Испадна Стојан од зандан
со тежок тумрук на нозе,
чив белегзии на раце,
дребни синџири на гуша.
Кај Брусник Стојан испаднал
кај брусничката корија,
там најде Турче пољаче,
Стојан му вели говори:
-Деј гиди, Турче пољаче,
деј гиди верен побратим,
јас ќе те фатам побратим
ти да извадиш тумруков,
чив белегзии од раце,
дребни синџири од гуша.
Пољаче ми се превари
тумрук му вади од нозе,
чив белегзии од раце,
дребни синџири од гуша.
-Вака се вади тумрукот,
вака се вадат белегзи,
вака се вадат синџири!
Стојан му вели говори:
-Деј гиди, Турче пољаче,
деј гиди верен побратим,
ај покажи, ај пољаче,
како се држи пушката,
како се клава вишеко,
како се гаѓа на нишан.
Турче му даде пушката:
-Вака се ваќа пушката,
вака се клава вишеко…
Уште ми турче не рече,
Турче ми падна убито!
-Вака се тепа Турчинот!
Избега Стојан планина
кај својта верна дружина
да тепа Турци проклети.
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Митре Петковски – Жиовецот, роден 1878 година во с. Жиово; работел, се оженил и живеел во с. Старавина, а покасно се преженил и живеел во с. Груниште. Во 1953 тој имаше 75 години.
Вид на песна: комитска