Itar Pejo – ДРУГО ПАТУВАЊЕ НА ИТАР ПЕЈO – хумор од Мариово

Booking.com

Пак го донесла сарата Пеја да оди некаде со воз.

Како што бидува обично, главните линии секогаш се многу натрупани со патници, та се случило и овој ред Пејо да попадне во едно купе сосема преполнето со патници. Застанал простум на средето од купето, прашал дали некој од патниците ќе  слезе на некоја од блиските станици, ама сите одговориле дека патуваат далеку, та немало изглед Пејо да седне.

 itar-pejo-mariovo

„Ај анасени . .. не ќе направам јас место вечерва за мене? почнал Пејо да се праша во себе и ја изгледал убавата млада жена што седела во аголот крај прозорецот.

„Ќе ја истерам неа и попот што седи до неа, само да навлезе возот во првиот тунел”, си заклучил Пејо и го зачекал првиот тунел.

Што била работата. До младата убава жена седел еден млад поп, и Пејо уште при влегувањето забележал дека попчето потскришум ја набљудува со особено внимание. Забележал дека и дава и по некој мигновен ишерет, ама по се изгледало дека убавицата не му го прима, на што попчето ја мазнело брадата и мустаќите и со тоа правело нови ишерети. Ги трлкало прстите во вид на пари броење, ги одвојувало двата прста, па трите и најпосле целата шепа, ама госпоѓата секогаш ги свесувала веѓите и со тоа му давала да разбере дека не се согласува на предлогот. Најпосле попенцето почнало да си ја мазни брадата со обете раце. Тука на Пеја му се сторило дека госпоѓата ја понаведнала главата и се понасмевнала. Значк попуштила на поповите настојувања. И таман по кусо време возот влегол во првиот темен тунел.

И што прави Пејо наш? Ни пет, ни шест, му се приближил на попчето и . . . цмок! му залепил еден дискретен бакнеж на левиот образ.

На попот му се сторило дека жената што седи до него го бакна и веднаш ја побарал нејзината рака. Ја побарал и ја нашол. Ја фатил и почнал да ја потстиснува помалку. И таа го фатила попот за рака, но не да го потстиснува, ами добро го стегнала и така ја задржала во нејзината додека возот не излегол од тунелот. Попот се дрпнал, се тегнел пред да излезе возот, но жената не го пуш

тала. А кога возот излегол на видело, таа му се нафрлила со триста погрдни зборови. Попот се видел во чудо, та на нејзините галатења и пцости почнал и тој:

—           Ами зашто ти ме бакна, мори ороспијо, кога не си сакала, а?

—           Кој те бакнал, бре прчу ниеден, разбеснет?

—           Ти, кој друг …

Жената се посрамила од присутните, станала и се изгубила низ вратата од купето, а Пејо се наместил на нејзиното место и почнал да го задева попчето. My се придружиле и другите патници на Пеја, та и попот си ги собрал пљачките и тој излегол, а Пејо наш се расчекорил на двете празни места.

„Ум царува, ум робува, ум гаски чува”. им ја повторил Пејо на патниците старата народна пословица и им исприкажал дека тој тоа им го направил на госпоѓата и попот за да си направи место да седне.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com