Откријте го Мариово
Градешница вo XIX век

Во почетокот на XIX век економската положба на турската империја се карактеризира со распаѓање на спахискиот систем, a се формира чифлигарството.

Градешница кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век почнала да се зголемува бројчено. He само поради својот прираст, туку во селото се населувале и домаќинства од некои соседни села Бешиште, Старавина, Будимерци и други мариовски села. Селото се ширело по течението на Градешка река. Градешница па и целото подрачје на Мариово е познато по својата богата сточарска дејност.

 

Во борба против грчките востаници во 1821 година, покрај турскиот аскер, учество зеле и Арнаути. При враќањето од Грција, турскиот аскер и Арнаутите минувале и низ Мариово, при тоа вршеле пљачкосување на стоката и другите селски имоти. Се создавале турско-арнатуски банди, кои го напаѓале христијанско-македонското население низ Мариовско, Битолско, Прилепско и други места низ Македонија. Селаните од некои планински села од раштркан тип, токму поради пљачкосувањето, биле приморани да ги напуштаат своите орништа и да се населуваат во поголеми групирани селски населби, за да имаат поголема заштита од нападите на бандите.

Поради историските пишани документи, некој си дедо Боше од Мариово со свои другари станал ајдутин и го заштитувал мариовското население од турско – арнаутските банди, од разните турски луѓе, кои собирале голем данок и “ќесум”.

Bo XIX век Султанот проповедал и вршел султански форми, при тоа настануваат и големи противречности во турската империја.

За време владеењето на големиот везир Рушид-Паша населението во Мариово, Битолско и Прилепско почнало послободно да дише. Во тоа време привидно се смирени пљачкосувањата на населението од разните качаци, бегови, аги и други турски моќници. Во Градешница, па и во други мариовски

села, некои селани почнуваат да си купуваат земја, а новиот султан Абдул Меџит (1839-1861) со новите реформи и закони им ја гарантирал сопственоста. Во Градешница немало беговска земја, па ниту стапнала беговска нога. Градевци, кои имале повеќе земја, ја продавале и отуѓувале. Продажбата и купувањето на ниви, ливади, градини, пасишта и други имоти се вршело со турски лири. Почнало селаните да се диференцираат со побогати и посиромашни, како што тој процес се развивал и во други населени места.

Во Долно Маало на Градешница со купување на земјишни површини и проширување на своите имоти се истакнуваат домаќинствата Дојошеви, Пенукови, Мемови, Кралеви, Налеви, Рушиткови, Паланзови. Во Горно Маало – Чавдариви, Гулеви, Белејкови, Босеови, Баснарови, Мавреви, Мојанчеви, Бурлиови.

Стариот патријархален живот почнал да се менува и во Градешница. Поради подобрените општествени, економски и природни подобности, и во Градешница почнал да се менува и подобрува начинот на живеење. Наместо појати или колиби, во селото почнале да се градат куќи од тврд материјал – камен и дрво. Куќите се градени од приземје, каде се чува добитокот и кат од две-три соби за живеење на луѓето. Некои од куќите имаат чардаци.

Покрај ваквиот тип куќи, се наоѓаат и дворови со огради со помали објекти како племна, фурна за печење леб, кочина за свињи, амбар за жито и други помошни простории. При градење на мариовските куќи, а тоа е изразено и во с. Градешница, влијание извршила природата, која е богата со камен и планини со борова, букова и дабова шума. При изградба на семејни куќи, градевци меѓу себе солидарно си помагаат при пренесување на градежен материјал од планината – греди, камења и друго. Куќите се покривани со камени плочи, слама, а подоцна и со метални ламарини и ќерамиди.

06

Градешка куќа со чардак

 

08

Црквата св. Димитрија

 

Bo XIX век, особено во неговата втора половина, во Градешница поинтензивно почнува да се обновуваат некои цркви, а тоа го дозволувал и новиот Хатишериф на султанот Меџит. Тогаш е обновена и црквата “Св. Никола”. Над вратата од задната страна пишува, дека таа е возобновена 1863 год. За време на првата светска војна црквата е наполно срушена, кога се разурнати и сите куќи во Градешница. Црквата со цврст материјал повторно е изградена 1923 година, а оживописана е 1927 година од иконописецот Коста Николиќ со синовите Јаким и Тодосија, родени во с. Лазарополе. Според податоците, црквата е осветена истата година од епископот на Битолската епархија г. Јосиф.

Една од најстарите цркви во Градешница е црквата “Св. Димитрија”, која се смета дека датира од времето на Цар Душан, кога и Мариово со с. Градешница биле под негова власт. Над вратата на западната страна на црквата пишува: “За здравље Крсте Влучевиќ и успомен”. Годината на нејзината изградба е избришана од забот на времето, односно е нечитливо. Црквата е градена од камен и малтер, a е покриена со камени плочи. За време Првата светска војна една артилериска граната преку покривот паднала во црквата, но не експлодирала.

