ИСПАДНАЛЕ ВОЈНОВИ СИНОВИ – лирска песна

Booking.com

Испаднале Војнови синови,
заденале бре турска девојка,
ги ватија затвор ги кладоа.

Ми лежале до девет години,
никако на суд не ги извеле.
Се сториле змии и смокови
му ги испиле нивните очи;
ај донесете една топка снег
да видиме кое време је,
ај донесете од нива класој
да видиме кое време је,
ај донесете од лозје грос
да видиме кое време је,
Ги извадиле в суд да ги носат,
заминале овчко пазариште,
таму најдоа нивното брате
кај продава нивно силно стадо
да откупи неговите браќа.
Поминаа сточно пазариште,
там го најдоа стариот татко
кај продава волој со се јарем
 да откупи синој од зандана.
Помиинаа женско пазариште,
там си најдоа нивната сестра
кај продава нејно бело руво
да откупи браќа од зандана.
Поминаа еврејската маала,
 там најдоа нивните си жени
кај продават машките си деца
да откупат неговите мажи.
Поминаа атско пазариште,
там ја најдоа старата мајка
кај ги продава нивните коње,
нивните коње сосе седла,
да откупи нејните синови,
нејните синови од зандана.
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач:  БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Митре Петковски – Жиовецот, роден 1878 година во с. Жиово; работел, се оженил и живеел во с. Старавина, а покасно се преженил и живеел во с. Груниште. Во 1953 тој имаше 75 години.
Вид на песна: семејна

Booking.com