ЈАНИНА ПЛОЧА – предание од Мариово

Booking.com

Одамна, одамна, уште кога бил волкот куче живеал на планината Перун еден змеј кој имал еден син и една ќерка.

Ќерката ја крстил Јана, а синот Толе. Се разбира, како змеј тој имал криља под мишките, а другите делови од телото му били покриени со убава руса коса. Очите му фрлале светлост на далеку во сите боји на виножито, а снагата му била појака од секакво железо, од секаков челик.

 

Co криљата летал побрзо од самиот ветер и секогаш можел да се најде онаму каде ќе замисли со умот.

Неговата воља ништо не можело да ја ограничи, што му паѓало на умот, правел. Се разбира дека можел да се претворува во што сака  од животно разна врста до невидливо суштество со натприродни својства. Можел дури и природата да ја преправа и менува во што сака. Како на таков, целата природа му била потчинета и ја исполнувала неговата неограничена воља.

Вака силен и семоќен се прогласил за цар на Перун планина и сета Мариовска рамнина.

Зацарувал царот од Перун и Мариово во својата престолница  градот што го подигнал на врвот Перун само за една убава мајска ноќ и го крстил на името на својата змеица  царицата Неда  Недин град.

И самиот град бил чуен град. По вољата на царот изникнувале дворци и палати сред деветвековната борова гора опркужени со дебели ѕидишта, кули, стражарници, а внатре  широки дворови со секакви горски цвеќиња: од момини солзи, јаглички, гороцвет и здравец до пољани со нарциси, џунџулиња, тулипани, босилок, колодвор, вратика, чомилок и уште иљадници горски цвеќиња што ја опивале целата гора со опојна миризба, а царскиот дворец и неговите жители особено.

Кога сакал царот миризбите да се зголемат стварал стада од јагњиња и ги терал да ги газат овие миризливи билки, а тие ја зголемувале за десет и педесет пати миризбата и со блеењето на јагњињата меѓу стогодишното борје и ели правеле вистинска рајска градина во ова среќно царство. Среќен бил царот од Перун, среќна била царицата Неда, среќни биле четирите принцези а најсреќен бил принцот од Кравица Толе.

На Толета му ја дале царот и царицата титулата „принц од Кравица” по името од највисокиот врв од нивната планина од кај ноќно време се гледа самиот Солун.

Недалеку од овој врв Кравица, во пештерата на Добро Поле живеал друг змеј но со воловска глава, а не човечка. И тој притежавал змејски волшебни својства но многу помалку и послаби од оној од Перун и Мариово. Тоа можедасеобјасни со неговото потекло. Тој змеј Теле Паша, како се нарекол самиот, фрлил мерак на убавото Перунцарство и се заколнал да стане еден ден цар и на него како што бил цар на Мегленијата до Воден.

„Како да го постигнам тоа?” се прашал овој змејски паша, гледајќи ги лакомо убавите Мариовски планини, рудини, рамнини и Црна река како се лелеат на топлото пролетно сонце. „Со сила да го совладам тоа, признавам, не ќе можам” размислувал овој цар. „Овде е потребно лукавство” дошол до утешителна мисла. „Ке се преправам во комшија  пријател и ќе фаќам другарство со сина му на царот  принцот од Кравица. Ете, и тој е ерген како мене; ќе ловиме и во неговото и во моето царство. Ќе гледам во некој лов да го отепам, а потоа ќе се оженам со ќерка му и… еве ме, по неговата смрт, цар и на тоа царство.”

Така почна Толе Паша да си ја подгрева таа мисла и од ден на ден спремал по нешто ново за да дојде до целта.

Принцот Толе, уште млад, едвај на осумнаесет години, почнал да се засучува во Телевите пајажџни.

Се сретнал првпат со својот сосед на Суши Кутел и се изненадил на необичниот сосед.

Зошто така изгледаш, комши, во главата?  без да сака го прашал младичот својот многу повозрасен намерник.

Од крава змеица ми е потеклото  му одговорил овој дури со гордост што од говедо стамал натприродна сила со сите човечки својства, па дури и да зборува.

Лав, муабет, со многу потценување за потеклото, но на принцот му се допаднал соседот и почнал да другарува со него.

Овој му ја открил слабата страна на младото момче и го одвел една ноќ дури во Солун во една ноќна меана. Таму го запознал со сума убави девојки, со убава мастика и Светогорски црни и бели вина, та Толе се врати утредента повеќе од задоволен.

Се зачестиле средбите меѓу двајцата млади луѓе. Теле Паша го одвел својот сосед кај мајка си во пештерата кај Добро Поле, го пречекала таа како што се пречекува царски син и така го зацврстиле пријателството и другарството.

Го покани и Толе својот пријател кај него и им го представил на родителите и сестра му, но тие се однесле спрам него со големо потценување поради неговото потекло. He му го рекле тоа в лице, ама од сите обноски со него можело да се заклучи дека неговото присуство во нивното високо семејство не им е по воља.

Co говеда не сакам да се дружиш  му рекол татко му на принц Толета.

Па и тој е од нашата сорта  змеј и тоа многу појунак од мене  му одговорил младичот сневеселен што сака татко му да го раскине другарството со така присен пријател.

Змеј јунак, ама тој е од ниско потекло што не ни одговара нам. Ќе гледаш да му дадеш да разбере дека не ми е потребно неговото присуство.

