Еден ден пресекол Пејо еден даб во својата нива, ама немал шумска дозвола.
Се разбира, го фатил шумарот и поднесол пријава до судијата за прекршоци во Прилеп. И Пејо — доби покана и излезе на суд. My ја подаде поканата и го замоли судијата да му каже зошто го вика и да гледа побргу да го пушти да си оди оти го чека Пејовица болна.
— Си направил, Пејо прекршок; затоа ќе одговараш. Седни на црната клупа таму, — му рече судијата мирно и почна да го бара Пејовиот предмет.
Пејо се вознемири и уште неседнат почна да се брани:
— Аир, другар судија, кај сум можел јас толкав даб да прекршам. Лаже шумарот; го пресеков со секирата од корен. Види, види што беане ми вади. Сум го прекршил онолкав даб!, — почна Пејо да се чуди и да се крсти, па како за себе си мрмна: „Сигурно казната е поголема ако го скрши човек дрвото, отколку да го пресече со секира. Затоа така има напишано тој пезевенк игумарот”‘.
Судијата го најде Пејовиот предмет, виде во што е работата и му се обрна:
— Те тужи, Пејо, шумарот ваш; си го прекршил нешто законот за шумите.
Пејо го направи уште покисело лицето, издивна длабоко и испушти еден тажен дебел глас:
— Ајдеее! па што ми наврзал тој ајзус! — а кон судијата: — Гледаш, другар судија оти лаже тој мазотор. Кај се видело и чуло да се крше закон? Да пишал оти сум го искинал законот, да му веруваш. Книгата се кине. А тој вели дека сум го искршил законот. Се кршела книга аџаба? Прво вели дека сум го искршил онолкав даб, вели сум го искршил законот што е напишан на книга. Види, жити здравје, уште што сум искршил? Да не сум ја искршил и баба му случајно, па и за неа да ме тужи?
Судијата го погледна новиот итроманец Пеја и си припомни за некогашниот негов имењак од Мариово, па си помисли во себе:
„Не сум јас, Пејо, некогашниот припенски кадија да ме возиш ти на твојата кола, не! Сега ќе ти кажам што си искршил, a што си пресекол”, па му вели:
— Те тужи шумарот Пејо дека си пресекол еден даб без шумска дозвола и со тоа си направил и прекршок на законот. Ете што. Признаваш, нели?
— А бре, оти го пресеков, го пресеков, другар судија, и за тоа суди ме, ама да не ми го товариш другото што го викаш прекршок. Та дабот беше во мојата нива; што сакам — му правам. И за тоа ли има нешто кривица?
— Има, Пејо, има. Нивата е твоја, а дрвата се под заштита на државата и без одобрение не смее никој да ги сече.
— Е, е, е! Сега разбрав! Демек за дабот во мојата нива што го пресеков ќе ме казниш?
— Ќе те казнам, де; нели ти реков дека дрвата не се твои.
— Ами што плаќам данок на нивата?
— Данок плаќаш на земјата, а дрвата се башка есап, Пејо!
— Тииии, уште ова не бев го чул: овцата моја — руното туѓо, да не речам: жената мојата — детето туѓо. Казнувај, стапанка му, ако е така . . .
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com