CO ЕДНА ПУШКА — МЕЧКА И ДИВ КРМНАК – ЛОВЕЧКА ПРИКАЗНА — ВИСТИНСКА ВИСТИНА – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

Како секогаш така и денеска дедо Никола дојде во крчмичето од Балето и зачека да дојде некој намерник да му го плати дваесетипет драмчето ракија.

И не се излага. Старите негови „муштерии” и љубители на приказни веднаш се собраа околу него.

—           Ајде, дедо Никола, кажи ни пак некоја приказна од твоите?

—           Влезете во ковенцето, ќе ви кажам две!

—           Лесна работа е за во ковенцето, џанум! Ти изработи го првин. . .

Така нека биде! Само, којзнае дали ќе ви бендиса приказната, та да не останам само со прикажување, без ковенце.

—           Ајде, ајде, без гајле! Ти знаеш дека ние ловците не лажеме малку, а меѓу себе — ич.

—           Ја да го видам пред мене полно ковенцето, не е ли посигурно? Многу поубаво ми идат приказните кога гледам во него. Без него ми се плетка некако јазикот.

—           Е, ајде. Трајко, ајде; не се лаже старото што не се лаже. Тури и за мене едно, оти и јас поарно слушам кога го гледам . . .

И така дедо Никола ја почна и денешната приказна со полно ковенце тиквешка ракија пред него.

—           Така! — им рече, — да има со што да си ја плакнам устата кога ќе ми се засуши грлото од прикажувањето. He е лесна работа цел час да прикажуваш а ништо да не голтнеш. Вака — цврц, цврц, цврц веднаш му идат на човека приказни, и што било, и што не било …

—           Ако не било — ќе биде, туку, де, почнувај. Ама немој многу да ги должиш, оти треба да се излегува некаде. Временцето некако поолабави; ќе може да се шетне денеска.

И дедо Дарко почна:

„Сте ја чуле ли вие онаа лакрдија: со една пушка — два зајака? Сигурно сте ја чуле.

—           Сме ја чуле, како да не, — одговорија скоро сите присутни.

—           He прекинувајте ме. Јас знам дека сте ја чуле, но ве прашам сега: верувате ли во тоа нешто, или да не раскажувам? Ако не верувате, нема лезет раскажувањето.

—           Ајде, ајде; ќе ти веруваме иако не лажеш. Кажувај!

— Тогаш отворете ги ушите добро и, пак ви велам, не прекинувајте ме, оти како долга ќе излезе оваа приказна. Се можело, деца, се можело, не само два зајака со една пушка, со едно пукање велам, а за со една пушка може сто зајаци, волци, лисици да се отепаат во една зима, ама со едно пукање. Еве јас ќе ви раскажам како со едно пукање од мојата Шарка отепав мечка и див крмнак; што велите вие на ова, а? Сите гракнаа да се смеат.

—           Смејте се вие, само слушајте. Деца сте уште; не ви фаќам кусур. Еве како беше таа работа. He ќе можам баш точно да ви ја исприкажам; одамна беше тоа, ама пак ќе се присетам. Еве како беше: една година Tpaјкo Дреновски, бог да го прости, посади царевка во Куша. Нивата, ја знаете Дреновската нива во Куша близу до борот кај трлото, гноена, дебела, валта, што викаат пољаните, кога се стори една царевка пустињата, токму со борјето …

