Друг пат го подденаа дедо Никола да им раскаже некоја приказна.
— А бре да ви кажам, ама којзнае дали не ќе ви се наежи косата, оти моите приказни не се за машала. Ја гледате белава глава? — праша дедо Никола и ја замавна белата коса.
— Го гледате, велам, белово руно? Да не мислите оти од седеље или лажење крај оган е оседено. He, внучковци, не. He од седење и лажење, ами од страови. Којзнае колку пати сум го спасувал да не влезе во некоја мечкина утроба.
Еве ако сакате да ви раскажам како распарав една машка мечка со ножот, а женската жива ја извадив од дупката со две мечиња.
— Сакаме, како да не сакаме, — привикнаа присутните и дедо Никола со ковенцето в раце почна. Без ковенце му се плеткаше јазикот и не можеше да си ги спомнува одамнешните приклученија. Поправо без ковенце не можеше да измислува приклученија.
— Ете, — вели, — кога сакате да ви се тресат гаќите, да ви раскажам.
— Едно лето беше говедар дедо Стеван Гасакот, дедо му на овега Гасанчето Неделка. Ги отера говедата во Перун, Трибор, ги лежеше на Говедарникот. Затоа се вика мес¬тото Говедарникот оти таму лежеа говедата. Дење пак пасеа во планината низ борот. He ја бранеа тогаш колаџиите тревата како сега. Одеа, велам, на паша внатре во орманот a дедо Гасак со чантата на рамо и стапот в раце, као секој говедар, одеше и тој по говедата. Поправо одеше до Студеното Кладенче да се напива водица и да си преспива под дебелите сенки од стогодишните буки. Говедата се растураа по ораниците и маклата, пасеа зелена трева, пиеја студена вода од изворчињата и долчињата, кравите се водеа и биковите трчаа десетина петнаесет по една крава, ама навечер штом ќе викнеше дедо Стеван „Охохохо Прчул, кравииии! Пулка, Вреска, Пеша, Нешка, Шутка, на, на, на. Елате дедо да ви даде лепче”, сите се враќаа кон говедарникот, a пo нив биковите како ергенчињата наши по водарките кога си идат од чешма, a пo овие си тргаа и воловите и така дедо Стеван од Студеното Кладенче не одеше понатаму да ги прибира.
— Пак ја продолгна, бре дедо Коле. Рече дека ќе ни раскажеш како си распарал мечка и си фатил мечиња, а ти ја пренесе приказната како ги пасел говедата дедо Гасак, — почна пак оној стариот нестрпливко од друштвото.
— Е море, јас не можам инаку, внучко. Туку да ви кажам: и влегов на мечката во дупката, ја распарав машката, ја фатив женската со мечињата и готово! Што приказна ќе биде таа од два збора? Ами слушајте приказна кога веќе ќе го платите ковенцето.
— Ајде, ајде, дедо Никола. Раскажувај ти, ние те слушаме, та за ковенцето, се знае; ќе го плати на кого му е редот, — го покани друг од друштвото. А дедо Никола продолжи:
— Та, ви велам, дедо Стеван од Студеното Кладенче не одеше повнатре во гората, ни да ги навардува, ни да ги прибира говедата, за прибирање, ви реков, се прибираа сами, а за навардување немаше од што да ги варде. Говедата од волците сами се вардат. Штом ќе ги нападне волкот, ќе срикаат телињата и кравите и за час ќе се насоберат јунците, биковите и воловите. Ќе направат тркало и ќе ги земат телињата и кравите среде во обрачот, а тие ќе му ги навртат роговите на Сучка. Де ако му стиска на некој нека рипне врз острите рогови! По некој будала рипал во старо време, ама бикот што го носел на говедарот наврен на роговите. Затоа дедо Гасак не се плашеше оти ќе напакостат волците некое говедо.
