Друг пат почнаа да го ѓибаат дедо Никола за да го натераат да им раскаже некоја нова приказна.
— Е, да ви раскажам бре Деца, туку знаете како велеше дедо ни Дано, бог да го прости! „На суво жаба не крка”. а и вие, сакате приказна ама не нарачувате едно ковенце.
— Mope за ковенце нека биде, дедо Коле, само ти кажи да се понасмееме. Ајде, ајде, еве јас ќе ти нарачам да ни ја правиш алал приказната, — рече Митко Дојчинов и му рече на крчмарот Трајка да донесе за дедо Колета едно дваесетипетдрамниче ракија.
Дедо Коле ги гтзамазни мустаќите, благослови и благодари на ракијата, шмркна од ковенцето и длабоко издивна:
— Охохо! Бог да си го прости деда ти Митка. Многу блага душа беше сиромав, ама арно си го прибра господ.
— Арно си прави господ, ве прибира вас старите, туку ајде измисли нвкоја да слушнеме, — почнаа да настојуваат десетина млади ловци собрани како секогаш во Балевото крчмиче.
— А, бре, да ви кажам, бре вмучковци, ама ми е мака оти не ми верувате кога ве лажам.
— Еве, еве и за ова што ќе ви раскажам, верувам дека нема да ми верувате, макар да беше вистинска вистина.
— Или вистинска лага, — повтори некој.
— Ете, да ви раскажам како му отидоз на сватот Митрета Кундев во Врпско со волк на рами на свадба и му го бапнав сред куки. И не да речете оти го отепав со пушка или секира. Mope со ништо не го отепав, и воопшто не го отепав, ами жив, жиз го фатив и жив му го однесов и му го спружив в куки врзан како брав.
— И оваа ќе биде: „Ако е вистина — голема лага” — потфрли некој тивко. — И кога го видоа тоа свадбарите, се пусти гаќи останаа. Се испрепалија сиромаси, одвај душите си ги собраа.
— Како жив му го однесе?
— Е, тоа е марифет жив да го фатиш, та оддалеку со пушката буум секој може и арслан да отепа.
— Е, како беше де? Ајде кажувај, ќе ти веруваме иако не лажеш.
— А, бре, јас ќе зи кажам да ја одработам ракијата, а вие, та верувале, та не верувале.
— Еве како беше: ама слушајте добро и не прекинувајте ме оти тоа беше одамна, па треба да се присетам. Јас бев млад — голобрад, што се вели зборот, на дваесет и некоја и друга година. Ама бев јааак! На! бабачко, — и покажа дедо Коле со рацете каков бил јак и бабачко.
— Ја свршивме сестра ми Бисера, бог да ја прости, за Петрета Кундев во Врпско, го знаете белким вие постарите, татко му на овој чорбаџија Митрета Кундев. Крстен е на деда си Митрета. Ја свршивме велам, Бисера за Петрета. Ни даде стариот Митре за неа три овци и еден брав, три кози е еден прч за домазлак. Сакам, рече, кога ќе дојдам до година да ве најдам со булук овци и кози како мене. Ама кај се правел булук кај ловец? И тоа од три овци и три кози! Туку нејсеси ги зедовме ние овците со бравот и козите со прчот и кога не можеше татко ми, да ловне, нешто ловчок да донесе, тој ловеше по една овца или коза и уште зимата им ја видовме сметката и на бравот и на прчот, и на овците и на козите.
— Добро де, добро! Ви даде Кунде три овци и еден брав, три кози и еден прч и н? се направи булук. Си ги каснавте, нека ви се на здравје, тоа го знаеме и ние, туку кажузај како го фати волкот и му го однесе на сватог жив, — му упадна еден нетрпливко од слушачите.
— Ама јас реков дека сте јале од кокошка нога, не ме оставате да ви раскажам како што треба.
— Ете! Ја свршивме сестра ми Бисера за Митрета, па дојде денот и да му ја дадеме. Нарача сватот, чорбаџија човек, сака со сватови да биде свадбата. „ Јас, рече, ќе си. го тргам мастрафот, само нејќам да ми биде глува свадбата. Едеи син има Митре Кунде, нема сто пати да ја тишти сермијата”. Донесе, ви велам, се што требаше за пречек на дваесетинатриесет сватови. Беше се кренало целото село Врпско. Зати толку беа и тогаш врпчани дватриесет души во селото.
