Коња кова Момчило војвода,
коња кова се по квечерина,
а наутро коња обосува.
-Еј ди море, Момчило војвода,
ќе те питам право да ми кажеш,
коња коваш се по квечерина,
а наутро коња обосуваш,
каде одиш вака ноќно време?
-Еј ди море, млада Момчовице,
штом ме прашаш право ќе ти кажам.
Ноќе одам до Будима града,
таму љубам будимка девојка
и со неа малце полежувам;
а од таму во Солуна града,
таму љубам солунка девојка
и со неа малце полежувам;
а од таму во Битола града,
таму љубам битолка девојка
и со неа малце полежувам;
а од таму во Прилепа града,
таму љубам Марковица млада
и со неа малце полежувам;
а од таму дома си дојдувам
да спиете уште ве најдувам!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Менка Марчевска, родена 1912 година во с. Будимирци, омажена во с. Петалино а премажена во с. Груниште; тогаш (1953) таа имаше 41 година.
Вид на песна: романса