Една година излегол владиката од Битола и тргнал по мариовските села на таканаречената „Канонска визитација”
т. е. да га посети верните, да ги распраша како поминуваат со агите, а што е најглавно да го собере „Владичкиот бир” и бакшишите што ќе му ги дадат селаните како на владика. И давале, лебами, тогаш селаните на владиците, бидејќи тие биле претставители на рајата (милет баши) и само тие се почитувале од силната турска власт. Затоа и во очите на рајата биле^ големи и сесилни луѓе, та ретка била среќата да дојде владика в село, да му ги изнесат своите маки и невољи и да побараат заштита. А кога веќе се бара нешто, треба таа услуга да се плати. И ја плаќале со бакшиши, знаејќи ја онаа еврејска пословица: „Ако не дадеш — не земаш”.
Ете по таква случка дошол и битолскиот владика во Пејовото село и кондисал, се разбира, кај најбогатиот домаќин. Кондисал и уште по здравоживо, го започнал вообичаениот разговор:
— Е, како сте, Петко, како поминувате со агите? Be газат ли многу?
— Сполајбогу, дедо владика, сполајбогу со толку. Агите и не газат, и толку не; непара допираат тие кај нас по Мариово. Туку ние меѓу себе се глочкаме и поналачкуваме. Ќе слушнеш давии, тужби нели дојде да не видиш и чуеш, — му одговорил домаќинот.
— Зошто пак вие христијаните да се глочкате и лачкате?
— Неоти за нешто! Ете така. Еден едно рекол — друг, друго, и нашите Мариовци, како што ги знаеш, веднаш за пиштоли. Кавги за ништо.
Штотуку го започнале разговорот владиката и домаќинот, се појавил на врата Итар Пејо, и како што бил тогаш адетот, уште од срет куќи почнал да прави метании и да оди кај владиката со скрстени раце за да го добие неговиот благослов. Кога му се приближил сосема близу побарал да го благослови:
— Благослови, свети владико, — го поздравил Пејо и му бацил рака.
— Да си благословен, синко, — го благословил владиката и направил крс со десната рака над Пејовата глава, па се обратил кон домаќинот:
— Кој е овој јунак прв што дојде по благослов?
— Тој е нашииот Итроманец Пејо; сигурно си слушнал за него, свети владика, — му одговорил домаќинот Петко.
— Аха! — се позачудил владиката. — Слушнав нешто, ама не многу арно. Сега ќе видиме нели дојдов, — па му се обрнал на Пеја:
— Кажи, Пејо, што има, што нема по Мариово? Ти ги шеташ, галиба, сите села колку сум слушнал …
— Што да правам друго, свети владико; прошеткувам, ама не можам да ти се пофалам за нашите мариовци. Учи, учи — тиква бучи. Будали ќе си умрат.
Ете, некни дошол еден Евреин од Битола и им влегол в крчма и почнал да ги лаже и да тера шега со нив, а преку нив и со нашата вера. Влегов и јас и го слушнав чифутинот каде вика: „Христијани ли сте вие? „Христијани сме”, рековме сите ние.
„Е, ако сте христијани, го знаете ли вашето евангелие?” не праша.
„Како да не го знаеме”, одговоривме ние.
„А знаете ли вие дека во него пишува: ако те удри некој во левиот образ — заврти му го и десниот?
„Така пишува”, рековме пак сите.
А тој, ни пет, ни шест, почна да им удира по една шлаканица на луѓето по двата образа. Дојде редот и до мене. Ама кога замавна да ме удри, јас му ја фатив раката и му реков: „Чекај, чиво, ти не си го проучил убаво нашето евангелие. На другиот лист пишува: „Со каква мера мерите — со таква ќе ви се врати”. И му удрив десетина шлаканици за оние што им ги удри тој на селаните. Дали е тоа христијански, и дали арно направив — ти сега пресуди.
— Така пишува, Пејо, така. Арно си направил; да си благослсвен што си ја заштитил нашата вера.
Друго нешто да се пофалиш, да се поплачеш? — пак го прашал владиката:
— За плачење, да ти се поплачам, а колку за фалење, не можам со ништо.
— Од кого ќе ми се поплачеш? И тебе те има некој надмудрено?
— А бре, за надмудрување, не им се давам, туку ашиќере ме навредуваат:
Еве да ти кажам што направи еден наш чорбаџија со мене, па ти пресуди што џеза заслужува.
— Да чујам, Пејо! — му рекол владиката и зачекал.
