ПЕЈО ВОЕН ГОТВАЧ
Виде нашиот Пејо дека таинот што го даваат на фронтот одвај за едно јадење стасува, та намисли некако да се погрижи за својата благотробна менза.
Виде нашиот Пејо дека таинот што го даваат на фронтот одвај за едно јадење стасува, та намисли некако да се погрижи за својата благотробна менза.
Отаде-одавде се нареди некако да вари манџа во неговата рота. Ем ќе се поистави малку од предните линии, ем ќе глодне некој кокал повеќе. И добро му одеше таа работа, да видите. Запржува по некое џигерче, сплинка, цревца за ротниот командир, фелдфебелот, старшијата и другото „начелство” па подлапнуваше Пејо да ги обиде дали се солени, печени и од тоа имаше фајдица неговото благоутробие.
Арно ама, го донесе од некаде ѓаволот бригадниот командир – генералот и каде ќе врши смотра, прво кај кујната.
Пеја го предупредија за оваа посета и тој ги испра белата унечка и капата и ја зачека „ревизијата”. И не беше било лага. Дојде генералот со полковникот, потполковници, мајори, капетани и цел табур поручници, потпоручници, фетфебели и старшии. А Пејо излезе да рапортира. Поздрави цврсто, кажа колку војници има на храна и мислеше дека со тоа ќе се сврши. Но генералот беше можеби и гладен, та сакаше да разбере што ќе има за ручек. Затоа штом Пејо го заврши рапортот, овој го праша:
– Какво готвиш, момче, за обед? Пејо како отпетлана пушка ревна:
– Генерал со зелје, господин свински! Ротниот командир позелене како Мувлија и ги
чкртна забите вртејќи му ја главата на Пеја, а генералот и полковникот се раскикотија, но генералот го пофали:
– Многу добро, јуначе!
– Ште се стараја, господин генерал, – грмна Пејо и уште повеќе ги напна градите напред. Се чудеше зошто се насмеаја генералот и полковникот, но после ја разбра работата кога командирот му нареди да си ги прибере пљачките и да оди на фронтот да фаќа Грци, Французи и Италијанци, a да не готви генерали со зелје и да не го наречува господинот свински. Се правда сиромав Пејо дека сакаше да рече „свинско со зелје, господин генерале”, ама ете ги измеша зборовите и излезе да готви генерал со зелје, а генералот излезе „господин свински”. Што ќе му прави, играта на зборовите му го расипа раатот и тој си отиде пак во окопите.