Друго беше со мечката. Таа пустиња фаќала по некое теленце, па дури и крава. Од неа и биковите бегаат. He што е силна на забите или ноктите, од таа страна не се плашат силните бикови, ќе ја наврат и неа тие мажи на острите рогови, ама таа се служи со „рацете” со предните нозе и штом ќе ги виде така собрани, ќе си набере камење и ќе почне да мава по глава, по очи, или пак ќе земе некоја гранка и со неа ќе мава од далеку. Биковите ќе се разбегаат и таа ќе си налегне некое теленце. Така им правеле мечките на говедарите во старо време, затоа тие сиромаси воделе по десетина пци и по цел ден слушале да не среват негде говедата да трчаат со пците да ги откинуваат. Но, дедо Гасак си беше сигурен и од таа страна. My беше забаала бабата Маса Шиклева да не ги задева мечката неговите говеда. Тој со своите уши слушнал кога таа се разговарала со главабашијата на сите мечки:
„Мецане, побратиме”, му велела таа. „Ке му носиш здравоживо на сите твои синови и ќерки, зетови — шуреви — шурнибаџанаци и сватовштини да не ги задеваат говедата од дедо Стевана оти ќе си имаат работа со свети Игњатија”. А мечките и сиот дивеч многу го почитуваат свети Игњатија, оти само тој, сполај му, наредува кој дивеч каде ќе најде јадгње, каде ќе удри на ловџија, каде ќе пострада. Без негова заповед ни лисицата не може зајаче да фати, а камо ли мечка и волк да паднат на пусија. Затоа кога баба Маса му го споменала на главабашијата свети Игњатија, овој рекол, дедо Гасак беше го чул, и ја запрашал баба Маса: „Ами што ќе јаде внука ми по Перун?” А таа му одговорила:
„Ете, ти ќе и кажеш на внука ти оти дедо Стеван ќе и дава по половина сомунче лебец на ден да не ги задева телињата”. И навистина, деца, така направи дедо Гасак. Се најде со мечката баш на Студеното Кладенче и и даваше по едно сомунче за два дена. А таа идеше редовно на кладенчето. Што ќе прави? Сака да јаде.
И еден ден го начекав јас дедо Стевана со полни торби леб! Лафмуабет, го прашав зошто му е толку леб, да не се имаат ставено со него некои од „дивите”, но тој ми ја раскажа историјата со мечката. Вака, и вака, и вака ми е работата. Ја хранам, вели, посестримата, ама барем спијам на мира.
Кога ми рече оти секој ден идела кај него, мене ми навре крвта во мозокот.
Ама зар јас потукум ја тукам таа пустиња, а она секој ден била со дедо Гасак? И решив да и ја одерам кожата! Како инаку, ако не да ја чекам на кладенчето кога ќе дојде по таинот од дедо Стевана. И еден ден кога го видов дедо Гасак дома, вака, си ја зедов Шарка моја, ја наметнав, едно парче лебец и една лажица да сркнам некоја капка маштеница rope пo бачилата, си го викнав побратимот Митрета Балев со магарето негово и пред дедо Стевана отидовме на Студеното Кладенче и се заплативме во бушакот. И еве ти го дедо Стевана со торбите каде крла нагоре. Крла дедо Стеван, ама почна и папрата да мрда од другата страна на кладенчето. Ќога се опуливме, деца на таа страна, што да ви речам, кога се издутнаа две мечишта — како биволици. Ама изгледа не намирисаа зар*, накострешни, мила мајко. Си велиме: „Ако не видат сега, барлачка не ќе остане од нас”. Но очите на двете беа во дедо Гасак, кој се приближуваше кон кладенчето. И кога ги забележа тој, место да се исплаши од нив или тие од него, тој им свика од далеку: „Јас сум, мецо, јас сум дедо
Стеван, не плашете се; елате ми дедо да ви го даде таинчето”. И ја симна торбата од рамото, та им потфрли по еден сомун на секоја.
Мечките си ги зедоа сомуните и сакаа да се истават внатре во гората, ама јас му дадов знак на Митрета и двајцата му ги отпетлавме шејшанињата. Пукнаа пушките, ревнаа и двете мечки, ама ни една не падна на место. Паѓала, аџаба, толкава мечка од еден куршум? Летнаа да бегаат преку орман, реваат, мила мајко, гората ја цепат. Ама се гледа дека подлабоко се зафатени од куршумите. И двете на три нозе одат. Меревме некако во мекото да ги погодиме, оти слабо ќе ги продупат куршумите во челата или плешките, ама беше сме посегнале едниот понапред, другиот поназад та на едната и беше скршена предната, а на другата задната нога. И кога видовме дека се нарачани, им се спуштивме по нив.