— Си седев јас во дворот мој; си буцкав нешто наведен. Опинци си правев. Дојдоа три четворица мои селани, и, ни добро утро не рекоа; како што си бев наведен, ми удри едниот една по врат, та дури јазикот си го прекасав. Кажи ми сега ти: што да му правам?
Владиците секогаш со нив воделе и по некој поп за придружба, та и овој владика водел еден, којшто за сето време дури владиката водел разговор со домаќинот и Пеја седел крај огништето и со машата ја мешал пепелта, слушајќи го разговорот внимателно. Кога Пејо го прашал владиката што да му прави на селанецот што му удрил шлаканица зад тил, попот се опулил во Пеја и кусо му одговорил место владиката:
— Се нашакувал, сигурно. Но ќе му рече дедо владика да ти даде една ока вино за шлаканицата и тоа за тоа да биде; да не се карате, — рекол и пак се наведнал да буричка со машата во пепелта.
Пејо го свртел погледот од владиката во попот и, гледајќи го така убаво наведнат, му се приближил одзади и му удрил по врат една убава затилница, зборувајќи му:
— Нели е така право, нека ти го даде тебе виното чорбаџи Стеван; Јас немам веќе што да барам од него. Тебе ти го пренесувам тоа право, и со трчанка си излегол низ врата.
Владиката се вџасил кога видел што направил Пејо, па ги запрашал Петка и попот:
— Што направи овој пезевенк?
— Ти реков јас, свети владико, — почнал да му објаснува домаќинот, — такви сме ние мариовците, нарогливи. А овој Пејо пак, господ да те чува е. Нема ден, недела да не се скара, да не се степа со некого. Сите пиштат од него. Ти реков ќе слушнеш …
Во тоа време вратата тропнала и Петко станал да отвори. Пред вратата се наредиле девет души селани и почнале на Петка да му даваат секој по една ваганка: маст, сирење, урда, мед и други подароци за владиката, молејќи да ги пушти да влезат кај него. Петко ги прибрал ваганките и ги пуштил селаните. Направиле и тие метании како Пеја и почнале со разговорот, поправо со поплаките против Пеја.
— Е, што има, што нема, браќа? Како сте, како поминувате в село? Да не имате некоја мака од некого да се пожалите? — ги прашал владиката.
— Се арно, се мирно, свети владико! Ама од еден човек, не само нашето село, ами цело Мариово дерман немаме. Сите пропиштевме од него. Ем ништо човек е да го видиш, ама батакчија. Нема човек на кого не му напакостил. Ако ништо друго, сите не пцуе на сета уста, — му се поплакал еден од селани¬те, а другите потврдиле со манкање на главите и: — Така е, свети владико!
— Кој е тој толку едепц’з? — прашал владиката.
— Пејо го викаме, свети владико.
— Пејо Итроманецот?
— Тој, тој, свети владико, — во еден глас потврдиле селаните.
— Е, како тој? Што може да ви прави тој на сите вас?
— Еве јас да ти раскажам, — почнал еден од селаните — што ни направи нам летоска.
Сите ние девет души отидовме на Црна да ловиме риби. Фрламе, ловиме што ловиме и околу ужина си тргнавме кон село. Арно ама, кога се преброивме, место девет, испадна дека се враќаме осум души. Се загајливме и си рековме сигурно еден се има удавено во реката. Ама не знаевме кој е.
„Колкумина кинисавте?” праша пак тој.
„Деветмина кинисавме, а осум се враќаме”, му реков јас.
Што направи, како направи, не изгледа сите, прозбори нешто, слезе од магарето и ни вели:
„Сега ќе провериме; ќе ви кажам еден марифет кој се удавил и дали се удавил, ама ќе ми ги дадете половината риби што ги наловивте денеска”.
„Море кој ти гледа риби, туку кажувај”, му велиме и му ги дадовме повеќе од поло¬вината. А тој ни рече: „Ајде сега сите легните на песоква и да направите по една дупка со носот”. Ние, и не помислувајќи што ќе не најде, се спруживме и ги закачивме носевите во врелата песок. Направивме дупки, ама и носевите ги излупивме. He изгоре песокта. Кога се исправивме пак по негова заповед, ги изброивме дупките — излегоа токму девет.
„Ете”, ни рече тој Пејо, магарето да го опее. „Ете оти ниеден не се удавил, ами вие сте ги броиле другите, а тој што броел самиот не се броел, затоа осум излегувале”. И си го јавна магарето, крши вратот со половината наша мака. А ние си дојдовме дома со црвени носеви. Цели шест недели што се ложивме со расол; ќе ни окапеа за големо чудо; толку што беше не изгорела песокта.
Владиката се насмевнал подскришум и им рекол:
— Лошо ве насамарил, џанум.
