Го довел татко му Пеја во Прилеп на пазар да го главува момок.
Пејо бил уште малечок — детиште, на пет шеснаесет години, та освен за говедарче, за други потешки селски работи уште не бил дораснат. Затоа татко му почнал да вика низ пазариштето, водејќи го Пеја за рака:
— Момче за говедарче, луѓе, момче за краварче, кому му треба!
Поминал крај нив еден поп што имал две крави и подденал разговор со татка му на Пеја:
— Од каде си, побратиме?
— Од Мариово.
— Од кое село?
— Од Градешница.
— Како се вика момчево?
— Пејо.
Попот се присетил дека се зборува за некакво необично дете од Мариово и му се стори дека и тоа се викало Пејо, Итар Пејо, или Пејо Итроманецот, па му се обрнал на Пеја:
— Ти си, бре внучко, Итар Пејо, Пејо Итроманецот?
— Кога треба, сум Итар Пејо, кога треба сум Пејо Будалата, — му одговорил Пејо на попот.
— Ами, што велиш; да те главам да ги пасиш кравите, дали не ќе згрешам?
— И да ме главиш, ќе згрешиш и да не ме главиш, ќе згрешиш.
— Ќе можеш да пасиш две крави?
— Сами ќе пасат, дедо попе, сами. Нема јас да им клавам в уста.
„Ај копилјак ниеден”, си помислил попот. „Ќе го земам, ако за ништо друго, за мајтап. Ќе го задевам и ќе го терам се што има да ми одговара мене, да и одговара на попадијата. И така нема со кого да се насмеваме (попот немаше деца), нека прави глупости.
— Колку пари сакаш за детево, побратиме? — му се обрна попот на таткото од Пеја.
— Сто и педесет гроша до Митровден, триста до Ѓурѓовден.
— До Митровден, до Митровден. He ги држам кравите преку зимата, туку многу рече. Сто и педесет гроша за половина година, не ми се даваат.
— Ќе си ги пасиш сам кравите, попче, ако не ти се даваат! — му одговорил Пејо место татко му. — Знаеш што прилега поп — говедар? — почна малиот Пејо да го подигрува попот. — Ќе си ја земеш торбата со „алатите” (крстот, требникот, босилковата китка) ќе ги пугатиш кравите во некој прелог и ќе си седнеш на меѓата со говедарски стап крај тебе. И ќе вардиш да не влезат во некој бостан, царевка или градина. А дури тие ќе пасат во прелогот, ти, да не губиш време, ќе си ги читаш молитвите што ти требаат за утрешната литургија: „Благословен бог наш . . . а гледаш кравата ја наближила градината, та ќе треба да и подвикнеш: „Руса кавиииии! Волкот главата ќе ти ја јаде .. . Како да нема друго што да трескаш, да треснеш од него.*’ Таа ќе те слушне и ќе се врати, а ти ќе си продолжиш со молитвата . . . всегда, нинје и присно … „Прчулка кавиииии .. . кај кршиш нозе во царевката.. . и пак ќе си продолжиш.. . и во вјеки вјеков, амин!
И така, ем ќе си ги заштедиш сто и педесетте гроша што би ги дал за говедар, ем ќе си ја бркаш поповската работа. Co еден збор речено, море, ќе си бидеш, и поп и говедар.
„Е, за инает ќе го земам да видам каде ќе истера со неговите шеретлаци, — си рече попот во себе и пак го праша стариот:
— Кажи, де, кажи што цена му бараш на детево?
— Ти кажав, попче, сто и педесет гроша, ќе го храниш и ќе го обуваш, види му го аирот. Ќе ти врши работа, ако е малечок. Ќе треба да му кажеш како се молзат кравите, ако го тераш да ги молзи, зашто нема досега молзено.
— Сто и дваесет,.. . сто и триесет не е ли мунасип?
— Ни грош подолу, попче! — застана стариот на цената.
— Сто и педесет — сто и педесет, аирлија нека е саатот. Дај си ја раката и еве ти една бела меџидија капар. Детето да не го жалаш; ќе го гледам поарно од тебе.
Само напред да ни е зборот: ако направи некоја грешка, ти ќе ја платиш штетата.
— Јас да можам да плаќам, не го главувам, бре попче, ами ќе гледате двајцата да не направите никакви пакости. Кој ќе прави пакости — тој и ќе си ги плаќа, ќе момокува и на зима за истата руга.
— Така бидува, — рече попот и му ја даде белата меџидија на стариот, а овој му го „теслими” Пејка.
