„ЕВТИНО” МЕСО – ЛОВЕЧКА ПРИКАЗНА — ВИСТИНСКА ВИСТИНА – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

Ловците си се ловци. Како кај нас, сигурно и кај вас.

Ама за оние ловци зборувам што се „ас” ловци. Ловци од занает, што се вели лафот. Што имаат убави скапоцени пушки без петлиња. Дванаесетки шеснаесетки, не е толку важен калибарот. Главно петлиња да немаат оти тие што се со петлиња веќе се излезени од модата. Па тие со петлињата немаат ни претпазител, та ако го закачи петлето некоја грмушка може да испука на ветер како ништо. А овие без петлиња, a со претпазител, грешка нема.

 

И јас ете за такви „ас” ловци со пушка без петлиња и со претпазител ќе ви раскажам една прикаска.

Се разбира дека тие ловци што имаат такви пушки имаат и убави загари. Дали сите имаат загари или по некоја загарка и тоа не е толку важно. Од каде пак само загари, a не и загарки? Има, има и загарки и тоа загарки — „злато”.

После, тие ловци не само убави пушки и „злато” загаризагарки, имаат, ами и убави колани, убави раници, ловечки алишта па дури и паларии со пауново перо имаат.

И кога ќе се облечат, ќе ги нарамт пушките во калафите. He чудете се оти ви велам во калафите. Овие ловци, „ас” ловците, не ги носат пушките голи како оние селанковци што си ги потпираат со пушките магарињата кога ги товараат дрва или брашно. Ами овие ги носат во калафи од убава мушама и ќе ги извадат дури на местото каде што ќе ловат.

И реков, кога ќе ги нарамат калафите со пушките, ќе ги поведат загарите, а убазо облечени, ќе ги нарамат раниците во кои ќе кладат задолжително по еднадве франџоли, бели се разбира, една две конзерви риби, толку ловечки ѓувеч, некое половина кило кашкавалец, петшест добро сварени јајца и солца за нив, матарките со вода од сливи или термусот со „чаец”, и кога ќе кинисаат од дома, за мерак да ги гледа човек.

А бидејќи таквите ловци живеат во поголеми села, ловиштата им се поодалечени, па мораат да се повозат со некоја лесна кола, или во најлош случај, со возот.

И ене ги се стокмиле каде вадат секој по две возни карти — една за ловецот, друга за другар му —загарот. Се разбира втора класа, зошто да се буткаат во трета и да им мирисаат опинците на селанковци од кои можат да се изгнасат и загарите?

—           Заузето е, господине, заузето. He гледате осум седишта — осум души сме ние, — им вели ловџибашијата на сите оние патници што наѕираат во ова купе, гледајќи четири човека а осум места. Четири човека сме и толку загари — таман по прописот железнички.

И си одат луѓето да си бараат друго место кога тука е „заузето”.

Ете така еден убав ловечки јануарски ден слегоа од еден вагон втора класа четворица луѓе осум души.

—           Е, овдека, другари, овдека. Овдека им е местото. Ги гледате грмушките? Само зајак се полни. Нема грмушка без зајак. Кога да дојдам — на сигурно си идам. Пушти го чинам загаров, и застани им на кичерон. Тепај колку сакаш. Ама од пет повеќе не тепам. Знаете не се носат до станица. Па и зошто ми се повеќе од пет? — почна да им зборува ловџибашијата на своите тројца другари кои по се изгледаше дека беа новајлии за теренот.

—Толку многу ги има, бре докторе? — го праша еден од дружината.

— Што има јас да зборувам, ќе видите и сами, — му одговори докторот на директорот, инжинерот и даскалот, којшто во истовреме беше и помалку чкртало. Пишуваше по некоја прикаска, раскасче за животот и природата, та изгледа повеќе и затоа излезе со мајсторите ловци.

Но како што бива обично, никоја работа не се започнуваше порано, та ни сега пред да се сврши една многу поважна секојдневна работа отколку обичната. Се знае, не појаден само поп Петре оди в црква, а секој друг треба за адет да касне барем „од кукавица”. Но нели беше јануари, кукавицата не беше , тука да ги разбие ловците, ама адетот си е адет.

И седнаа да сторат адет. Ги врзаа загарите за растот, ги симнаа пушките, ги кладоа до стената, ги симнаа и раниците, ги отпетлаа и го извадија појадокот со матарите и термусите. He се прекрсти никој, „не наздравија” оти ако му се рече на ловец „со здравје” или „на здравје” не ќе има среќа во ловот. Та што е лов? Среќа! Затоа и нашите ловци не сакаа да ја бркаат со некакво си „наздравје” и „со здравје”.

Покаснаа малку многу. He оти многу може да јаде ловец кога срцето му тупка од возбуда? Елем, колку за адет, реков, покаснаа ама матарките ги пресполовија, а некои, лебами, и ги испразнија.

И ги пуштија загарите и загарките.

И навистина. Ако не од секоја грмушка, ама истераа барем по еден зајак за секого, но тие пустињи не нарипаа во раниците, ами испобегнаа нагоре. My дојде на докторот еден пред пушка. Нишани, тегна за ногата на убавата дванаесетка без петлиња, ама не пукна меретната. Го заборавил претпазителот да го откопча, и зајакот се спаси; му дојде на директорот — и кога овој нанишани му се направија два зајака, та не знаеше на кој да му ја испука; на инженерот зајакот му се стори палата со четири ката и заборави што да прави, даскалот си го претстави зајакот на ученик и почна да се чуди кои педагошки принципи да ги примени во неговото воспитување. И така сите зајаци се спасија од овие „ас” ловци. Ама нели се зајаци, се знае; од пушка им е скончилото.