— Лошо, ами арно? Уште малку сите ќе останеме без носеви, — одговорил еден од селаните.
Тукушто довршиле селаните со поплаката, влегол домаќинот и му јавил на владиката дека четири жени сакаат да влезат кај него.
Владиката им рекол на селаните:
— Ајде излезете сега вие и почекајте во дворот да слушнам што ќе кажат жените па после ќе му судиме на Пеја.
Селаните тивко излегле, а жените една по една влегле и почнале и тие да прават метании. Откако му бакнале рака на владиката, застанале на истото место каде што стоеле селаните пред малку. Владиката и нив ги прашал:
— Е, што има, мори ќерки?
— Еве што има, свети владико, — почнала една од жените, — тој Пејо Итроманецот што го викаме, ни ги кремниса мажите. Дојдовме да го тужиме …
— Е како ви ги кремниса мажите? — ги запрашал зачудено владиката.
— Така ги кремниса, — одговорила една од жените. — Излегле на ридот Будимеш. Одеа на пазар. Кога погледнале надолу од карпата виделе дека целата падина белее. Го прашале, сиромаси, Пеја што ќе биде тоа бело во падината, а тој песот крастав, беше им рекол: „Не сте слепи оти падината е полна со памук! Бргу збирајте го да не ве преварат граѓаните да го соберат”. И тие зачас беа нарипале од кичерот во маглата и беа се кремнисале до еден. Си останавме без домаќини од него. Сакаме да го накажеш за смртта нивна.
— Господ ќе му плати, ќерки, господ! A и јас ќе го накажам што можам построго. Ајде одете си; гледајте си ги децата, — им одговорил владиката и пак потскрганум се насмевнал, слушајќи и за оваа глупост на селаните.
Жените со тешки воздишки си излегле низ врата, на којашто веднаш се појавил друг селакец — Митре со грне маст во раката.
Домаќинот Петко веднаш го пречекал Митрета, му го зел грнето и го однесол кај другите подароци што му гн носеле на владиката, а Митре веќе почнал да прави метании пред владиката, му бакнал рака и пола и си отишол и тој на другиот кат каде што стоеле сите што си иделе кај владиката. До него застанал и домаќинот Петко да слуша и да му се најде на владиката ако му притреба нешто. И владиката почнал разговор и со Митрета како со сите пред него:
— Што дојде, бре чедо на Ристоса? Некоја мака те дотера, или така да се видиме?
— Слушнав дека си дошол. свети владико, — му одговорил Митре, — да ни чуеш маките и невољите, та дојдов и јас да си ја кажам мојата.
— Ајде и тебе да те чујам! Сигурно од Пеја ќе ми се поплачеш .. .
— Од него, од кого друг …
— Е, што ти направи тебе пак?
— Од дрво нога да си направе, сиракот, — му одгозорил Митре и почнал да му раскажува: — Еве што: Си ја заглави едно мое теле главата во плетот меѓу колјето и никако не можев да му ја извадам. Се собравме сите селани и се мачевме цел ден; не излегува главата, па не излегува … Го викнавме најпосле и него, ѓоамити поучен од нас, пошетан, да ни даде некој ум, ама тој, ни пет, ни шес, го извади, ножот, па му ја пресече главата на телето, ми ја фрли мене, а теленцето си го крена на рамо и си го однесе дома.
„За заметот”, рече, „што му ја откачив главата од плетот”. Еве што ми направи; ми го расипа ѕевгарот и го изеде, срчка да го јаде. Јас го чекав теленцето да ми порасне да си го спрегнам, а тој едепц’з ме остави без ѕевгарче; ќе ми трпат дечињата цел век, — завршил Митре со поплаката.
Владиката и на оваа приказна се насмевнал и го испратил и Митрета да си оди:
— Оди ми си, оди ми си, синко! Ќе ја видам и твојата работа, — му рекол и го натерал домаќинот Петка да види има ли уште некој да чека надвор за кај него. Петко и Митре излегле, а владиката му се обрнал на својот придружник попот:
— Ама ги самарил тој Пејо овие простации! Но си имал и право…
За сето тоа време Пејо неколкупати што ја појавувал главата на вратата и, речиси, сите разговори ги слушал однадвор, та разбрал кој зошто го тужи кај владиката и што му одговара тој, потајно вртејќи ја главата во знак на закана.
Влегол Петко пак му јавил на владиката дека и татко му на Пеја дошол и сака да влезе кај него, и тој да се поплаче нешто на Пеја.
— Бреј, бреееј! Ама едепц’з бил тој Пејо, бре! — се зачудил владиката. Дури владиката се чудел влегол Пејо без тропање и му застанал мирно зад попот.
