Во наше Мариово многу убави обичаи има. Еден од нив и до ден-денеска се задржал, и многу е арен.
На пример: Кога ќе заколе некој домаќин свиња, ќе им однесе на соседите по едно парче удина, малку црн и малку бел дроб колку за внуш и благослов, со здравје да си го јаде домаќинот крмакот.
Во старо време овој обичај бил уште поарен за поповите.
Секој домаќин му носел на попот по едно парче мевце, дропче, па и по некое главче паѓало.
Арно ама, кога ќе го заколел попот крмакот, требало да го повика целото село на ручек или на вечера.
Кога бил Пејо момок кај попот, тој намирисал да измрда од овој обичај, да не ги вика селаните на ручек или на вечера, та решил да се посоветува со момокот, што ќе рече тој.Пејо го разбра попот што сака, па му вели:
– Лесна работа, дедо попе. Еве што ќе направиме: ќе ја заколеме свињата, ќе ја исчистиме вечерта и ќе ја обесиме на чардакот да видат селаните кога ќе се враќаат од работа дека утре ќе јадат поповски курбан.
А ти ќе ја скриеш през ноќта некаде и изутрина рано ќе викаш дека некој ја украл!
Речено – сторено. Ја заклале вечерта свињата, ја обесиле на чардакот и ја оставиле ноќта да се олади. Само нозете и ги пресекле.
Селаните – кој помина оближи се. Утре ќе јадат пресно месо од поповиот крмак, а што е најглавно, ќе сркнат и од убавото попово винце.
Пејо пак, уште вечерта кога си легнаа попот и попадијата, си стана, си ја зеде свињата цела и си ја однесе дома.
Ја суреди убаво и се врати на местото каде што си спиеше.
Кога се разбуди пред зора попот отиде на чардакот да ја скрие свињата – шипинки!
Ни свиња, ни од свиња трага.
My отиде на Пејо каде што спиеше, го затресе за рамениците и му вели:
– Mope, Пејо, стани! Некој ја украл свињата! Пејо се затркала, се прозевна и му вели:
– Така треба да велиш, попче. Прво мене треба да ме убедиш дека ја украдоа, па после другите селани.
Попот се лути и вика, а Пејо се едно и исто:- Така треба да велиш, попе!
Што ќе му прави, го остави, нека го носи ѓаволот.
Но реши барем да го изнатепа добро.Каква маана да му најде не знае, сиромашкиот поп?
Го натера да ги стави нозете да се варат за ручек. И таман Пејо мрдна некаде, попот дојде, ја извади од тенџерето едната нога и ја скри некаде дома, да му најде кривица да го тепа и да го напади без руга.
Арно ама. кога се врати Пејо погледна во тенџерето и виде дека само три нозе има и се сети дека попот ја има извадено едната за да го натепа. Бргу, бргу отиде во кочината, кај што лежеше другата свиња на попот.
Вака со ножот, и ја потсече едната нога и ја фрли во тенџерето.Попот, пак, се поразмисли и виде дека Пејо не е многу крив за случката, ами тој самиот си го направи за да не им даде на селаните од свињата, се врати назад и ја пушти земената нога во тенџерето.
И сега, од една свиња се варат пет нозе!
Кога седнаа да ручаат, пробуричка попот со лажицата и виде пет нозе, па му вели на Пеја:
– Mope, Пејо, колку нозе има една свиња?
Пејо се сети и вели:
– Mope, попе, колку нозе имаат две сињи?
– Mope, Пејо, колку нозе има една свиња?
– Mope, попе, колку нозе имаат две свињи?
И се така, и дури попот не кажа колку нозе имаат две сињи, Пејо не сакаше да каже колку нозе има една свиња.
И кога попот рече дека две свињи имаат осум нозе, тогаш Пејо извика:
– Ах, така! Да си ми жив, попе! Пет нозе во тенџерето и три на свињата во кочината
– токму осум.Иако не му беше мило, се насмеа попот отсрце и го напади Пеја од дома, ама му плати за сето време што го служеше.
Booking.com