— На Митровден ќе си го земам, — му рече на попот, па му се обрна на Пеја:
— Слушај ги попот и попадијата ако сакаш и догодина да кркаш проскури и пржен грав, — и си отиде во своето Мариово.
Попот го поведе малиот Пејка со себе и почна уште патема да му крои нешто да го исмее, да го насамари, што се вели по селски.
— Слушај, Пејко! — почна попот, — Сега ќе си одиме дома и ќе ти ги теслимам кравите. Туку, со нив оди и едно лошо куче, та не правиш лошо да си земеш некое поздраво стапче; да не те нападне нешто во првото среќавање — дури да те запознае; да се браниш, да не те укаса.
Пејко, со влегувањето во поповиот двор зеде една суровица од дрвата, а попот го поведе кон авурот каде што беа затворени кравите. Ја отвори вратата и го предупреди Пеја:
— Варди, Пејко, песот!
Пејко ја стисна суровицата цврсто, но место некаков пес, пред него изникна телето од попот, та Пејко, онака подготвен да го дочека песот, му се исповрте со суровицата, го репна по тил и тоа се струполи наземи.
Попот се вџаши, потоа извикна:
— Што направи, бре копиле, го отепа телето!?
— Мене ми се стори дека песот ме нападна, дедо попе; што сум крив јас, — почна да се правда Пејо.
А попот немаше никаков пес, ами сакаше да го плаши Пеја. И го „уплаши” со телето.
Телето остана во моментот живо, но замалушено. He знаеше попот што да му прави; да го заколе ли, или да го чека белким ќе преболе. А многу сакаше да остане живо; беше женско, та сакаше да го задржи за приплод. Затоа го остави да се созема. Ако не покаже знаци на подобрување — ќе гледа да го заколе, да не пцовиса.
Во лутеницата на Пеја сам се упрекна: „Не е криво момчето; јас сакав да терам шега со него и ја истерав со загубата на теленцево”. Затоа ништо повеќе не му рече на Пеја.
Ајде сега, Пејко, да гледаш како ќе ги молзи кравите стрина ти попадија, па одутре да ги молзеш ти, — му рече попот и влегоа сите тројца во авурот. Попадијата ја намести кофата под едната крава, ја измолзе, па ја премести под другата и, речиси, и со неа беше при крајот, кога попот забележа како Пејо ги собул опинците и ги држи в раце. Така го беше подучил татко му да се собува кога ќе влегува кај попот, па Пејо собуен влегол во авурот. Попот му се наведна до ушето и одненадеж викна колку што можеше:
— Фрли ги опинците, бре ќерата?! Пејо се препали од силниот глас и ги исповрте опинците кон попадијата. И каде ќе паднат пустињето — во кофата со млекото.
— Што направи, бре ајзус, од кука нога да направиш, — вресна попот и го фати Пеја за врат. — Ами сега? Кој ќе го плати млекото, а?
Пејо почна да се брани:
— Што сум крив јас, дедо попе; ти ме исплаши и јас ги фрлив опинците без да погледнам каде ќе паднат.
Вика попот, пцуја, ама и попадијата застана на Пејова страна, бидејќи попот и неа ја исплаши со силното викање, та и попот си ја призна и оваа кривица и го пушти Пеја.
— Добро! Еве и за ова сум крив јас. Ама за другпат варди да не сториш некоја пакост оти жив ќе те одерам, — му се закани попот и му ја даде идната наредба:
— Сега ти ќе спиеш во авурот кај кравите и ќе вардиш да не пцовиса телето. Ако слушнеш нешто да мртка, да клоца, еве ти го ножов да го заколеш барем да каснеме од него, кога веќе не можеме да го оживиме.
Пејо го зеде ножот и отиде во ќошот од авурот, си легна во купот слама што беше истурена таму за постилање на кравите. Така легна в темница. He му дадоа ниедна клечка кибрит да не ја запали шталата да изгоре сосе крави.
Околу полноќ му се стори дека навистина нешто мрда, шетка во авурот и си помисли дека телето клоца — умира. Рипна откај што спиеше и, онака потемница, тргна кон телето, вадејќи го ножот да го заколе, да не пцовиса, па да го „одере” попот. И не оди многу, го напипа, го фати и му ја потсече главата. Co тоа ја исполни поповата наредба, па си легна да си го продолжи сонот.
Кога утрото уште рано ја отвори попот вратата, имаше што да види. Пејо го заклал прлето, а телето лежеше пцовисано.
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com