— A, oвдe, за волкот кажи, дедо Никола, та остави го, запусти го Врпско, оган нека го гори, — нервозно му подвикна друг. — Пак тој ме прекинува, — се лути дедо Никола. — Така туку да дојдам до волкот! Чекај, слушај, ако имаш уши и до него ќе дојдеме, бесот да го фати.
Елем, си донесе сватот Митре маст, сирење, море две јаловици месо дебело како расол, цело кило — сто ока брашно, товар ракија, два товара вино. Дарови, бендене, што се вели и една неделина токму по водици зовреа гајдите во Врпско. Зовреа, лебами и кај нас. Оти пак да не зоврат кога донесе човекот три товари пијалок?
И се знае. Уште тука кај нас ги направивме главите тамбури. Јас ѓоамити се позадржував до некое време, ама и мене ме фати ишфитот. А ваму брат сум на невестата, a уште неженет (ме пререди Бисера) и мене ме одредија да ја испратам до нејзината нова куќа дури во Врпско. Што ќе правам, ред ме тера.
— Ама многу ја продолжи дедо Никола, де! Ние мислевме ќе раскажеш за волкот, а ти раскажуваш за свадбата од сестра ти Бисера, — му направи забелешка дури и крчмарот Трајко.
— Е, арно, де, арно! Гледам дека не ви се сака да раскажувам за свадбата, ами за волкот.
Та беше — како беше, ја одведовме невестата кај чорбаџи Кундета, ја заврте цоп Трајко околу бурилото и му удривме на кркање и пиење. „Повели, сватче, касни си, — повели, сватче, напи се” ме канеа сите врпчани мене и благославаа: „И на твоја глава, сватче, побргу да рече господ златен”.
„Ајде, сватче, да посвириш, ајде, сватче, да попееш, да поиграш” навалија сите на мене. A јас млад, здрав, прав како пушка, а ваму загреан од пијалок, сум зацрвел во вратот, во образите како калинка. А и многу личен бев кога бев млад, ако ме гледате сега ваков. Ваму сестра мажам за чорбаџиски син, срцето просто ми прваше, оти пак да не свирам, да не пеам, да не играм и да не се радувам?
— Ама што стана со волкот, та ти пак радувај се, дедо Коле? Ееее, не ми се чека веќе, де, с’клет ме фати! — пак некој се провикна од друштвото.
— А бре, чекајте море, деца чекајте. Ке дојде на ред и волкот, главата да му ја јадете кога сакате да ви речам.
Ете ви кажувам. Јас млад, здрав, најаден, напиен, се наиграв вечерта на свадбата, нагазив по некоја чупа — невеста, потстиснав за рака другатрета и полноќ беше наближила. И кога почнаа жените да си шепотат дека треба зетот и невестата да си одат во земникот на спиење, јас некако се поистрезнив и си велам во себе:
„Сега, Кољо, доста ти е џумбуз. Би свадба и помина — секоj по дома, што рекле старите”. И почнав да се збогувам со сватовштините. А тие — ни дај ни придај.
„Ќе седиш, велат, сватче, до утре на блага ракија”. А кога, деца, ми ја споменаа благата ракија, трпки по снагата ме појмеа.
„Ами ако нема блага ракија, како ќе се опулам утре во луѓево?” — си помислив и рептав ноќта да се чистам од Врпско.
