ИТАР ПЕЈО ГО НАДМУДРУВА „ГОРНИОТ – хумор од Мариово

Booking.com
ИТАР ПЕЈО ГО НАДМУДРУВА „ГОРНИОТ”
Ум царува Ум робува Ум гуски чува (Народна пословица)

“Ум царува Ум робува Ум гуски чува (Народна пословица)

 Од сите живи суштества на земјава наша, само човекот е надарен со ум и разум.

Ова својство и го одделува него од другите животни. Co него може тој да размислува, да расудува и да заклучува што е арно, а што не чини. Co него човекот ја победува и самата природа и дури ја принудува да му служи. Во тоа заправо се состои неговата култура, височина над другите животни.

 itar-pejo-mariovo

И Пејо наш Итроманецот не беше лишен од ова својство што се вика ум. He само што не беше лишен, ами имаше дури и на други да даде. И даваше, како што знаеше. Но една година пред Пеја излезе една работа, која многу го замисли и загрижи. He беше лесно да се реши таа замрсена работа, зашто не беше од луѓе. Така се вплете „горниот”, во кого Пејо малку веруваше, ама сепак зависеше од него во случајов. А еве што:

Како Мариовец, кој живее близу до големата борова гора, Пејо си направи на селското поточе една мала бичкичка за штици бичење. He беше тоа некаква фабрика со гатери, бинџизи, циркулари и други машини какви што ги има сега по Мариово. Проста бичкица на вода, со една линџа, ама на Пеја и толку му беше доста да не тегне со плешките цел ден да бичи, а пак да не може да сработи ни десетти дел од она што му го сработуваше бичкијата на водата. Арна му беше работичката на Пеја. И тука тој излезе поумен од сите Мариовци – кршоборци што тегнеа по цели недели двајца здола еден згора и не можеа да избичат цел месец толку штици колку Пејовата бичкија избичуваше за еден ден. Водата течеше, а Пејо седеше крај тезгето и ја управуваше работата.

Арно ама, се замеше „горниот” во Пејовата работа, и тоа против Пеја. My завиде, изгледа, што му оди добро работата, а Пејо не однесе ни една ока масло во црквата да му изрази благодарност. Затоа тој („горниот”) две години ја стегна раката и преку цело лето капка вода не пушти. A со тоа Пеја сосем го затре. Водата од поточето секна, та Пејовата бичкија цело лето не тргна ни една врвца да избичи.

Така Пејо не сврши преку летото работа; преку зимата мразот го попречи, та остана без леб. Земаше заем, се заборчуваше тие две години за да ги прехрани децата, но требаше тие долгови да се враќаат, а и да се живее.

Во третата зима Пејо се зафати за размислување како да му дојде доак на овој негов прв непријател.

„Да го натерам сосила да врне, тоа не можам, како што не можам да го натерам да не врне” – си мислеше Пејо. „Да го молам, којзнае дали ќе ми ја прими молбата”, си мислеше. „Оти не сум само јас. Можеби повеќе има што молат да не врни. Таа работа – молбата – не е сигурна работа. Некоја друга, друга сигурна цака да му најдам, да не може да ми мртка”.

Мисли, крои, шета, наш Пејо, но не попусто го носи името Пејо Итроманецот. Најпосле се сети:

„Е, море, ќе ми те сошијам јас годинава” – си рече Пејо едно утро во Ѓурѓовден, гледајќи го небото оклештено – јасно како го плаши и годинава.

Погодете што измисли Пејо? He можете, се разбира, зашто на секого не му иде на памет тоа што му дојде на Пеја. Еве што измислил Пејо:

„Годинава јас ќе фатам две работи” си рече тој. „Ке бичам штици ако врне, и ќе правам ќерамиди ако не врне”. И така направи. Штом ќе заврнеше (а таа година и почна да врне) Пејо си ја пушташе бичкијата и со лезет си бичеше штички: си ги продаваше и си земаше добри парички. Тогаш од тезгата викаше, гледајќи ги црните облаци: – Ајде, турај колку сакаш, амам ќе ми бичи бичкијава”. А кога се оклештуваше времето со недели да не врне И сонцето да пече, тој си правеше ќерамиди и пак му викаше на „горниот”: – А де, печи, печи! Напечи се и ти, ама и ќерамиткиве ќе ми се испечат.

И така наш Пејо му дојде доак и на „горниот” без да му се моли, крсти или придава масло, темјан и други подароци како што прават селаните, чии молби и придавачки не можат да им помогнат.

„Ум, ум треба и мотика, а не молитва, браќа”, секогаш Пејо им велеше на своите Мариовци.

 

Booking.com