Според Ѓурѓовден кога сонцето се наведувало на заоде уште колку еден остен, сите млади а можело и постари оделе околу селото по ливадите,
бавчите и околу реката каде береле цвеќиња, цвеќето го носеле дома каде ги закитувале портите, влезната врата на куќата, трлата, плевните се за здравје и во чест на доаѓањето на Пролетта. А еден боз се ставал пред куќата пред влезната врата и утрото на Ѓурѓовден секој кога ќе станел и излегувал надвор обавезно стапнувал на бозот за здравје.
Сабајлето на Ѓурѓовден се берело млечка, коприва и се земало лист од јаболкница и сите се врзувале заедно со црвен внен конец. Се месело буле3) кое на средината требало да биде дупено а на китката од млечка, коприва и лист од јаболкница се клавало и прстен и пара
Bo дворот ce правело бачило и овчарот седнувал да м’зи,4) прво се фаќала и се м’зела црна овца која се м’зела преку прстенот и булето и китката, се пуштала црната овца па се фаќала бела овца и таа се м’зела преку прстенот булето и китката.
Откако ќе се изм’зеле двете овци се земало млеко од црната овца и се турало во устата на белата овца, и обратно од белата на црната со тоа се сакало да има еднаков дар кај сите овци. Потоа под ведрото во кое се м’зело млекото се правело дупка каде се клавало црвено јајце китката со булето и се закопувале под ведрото.
Потоа околу пладне се одело в црква, каде од дома се носело пресипок5), секоја фамилија која имала бачило обавезно носела пресипок, со пресипокот се носело погачи, кора, булина, јајца, ракија во пагури земјени, в црква ручале и пиеле, и на секој по една лажица му се давало од пресипокот за здравје на стоката, така да секој да сркнел од пресипокот и секој на некој начин да се омрси, оти имало фамилии кој биле бедни и кој немале млеко, и на овој начин сите се омрсувале. По враќањето од црква сето зарје се оставало дома се земало вртома 6) се излегувало да се бара дрво од орев, даб, јаболко каде имало чепорашка се врзувала лулката каде се лулале крлале.
Прво се залулувале малите деца, во пазувата на секое дете се клавало црвено јајце, а на главата коприва, зеленило, а на половината му врзувале сребрен синцир, и кога ги лулале малите деца му пееле некоја песна за да се радува. Најчесто ја пееле песната:
Од гранка в гранка дури кај мајка му в рака или
Од гранка в грапка кај сестричката во раката.
Кога ги лулале момите исто пак му пееле песни, и нив во пазувите им клавале црвено јајце, коприва да има зеленко, исто и на нив им врзувале сребрен синџир.
Од гранка в гранка Митро мори
да паднеш во скутот на Ристо се мислело и пеело на нејзиното сакано момче или било на кое момче оти нечинело девојче да се лулало а да не му се именувало некое момче.
А кога се лулало машко момче се пеело да падни во рацете на некое девојче.
Пред да почнело со лулањето, кога ќе се направела лулашката се пеела песната:
Кој се лула на лулката лулилум ѓоргилум
Таа песна се пеела во чест или да се повикат да се соберат сите на лулката.
Откако ќе се излулале оделе на сред село каде свирело гајда таму играле танци, кога се правело пауза жените, момите се фаќале како во оро една до друга и без гајда пееле стоејќи на исто место без да играт и пееле велигденски и ѓурѓевденски песни.
А во ова време мажите правеле кула и тоа четворица долу и четворица горе фатени за рамо.
„НАРОДНИ ОБИЧАИ И ПРЕДАНИЈА ОД МАРИОВСКИОТ КРАЈ“
Автор: Киро Крстески, Прилеп
„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г
Booking.com