— Сполај ви, сполај ви — им велам на сватовштините и си тргнав. Mope ме запираа и тоа сваќите, и тоа сваќичињата, ама јас решив и кинисав. Во дворот почнаа да ме плашат со вампири, самовили па дури и со волците — ќе ме изеделе волците по Рожден. Знаете, нема ноќ да не помине таму волк. Така ги носи местото. Ама мене али ме страело тогаш од волци? И си кинисав, ви велам. Така на три ќоша позамалушен, пукарачукара излегов на ридот Рожден баш околу полноќ, на глува доба што се вели. Ама темницааааа — прст пред око не се гледа. Ми падна малку шубе кога поминав кај чешмата Света Петка да не ме јавне некое сениште станато од старите гробишта, ама поминав некако та излегов, ви велам, на ридот. И кога таму? Што мисли.е, а? Тој! тој! Еве ми го него — кумчо волчо се влечка од растот на сред пат. Се сложи наземи, се залепи просто на земјата, а сите четири нозе ги подвиткал готов да скокне десет метри напред. My се чинеше, сиромав, оти јас сум дете од пет години та ќе ме исплаше и ќе се вратам или ќе му легнам да ме јаде. Ама јас кога видов, што да ви речам, се накострешив повеќе од Шарка на сватот Кундета, набрзина ја симнав од вратот големата марама, што ми ја дадоа дар кога слезе Бисера во дворот, си ја навиткав десната рака до лактот и му се загнав. Си реков: „Што ќе ме брка тој, чекај јас да го поразбркам може и ќе побегне”. Ама и тој, син мајчин, беше се решил јуначки да загине ама да не го срами својот волчи сој. Колку му се загнав, деца, ми скокна и тој ми се исправи како мечка. Ја отворил тоа устата како пештера и сака да ми ја лапне прво главата па после да се гоштева со мене. Арно ама, како што беше зинал да ме лапне, вака јас десната рака му ја фукнав во отворената уста дури до лактот и му го затнав душникот. Me стисна со заби под лактот, но јас бев облечен како во зимско време. фанела, кошула, шајак, а врз нив и марамата вучетири па одвај малку можеа да ме достигнат забите. А јас веќе го грабнав со левата рака за врат, а десната гледам уште подлабоко да му ја втерам. Почна да ме тегне да ми се откине, ама јас веќе го грабнав и со заби за левото уше и го задржав така петшестдесетина декики. А го слушам веќе почна да крка, се задуши демек. Во исто верме ги олабави и забите, море помалку, ги оврголи и очите и почна сиот да се тресе. Омрцлаве, што се вели, ќе пцовисува. A јас го стегам за врат со левата рака, десната гледам да не се подмолкне назад да земе здив да се освести го држам.со заби за уше го чекам да се прости со животот. И навистина, како што се тресеше, оладе, ги оврголи очите и нешто ми засмрде. Беше се испоганил, бесот да го фати. Ја оклапушил главата на мојата десна рака и јас полекаполека ја издутнав раката, ама марамата не ја вадам. Што знам што бидува! Може да земе здив, да се поврати па да си имам беља со него. И така смрцлав,ен го оставив полека наземи, ама ме научи господ златен та веднаш му ги прекршив сите четири нозе во цеваниците. Ви реков, тогаш бев јак и како сламки ми се видоа. My ги прекршив нозете и си велам: „Е, сега можеш да се издишшл малку, кумчо волчо, и ја пооптегнав марамата малку да излезе од гркланот, ама ја спремив и подвеската од левата нога и му ја врзав муцката баш над колчаците одозгора. И така сега, со скршени нозе, врзана муцка, што можеше да ми прави? Ништо. Затоа му ја поистегнав марамата од грчмакот и навистина почна да здива, да собира душа, дури најпоеле не почна убаво да дише та се обиде и да стане, ама на. Нозете искршени, устата врзана, само со главата почна да мава по земји.
Еееее! кумчо Волчо, нема мрдање, му велам. Сега ќе те носам жив на свадба. Вака, си го сопашав и појасот, му ги собрав сите четири искршени нрзе на куп, го врзав како брав и го нарамив на рамо, па дури кај сватот Кундета во Врпско на свадба. My влегов дома и како што играше стариот на танец (беше се наќевледисал и тој) му го бапнав пред танецот и му реков: „Волкот, волкот, ќе ме плашите со волкот да ви го фате бесот. Еве ви го и волкот, вие имате овци и кози, мене чуму ми е”, и се истаив настрана да гледам сеир.
Mope кога спиштеа тоа сваќичињата, кога се собраа тоа сватовите околу живиот волк, тоа чешити, чешити беше, цела ноќ се продолжи пиењето и јас навистина останав на блага ракија утрото. И не ме посрамоти сестра ми, бог да ми ја прости.
Ете како се оди со жив волк на свадба, а вие пак верувајте ми, — ја заврши дедо Никола својата приказна и си го допи дваесетипетдрамчето.
— Има друго дваесетипет? — има друга приказна! — им се обрна на присутните. — Ако не — ставам и си одам. Седите ми со здравје, — и го напушти крчмичето, оставајќи ги младите ловци да се чудат и на оваа негова вистинска лага.
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com