Спечалил Пејо некое време и маска и со гордост тргнал и тој на пазар со жито како Мариовците чорбаџии.
Арно ама, и маската како стопанот – била улавка. Клоцала, касала, а најголемата маана и била таа, како на сите маски, што не се водела.
Ја дотерал некако Пејо до некаде и ја фатил за огламникот да ја води.
Но таа толку се тегнела што просто морал да ја влечка по него.
My се здодеало и почнал на глас да ја колне:
– Муууууц, волкот да те изеде, да рече господ златен да се потурчиш.
Влечкал така, колнел, но назад од гордост не се завртувал.
Кога навртел долу во полето, го настигнале некакви Турци и незабележливо му се приближиле одзади.
А Пејо се си вика: „Муууууц, волкот да те изеде, да рече господ Турчин да се сториш”.
Го слушнале Турците и полека – полека ја изоглавил еден маската, а другите ја отерале на друга страна сосе жито.
Турчинот што ја изоглавил маската, си го наврел огламникот на вратот, и откако видел дека маската ја отераа другарите, почнал толку да затегнува назад, што Пејо морал да се сврти.
И кога погледнал – што да види.
Неговата маска навистина се претворила во Турчин.
Застанал како скаменет, се завртел спроти сонце, ја симнал својата „валаница”, се прекрстил и си рекол:
„Ех, сполај ми ти, бре боженце, зашто ми ја слушна молитвата да можам и на Турчин да појавам”, и му се завртел на Турчинот да го јавне.
Овој почнал да се брани, но Пејо го притенал со огламникот, го репнал по ребра со ластегарката, го изгазил убаво – убаво и го скротил.
A овој видел дека лесно може и главата да ја изгуби, та застанал, а Пејо го јавнал по сите мариовски правила на јавањето.
Го потерал и право во Прилеп.Кога влегол в град јаваница на Турчин, целиот град тргнал по него, а тој го дупи во вратот со ластегарката и вика:
„Муууц, мууц, волкот да те истури”.
Јавајќи вака низ чаршија, го забележале неколку заптии, го симнале од „маската” и го собрале да го тераат кај кадијата.
Но Пејо цврсто го држи огламникот да не му побегне „маската”.
Излезе пред „честитиот кадија” и Пејо искрено му раскажал како ја колнел маската и како господ му ја слушнал молитвата, та рече дека „таа е господова работа” и што е тој тука крив што го послушал господ и што јава на Турчин.
Кадијата го слушнал и Турчинот на кој начин станал Пејова „маска” и пресудил да му се врати на Пеја маската сосе жито и да му платат една лира денгуба што го задржале од работата.
Ако не, Турчинот да остане Пејова „маска”.
Booking.com