Освен танците, на кои се играло за сеирџиите, биле интересни и другите игри што ги изведувале машките (младите), посебно значајна за ергените е прескакулицата.
Во оваа игра доаѓала до израз издржливата моторна спремност и грациозноста на движењата, како и убавината на облеката, посебно на широките долги кошули или уште повеќе на белите широки фустани – подобро речено машките здолништа од астер и т.н. Пред да почне орото машките играле и долга магарица и играта Бззз. Бззз се играла и додека се воделе танци на празниот простор. Ако кај прескакулицата и долгата магарица доаѓале до израз вештината и издржливоста, во оваа игра освен издржливоста доаѓа до израз и перцептивната способност како врз основа на силината на ударот на дланката така и по емоционалната реакција на играчите и на тој што вистински го извел ударот.
Од другите игри со кои се покажувала силата најпознато е фрлањето на камен и рипањето тринога, се разбира пред да почне орото. Кога зборуваме за покажувањето на сила’и борба кај машките тоа најмногу доаѓа до израз за време на палењето на оган на коледиците пред Божик и на Василица. Тогаш (сметаме дека) доаѓало до израз не само традиционалното прифатливото покажување на силата и моќта на коледарите”и толеранцијата на останатите, туку и остварување на одредена одмазда према некои лица во немилосрдното туркање кон огнот, правењето кула и неводејќи сметка како ќе го понесе товарот оној што е најдолу, до рушење на порти и земање на материјал за распламтениот оган.
Во тие прилики колективно му се “осветувале” на некои “скржавици” или други лица кои по општа оценка кои во текот на подолг период се однесувал нешто поинаку од колективната претстава за соодветно однесување во селото.
Од другите ретки обреди ќе ги спомнеме правењето на дудуле во сушните години, фаќањето жив оган и жежењето на стоката.
Автори:
Стојан Ѓуровски, Прилеп
Стојан Даркоски, Скопје
„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г
Booking.com