ИТАР ПЕЈО РАЗМИСЛУВА КАКО ДА ВЛЕЗЕ BO РАЈОТ

Booking.com

Остарел веќе Итар Пејо и почнал да мисли за „Оној свет”.

Слушал овде на земјава, дека за влегување во рајот требало многу и тешки услови да исполни човек. Да не мрси, да не прави лошо на луѓето, да не се кара, да не се тепа, да ги почитува поповите и владиците, да оди в црква, да пали свеќи, да се моли на бога и светците, да не пцуе, да не задева туѓи жени . .. Се знае ли какви ли не услови поставил господ за да може да влезе во тие убавини што се викаат рај? А Пејо наш дури беше млад ич не ги бркаше овие работи. Мрсеше (кога ќе најдеше) и на Велики петок — постеше и на Божиќ (ако немаше); се караше и се тепаше со секого што би го навредил и предизвикал. Ги пцуеше и господ и Богородица ако го налутеа нешто. За целиот свој живот не влезе в црква, та ниедна свеќа не запали, ни половина кило масло не однесе да му светне на Ристоса и неговите апостоли и светци. Кој мариовец не би заденал туѓа жена? Само ако не му излегла пред пушка. Таков си беше и наш Пејо — како сите мариовци. И таков, можеше ли да се надева на некаков рај? Се разбира дека на таквите местото им е во пеколот; да се варат во врелиот катран и да се печат на жешкиот жар. Така слушаше Пејо на млади години од попот и владиката, ама тогаш беше далеку од „дупчето”, та ич не ги зарежуваше.

 itar-pejo-mariovo

Кога го урекнуваа што мрси, тој математички се правдаше:

„Слушајте, луѓе! Велите дека господ се знае и се гледа, а многу е праведен. Ако е така, јас ич гајле немам од него. Ќе отидам, како што велите вие, кај него на суд и ќе си ја видиме сметката. Јас навистина сум мрсел во некои пости, петок и среда, ама затоа пак сум постел во безброј мрсни дни, зашто, истиот тој ваш господ, не ми дал да мрсам — немало ништо. Нека види во мојот „картон” колку посни дни сум мрсел, колку мрсни дни сум постел; ако излезам по сметката должен, ете му ја душата, нека и суди, нека ја праќа каде сака. Ама мене ми се чини дека повеќе мрсни дни сум постел, отколку посни што сум мрсел, та, галиба, он мене ќе ми должи, а не јас нему”. И со тоа Пејо се тешеше и за други работи во врска со влегувањето во рајот.

Арно ама, така мислеше Пејо кога беше далеку од „дупчето”. Колку се приближуваше кон него, се повеќе се плашеше. „Што го знаеш? Зар дека е господ, та толку да е праведен? Да не веруваш! Колку е некој поголем и посилен, толку правината е подалеку од него. Та и Тој .. . што го знаеш! Ќе ти рече: за еден грев требаат сто лири; оди расправај се ако немаш работа. А силата му е во раката. He ти дава ни да проговориш — ќе те тера во Пеколот; оди, вари се и печи се …

И Пејо почна да се мисли дали не ќе може и таму да се снајде некако со некој марифет? Да не излегува, да речеме, пред никаков господ, да не дава никакви сметки, ама, така некако направо да се шушне во рајот да го преслепе свети Петрета. И да видите што мисла му дојде; што марифет измисли наш Пејо. (Ако Пејо не измисли, кој друг; сигурно јас не), Та, велам, еве што измисли Пејо Итроманецот!

Умре кога му дојде денот и отиде на небото. Арно ама не отиде право пред господа да му суди. За негова среќа неговото судење беше било закажано многу подоцна од неговата смрт. Така било и таму како овде. И таму божиот суд бил во знатно закаснение, та на умрените им се судело по месец два, па и година откако ќе отиде горе.

Пејо го искорстил ова и почнал да се вртка околу вратата на Рајот и меркал згодна прилика да влезе некако илегално — без пашапорт, што се вели овде на земјава. A подразбрал некако преку оградата дека никого не враќале од рајот назад ако успеел да влезе еднаш. Тоа многу го окуражило. За среќата негова, тие денови (дури Пејо чекал), умрел еден владика. Се разбира дека господ веднаш му дал виза за влегување во рајот. Напишал на пашапортот и што багаж носи владиката и со која придружба влегува. И гледа наш Пејо цела олелија од луѓе. Владиката напред, ѓаконот по него, a пo овега пет шест убави млади калуѓерки. И таман дошле на портата од рајот и владиката му го покажал пашапортот на свети Петра и овој ја отворил портата, наш Пејо кренал на грб една од калуѓерките и слободно влегол внатре. Навистина влегол илегално, но не можеле веќе да го истераат; таков бил законот. И сега оттаму ни праќа записи за нашите млади читатели.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com