Црна Река е најголема десна притока на Вардар. Изворишниот дел на Црна се наоѓа во Демир Хисар, а го сочинуваат две рекички: Илинска и Церска Река.
Пред с. Железнец тие се спојуваат и продолжуваат да течат под заедничко име Црна. Меѓутоа, како вистински извор на Црна се смета врелото Црна Дупка над с. Железнец со надморска височина од 760 м. Во Вардар се влива во Тиквешката Котлина, кај Стоби, на надморска височина од 129 м.
Вкупната должина на нејзиниот тек изнесува 207 км, со среден пад од 3,1‰. Средниот проток при утоката изнесува 37 м3/с. Дренира сливна површина од 5.890 км2, од кои во Р. Македонија се 5.130 км2. Спрема сливната површина и количината на вода што ја внесува во Вардар, таа е најголема негова притока.
Црна Река во близина на Манастирот Чебрен
Мариовска клисура – поглед од Чебрен
Влезот на Црна Река во Мариовската клисура во близина на село Скочивир
Црна Река е со сложен профил, бидејќи тече низ четири морфолошки различни области. Во горниот дел до с. Бучин таа тече низ Демир Хисар во правец запад-исток и долината има клисуреста форма со неколку ерозивни проширувања како на пример она кај с. Жван. На овој потег реката има релативно голем пад околу 4‰ и среден проток од 4,91 м3/с (максимални 167 м3/с). Тоа се погодни природни услови за акумулација на водите (кај с. Бучин со вкупна зафатнина од 250 милиони м3). Од с. Бучин, реката свртува кон југоисток протегајѓи се сé до с. Скочивир. Низ пространата Пелагониска Рамнина сé до с. Тополчани, Црна тече во правец кон југоисток, а потоа до Букичкиот Вис се протега кон југ. Кај утоката на Елешка Река, Црна лактесто свртува кон север и североисток и влегува во Скочивирската Клисура.
Низ рамничарскиот дел на Пелагонија, Црна има карактер на типична рамничарска река: просечните падови изнесуваат само 1,6‰, а меѓу Долно Егри и утоката на Елешка Река дури и 0,094‰, потоа меандрира, акумулира големо количество на материјал и често се излива од своето корито. Во минатото, блатата (Караманското, Рибарското и др.), барите и пресечените меандри беа типични појави за рамнинското подрачје на Пелагонија кои што при големи води, Црна и нејзините притоки биле постојано поплавувани. На ливадите, а делумно и на ораниците, водата понекогаш лежела и по 8 месеци, со што предизвикувала големи штети. По спроведувањето на големите мелиоративни зафати во почетокот на втората половина од минатиот век, овие површини се одводнети и трајно заштитени.
Третиот дел од долината на Црна го сочинува атрактивната Скочивирска Клисура низ која Црна тече во должина од 80 км, со генерален правец на тек север-североисток. Таа е тесна, делумно кањонска и полна со брзаци клисура. Овде водостопанските прашања се сведуваат на нејзино користење во енергетски цели. Поради тоа што просечниот пад изнесува 4,3‰, а на места како на потегот од Брничкиот водопад сé до Рапешки Мост и до 11,7‰ и средните водни протоци од 19,3 м3 кај Скочивир и 32,2 м3 кај Возарци, е овозможено изградба на повеќе акумулации – Тиквеш, Чебрен и Галиште.
Од нив сега е изградена само вештачката акумулација Тиквешко Езеро (1968 год.) со површина од 14 км2 и средногодишно производство на електрична енергија од 185 милиони kWh.
По излезот од Скочивирската Клисура, Црна тече низ Тиквешката Котлина и тоа е четвртиот, долен тек од нејзиното корито, во кое таа тече кон северо-источен парвец. Во овој дел реката е со рамничарски карактер, со просечен пад од 1,2‰ и просечни протоци кај Паликура 37 м3/с (минимални 3,0 а максимални 410 м3/с).
Во својот тек Црна Река прима 20 притоки подолги од 10 км, со вкупна должина од 471 км. Од десната страна дотечуваат 14 притоки со вкупна должина од 325 км и сливна површина од 2.538 км2, додека од левата страна се вливаат само 6 реки со вкупна должина од 136 км и сливна површина од 1.547 км2. Останатиот дел до вкупната сливна површина на Црна Река отпаѓа на притоките пократки од 10 км. Тие во својот развоен процес прво претставувале притоки на одделните езерски басени- Пелагониското, Мариовското и Тиквешкото Езеро, а по истекување на овие езера, тие ги продолжуваат своите корита и постануваат притоки на Црна. Во планинските делови нивните долини главно се клисурести.
Текст:
Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство на Република Македонија
Booking.com