Откријте го Мариово
Градешница по ослободувањето

По превратот што настанува во Бугарија на 9 септември 1944 година, бугарските окупатори почнуваат да се повлекуваат и од Македонија.

Пограничниот тринаесетти участок на чело со поручникот Ангел Кавалеров, кој се наоѓа во село Старавина, исто така со сето свое оружје и воена опрема почнува да се повлекува кон север, односно селата Мелница – Витолишта и натаму кон Кавадарци – Гевгелија, за Бугарија. Се повлекува и другата власт.

 

Во времето од 1 до 4 ноември 1944 година Седмата бригада води жестоки борби со германските единици од групата „Штајерер”. Дефинитивно на 4 ноември Германците се приморани да се повлечат од Битола и единиците на Седмата бригада до 10 часот го ослободуваат и овој град, познат како Град на конзулите. Co ослободувањето на Битола и битолските села, се создаваат услови за слободен и творечки живот и во с. Градешница.

По Првото заседание на АСНОМ на територијата на Македонија во 1944 година се формираат три обласно НОО -Скопски, Битолски и Штипски. Исто така, во октомври 1944 година се формираат 29 околински, повеќе општински и речиси во секое село се формира и местен народноослободителен одбор. Основната задача на народноослободителните одбори (НОО) е да ја организираат заднината, како база на развој на НОБ, да преземаат мерки за обнова на земјата, да ги решаваат основните животни проблеми на населението, да ја зацврстуваат и организираат новата држава и друго.

Во ноемвриските денови на 1944 година, и во Градешница се формира општина, која е сместена во куќата (новоподигната) на Мемови во Долно Маало. Месниот народноослободителен одбор во селото се проширува со нови членови, меѓу кои се: Митре Попов (секретар), Кристаки Кочков – претседател и други членови на одборот.

Во речиси сите селски населби, а така е и во Градешница, се формираат основни општествено – политички организации, како што се партиска, организација на народниот фронт, организација на АФЖ, младинска пионерска организација итн.

Врз база на решението на Президиумот на АСНОМ од 2-5 септември 1944 година, Поверенството за просвета издава упатство за организирање на аналфабетски курсеви за возрасни и задолжително преку народноослободителните одбори организирање на основна настава за учебната 1944/45 година, речиси на сета ослободена територија на Македонија. Основната настава е организирана и училишното ѕвонче заѕвонува и во училиштето во с. Градешница. Според некои современици, како прв учител по ослободувањето, односно во учебната 1944/45 година бил Леонида Валков, роден во соседното село Старавина. Во првата учебна година, основна настава во с. Градешница, на македонски наставен јазик посетуваат околу 150 деца, кои образованието подоцна го продолжуваат во осмолетката во с. Старавина.

Од 29 октомври 1944 година почнува да излегува дневниот весник ,,Нова Македонија”, кој повремено доаѓа во с. Градешница. За учениците во основното училиште во селото почнува да пристигнува и пионерски весник „Пионер”, од кој учениците (поради немање на учебници за основното образование на македонски јазик), читаат песнички, мали раскази, едночинки и други просветни настани во Македонија. Се слуша и гласот на Радио Скопје.

Младинскиот актив во Градешница повремено за месното население приредува културно-уметнички програми, придружени со „скечеви”, песни итн. Младинскиот актив презема и неделни локални акции за поправање на локалниот пат Градешница – Старавина. По ослободувањето, селото Градешница е преполно со луѓе. Според пописот од 1948 година, селото брои 173 домаќинства со 1.013 жители. И по ослободувањето, Градешница е едно од најголемите мариовски села. Во 1953 година домаќинствата бројат 174, а жителите 1085 лица. Од 1953 година бројот на населението ќе почне постојано да опаѓа.

