Како сите ергени, така и Итар Пејо решил да се ожени макар и во позрела возраст (30 години). Нашол убава мома, мариовка (се разбира), која имала двајца браќа.
Кога дошло време да ја доведат невестата, Пејо им нарачал на шуревите:
„Невестата да ми ја доведете ни гола ни облечена, a од мираз, ни малку ни многу”.
Почнале да се чудат браќата, што ќе биде оваа порака од зетот, но најпосле се присетиле и ја облекле сестра си во пезивол (мрежа за ловење риби), та така првиот услов од зетот го исполниле, бидејќи навистина невестата изгледала ни гола, ни облечена.
А како мираз и заврзале во едно шамиче еден гулаб.
Кога ја довеле невестата така облечена, Пејо се насмевнал и ја завртел главата во знак на чудење што ја погодиле шуревите му неговата прва мисла, па веднаш ја прашал што мираз му носи. Таа му го подала со десната рака шамичето и Пејо, мислејќи дека се лири или франги, бргу-бргу ги одврзал.
Но штом го одврзал гулабот, овој летнал во облаците, а Пејо си ја поткасал долната дебела муцка и си рекол за себе:
„Аха, и овие не биле за фрлање!
Ке си имам расправија со нив понатака”.
И почнал да се готви да се надлажува, да се надмудрува па и да се наткрадува со шуреви си.
Кога дошло време Пејо да си оди со невестата на првиче кај шуреви си, нашол едни рогови од голем јарец и ги врзал со едно ортомче, а ортомчето засамарот од маската на која јавал, и така ги однесол роговите кај шуреви си, и уште оддалеку им се пофалил како им носи подарок голем јарец.
Но кога отрчале шуреви му да го одврзат јарецот, ги нашле само роговите
.- Лесна работа! – почна да ги теши Пејо.
– Нели се тука роговите, јарецот мора да си дојде по нив.
И таман се успале сите во куќата, Пејо станал и го украл од нивниот булук најголемиот јарец и го врзал за ортомчето, фрлајќи ги роговите на буништето да ги глодаат пците.
И кога се разбудиле изутрината шуреви му, што да видат.
Навистина си дошол ноќеска јарецот по роговите!
Се израдувале на големиот „подарок”, си го заклале јарецот и се нагостиле сите првичари од Пејовиот „подарок”.
Се свршило првичето, си отишол Пејо со невестата. го испратиле шуреви му со пиење, со јадење, и отишле кај овците да си ја бркаат овчарската работа.
Кога го побарале најголемиот јарец – го нема.
„Бре, што се стори јарецот, бре кој го украде, волкот ли го изеде?” – се жалеле луѓето, но најпосле се досетиле дека таа работа Пејо им ја направил.
„Тој го има украдено и никој друг”, си заклучија двајцата браќа и почнаа да мислат како да му се одмаздат.
И како што е редот, и Пејо ги покани шуреви си на првиче, и, за да ги пречека и да ги нагости што поубаво, закла едно теле и го обеси на горната греда во куќата.
Дојдоа шуревите, се поздравија, седнаа на трпезата, но Пејо сети дека сега пак тие му кројат некоја подмама или кражба, та не ги пушти од око да мрднат, ни да си проговорат нешто сомнително меѓу себе.
Арно ама, нели е пусти домаќин, му се наложи да стане, да донесе борина, нешто за пиење, за јадење, да и помогне на жена си.
И кога стана да излезе и стори ишарет на жена си да слуша што ќе зборуваат или што ќе прават браќа и.
И таман тој излезе низ вратата, помладиот брат се опули во телето и му вели на постариот.
– Облачно било тука, бацко.
– Ќе се изјасни ноќеска – му одговори постариот и почнаа да си јадат и да си пијат како првичари.
Кога си легнаа вечерта, Пејо ја праша жена си што зборуваа браќа и дури тој шеткаше надвор.
Таа не знаеше да му каже ништо друго, освен што го рекоа дека било облачно и дека ноќеска ќе се изјаснело.
– Ах, жено, ќе го украдат ноќеска браќа ти телето – се притапка Пејо погодувајќи ги мислите на шуреви си.
– Mope, како ќе го украдат кога и така за нив го заклавме – почна да го теши жената.
Уште разговараа вака, нешто тропна на врата.
Пејо рипна од постелата и и вели на жената.
– Станувај жено, го зедоа браќа ти телето.
И дури станаа, дури Пејо излезе, браќата веќе излегуваа низ портата со телето на рамо.
Бидејќи навистина телето беше тешко, тие се договорија едниот да го носи, а другиот да трча празен напред за да го земе одморен и да бега да не ги настигне Пејо.
Арно ама и на Пеја му текнало што мислат, та на превар некако излегол пред нив и го видел тој празниот како трча напред.
Го пропуштил него да помине, а кога дошол тој со месото му се приближил во темницата и му шепнал:
– Дај да го поносам јас, а ти трчај напред да се поодмориш.
Овој, мислејќи дека брат му е празен, му го дал на Пеја телето и се загнал колку што може и не може да трча.
Кога излегол на неколку стотини метри го нашол брата си и овој го прашал:
– Камо го, брату, телето?
– Ах, пезевенк Пејо, ни го зеде телето – си рекоа браќата и со трчанка, сега пак тие по кусиот пат, го преварија Пеја, и како беше прала Пејовица дента, најдоа во дворот една нејзина кошула, и набрзина едниот се преслече во неа, се преправи во Пејовица и седна на прагот да го чека Пеја.
И навистина Пејо си дојде со телето на рамо сиот испотен, штом го виде „Пејовица” почна да плаче и да тажи:
– Mope, пусто да остане телето, ги удави сите говеда и волови.
Кај беше, браќа ми ги собраа сите од говедарникот.
Пејо го бапна телето пред „неа” и отрча право во говедарникот.
Кога погледна, сите говеда кај си лежат и кај си преживаат, трчанка си дојде дома и ја најде жена си каде лежи во постелата.
– Камо го, мори жено, телето? – ја праша со остар глас.
– Какво теле, бре мажу?
Од каде од мене го бараш, кога го украдоа браќа ми?
– Ама нели преѓеска ти го оставив, мори утко, кога ми рече на прагот дека ги отерале говедата -почна да ја кара Пејо
.Таа му објасни дека ни станала, ни излегла ноќеска од дома откако отрча тој по телето. Пејо разбра дека и тука шуреви му го надмудрија.He губејќи ни минута, се истрча пак напред, ги престигна пак, се соблече гол, застана насред пат поткачен на еден камен, ја крена едната нога назад, ја направи опашка, a со рацете направи рогови и се здрви на местото.
И се зададоа шуреви му со телето.
Кога го видоа „ѓаволот” насред пат го бапнаа телето од земја и си рекоа за себе:
– Бегај брату, да бегаме и ѓаволот на Пеја му помага!
Така Пејо си го зеде теленцето и си го однесе дома, та сами со Пејовица си го искркаа, бидејќи шуреви му од срам не се вратија да го продолжат првичето.
Booking.com