Co ова царево мислење се согласи и царицата Неда а веќе ќерка им уште од првото видување го зела на мајтап.

Кога еднаш Теле ја поканил да излезат да се прошетаат низ планината, Јана му потфрлила еден остер збор што го заболел Телета до срце. Таа отворено му рекла дека тие се луѓе, а тој говедо та не сака да оди со него на паша во планината, ами руча и вечера на царска трпеза.

„Ке те суредам јас тебе за овој збор, туку чекај да видиш, ороспио ниедна” се заколнал младиот змеј и решил по секо.ја цена да ја граба за жена. „Ете. со тоа ќе отепам два зајака со една пушка. Ем ќе и одмаздам за навредата што ке ја натерам да роди змејчиња со телешка глава, ем, по смртта на татка и, ќе го лапнам нивното царство” си мислеше змејот од Мегленијата и почна да си ја подгрева мислата.

„Ами Толе? Тој е наследник на царството. Треба првин нему да му го наЈдам чарето” се вратил пак на старата мисла да го погуби братот на принцезата.

Затоа на сите навреди што му ги учинија не покажа отворено негодување, ами си отишол оставајќи го царското семејство да мисли дека овој телезмеј нема чувство на понос. Говедо, пак говедо си рекле тие.

He помина многу време, принцот од Кравица не можел да издржи, а да не се сретне со својот сосед Теле Паша, што не му било тешко да го направи бидејќи сакал. Отишол до Кравица, а Теле Паше го веќе чекал на синарот и го поканил да појдат кај него да се нагостат.

Толе не откажал, ама затоа платил со главата.

Теле Паша ја обавестил мајка си уште со време каква навреда му кажале соседите кога бил кај нив, нарочно принцезата Јана и ја подготвил да му помогне да го потштукнат принцот Толета, а потоа тој ќе ја грабне Јана и ќе им одмазди на целото тоа гордрливо и надуено семејство.

Отишол принцот Толе на гости кај Теле Паша. Змеицата  мајка наготвила најубави јадења, како за царски син што се вели зборот, ама не заборавила да тури во Толевата чинија диви ѓупски краставички наместо бамја, па така Толе се најал и одвај стасал до Перун. Си дошол дома и издивнал на рацете на царот и царицата Неда. Пред да издивне им кажал на домашните каде бил и што јал, та овије ја разбрале работата.

Детето е отруено  во еден глас рекле царот и царицата. Јас ќе одам да го барам убиецот и ќе му одмаздам”  се разлутил царот и се дигнал во облаците.

Теле Паша знаел што го чека, па и тој се претворил во облак и се удриле горе во сињилото облак со облак. Загрмеле грмотници, засветкале молњи, град од рифји ја посипале земјата од воздушната борба и веќе почнал Теле Паша да се повлекува од тоа бојно поле, бидејќи, како што рековме, бил многу послаб од царот на Перун. Тој повлекувај се, царот навалил да мава по него со громови и уште за малку ќе го погодел и ќе го отепал наместо.

Кога го видел ова Теле Паша, веднаш се симнал наземи и се претворил во риба та се нурнал во езерото на Добро Поле које било полно со пастрмки, така што царотзмеј тешко можел да го препозане меѓу рибите. За да го поништи тој ги насочил громовите од облаците во целото езеро и така го изрешетал што дури и брегот откон Мегленијата го разурнал и таму го испуштил езерото да тече. И сега сета вода на таа страна тече, а не на оваа во Мариово.

Арно ама, колку и да мавал силно, царот, Теле Паша пак се спасил. Тој се преправил од риба во лисица и по суво, преку планина, дури царот мислел дека ќе го погуби во езерото, тој се нашол пред дворот на царот на Перун планина.

Таму ги нашол принцезата и царицата сами и им влегол во дворецот на сила. Ја грабнал Јана и наоколу, дури царот мислел дека го погубил во езерото, ја одвлечкал во другата, непозната на царот, пештера, на Змеица. Таму биле дворците на мајка му каде ја затворил Јана. За да не му избега и ги пресекол криљата.

Царот се вратил и разбрал што станало, но не можел ништо да преземе зашто Телета нигде не можел да го пронајде, бидејќи и тој како змеј се преправал во што сакал.

Поминало беаги време. Јана седела затворена во пештерата на Змеица, но никако не се согласувала да стане жена на Теле Паша. Го молеле да ја ослободи, но тој не можел никако да и ја заборави онана навреда што му ја нанесла кога бил кај нив на гости.

Еден ден Теле Паша излегол од пештерата да ловне нешто за јадење. Мајка му ја заборавила вратата отклучена и Јана побегла надолу по Жупска Река. Дури кога открачила беаги место, ја забележал Теле Паша, но веќе било доцна да може да ја стаса. А за да и одмазди, дигнал една плоча поголема од гробарска, ја исповртел по Јана со очаен вик: „Не сакаше да бидеш моја, ама нема да бидеш ни на друг!” и плочата полетала низ воздухот како молња, ја стасала Јана на патот каде што бегала и како склопца за глувци ја потиснала.

И денеска плочата стоји и се вика Јанина Плоча.

Дали е Јана под плочата?

Никој не проверил.

 

Извор: Книга – Народни Умотворби

Автор: Стале Попов

Booking.com