ИТАР ПЕЈО ВЛАДИКА – хумор од Мариово

Booking.com

My се случило еднаш на Пеја наш да оди и тој во Белград.

Што работа имал дури дотаму не би можел да ви кажам, ама ете требало и тој да го види Белград. И тргнал од Мариово, пеш, се разбира. Станал ранорано, првите петли кога пропеале, ја нарамил својата мариовска торба со лебец и биено сиренце и ја летнал уште потемница долу Мелничка Река. Велам Мелничка Река, бидејќи кинисал од селото Витолишта. Ги разбудувал патема заспаните камења, ги плашел зајаците што сакале да денуваат крај патот, и по шест седум саати одење пристигнал во Прилеп. Пристигнал, ама мртов уморен, а, лебами, и гладен. Побарал и нашол еден свој вилаетлија — мариовец и се вратил да здивне, да се поодмори, па ако е кабил нешто и да поткасне и да се напие. И да видите беше го послужила среќата. Тој ден пријателот имал некакви мили гости та Пејо натрапал на богата гозба.

 itar-pejo-mariovo

—           Повели, Пејо, касни си! Повели Пејо напи се, не срами се, — го канел пријателот како секој домаќин гостите. Пејо си поткаснал и се поднапил колку што му било доста. И не колку што му било доста, ами и преку доста. Ја направил главата тамбура^што се вели, та заборавил дури и кај тргнал.

На неколку минути пред да дојде возот од Битола Пејо се сетил и рипнал та тргнал за станица. Се качил, се разбира, без карта.

Бидејќи немало место во Ш класа Пејо се шмугнал во ходникот на I класа. Погледнал во едно купе, во друго — секаде преполно. Само едно купе со тек седиште било сосема празно. И на Пеја му светнале очите.

—           Овде може да биде спиење, — си рекол во себе и го дочекал кондуктерот.

—           Што бараш ти овде, Пејо! — му се врекнал овој, гледајќи го Пеја во мариовската бела кошула.

—           Да се омирисам од господштилаков, — му потфрлил Пејо и му ги покажал со главата преполнетите купиња — и со елитни патници.

—           Да не се господиниш и ти, — почнал да го задева познавајќи го како шерет од прилепските кафеани.

—           Само ноќеска, — му одговорил Пејо и му кажал дека не стигнал да извади карта.

—           Аха! Убаво те фатив и тебе еднаш. Што сега? Пукна казна 100 динари. За каде патуваш?

—           За Белград.

—           Уште полошо за тебе. Што подалеку одиш — поголема казна плаќаш.

—           За плаќање ќе платам, но сакам и затвор да лежам јас ноќеска, — почнал Пејо да го крои планот како ќе се наспие.

—           Е, како затвор? Сакаш да те предадам на спроводникот?

—           He, џанум! Каков спроводник. Ти ќе ме затвориш, а за тоа јас … — и недоречен зборот му ги покажал двете стодинарки. — Земи ги, види си и ти некој ал со нив, a јас ќе одлежам до утре во оној празен купе, — му рекол и го повел со себе кон празниот купе. — Овде затвори ме и … готово.

—           Како ќе те затворам, џанум! Тоа е резерва за некој голем човек. Ако се качи некој бан, генерал, посланик . ..

—           Владика може? — воскликнал Пејо.

—           Па… и владика…

—           Се стори! Ете, јас ќе бидам ноќеска охридскиот владика Николај. Тој секогаш сам патува. He можел да трпи жени крај него (барем во возот, та во митрополијата …) та маната ти е готова. Ти ќе ме затвориш мене внатре, a јас ќе го тргнам пердето и така ќе си ја свршиме работичката. И јас ќе се наспијам и ти… клоп двете стотки. Ајде, отварај, што се чудиш …

Кондуктерот се насмевнал под мустаќ, ама тогаш двете стотки биле баеги пари, та беше се согласил на Пејовиот предлог, но само до Ниш, бидејќи во Ниш се сменувал со друг кондуктер.

—           И таа е лесна, — му рекол Пејо. — И нему ќе му речеш дека се вози охридскиот владика, и… ај ми си со здравје. Ќе си спијам јас до Белград, па таму… нека ми се живи другите лаги …

И така направиле. My го отклучил кондуктерот купето, Пејо му ги дал двете стотки, го тргнал пердето на џамот од вратата и се кутнал да си спие.

Во Ниш навистина се сменил овој кондуктер и на колегата му рекол дека во ова мало купе се вози владиката Николај и дека тој му рекол нему да не отвара до Белград, да не го вознемирува никој.

На Белградската станица дошол кондуктерот пред вратата, си го потстегнал ременот, си го запетлал палтото, се поприбрал и го отворил купето готов да го поздрави владиката, спремајќи се и рака да му баци. Пејо се измушнал крај него и трештил по ходникот, а кондуктерот си помислил дека владиката повел некој селанец со него од блиските пријатели. Тачов бил охридскиот владика — малку настран човек, та не било многу за чудење што води селанец со себе во I класа.

Но кога погледнал кондуктерот внатре, само што не ревнал од изненада и лутина. Купето било празно. Веднаш се стрчал по Пеја, викајќи:

— Ти ли си охридскиот владика мајку Ли ти сељачку. . . , — ама Пејо веќе изрипил и се изгубил во народот.

Останал кондуктерот да се чуди и на овој Пејов мајеторлак. А кога се сретнал со својот колега во Ниш слатко со изнасмеале обајцата, ама и се напиле слатко од двете Пејози стотки, макар што првиот не кажал дека зел пари од Пеја, ами ја направил работата за себап, а повеќе што му се бендисало Пејовото остроумие.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com