ИТАР ПЕЈО ПОЗАЈМУВА КАЗАН ОД КОМШИЈАТА – хумор од Мариово

Booking.com
ИТАР ПЕЈО ПОЗАЈМУВА КАЗАН ОД КОМШИЈАТА
Позајмил Пејо од еден комшија -чорбаџија казан да си свари сапун. Го позајмил и го задржал подолго време кај себе. Стопанот не го побарал и Пејо решил некако да не му го врати – ако се може.

Позајмил Пејо од еден комшија -чорбаџија казан да си свари сапун. Го позајмил и го задржал подолго време кај себе. Стопанот не го побарал и Пејо решил некако да не му го врати – ако се може.

По два-три месеци отишол Пејо кај чорбаџијата и му однесол едно малечко котленце, зборувајќи:

 Повели, чорбаџи, котленцево ти го роди казанот што ми го даде да се услужам.

Чорбаџијата ја погледнал чорбаџиката, се насмевна потскришум и го зеде котлето. Кога Пејо си отиде, чорбаџијата и вели на жената:

 Го виде Пејо будалата? Казанот родил котле!!!

itar-pejo-mariovo

 Кога е будала… – промрмори жената и си го кладе котленцето кај другиот бакар.

He поминаа други три месеци, Пејо му донесе друго котле; му го родил казанот.

Чорбаџијата си го прибра и ова котле и не помисли да си го прибере казанот, чекајќи секои три месеци да му раѓа котлиња.

Арно ама, наместо да донесе Пејо трето котле, тој дотрча еден ден сиот задишен и „уплакан” и му соопшти на чорбаџијата дека казанот „бог да го прости” умрел сношти.

 Како така, бре едепц’з, можело ли казан да умре? – му се развика чорбаџијата и нарипа да го тепа, но Пејо му ја откина сопата и мирно му одговори:

 Ами како можеше, чорбаџи, казанот да раѓа котлиња? Тој што раѓа и што се раѓа и умира. И ете, и казанот дури му беше за раѓање – раѓаше; му дојде за умирање – умре. Има ли нешто попросто од тоа? Што сум тука крив јас?

Се разбира, чорбаџијата не можеше да го порекне овој факт и му го остави казанот на Пеја за две мали котлиња.

 

Booking.com