— Mope, ќе не изедат, Коле, — вели Митре, — кај ќе одиме бесот да ги фати, ајде да се вратиме. — И навистина, многу докондисуваат тие лишки кога се ранети. Ама, али сум се враќал јас кога гледам две криви мечки пред мене? Им се дупнавме, велам, по нив. Јас напред, Митре по мене преку орманот. Го осетивме дедо Гасак на кладенчето да .се кара и да не пцуе што му ги потплашивме другарките.
— Многу ја продолжи, дедо Никола, многу, туку ајде кажувај, — пак се провикна оној нестрпливко.
Уште малку. Ете уште три чекори со Митрета и дојдовме до кичарот Мечкина Дупка! И навистина била тука нивната дуика, затоа го крстиле тој пустиња. Кога, гледам јас како што одев напред, застанала едната мечка пред дупката, а другата влегла внатре. Застанала оваа;деца! Беше била машката. Mope кога беше ги отворила тие вилиците, ја наежила козината, од тоа грбот нагоре, ги ококорила тоа очите а во челото како Нункова погача олкава широка. И туку стрижи со тоа малите ушиња. Застанала велам, и се спремила за одбрана и напад!
Си мислеше, сиромашката, оти ќе ме уплаши, ќе се вратам. Ја видов јас така силна, голема. Ви реков како биволица. И таква, црна во косата. И позастанав. А гледам, Митре се потзавртка зад мене и каде ги штрака забите. Се пренесе изгледа неговиот страв и на мене та и мене ми се крена косата и почнаа да ми се тресат вилиците, а осетив некаква топла вода по ногавиците надолу. Така беше, што да ви се фалам. Потзастанав и ја гледам каде стои само на ѕадни нозе, а десната предна каде ја манка. „Аха! си велам. Лесно ќе се разбереме, нели токму десната ти е скршена, и тоа предната”. Ми дојде на ум да не е левичарка, ама и кај нив ретко има левичарки та се успокоив. Застанав, ви велам! Таа гледај мене — јас гледај неа, и да не беше Митре со мене, може и ќе се вратев, ама од него ме фати срам. А тој сиромав туку ги сече по три за грош зад мене. „Нема чаре, си велам, ќе се обидувам сега со баба Меца; или јас неа — или таа мене. Да ми беше полно шејшането, можев некако поодалечку да и испукам, ама сега нема време, та реков да се фаќам гради со гради. Знаев тие лишки дека се плашат од оган и нож. Оган кај ќе барам, па и да има, само можам да ја нападам и ништо друго. A јас сакам да ја фатам. И се решив да и се обидам со ножот. Знаете дека ниеден ловџија не оди без нож. Та и јас не си се делев никогаш од мојов анџар.
Тука дедо Никола го извади големиот касапски нож, којшто повеќе го носеше за сви1БИ колење отколку за мечки и волци дерење. — Еве го, ве. Баш овој нож го носев и тогаш. Ииии што чудо мрпги имам одрано со него, да се овци пет бачила ќе имав сега. Та се решив, ви велам, да и се обидам со ножот. Го извадив, деца, и позаодив кон неа и и велам: „Р.ла, мори ороспијо, ако ти стиска!”. Си мислев, кога ќе го виде ножот ќе побегне во дупката, та не ќе дојде белким до борење гради со гради.
