugarev, a lot of other outstanding persons from that period are praised in the revolutionary folklore songs from the Ilinden epic. The leading position in the praising of the uprising motto “Death of freedom” belongs to the leader and Duke Goce Deltchev, then to Dame Gruev, Jane Sandanski, Pilu Guli, Jordan Piperkata, Petre Acev, Ilristo Uzunov, Vasil Tchakalarov, Ho Maleshevski, Mitre Vlaot, Alcksandar Turundzev, Savo Mihajlov, Nikola Karev, Gene the Duke, Manush the Duke and to a lot of other active men from the bloody epic of Ilinden. The revolutionary songs from the Ilinden epic are of a priceless aesthetic value for the revolutionary past of the macedonian peple.

 

„РЕВОЛУЦИОНЕРНИ ПЕСНИ ВО МАРИОВО СВРЗАНИ CO МАРИОВСКИОТ ВОЈВОДА ТОЛЕ ПАША“

Автор: Трајко Босеовски, Битола

„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г

Booking.com