— Се виде каква ќе биде приказната, џанум, — потфрли некој. — . . . море кога нафрла едни кочани како диреци; да се качуваш по нив толку голема, што велат, мечките да се кријат во неа. И навистина, кога ќе отиде Трајко, што ќе види — сета искршена. Гледа по дира и се праша: одошто ќе биде волку искршена царевката? Овде онде беше нашол дира од дива свиња. Демек, дивиот крмнак ја има искршено царевкатааа! си рекол со умот Трајко. И, како што си седев јас една вечер токму овде во Балевото крчмиче и си се напивав, еве ти го Трајка, влезе: „Што правиш, бре Коле, овдека? Што не ја земеш пушката да донесеш утре месо?” Јас го погледнав и му велам: „Каде е тоа месо, бре Трајко?” А тој ми вели: „Вака и вака и вака крмнакот царевката, туку, вели, оди белќим ќе го отепаш та, ем да каснеме по некоја удинка месо, ем да остане царевката да свариме на зимо по некој качамак”. Јас се позамислив и, таман отквечери, си отидов дома, си ја наполнив Шарка, си ја зедов сакмичката, та дури во Куша кај Дреновската царевка. Околу зајдисонце бев на местото. Попретражив околу нивата и одбрав место каде ќе го чекам побратимот. Пустата царевка висока. Да седнам ниско наземи, не можам ништо да видам. Затоа се качив на еден даб и гледам, убаво ми се глада сета нива. Таман падна мракот, месечината откон Трибор се јави полна како нункова погача; се гледа како ден. Седов, седов на дабот доста време; може да беа стари вечери и, туку слушам едно време тупа преку бор како јунец кога бега од мувата. „Ахаааа!” си велам со умот, „тука ли си побратиме! Ела ми, ела поблизу; ќе ми те изеде волкот”. Кога ја завртов главата откај што идеше тупањето, кога гледам, навистина нешто како јунец. Кога се загледав убаво, едно крмначиште, како бивол море. Влезе во царевката и почна да крши кочани, да мласка. Јас се залепив до една гранка од дабот, ја навртов Шарка кон него и зачекав да понаближи, оти како далечку ми застана. Нишанејќи и чекајќи така, туку слушам одозгора преку борот друго нешто каде рска, рс, рс рс. Е, мајката, што ќе биде пак ова сега? Сигурно повеќе свињи се па сега која ќе ми дојде пред пушка, на таа ќе и ја истурам. Уште гледајќи во крмнакот, кога вака, над нива, се појави нешто од борот двапати поголемо од крмнакот. „Што ќе биде пак ова сега?!”, се прашав и ги овргалив очите, гледам. Да е свиња — не е свиња; да е елен — не е елен; на волк не личи. Туку ми текна. „Ааа!” си велам. „Држи се добро, Никола! Оваа е баба Мецааа!” И, лебами, почнаа вилиците да ми штракаат. Лошо и е името, да и се запусти да даде господ. Па се искарав сам. „Де, бре Никола, што и се плашиш? Што може да ти прави кога си качен на дабот?

Ама се некако ладна пот ме изби по сета снага. Нејсе. Се посмирив малку и од око не ги пуштам, ни крмнакот, ни баба Меца. Полека, полека, оди дојди, крмнакот ми дојде некако на нишан. Да фрлам, можеби ќе го погодам и ќе падне, ами ако ме разбере онаа ороспија дека сум на дабов, да ми се качи овдека, што ал правам јас сиромав. He, бре брате! Крој ја вака — не ја бива, крој ја онака — не ја бива.

По некој саат и друг и таа се прибра близу до крмнакот и гледам, и неа ми ја фаќа пушката. Да фрлам, да ја отепам, мл е жал за месото од крмнакот. И така си седам на дабот и гледам што прават овие двајцата арамии. Ами да видите чудо, деца! Ако арамии, гледаат кој повеќе да изеде и што пораат да биде. Јас си седам, ви велам, а тие се бркаат околу еден крив даб. Таман дојди мечката близу до крмнакот, море кога ќе и се загнеше овој; кога ќе штракнеше со забиштата, огнови од устата му излегуваа. А таа кутрата, летни чинеше по тој искривениот даб и качи се на него, та немаше што да и прави на високото горе. Тој штракај, штракај со забите под даб и врати се назад во царевката да крши кочани. Таа слези од дабот и, како за инает, пак дојди близу до него. Тој пак загни и се, таа пак побегни му на дабот. Така, така, којзнае колкупати качи слези сиромашката, најпосле, рипнувајќи да се качи пак на дабот, се лизна назад и бап, падна од дабот. А тој пезевенк, дочекувајќи ја на тоа забиштата, како замавна, на две половини ја пресече. Само еднаш, кутрата ревна и не мрдна од местото. Пцовиса, готово! Тој мрдна малку од дабот како кон мене и јас тогаш ја истурив. Бууум! Магли праови останаа пред мене. Кога се дигна маглата, што ќе видам братко ми ти мили! На тричетири чекори од мечката кон мене, беше се истегнал пријателот како бивол.

„Бргу слегувај, Никола, и скопувај го да не се смрди месото, — си реков”.

Уште некој саат, даде господ, се осамна. Си го истрбушив крмнакот, си ја одрав меца, па си нарачав по Стојка Кусибојов да ми го дотера Трајко Дреновски магаренцето. Си купив друго магаре. Трајко дојде со неговите маски; си го товаривме мевцето надолу и кожите, та дури дома. My дадов на Трајка од месото малку, а тој мене цел осмак царевка, па цела зима што варив качамак. Та вие што велите со една пушка два зајака не се фаќале. Еве како се фаќале со една пушка и крмнак и мечка. Ама, кој деца кој? НИКОЛА ДАРКО, а вие сега само да ја видите мечката, ќе ги наполните бечвите, — заврши дедо Никола и стана, си киниса. Алав му вера. И ова ако е вистина — голема лага ќе биде.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com