Арно ама, место да побегне внатре, таа се втурна онака на три нозе и за час јас се најдов лице в лице. А да не ме чграба со тоа забиштата за глава, јас ја наведов главата и ја нурнав во градите нејзини, а таа веќе ме јавна. Me јавна и право за дебелото месо ме зграба, баш каде и лисицата што ви кажував онојпат… Mope, си велам, јади, оттаму има што да јадеш, нели не ја лапна главата! И со ножот — вака оздола нагоре, ја распарав дури до градник. Удри ножот во градната коска и се подвитка, ама сврши работа. И се истурија цревата и утробата веднаш. Ревна сиромашката и ги олабави забите ама и јас ги олабавив рацете и се испружив на земи. Ножот бев го оставил закачен. Се оклдпуши врз мене таа и издивна. Митре, сиромав, беше се закопал на место. И кога јас простенкав под мечка, дури тогаш му дошла душа и испушти само два збора: „Жив ли си, бре Коле?” Јас се созедов кога го слушнав неговиот глас и му велам: „Море жив сум туку жален. Бргу влечкај ме некако за нозе белким ќе ме извлечеш, ме потисна оваа пустиња”. Тој виде дека мечката смрцлаве, се приближи некако зелен како мувлија, ме фати за нозе и со голема мака ме извлечка. Се исправив, седнав да си ја збирам душата. Се поиздишив, зедов троа воздух, а Митре ми го подаде букарето со вода да не сум се уплашил. Голтнав некоја и друга голтка и му ја покажав посестримката: „Ја виде, побратиме едната?” „Ја видов, — вели — ама уште за малку и тебе ќе те видев во нејзината уста”.
Mope не се плаши Никола од една мечка, бре будала, туку кај фати другата? — му велам. Ќе ја фатам таа жива. Зошто ми е кожата не можам ни бела меџудија да земам за неа. Евтини беа тогаш мечкините кожи. Ги купуваа чорбаџиите за постилање. „Ќе ја фаќам, му велам на Митрета, другата жива, да земеме дветри лири за неа од Ѓупците во Мелница”. Ги купуваат тие да ги играат по селата.
— Mope крши и го вратот на другата, остави ја, туку ајде да ја подереме оваа, та да се иставаме да не ни излезе самата и со неа да си имаме расправија како со оваа — ме одвраќа Митре како и тој да си имаше некаква расправија со оваа.
Кога ја погледнав јас оваа распараната и видов дека е машката, наеднаш се сетив и си велам: „А! A! А! Останата е женската и сигурно има мечиња внатре. Ox, ox, ох! Ете ми дветри лирички за нив”. Нив Ѓупците повеќе ги сакаат и ги плаќаат две малечки колку една голема.
— Спремај се, Митре, за внатре, — му велам.
— А бре, како внатре, ќе не удави, бре Коле, поштук не ќе најдат од нас децата, — ми вели тој и пак ги затраска забите.
— Ако ти е страв тебе, јас сам ќе влезам, ама да не речеш утре ајде да ги делиме шесте лири, — му велам. — Јас ќе одам напред, а ти ќе ми помогнеш да ја извадиме кога ќе и го наврам синџирот на носот. Знаете, се приготвивме од дома со се, и синџир си зедовме… Искусен бев јас, ама татко ми, бог да го прости, ме имаше учено за се. Тиии! па тој колку мечки имаше фатено, колку!
Виде невиде, се кандиса Митре. Што ќе прави. Го зајаде левата рака за три лири. Ја зеде торбата, ги извади ортомите и синџирот и почнавме да се спремаме. Си ги навиткавме рацете со ортомите од киската до лактот, ги изнавиткавме и половината од кол¬ковите до градник. Така ми велеше татко ми. Мекото месо да го осигураш оти тие пустигае прво таму посегаат. А рацете — веќе се знае: ќе и посегнеш в уста, ќе ја фатиш за јазик и ќе и го извлечкаш надвор. Ќе и го продупиш со ножот и ќе ја изведеш како даше по тебе. А кога таа ќе ги стегне забите да ти ја укаса раката, ќе ги закачи забите во навитканата ортома и ти нема ни да осетиш дека буричкаш во мечкината уста. И така излезе, да видите.
