Дворје мете Милкана невеста,
солзи рони по бели образи,
од образи в свилени скутови,
од скутови во рамни дворови,
дури дворје, Милка, ми раскали.
Ја догледа Иљо Поповчето
и говори Иљо Поповчето:
-Дејди Милке, Милкано невесто,
зошто плачеш, зошто солзи рониш
солзи рониш по бели образи
од образи в свилени скутови
од скутови во рамни дворови
дури дворје, Милке, ми раскали!
My зборува Милкана невеста:
-Дејди Иљо, Иљо Поповчето,
дил ме питаш, право ќе ти кажам,
од ко сум мажена – пет години,
никак назат не сум повратена.
Ја изумив татковата куќа,
ги изумив татко ми и мајка!
И говори Иљо Поповчето:
-Дејди Милке, Милкано невесто,
Ај умеси две бели погачи,
ај наточи две здравици вино,
ај наружај до два брзи коње.
Јаска Милке тебе ќе те носам
кај татко ти да бидеме госје!
Бог да бие Милкана невеста,
ми умеси две бели погачи,
ми наточи две здравици вино,
ми наружа до два брзи коње,
си вјанаа до два брзи коње,
овде онде по бели друмови
се креваат магли и правови,
ми зајдоа во планина Перун.
И говори Иљо Поповчето:
-Дејди Милке, Милкано невесто,
ај запеј ми една добра песна,
добра песна малку речовита,
добра песна многу гласовита!
My говори Милкана невеста:
-Дејди Иљо, Иљо Поповчето,
тука ми е Корун арамија,
мене ќе ме чуе и одма ќе дојде,
тој за мене в планина излезе!
Запеј, запеј Милкано невесто,
нека излезе да се видиме
кој ќе биде јунак над јунака!
Ми запеа Милкана невеста,
за час Корун еве ми довтаса,
ми се грабнаа до два јунаци,
ниту еден од нив да малакса.
Место ми беше здрава ледина
го сторија угар премешано.
И говори Иљо Поповчето:
– Дејди Милке, Милкано невесто,
ај помогни кај ти срце сака!
што ми пријде Милкана невеста,
што извади рушконо ноженце,
го прободе Иља Поповчето!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Митре Петковски – Жиовецот, роден 1878 година во с. Жиово; работел, се оженил и живеел во с. Старавина, а покасно се преженил и живеел во с. Груниште. Во 1953 тој имаше 75 години.
Вид на песна: романса