И по ослободувањето, значајни стопански гранки со кои населението од Градешница се занимава се земјоделието и сточарството. Речиси секое од 173 домаќинства имало ѕевгар – волови за орање, а некои домаќинства имаат и по две ѕевгари (браќата Гулеви). Секое домаќинство најмалку 1-2 товарни добитоци. Според некои современици, по ослободувањето во Градешница има околу 15.000 овци и кози и над 1000 грла крупен добиток (говеда и коњи). Градешница по ослободувањето располага со 2077 хектари под пасишта и 123 хектари под ливади за косење трева, односно сено за зимска исхрана на стоката.10

 

  1. („Мариово” – Сточарство стр. 303 од Васил Граматиковски)

 

По ослободувањето, за жал се донесува закон, со кој во периодот 1946 – 1948 сите кози во Република Македонија, а така е и во Градешница. се уништени (исклани за месо), наводно токму козите ја уништувале шумата на македонското поднебје.

Од полјоделските култури, и по ослободувањето најзастапени се житата – пченица, рж, јачмен и овес, односно 75,4% се застапени житата во однос на индустриските култури (тутун, афион) и градинарските култури (пиперки, патлиџани, компир итн.).

За одбележувањето е да се спомене, што како и меѓу двете светски војни, и по ослободувањето во слободното време многу градевци одат по градешките ридови и собираат секакво железо, останато од Првата светска војна, а тоа железо се откупува од државата за добри пари, во тоа време.

По ослободувањето посебно внимание му се посветува на индустриското искористување и шумското богатство на градешките планини, кои всушност се држави. И мариовските гори во минатото служеле и како заштитници на борците, кои се бореле за слобода на македонскиот народ, Мариовските планини се заштитници на голем број востаници од Илинденската епопеја, потоа борците од НОБ. Шумите во Мариово покриваат 230.208 хектари, а тоа е 26,8% од вкупната површина со шуми во Република Македонија. Иглолисните шуми во Мариово зафаќаат површина од 18.528 хектари или 61,6% од вкупната површина со иглолисни шуми во Република Македонија.

 

Вкупната дрвена маса за индустриска обработка и огрев (бука и даб) изнесува 8.598.000 кубни метри (66,6%), иглолисната дрвна маса изнесува 2.623.000 кубни метри (20,4%) и мешовита дрвна маса изнесува 1.679.000 кубни метри (13,0%). По ослободувањето формирани се шумски стопанства за искористување и експлоатација на шумите во Република Македонија. За експлоатација на шумите од битолскиот дел на Мариово е формирано Шумското стопанство „Кајмакчалан” во Битола (потоа прераснува во дрвно индустриски комбинат – ДИК). Производствените капацитети на овие шуми изнесуваат 10.800 м (кубни метри), а погонските капацитети во Битола можат да преработат 10.000 м3 (6,69%) во текот на една година.11

 

  1. (,,Мариово” – Александар Стојмилов; Шумарство стр. 309)

 

Во селото Старавина првобитно е сместен гатерот и другите машини за бичење на трупците и друго за обработка на дрвото. Во шеесеттите години погонот за техничка обработка на дрвото од Старавина се преместува во Битола, а кое нешто допринесува на овдешното население за миграција село – град.

При шумското стопанство (ДИК),,Кајмакчалан”, особено при погонот за сеча, секогаш од неговото постоење се вработени по 20-30 дрвосечачи и од Градешница. Покрај околината на планината Ниџе, ДИК „Кајмакчалан” ги експлоатира и шумите во реонот на Петте Чешми, Урупска Пресоп и други делови на мариовско – градешките планини од Битолско. Извесно време од боровата шума во Мариово се изведува смоларење, при што се добива квалитетна смола за потребите во индустријата. Во мариовските планини населението од овој крај во слободното време собира и лековити билки, како што се: печурки, смрекинки, кантарион, боровинки и други лековити билки, кои ги откупуваат разни трговски организации пример „Агрокооп”, „Бор” итн. Но, и покрај постигнатите резултати при експлоатацијата, пошумувањето на мариовските планини треба да е составен дел на Мариово и на ДИК „Кајмакчелан” од Битола. За одбележување е да се спомене, што по ослободувањето во шумското стопанство „Кајмакчалан” извесен период, како раководител, работи и нашиот истакнат романописец Стале Попов.