На вратата се појавил татко му на Пеја, старец со бела брада и коса и уште од врата почнал да вика колку што може и не може:
— Добро вечер, свети владикоооо! Владиката уште посилно: — Дал ти бог
добро, старчееее!
— Добре ни дојде во селово, свети владикоооо!
— Добре ве најдов, старчееее! Повели, повели . ..
Старецот отишол до владиката и му бакнал рака како сите пред него.
— Благослови, свети владикоооо!
— Да си благословен старче, да си благословен. Повели седни тука до мене да ми кажеш што се домачиииии, — викнал и владиката колку што можел.
Старецот седнал до владиката, а Петко и Пејо држејќи се за стомак да не прснат во смеа излегле надвор да слушаат што ќе биде понатаму.
—Ами да ти кажам кога ме прашаш. Дојдов и јас да ти се поплачам од сина ми. Овој Пејо, — погледнал каде што стоеше Пејо — ми е син, ама непара ме слуша, та дојдов да те замолам да го поискараш, да го поучиш ако можеш ти, та нас не не слуша… — викал старецот.
— А што не те слуша! бре старчееее!
— Ами што не ме слуша! He ме слуша, не работи, не се врти дома. Се соортачил со оној Насрадин — оџата од Прилеп и само скитаат од село в село. Ја напушти куќата, а децата ми ги натовари мене на вратот да му ги хранам јас на стари години. Јас не можам за мене да извадам леб, не пак да му хранам нему пет деца.
— Ќе го поучам, старче, ќе го поучам, туку … каде отиде? Сега тука беше.
— Избега да не ја слуша давијата моја …
— Ќе го викнам јас и ќе го поискарам, не бери гајле ти. Туку … да те прашам: одамна ли си глув, старчееееј? — викнал силно владиката.
— Ами јас не сум глув, свети владико, туку ти одамна ли си глув? — уште посилно го прашал старецот владиката.
Тогаш владиката го спуштил гласот на обичен разговор и почнал да се разговара со старецот тивко:
— А бре ни јас не сум глув, туку на душа да не има Пејо твој^ обајцата; си ги искинавме гркланите викајќи. Е, е, разбрав што пезевенк бил Пејо твој. Ајде, оди ми си и гледај ги внучињата, та од него не чекај никаква помош. Кога не го научил господ, та ќе го научам јас …
Е, седи ми со здравје, дедо владика и проштавај … — му бакнал пак рака и си излегол како сите пред него. Владиката станал и го испратил:
— Ај ми со здравје, старче, ајде, простено — благословено, — и се вратил на своето место и му се обрнал на попот;
— Виде што пезевенк бил тој Пејо? Имав слушано за неговите шеретлаци, ама дотука не верував. Виде и мене како ме насади?
— Mope, тебе само те насади, ама мене и ми ја залепи убаво; уште кај ми жежит вратот, туку .. .
— Туку, што туку? Што можеме да му направиме, сакаш да кажеш? Ама, донекаде и си има право човекот. Co будали луѓе има работа и сака преку неговите шеретлаци да ги вразуми, ама . ..
— Ама, не ама, јас окркав заттилница, ти си го искина гркланот викајќи, тоа ти е ама…
— Ајде тогаш викни го ако е надвор да го поискарам и да слушаме како ќе се брани од тужбиве . ..
— Да го викнам, ама варди да не не насамари пак со нешто, — му одговорил попот и станал, та излегол да го викне Пеја. Ш малку време се вратил со Пеја заедно. Пејо пак направил метании и како кабаетлија застанал пред владиката со скрстени раце:
— Повели, свети владико! — му се обрнал смирено.
— Што ти требаше ова со стариот и со мене што го направи? — го прашал луто владиката.
— Ги слушав сите тужби што ти ги напцалаа селаните против мене, та дојде и тој да ме тужи, па реков никому да не останам должен… — му одговорил Пејо со наведена глава.
— А што бев пак јас тука крив, та и мене што ме насади да викам?
— Проштевај, дедо владика, ама со тоа сакав да ти кажам да не приставаш по нивните умишта, оти ќе се посрамотиш и ти покрај нив. He гледаш ли колку се прости и глупи? A јас со моите шеретлаци сакам да ги поправам. Ако има во тоа грешка, еве ја главава моја. Овде е танко (се фатил за гуша) земи го ножот, заколи ме …
— Прав е донекаде, ама во нешто и претерува, — се замешал и попот во разговорот.
