Itar Pejo – МАЛО НЕДОРАЗБИРАЊЕ – Итар Пејо, смешки и шеги

Booking.com

Се облече нашиот Пејо во војнички алишта и стана војник од глава до пети.

Mope нови цокули, нови увијачи, чакшири, блуза та дури и нова капа — шајкача му дадоа. Протера со неа малку вицови со своите мариовци, ја шири, ја стеснува де однадвор де одвнатре и најпосле ја кладе на глава скоро на десното уше. Ја удри капата на страна, значи. Се поприбра, од вчерашната. тревога. Нема чаре, ќе се војува. Интересите на кралството, на татковината се поголеми од Пејовите и тој се покори на таа виша сила.

 itar-pejo-mariovo

Тешко му беше во првите часови што се оддели од своите свински опинци, белите волнени гаќи, широката мариовска кошула, црното ќурдивче и убавото арнаутско кече, во кои алишта изгледаше како шарена страчка! но од друга страна војничките алишта му се видоа попрактични со затегнатите чакшири и блуза. Особено му се бендиса бојата како земја, та не ќе се познаваат валканиците на нив како што би се познавале на белите мариовски алишта.

Дотеран така почувствува и гордост. Оти тој Пејо Јовановиќ — Итроманецот е еден од бранителите, заштитниците на новата царштина — кралштина, на татковината. Се успокои, дури се окуражи и почна да ги теши другите мариовци што се вртеа цел ден во новата војничка облека и истурија по еден кош пцости, по два коша клетви и по цел леген солзи, гледајќи се така „срамно” облечени во ѓупска облека. Облеката без широка кошула и бели гаќи мариовците ја сметаа за „ѓупска”.

— Каква таква ќе се носи, браќа! — им рече Пејо и почна да маршира пред нив удирајќи цврсто со новите цокули, чувствувајќи се некако како сопнат со букагии. Цокулите беа многу тешки според свинските опинци, та на Пеја му се чинеше оти букагии му турија на нозете. Но потрча неколку пати низ дворот од казармите и му се пуштија нозете, та сега почна да маршира пред своите мариовци и да се покаже дека не е баш сосема „ќутук” како нив. Ете знае дури и да кумандува. Вика: „Мирно!”   и се здрвува на местото како пењушка. „На лево”! Се врти на лево, на десно. „Одом марш!” Удира со цокулите и трга. Co цврст чекор та „земјата се тресе под него”.

„Мајката, откај знае овој Пејо толку талим?” — се прашаа другите мариовци, кои ќе треба да учат допрва која е лева, а која десна страна.

Откај знае— знае, ама ете знае и не ќе јаде шлаканици и клоци од капларите, поднаредниците и наредниците. Арно ама во војската не беше било потребно многу знаење. Пејо уште првата вечер по облекувањето тоа го разбра и го прегрна незнаењето и будалштилакот.

Си отиде денот и денеска и трубата засвире збор. Пејо веднаш ги опомена своите мариовци оти буријата за нив свири, а во исто време почнаа и капларите да викаат: „Ајде сви на окупу, сви, сви, сви!”

Кога ги слушнаа овие зборови мариовците почнаа да се гледаат некако загрижено меѓу себе, а еден им проговори: „Мајката зошто ќе не свијат и на куп ќе не клаваат? Како се виел човек и еден врз друг се клавале на куп?” Но тука беше нашиот Пејо и им објасни дека никакви свиткувања нема да им прават и на никаков куп нема да ги прават еден врз друг, ами викаат капларите да се соберат сите на едно место. И беше имал право. Правилно им ги преведе српските зборови на мариовците и овие се собраа во сред двор. Капларите ги наредија редица по двајца. Им покажаа како да се вртат на лево, на десно мли кругом и пробаа еднаш двапати, но тие се измешаа едни лево други десно, но за првпат капларите и наредникот само се изнасмеаја без да ги применат војничките понравгшши средства. Ги наредија две редици со очите кон нив — кон капларите, а наредникот им одржа говор за значењето на молитвата која сега еден од капларите ќе ја прочита. Потоа праша дали го знае некој од нив „оче наш”. Пејо Јовановиќ, како највисок од сите, беше на чело на четата и внимателно слушаше, та веднаш извика: „Аз, господин наредниче”. Наредникот го погледна намуртено, но пак кротко му рече:

„Не каже се аз, него ја, војниче. Аз кажу Бугари, а ми смо овде Срби. — „Така нека биде” си помисли Пејо, прашајќи се во себе: „Кого да го слуша човекот? Даскалот Бино триесет години викаше в село оти сме Бугари, овој вечерва дојде и не направи Срби. Џенем нека фатат сите, туку јас да си се поднаредам поблиску до капларите и наредниците и да гледам како повеќе кркало има”.

Во тој момент наредникот силно командува: „Мирно”! Капларите околу него се здрвија, а и нашиот Пејо ги удри топуците од неговите цокули и ги исфрли градите напред. Истото го направија другите мариовци и четата замрзна по сите војнички правила на став мирно. Така се договорија денеска, што ќе прави Пејо, да прават сите. И еве направија. Застанаа сите мирно и чекаат команда за понатаму. А сите гледаат во Пеја.

И не помина ни минута а наредникот пак извика со уште посилен глас: „Капе скини”!

Многу убаво ја слушнаа командата сите и ја „разбраа како што треба”. И Пејо ја разбра и како молња ја симна капата од глава и уште побрзо ја оптегна за „ушите” колку што можеше. Оваа дртна во неговите раце и се располови на две парчиња. Во тој миг во целата редица се слушна „дрт, дрт, дрт” и сите капи се располовија. Ги искинаа сите на две од првиот војник — Пеја до последниот.

Наредникот занеме, се вчудовиде. Кога се поприбра почна да се дере:

—           А што поцепасте, бре, нове новцате шајкаче, мајку вам вашу мангупску? и му отиде прво на Пеја:

—           А што поцепа, море, шајкачу, а? — му удри една жешка по десниот образ.

—           Ами ти нели така командува, господине наредниче! — почна да се правда кутри Пејо, ама наредникот му залепи и друга по левиот образ и му одговори:

—           Ја сам командовао да скинете капе, a не да их поцепате.

Пејо му објасни дека на наш јазик кинење се вика ова што го направија они вечерва, а за српското „скини” ние викаме „симни”. Се разбира некое време, се изнасмеа наредникот и им нареди утре да ги закрпат да не разбере командантот оти сите ќе ги избеси. И така направија да куртулат од бељата.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com