Во 1946 година почнува да се гради младинската пруга Брчко – Бановиќи во БиХ, а во чија изградба учествуваат и младински бригади од Македонија. Во третата смена, во состав на IV-та младинско – битолска бригада на изградбата на оваа пруга учествуваат и младинци од Градешница, а меѓу кои се: Јордан Кочовски, Мирко Миовски, Ристе Лавуровски, авторот на овој труд – Трајко Босевски, Сиве Крајчев и Богдан Сребринов.

Морам да признам, дека имам првпат патувано со воз. Речиси на сите поголеми железнички станици, каде што минувавме: Велес, Скопје – Ниш – Белград – Винковци – Брчко и други градови, се уште можеа да се видат изгорени вагони, разурнати згради и други остатоци и белези од Втората светска војна, бидејќи раните од војната се уште не беа излекувани. На улиците можеа да се видат воени инвалиди со патерици во рацете. На трасата Брчко -Бановиќи работиме три месеци со голем ентузијазам, a со паролата за братство и единство и никогаш повеќе да нема војна. Каков апсурд нели?

По ослободувањето, и населението од Градешница верува дека и за него силно светнал нов ден и дека новата слобода ќе им донесе нов поубав живот. Никој не веруваше дека новата власт ќе направи катастрофални грешки врз грбот на селското населението. Прво, се почна со високи даночни давачки и високи набавки на жито, месо и други благодети, што селаните ги создаваат со деноноќна работа и макотрпен труд. Некои од селаните почнуваат да се прогласуваат како „кулаци”, иако всушност меѓу македонските селани, според фактите и логиката, такви не постојат. Се уништуваат козите како „штетни” за шумите.

По 1948/49 година, и во Градешница се формира СРЗ (селска работна задруга), всушност копија на руските „социјалистички” колхози. Повеќе од домаќинствата наводно „доброволно” се зачленуваат во СРЗ, на која и го даваат името на загинатиот борец Бранко Димов. Но, некои селани не сакаат да влезат доброволно во СРЗ (бидејќи и законот за задругарство предвидува доброволно   влегување и членување во нив). И во Градешница почнуваат да доаѓаат инструктори од УДБА, да ги убедуваат и да вршат притисок врз оние селани што даваат отпор и не сакаат својот, со векови печален имот, да го внесат во СРЗ. Меѓу оние што даваат отпор се: градевците Трајко Клоштев и Дано Марковски. Повикувани се и во Битола. He изостануваат малтретирањата, застрашувањата, шиканирањето и тепањето, само да го скршат духот на оние чесни селани, познати во Градешница како мошне работливи и трудољубиви селани Дано Марковски е висок, крупен и жилав човек, типичен мариовски маж. Тој е човек што има преживеано многу патила и војни. Неговиот тврд и разумен дух не можат да го скршат ни најзакоравените Удбевци.

Судбината на СРЗ е позната. Тивко пустошење на селските имоти. Претседател на селската задруга, односно на задружниот одбор е Кристаки Кочков, секретар Трајко Бурлиов, претседател на Надзорниот одбор на задругата Стојко Судиов. Организационо во задругата се формираат работни бригади на чело со бригадир и бригадирите во посебна тетратка водат евиденција за изработените трудови денови на селското население. Кој нема трудови денови, од задружниот магацин не може да земе брашно за месење леб, сирење, шеќер и други прехрамбени артикли. Некои од селаните се прогалсуваат за „саботери” во колку се фатат да берат огревни дрва во „општонародниот имот”. Непослушните задругари се повикувани на испитување и сослушување при народната милиција во станицата во селото Старавина. Некои ,,прекршители” се казнувани од судијата за прекршоци.

Во тоа време се врши окрупнување на народноослободителните одбори. Се формира општина за селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа и Зовиќ. Седиштето е во с. Старавина. Претседател на општинскиот НОО е Јован Бандев од Градешница, а секретар Коста Мемов, исто така роден во с. Градешница, населен во Битола. Во месниот НОО во Градешница извесно време е и Никола Зулумов, но тој по реорганизацијата на локалната власт и гледајќи се што се случува со градевци пикнати со притисоци во „колективот” т.е. СРЗ сам доброволно се откажува од власта. Никола беше човек со цивилизирана култура. Повеќе години како печалбар има работено во Америка.

29

Дано Марковски

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu