ДАЛИ ЗНАЕШ ЈАНО ПАМЕТУВАШ – епска песна

Booking.com

Дали знаеш, Јано, паметуваш
кога бевме млади аџамии,
аџамии, Јано, арамии.

Што тргнавме во вишни планини,
там најдовме китени сватови
како носат бре млада невеста.
Ја убодив убава невеста,
ај, невеста, Јано, потпат падна,
а па зетот, Јано, натпат падна.
Што тргнавме, Јано, да одиме,
да одиме по вишни планини,
там најдовме трла затворени,
полни рамни со руди јагниња,
штом тргнавме трла запаливме;
што заврна една ситна роса
да угаснат бре руди јагниња.
Што тргнавме, Јано, да сјодеме,
поминавме крај млада невеста,
изникнала петровка јаболка,
а кај зетот лоза бубулина.
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач:  БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Митре Петковски – Жиовецот, роден 1878 година во с. Жиово; работел, се оженил и живеел во с. Старавина, а покасно се преженил и живеел во с. Груниште. Во 1953 тој имаше 75 години.
Вид на песна: арамиска

Booking.com