Оваа болест која долго останала во сеќавањата на жителите на овој крај поради својата свирепост, пустош и пакост
што правела каде што ќе зафатела, луѓето живо се сеќаваат на цели фамилии кои изумреле, на фамилии кои за секојпат го напуштиле своето родно огниште и бегале пред налетот нејзин, дури се спомнува селидба на цели села како што е примерот со селото Чумово кое неколку пати се селело, бегало нагоре за да се скрие во пазувите на Селечка Планина, и кое по таа болест и го добило и самото име.
Ако се сетело да се разболи стоката од чума таа одма пцовисувала, a се препознавала по тоа што од едната страна целата била помодрена, што било сигурен знак дека е чума
За да се искоренела или избркала чумата селаните од тоа село одма повикувале двајца браќа близнаци и спрегнувале два вола браќа и со рало со една бразда го заорувале целото село со тоа мислеле дека не ќе може да влегува во нивното село повеќе чумата, како по стоката така и по луѓето, а и секој петок се постело како превентива за да селото небиде зафатено од чума.
А ако селото веќе било зафатено од оваа болест се превземале начини таа болест да се избрка – со фаќање на жив оган. Живиот оган се фаќал на тој начин што се земале две смрекови дрва долги по три метра и тие се триеле се додека не се запалеле т.е. добиел жив оган, али кога се ваќал жив оган нигде во селото не смеело да се пали оган оти тогаш не можело да се добие живиот оган.
Оваа работа ја бркале најстарите луѓе во селото и тоа двајца старци вдовци без баби или како што ги викаат во овој крај парјаксани, тие двајца старци ќе избереле место под или над селото, место повисоко каде можело да се направи тунел или процеп каде ќе се протерувала стоката а потоа поминувале и луѓето од целото село мало и големо. Се палел оган од живиот оган на двете страни од тунелот или процепот, од страните стоеле по еден од старците голи кои до половина биле завиткани со некоја черга-алиште, а како симбол пред огнот биле поставувани две пушки и два ножа.
Прво низ тунелот минела, ја затерувале стоката овци, волови, мазги, магариња и др, а луѓето со запалениот оган, старците кој во рацете држеле гламни ја нагорувале стоката било каде ќе им се згодело, со што се мислело дека ќе се истера чумата.
По стоката помеѓу двата огна минеле и луѓето од целото село и при поминувањето низ тунелот ги изговарале зборовите, поминав помеѓу две пушки не ме отепаа, поминав помеѓу два ножа не ме заклаа, поминав помеѓу два огна не ме изгореа, исто така се нагорувале и луѓето со живиот оган, па имало случаи на луѓе кои останувале доживотно со лузни на рацете, нозете, образите и на други места по телото од овој оган.
После ова се верувало дека чумата е избркана и дека повеќе немало тоа село да биде зафатено од оваа пакосна болест како ја нарекувале. Од живиот оган си земала секоја фамилија по едно жарче за да запалат оган дома.
„НАРОДНИ ОБИЧАИ И ПРЕДАНИЈА ОД МАРИОВСКИОТ КРАЈ“
Автор: Киро Крстески, Прилеп
„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г
Booking.com