— Е, што велиш ти, попче, — му се обрнал Пејо на попот кога го слушнал, — прав ли бев што ти го пренесов виното да го земеш ти од чорбаџи Стевана?
— За тоа беше прав, — му одговорил кусо попот.
— За се сум прав, попче, за се. Јас никого и никогаш за бадијала не задевам ниту нааредувам. A КОЈ ќе ме задене или навреди, е, лебами, должен не му останувам, па ако сакате и обесете ме.
Еве да ви кажам и нешто ново, сега овој момент што забележав, па пресудите дали сум прав или крив. Домаќинката ондека сучи кора за зелник. Владика чека, не е шака. Ама кога ја видов немиена раце да буричка во тестото цревата зовреа во мене. А оти мачката лижеше од масата и петелот колваше од тиквата што ја тури во зелникот, таа не го смета тоа за лошо или грев и срам. И ајде сега вие јадете од тој зелник. Ама вие не видовте и ќе му се накркате. Што велите на ова? Треба ли да молчам кога гледам такви и други слични работи?
Владиката и попот почнале да се мрштат; владиката дури и потплукнал одошто се изгнасил, па му рекол на Пеја:
— Да си жив, Пејо, што ми го кажа ова. Се ти е простено од моја страна само за овие два збора. Ќе седиш за вечера овдека, да ја посрамиме домаќинката обајцата; да земе малку ум …
— Ќe седам, дедо владика, ама да не ме тераш да јадам од зелникот.
— Неоти пак јас ќе јадам! — му одговориле и двајцата со попот, а овој почнал да тресе пазува и да плука, зборувајќи му на Пеја:
— Боже пази! Да умрам гладен и в уста не клавам залак …
Пејо се позавртел настрана и незабележено се насмевнал, па им одговорил на двајцата:
— Вие си знаете! Моја должност беше да ви кажам, та . . .
Во тоа време Петко влегол со ѓумот в раце.
— Да се замиете малку раце, дедо владика, да сториме адет, да повечераме што дал господ леб и сол, па после пак ќе поразговараме. Еве го и Пејо нека остане, ќе ни каже нешто ново што видел и чул по другите наши села.
Владиката се замил раце, но му потфрлил на домаќинот:
— Да повечераме, чорбаџи Петко, туку непара сум гладен — и се понамрштил малку, сеќавајќи се на зелникот.
Петко му турил вода на рацете и на попот, па и на Пеја. Ги оставил ѓумот и легенот во ќошот и ги прибрал столчињата за седнување. Во тоа време веќе и домаќинката влегла со тепсијата зелник. Ја поставила софрата пред владиката и ги поканила со вообичаените зборови:
— Добре дојде, дедо владика!
— Добре најдов, ќерко добре најдов. Што си се мачила да сучиш зелник? Јас непара јадам жешко, та, — му се обрнал на домаќинот — белким имаш, домаќине, расол? Ќе се напијам некоја чаша и друга расолница и ќе си легнам. Некако навечер не ми се ни јаде …
— И за мене, Петко, и за мене пушти троа расолница. И јас навечер слабо јадам, — му викнал и попот на домаќинот Петка.
— Како сум немал расолница, џанум? — им одговорил Петко и веднаш рипнал и излегол, та донесол едно грне. My го подал прво на владиката. Овој го накренал и се изнапил убаво, викајќи: — О, хо, хо! Што убава расолница си имал Петко! — па му го подал грнето на попот којшто исто така почнал да ја фали откако и тој се напил добро:
— Убава, машала, убава, како ракија чиста.
Пејо веднаш му упаднал на попот:
— Mope таа беше уште поубава, попче, туку пропаднале дниве дватри стаорциглувци во кацата, та зела некаква pea. А што расолница беше таа … Пиев јас понапред од неа; ја знам мошне арно.
Кога го слушнал попот Пеја, веднаш го удрил грнето одземи и плукнал, а Пејо вџасено му подвикнал:
— А бре што направи, попе, од дрво нога да си направиш; зошто го скрши грнето; во што ќе му мократ ноќе децата на Петка?
Кога го слушнале Пеја, рипнале обајцата, фаќајќи се за глава и плукајќи избегале низ врата.
Пејо прснал да се смее, па му се обрнал на домаќинот Петка, којшто почнал да се чуди заедно со жената:
— Видовте како ни го оставија зелничево? Бујрум те сега сами да му се накркаме, без владика. Јас ќе го благословам. Пезевенци ниедни! Зашетале по селата како питачи да се гоштаваат со зелници, мазници, кокошки и алви, како ние селаните не можеме да јадеме. Повелете, повелете. .. Го прекрстил зелникот трипати накрст и си запукал да си јаде.
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com