Дошол во еден пазарен ден Итар Пејо во Прилеп на пазар и решил да се избричи, та влегол во една берберница. Бидејќи го познаваа сите како шегаџија, берберот реши да се пошегува со него,
та го кладе на столот спроти сонце и место да го сапуни како што му е редот, тој почна да му ја топи брадата со плунка.
Така насапунет спроти сонце почна да го бричи, дури на Пеја не му се стемни на очите од болка.
Го замоли да го пушти небричен и му го плати рупчето, колку се беа погодиле.
Кога Пејо излезе од берберницата на половина бричен, низ градот се разнесе смеа и шега, а берберот се држеше за стомак што успеа да го излаже и да го насамари овој мариовски мудрец.Пејо ја разбра работата и си рече во себе:
„Чекај си ти, пакосен бербер, ќе ми те сошијам јас тебе со самарна игла, ич да не се сетиш”
– и отиде кај друг бербер да се добричи.
По една година од горната случка, пролетта, во лозја кроење, си го зеде Пејо сорот и помкна покрај берберницата во која се бричеше лани и почна да бара работа, да му го ореже лозјето на берберот, и тоа за евтини пари.
Овој си помислил дека пак ќе го излаже Пеја и го пазари.
Го одведе на лозје, го напои ракија, го наруча убаво, па и винце му даде и го остави да работи, не заборавајќи да му нареди и паричките да ги изнесе на крајот, откако ќе го ореже.
Кога си отиде берберот, Пејо почна со работа, но наместо да го реже лозјето, тој ги искорна сите пењушки од корен и ги изнесе на крајот како што му рече стопанот.
Околу ужина отиде во берберницата да си ги прибере парите за денешната работа.
Берберот сиот радосен дека за евтини пари Пејо му го орежа лозјето, пак го напои и на разделување го праша:
– Убаво ли го орежа, Пејо лозјето?
– Многу убаво, чорбаџи, многу – одговори задоволен Пејо – уште еднаш не ќе треба да го режеш.
– А дали го исчисти убаво, Пејо? – пак праша берберинот.
– А, ха! Ни прачка, ни пењушка не остана на земјата.
Чисто е како тепсија – одговори Пејо.
– Ами плаче ли, Пејо?- Плаче ли?
Уште прашаш, пријателе мој!
He само лозите што плачат, ами кога ќе отидеш ти, ќе зареваш кога ќе го видиш колку убаво сум го орежал.
А тоа ти е, пријателе, за она ланското бричење на суво и спроти сонце – му објасни Пејо и си побегна во Мариово да си мудрува.
Booking.com