ИТАР ПЕЈО ГАЈДАЏИЈА – смешки и шеги

Booking.com

Ретко некој по Мариово да не знае да свири на гајда или барем на шупелка.

А наш Пејо одличен гајдаџија беше. И по една отпуска си ја зеде гајдата и си ја однесе на фронтот. Уште на ротниот бивак зад окопите ја наду и ги насобра другарите од ротата што беа во заднината, на оро. Пејо свири, тие играа како на Спасовден на сретсело. Се насобраа и гледачи, меѓу нив и некои Германци кои штотуку дошле од западниот фронт. A Пејо ја дуе гајдата и по сите музички правила ги навива едно по едно разните мелодии од разни мариовски ора. Слушаа Германците, гледаа да видат некакви клапи како кај армоника, нема ништо. Најпосле му се приближи еден и побара да му ја продаде Пејо гајдата. Овој се понамршти, но повеќе од љубопитство што ќе прават со неа, му посака 100 марки. А за 100 марки можеше да купи пет гајди во тоа време. Мислеше Пејо дека нема да му даде толку пари и не веруваше дека ќе остане без гајда. Арно ама, Германецот извади пет банкноти по дваесет марки, му ги фрли на Пеја и ја зеде гајдата уште неистушена. Набрзина го извади ножот, ја расече преку среде кожата и почна да бара нешто во неа. Пејо и другите војници прснаа да се смеат, а Германецот навреден што не ги најде клавирите во гајдата како што ги има во армониката, ја удри одземи гајдата и опцу: „фарфлуктешвајнарај”. Си ги кладе рацете одѕади и се оддалечи, а Пејо си ја зеде гајдата и на другиот ден купи едно jape за десет лева, та си направи од кожата друга гајда со истата сурла и брчало. И дури беше во заднината се го дразнеше Германецот: „Дојчо, сакаш да ти ја продадам гајдата да видиш што има во неа?” А Германецот му одговараше со она надуено: „швајнарај” и го вртеше грбот да не го гледа Пеја како му се смее в лице.

  itar-pejo-mariovo

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

 

Booking.com