Баш тој ден излезе Петко Босев, селанец од блиското селце Б. да се прошета, да попретражи белким ќе удри на некоја трага од кунатка, а си ја зеде и капсалијата, ако има среќа да начека некоја лисица да и припука и земе некоја и друга стотка за кожата. На зајаци Петко не беше мераклија. Едно, што не јадеше зајачко месо, бидејќи имаше уште од прасето, а друго: кожите немаа цена на пазар — пет динари парче — та не му се арчеа на Петка капсата, барутот за еден „смрден зајак”. Но затоа Петко зајаците ги фаќаше со марифет. Клаваше примки.

И сега, кога загарите ги разбркаа докторовите „купишта” зајаци, за Петка излезе жива згода. На петшест примки се нафаќаа зајаци, ама некако и сите четири загари занемеа.

—           Што стана, бре луѓе, кај фатија загарите? — со загрижен глас се провикна докторот и ги повика другарите нагоре кај него.

Директорот одејќи кон докторот, наеднаш нанишани и пукна со неговата шеснаестица и се загна кон местото каде стрелаше.

—           Готов е еден! — се провикна гордо кога виде дека зајакот не мрда од местото. My се приближи, го фати за задните нозе и сакаше да го крене до над глава да им го покаже на другарите, но страшно се вознемири кога виде дека зајакот е врзан за врат.

—           Мајката, кој го врзал овој зајак? — си промрмори сам и погледна леводесно, да се увери дали некој од другарите не го виде дека отепа врзан зајак.

—           Никој нема, — се успокои, му ја одметна јамката од вратот и го дигна високо; им го покажа на другарите.

По таков начин „отепаа” инжинерот и учителот по еден зајак и ги донесоа пред докторот со полни усти пофалби како сите ги отепаа на бегање.

Докторот се израдува што не падна на лага и фалба оти има „купишта” зајаци во овие грмушки. Се подденаа муабети кој како го отепал зајакот, како бегал пред него, како стрелал, како се спрпелкал од првото стрелање, како го зграбил за задни нозе и на брзина итн.

—           Ама сето тоа добро е што сте го направиле, луѓе, но јас пак не ги слушам загарите. Што замолкнаа сите четири како в земја да пропаднаа? — му се испушти на докторот и почна да го мами неговиот Орфеј. Од што му го бендиса гласот на неговиот загар, докторот го крсти на стариот грчки песник — Орфеј.

Тројцата докторови другари ги испуштија од раце „отепаните” зајаци и за малку што не им паднаа и пушките од рамената и сите се погледнаа в очи. Прв ги наведе учителот очите, по него инжинерот, а директорот почна да се кикоти. А откако се изнасмеа убаво, почна да вика како вон себе:

—           Помооош, помоош, браќа, помош, отидоа златни загари. — И почна да свири и вика со сиот глас:

—           Муња, Муња, Муња. Фиу, Фиу, Фиу. На, на, на, тука, тука, тука! — И изгрме еден фишек.

Гледајќи ја како бргу трча, директорот ја имаше крстено неговата загарка Муња, по српски, a пo нашински Молња. Демек, толку брзо трчала како молња.

Провика инжинерот на неговиот Адолфа — мислејќи при крштавањето дека ќе биде тој безмилосен спрема зајаците како Хитлер спрема Евреите. Поовика даскалот на својот загар со некакво филозофско име но ниеден не се јави.

Докторот се загрижи, а не малку се зачуди на настанот меѓу другарите, особено смеењето на директорот и возбудата на сите тројца, па почна да ги прашува.

—           Што стана, бре другари? Кај се загарите?

А директорот прв излезе да ја разбистри забуната.

—           Бргуте, другари, да ги спасуваме загарите дури не се издивнати, — и призна дека зајакот го најде фатен на примка.

—           Аман де! — се провикна докторот и му се опули на учителот и инжинерот.

Овие ги замавтаа главите во знак на потврда дека и тие ги најдоа зајаците врзани за врат.

Во тој момент се испречи пред нив Петко со капсалијата на рамо и ги поздрави снисходително, но веднаш почна да протестира.

Докторот го фати за ракавот од селската кошула:

—           Аман, брату, ќе ти ги платиме зајаците по стопати, само кажи ни ги примките да ги одврзиме загарите. — Нему сега му стана јасно каде се загарите.

My стана јасно и на Петка и почна да се смее слатко, па му вели:

—           По стотка за кожите ќе ми платите; да ги одерам!

Докторот не го разбра Петка што рече, та му одговори:

—           А бре, крши глава, стотка две, не се во прашање сега пари, ами четири души, море бездушни човече. Бргу, кажувај, да ги најдеме белким ги немаат испуштено своите племенити душички, — со болка во душата му одговори докторот и му фрли четири стотки на Петка.

Овој ги поведе кон примките низ грмушките, ама веќе беше доцна. Сите четири загари лежеа испружени на снегот стегнати од тенката жица за врат.

—           Пушката за овој пес што упропасти толку племенити суштества бре! — се провикна докторот и да му текнеше и сега да и го откопча претпазителот на пушката, навистина ќе му ја истуреше на Петка, кој, предчувствувајќи што може да го снајде, за миг исчезна во грмушките.

—           Ах, милиот Орфеј!

—           Ах, милата племенита Муња!

—           Ах, златниот Адолф!

—           Ах, паметниот мој Сократ.

Се изнажалеа, изнатажија нашите „ас” ловци и се вратија по истиот пат во големото село со три мрцинови зајаци да ги оплакуваат своите загари.

He заборавија да се вратат кај нивниот „Ловец” и да ја ублажат својата голема и со ништо ненадоместива болка за милите покојници паднати како жртви од раката на еден неразбран и несовесен селанец Петко Босев.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com