ИТАР ПЕЈО НА СТРАЖА – смешки и шеги

Booking.com

Нели е војник и тоа ќе му се случи — да стражари. И наш Пејо редовно си ја вршеше оваа должност.

А стражарското место и должност во војската се сметаат како најсериозна и најодговорна работа. He е никакво чудо. Стражата ја носи одговорноста за безбедноста и сигурноста на тоа што го чува, па било да се луѓе — војници во казармата, било магацини со оружје, храна и други војнички материјали.

 itar-pejo-mariovo

Така еднаш беше Пејо одреден на стража пред штабот на дивизијата. A се знае кој може да ја смени стражата или да влезе во просторот што го чува таа — само тој што ја поставил. А тој е разводникот на стражата. Без него стражарот не смее никого да пушти ни да му се приближи пет чекори до него. а веќе за влегување, само преку мртов стражар може друг да влезе. Такви беа правилата кои Пејо добро ги познаваше.

Арно ама оваа вечер му се случи несреќа. Нешто по 12 часот, токму на полноќ, кога Пејо го прими стражарското место, a разводникот наредник си отиде да дремне до 2 часот, го навеа ветрот генералот — командантот на дивизијата и од далеку му се кажа на стражарот Пеја и побара да влезе во штабот. He дочека да го скориваат разводниот подофицер, но му се развика на стражарот и почна да му се заканува дека утре ќе го даде под суд што не го пушта да сврши некоја брза и важна работа. Пејо го познаваше генералот, малку се позаплаши од заканите, повеќе да му направи услуга да не чека, реши да го пушти. Застана мирно и го покани да влезе. Арно ама, кога овој се доближи до него, му ја грабна пушката од рацете, ја отпетла и му ја наврте во градите со остар извик:

— Така ли ја вршиш стражарската должност, бре мискин! — И почна да го малтретира, — Ајде сега по војнички клекни, стани, клекни стани, чучи дигсе, лежи, стани, лежи, лази, дури најпосле не му падна на ум една уште попакосна мисла од сите други. — Соблечи се гол — командува генералот. А Пејо знае дека слободно може да го застрела ако не ги изврши неговите наредби. во забранетиот простор стражарот може да го отепа секого да не одговара никому. А сега кога му ја зеде генералот пушката тој можеше со стражарот да прави што сака, па дури и да го убие. Затоа ги исполнуваше сите негови наредби. Го моли да му прости што згреши, но кога овој му се закани дека ќе трга, ќе го отепа, виде невиде се слече како од мајка роден. Пак почна играта со чучи дигсе, лежи, лази, стани падни, дури сиот не се искрвави и капалдиса од умора.

Плаќа Пејо што плаќа, виде дека ќе ја изгуби главата, ги изврши сите наредби на задоволството на генералот. Овој се раздобросрди и му нареди да се облече, па му се приближи и му ја даде пушката:

—           Еве ти ја пушката и внимавај другпат како ја вршиш стражарската должност, оти можеш и главата да ја изгубиш, — му рече и сакаше да се иставе од него — да влезе во зградата на дивизијата. Арно ама, штом ја фати Пејо пушката, веднаш му ја допре цевката во градите и бесно загрме:

—           Стој! Горе рацете или пукам! Генералот се здрви при помислата дека се наоѓа во забранетиот простор и навистина може стражарот да го отепа. И почна да му зборува:

—           Како така горе рацете на својот генерал?

—           He познавам овде ни генерал ни генералица, горе рацете ако ти е мил животот. Едно, две .. . на три пукам. — Виде невиде генералот ги крена рацете и сега Пејо почна да го игра како тој пред малку него. Mope чучи дигсе, лежи, лази, стани клекни на лево, на десно дури не го натера да се соблече и тој како него. Кога овој го стори и она што го натера тој него, овој му нареди да се облече и со едно „кругом три корака напред” го пушти надвор од стражарскиот простор да си оди откај што дошол.

Утрото уште рано четниот командир доби телефонска наредба да му го испрати лично на дивизискиот командант оној стражар што беше сношти пред штабот од 12 до 2 часот.

Кој беше, што беше, по списокот се најде дека беше Пејо.

—           Сега му се може, ќе ме одере! — си помисли Пејо во себе и тргна кон дивизијата загрижен. Командантот беше наредил веднаш да го пуштат во канцеларијата. И кога Пејо влезе сиот затресен, генералот стана и му тргна во пресрет. Место. да го кара и бие, му ја подаде раката со насмевка на усните:

—           Ти честитам, војниче, на сношната смелост и едно те молам: никому да не кажуваш за ока што стана меѓу нас со тебе. Заколни ми се оти не кажуваш, — со молбен глас му рече и го покани да седне.

— Пејо се збуни малку, па се смири гледајки дека генералот е во поголема склопца од него. Но реши да му ја исполни молбата, па му одговори:

—           Се колнам во честа и коските од мајка ми оти ќе бидам нем како риба, ама ако не ме гоните и вие. Инаку ќе морам да ја зборувам вистината.

—           He само што нема да те гонам, ами од денеска ти ќе бидеш мој човек и ќе живееш кај мене дома со моите деца. Ќe се водиш како ордонанс но ништо нема да работиш. Само и само да не ја вадиш сношната работа на видело.

И навистина наш Пејо се пресели кај генералот дома. Се распиштоли да јаде и пие, за поведајќи им на ордонаноите да го служат и него како генералот и генералицата.

Генералот плашејќи се да не го излажат командирите и наредниците да се испушти, да каже, просто не го пушташе никаде сам, та почна и на пиво да го води со себе. Се зачудија сите, откаде волкаво другарство меѓу еден генерал и еден прост војник?

— Е, хеее! да знаете вие што имаме играно чочек, чардаш ние заедно со генералот, ич нема да се чудите! Стари познаници и пријатели сме ние, ако ме гледате мене вака туткун; ете јас и со генерали имам играно и другарувано.

И вистина никој жив немаше играно такво оро како што го играа онаа вечер Пејо и генералот, затоа и толкави пријатели станаа.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com