Други помали црквички во околината на селото се “Св. Антонија”, Св. Спас”, “Св. Илија” во месноста Брен, “Св. Атанас” во месноста Атанасица, “Св. Ѓорѓија”, “Св. Андрија”, “Св. Врач” и други.

Во црквата “Св. Никола”, каде Градевци ги извршуваат сите христијански обичаи, се чуваат неколку стари црковни книги уште од XIX век. Книгата “Часлав” е пишувана на грчки јазик. Книгата “Различно поучение” е пишувана на старословенски јазик и датира од 1894 година.

Според свештеникот Илија Лажовски, една од книгите со нечитлив ракопис, датира од пред 350 години.

И во другите села во Мариово имало цркви, кои биле подигнати уште за време на турското владеење, но од сите овие најпознат и најбогат бил манастирот Чебрен со црквата “Св. Димитрија”. Во своја сопственост манастирот имал воденици со 12 воденички камења, многу стока, како што се овци, кози, крупен добиток. Потоа, ниви, ливади, големи површини со шуми и пасишта. Од пишаните документи се дознава дека манастирот во XIX век имал и свое ќелијно училиште на старословенски јазик. Во ова училиште се подготвувале свештеници и учители за другите мариовски села, меѓу кои е и с. Градешница. По создавањето на младото кнежевство во Грција, односно во 1870 година, манастирот потпаднал под јуриздикција на грчката патријаршија. И црквите во селата Градешница, Старавина, Зовиќ, Будимерци и Груништа потпаднале под грчката патријаршија. Грчката патријаршија трошела големи финансиски средства за ширење на својата пропаганда и меѓу населението од споменатите мариовски села. Културно – просветното влијание врз овие села грчката пропаганда го имала од втората половина на XIX век па речиси се до Првата балканска војна. Од кажувањето на постарите Градевци, пример Илија Гуцев, Стојко Бојковски, Јован Босеовски и други, и во градешката црква “Св. Никола” постоело ќелијно училиште, каде наставата се изведувала на грчки јазик уште во втората половина на XIX век. Наставата се изведувала во тремот на црквата. Учениците си носеле столчиња од дома, а пишувањето на тетратки со молив го вршеле на колена.

Co свое црковно училиште од 1892 година располагало и селото Полчишта. Од пишаните податоци се дознава дека и селото Витолишта располагало со две цркви и две училишта од 1829 година.

Меѓутоа, во повеќето мариовски села во XIX век во Мариово имало само двајца жители со завршено средно образование -гимназија и богословија во Солун и Скопје.

Во ќелијното училиште при црквата “Св. Никола” во с. Градешница настава посетувале деца на поимотни селани. Поради патријархалното сфаќање, било апсурд женско дете да се испраќа да посетува основно ќелијно училиште.

Главното занимање на населението во село Градешница во XIX век е земјоделието и сточарството. Своите земјоделски и сточарски производи градевци ги пласираат претежно на пазарот во Битола, каде географски и гравитира ова село. Но, своите производи не ретко градевци ги пласираат и на пазарот во Прилеп. Co оглед дека Македонија беше под турска империја и се уште не беше разделена од кралствата на Србија, Бугарија и Грција, градевци своите земјоделски и сточарски производи ги продаваат и во градовите Воден и Саботско – Егејска Македонија.

Изградбата на железничката пруга Белград – Скопје – Солун во 1873 – 1888 година, добредојде и за мариовското подрачје, па и за селаните од Градешница. Бидејќи и градевци чуваат големи склада овци и кози, јагнињата и јарињата, преку разни трговци од Тиквеш, Битола и Прилеп, преку железничката линија, што минува низ повардарието, споменатите јагниња, јариња и другата жива стока е пласирана на пазарот во Солун и други градови во Османлиската империја.

Во втората половина на XIX век и во Градешница, како дел на Мариово, почнуваат да се појавуваат првите никулци на национално – ослободително движење за ослободување на македонскиот народ од петвековното турско ропство. Културната и националната преродба ќе биде попречувана, при што под тоа влијание се изложени некои селани и од Градешница.

Конечно, на 23 октомври 1893 година во Солун е создадена револуционерната организација – ВМРО во состав: Д-р Христо Татарчев – лекар од Ресен, Даме Груев – професор од С. Смилево, Иван Хаџи Николов – книжар од Солун, Петар Поп Арсов -професор од Богомила, Андон Димитров – учител од солунско и Христо Батанџиев – професор од Гуменџе, Ениџе Вардарско.

Co општо прифатливите принципи на Организацијата за национално ослободување на македонскиот народ од турското ропство и страните балкански пропаганди, преку Илинден, и населението од Градешница ги дочека Балканските војни и Првата светска војна.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu