Се нашле некако како се нашле Итар Пејо и Насрадин-оџа и се договориле да одат по мариовските села да лажат и да надлажуваат, та да видат кој од нив двајцата поубаво ќе лаже.
Тргнал напред Насрадин со своите луѓе, a по него Пејо.
Кога дошол Насрадин-оџа во едно село, се собрале селаните и почнале да го распрашуваат за едно, за друго, што видел, што чул по светот каде што поминал.
И Насрадин почнал да им расправа:
– Кога бев во тоа и тоа село, дувна еден толку силен ветер та ги крена сите магариња и ги однесе во облаците.
Се зачудија селаните, но гледајќи го Насрадин така стар, со бела брада и коса, некои и поверуваа.
Преноќева Насрадин во селото, си појде изутрината и си замина за друго село.
Вечерта по мракот довтаса и Итар Пејо со својата дружина.
Го опколија селаните и него како Насрадина, и некој го праша дали навистина во фиљан село ги дигнал ветрот магарињата во облаците.
Пејо се сети дека таа лага е од Насрадин и одговори:
– Лебами, дали ветрот ги кренал магарињата, јас не видов.
Да ве лажам – срамота е, наши луѓе сме.
Ама кога поминав таму, видов дека паѓаа самари од небото.
„Навистина било што кажа Насрадин” – си рекоа селаните и му поверувале на стариот лажач.
Во тоа време Насрадин веќе беше во соседното село и им прикажуваше на тие селани како во фиљан село, во фиљан земја, имало џамија толку висока та орлите ги колвале ѕвездите кога ќе застанале на минарето.
Уште неотиден Насрадин, втасал и Пејо и селаните го обиколиле да им каже дали навистина џамијата во тоа и тоа село била толку висока, како што рече Насрадин.Пејо ја разбра и оваа лага од Насрадин и им одговори:
– Дали орлите ги колваат ѕвездите, јас браќа, не можам да тврдам.
Ама знам кога ја довршил мајсторот џамијата и ја фрлил теслата од врвот на минарето, дури да падне на земја рачката беше изгнила.
Сега сами ценете колку е висока таа џамија.
Се потврдиле лагите од двајцата лажговци и селаните ги нагостиле вечерта убаво.
Дури им месиле и еден мариовски зелник.
Во тоа село им се придружил и некој друг трчи-лаж и им се замешал и во зелникот.
Но зелникот бил голем, како мариовски, и вечерта не можеле сиот да го изедат.
Но тоа што останало од зелникот било малку за сите тројца, та Насрадин решил со лага и лукавство да го изеде сам, па им предложил на Пеја и на новиот гостин и другар:
кој ќе сонува ноќеска страшен сон, тој да го изеде зелникот.
Сите легнале, и утрото почнал Насрадин прв да го раскажува страшниот сон:
– Кога дојдоа ноќеска два орли, кога ме кренаа, како ме вишија, вишија дури во облаците, та кога ме пуштија одозгора, уште малку ќе ми излезеше душата да не бев се разбудил – рече Насрадин и длабоко воздивна, уверен дека од тој сон пострашен не ќе може да сонува никој од неговите ортаци на зелникот.
Новиот другар го раскажа својот сон:
– A јас пак, пропаднав на дното од морето.
Mope, кога ми се набраа разни морски животни: риби, жаби, китови, крокодили, се знае ли уште какви ли не, одвај ја достискав душава да не ми излезе.
Да не се разбудев, навистина ќе ми излезеше.
– Аха! И тоа е страшно – продрдоре Насрадин и му се обрна на Пеја:
– А ти Пејо, што сонуваше?
Пејо одвај го дочека прашањето и одговори:
– Јас пак, кога видов дека тебе, оџа, те кренаа орлите и те однесоа во облаците, а другаров овдека, пропадна во морето, станав ноќеска и го изедов зелникот.
Што има да ве чекам кога нема да се вратите?
– Ах, ќерата, Пејо – се провикна оџата, но зелникот Пејо беше го откраднал уште на полноќ.
II
Шетале што се шетале Пејо и Насрадин во Мариово.
Лагале што лагале, најпосле дошле во Прилеп.
Бидејќи биле гладни, а пари немале да ручаат во некоја гостилница, почнале да се договараат како да дојдат до јадење.
Најпосле Пејо се досетил и му вели на оџата:
– Седи ти тука во анов и вали го огнот, a јас ќе одам да донесам некоја риба да испржиме.
И отишол на рибни пазар. Пазарил цел кош риби и му рекол на рибарот да го прати калфичето за да му даде пари и да си го прибере кошот.
Овој се согласил и го испратил детето со Пеја.
Арно ама, Пејо го свртел патот крај црквата и му рекол на детето:
„Постој ти, малечок, тука да ми ги препее попот рибиве, зашто ми се за на гробишта, умре татко ми”.
Детето застанало, а Пејо низ другата врата излегол со кошот и право кај Насрадина во анот.
Чекало детето да излезе Пејо, чекало, и кога видело дека го нема, влегло и тоа в црква да го побара.
Таму го нашло стариот поп како чита некоја голема книга.
Штом го видел попот детето, веднаш го наврел епитрахилот на вратот, му тутнал една свеќа и крст во рацете и почнал да му чита некаква молитва.
Одвај се разбрале дека тоа го бара Пеја со кошот риби.
Се разбира дека попот не можел да му помогне на детето и тоа си отишло кај својот мајстор без пари и без кош.
Пејо ги однесол рибите кај Насрадина, но треба и масло за да се пржат.
Па излегол, зел еден голем сунѓер и отишол во истата црква.
Оттаму, оттука, го намакал сунѓерот во три-четири кандила и однесол некоја полока зејтин!
Ја опнале тавата, ги напржиле рибите, но им притребал леб, а потоа им се присакало и винце.
My порачале на анџијата и едното и другото и убаво се накркале.
Кога дошол калфата да му платат, тие почнале да се прегрнуваат и да се препираат кој да плати.
Најпосле Пејо му рекол на калфичето:
– Знаеш, што, малечок.
Ние сме добри пријатели и другари.
Подобри дури и од браќа, та не можеме да се погодиме кој да плати.
Ами ајде ти да ни помогнеш.
Ќе ти ги врземе очите со шамијава и кого ќе го фатиш тој ќе плати.
Калфичето се согласило, му ги врзале очите и почнало да ги бара по широката одаја, а Пејо и Насрадин во тоа време ја фатиле вратата и се изгубиле во градот.
Чекал, чекал анџијата да се врати калфата со парите и кога видел дека го нема, отишол дома да види што станува.
Кога влегол во одајата, детето го слушнало по стапките и му се фрлило, викајќи силно:
„Е, не мрдај, ти ќе ја платиш сметката”.
– Јас ќе ја платам, ами кој друг, уште кога ти ги врзале очите – му одговорил анџијата и ја одврзал шамијата од детето, смеејќи се слатко на остроуми-ето од двајцата светски лажговци.
Booking.com