Се спремавме, ви велам, ние со Митрета и ,јас напред тој по мене, и се фукнавме во дупката. За наша среќа дупката беше плитка, ама затоа пак и широка и висока, цел човечки бој. И одам јас напред, мислејќи како ќе лазам во дупката, кога гледам во зракот, ене ти ја златната каде се ежи на мене. Се прицнала до карпата внатре и таа стои на три нозе. А левата, задната ја манка! Е! е! е! си велам, оваа побргу ќе легне. Зати таа не можеше да се исправи. И се доближив јас на едно метро, а таа сиромашката почна да реве. Ја отвори устата да сс бранч, ќе ме укасаше за рака, ама јас веќе и ja срукнав раката до лакт и и го зграбив јазикот, а Митре покрај рака и втера едно дрво в уста да не може да ја стега устата. Сте виделе белким како им се клава дрво на прасињата кога ќе им се сече од грлник да не го прекасаат „доктурот”. Ете така и ние ја зауздивме сиромашката, јас и го измолкнав јазикот и го продупив со ножот, та и ја протнав ортомката во просе¬чниот процеп. Митре веќе и го запетла и синџирот на гушата, а и ја распара и рилката та и таму и навре едно ортомче, и обајцата ја поведовме.
Почна да се тегави, да мрда со главата; ги фати ортомчињата со предните нозе, но јазикот и рилката ја болеа и од едно ревање друго ништо не можеше да направи. Ја поведовме, ви велам, и онака на три нозе ја изведовме пред дупката. Кога ја виде другата истегнатата пред дупка, та кога почна да реве, деца, гората ја цепеше, гората! Ја поведовме до една бука и ја врзавме со двете ортоми и синџирот, а Митре пресече една буковица и почна да ја реди по грб и по ребра. Тој удри, таа реви и тегни се. Го скина јазикот, но рилката и синџирот за врат ја додржаа. Ја усмрти, што велат, ќ ги искрши ребрата и крстот и папса. He можеше веќе ни да реве. Се вратив јас назад во дупката, ги најдов и мечишата, ги фатив и ги изнесов надвор и ги подврзав во двете торби. Ја одравме со Митрета убиената мечка, си ги нарамивме шејшанињата и торбите со мечињатаЈ а кожата му ја оставивме на дедо Гасах да ја односе на Говедарникот оти не можевме да ја носиме. Ја поведе Митре живата мечка и терај — дури — јас одѕади, уште кај ужина стасавме в село. Кога не видоа селаните со мечка и мечиња, на чудо останаа. Утредента го зедовме Митревото магаре, оти моето ми го изедоа волците, како што ви расправав пред некој ден, си ја донесовме и кожата. Уште не дојдени ние од планина беше дошол Манго Гуптинот од Мелница по мечката и мечињата. Без многу пазарлак ни ги фрли петте лирички „две за старата, рече, оти е без нога, ќе треба да ја лекувам, а три за малите” — му ги теслимивме. My оздраве старата, му пораснаа малите, се благодари човекот од раката наша.
Беше му кажал Манго на владиката Григорија, кој по тоа време се врткаше во манастирот Свети Илија ѓоа на одмор и да се лекува, а секоја ноќ му идеа „дивите” на разговор. Беше му кажал, велам, Манго дека сме донеле и голема мечкина кожа, та нарача да му ја однесеме. My ја однесов јас и ми фрли тој една лира за неа, та таман ми излезе сметката што ја правевме со Митрета пред дупка уште нефатена мечката и мечињата. Владиката беше ја штавил целата кожа од мечката, а како што ви реков, таа беше голема, та го покриваше целиот негов ат и кога ќе ја префрлеше врз седло наместо сеџаде и кога ќе го јавнеше тој пустиња, небарем на мечка јава. Се чудеа во Битола од каде толкава мечка нашол владиката и како ја припитомил толку дури да не може да јава. Дури и рускиот конзул беше отишол веднаш во Буково на владичкиот коњ со мечкина кожа и беа сакале да го удават пците кога поминал низ село.
Ама кој ја отепа, кој ја распара таа толкава мечка? Пак Никола Дарков, никој друг, — ја заврши дедо Никола и оваа приказна и доби денеска три дваесетипетдрамчиња ракија. He е шака! Мечка да распараш со анџар, а друга жива да фатиш со две мечиња…
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com