Стариот поп Трајко, како стар човек и вреден слуга божи, секоја недела става рано. Ќе се измие надве натри, колку да се порасони, ќе ја заврти косата со еден дрвен чешел, ќе ја позамазни брадата и мустаќите — колку да не му влегуваат во устата, — и, ако не служи литургија, ќе си го наполни големото ѓезве кафе, ќе си го испие сам и ќе ја нарами торбата со „алатите”. Така тој ги викаше: книгата, петрафилот, крстот и китката од босилок што беа секогаш во торбата, и ајде — долу сред село за в црква. На прагот, или во дворот, ќе се сетеше да пробуричка во длабокиот џеб од гуната да види дали му се наоѓа по некое зрно темјан, оти и тој влегуваше во неговите „алата” без кои не можеше да сврши никаква работа. Ако се случеше да нема, ќе се вратеше назад да се стокми и тргаше надолу. Кога беше намислил да служи литургија, не вареше кафе, оти пред литургија не дозволуваат каноните ништо в уста да се кладе, та дури и тутунец не смееше да си го наполни луленцето.
Ова утро, кога Сукаловци ќе прават крштење, дедот поп ќе служи литургија. Затоа и тој, како Митра и Доста, стана уште в зори. Се позами, се позачешла — колку да му помине апешот во главата — и си ја зеде торбичката велејќи си сам за себе: — Требе порано да се оди, оти литургијата трае два саати (ако не ги прескокне половината молитви, што си имаше обичај), утреното еден, а после . . . ете има три четири кршчења, секое по черек саат, некој и друг парастас .. . денеска ќе се има баја работичка, — и пак си промрмори, навраќајќи долу Катината улица: — Нека даде господ, нека даде: кршчење, венчање, венчање, па и умирање! — Се исто му беше на дедот поп: крштење, венчање па и умирање. Тој си имаше своја сметка и си ја правеше вака: Толку крштења, по два черека бели, прават толку; толку венчања по половина лира, прават толку; толку умирања — по бела меџудија, прават толку. Оттука треба да излезе шеќерецот, кафенцето, тутунецот и други мастрафи за куќата, а пак лебецот и зопта за Алчето му беа осигурени. На Митровден секој домаќин ќе му даде по еден кутел жито. Некој пченица, некој ‘рж, некој јачмен за коњот, елем двесте куќи — двесте кутли; тие ти се дваесет и пет кила жито. Па таман толку еден среден орач наоѓа во Витолишча што кале цела година по полето со сето семејство. Божиќни пости — грав, Велигденски — еднаш грав, еднаш јајца; Петреви пости — волна, и на Водици со кумот — сланина.
Во црквата дедот поп го најде притропот Петрета Слабиѓорев, кој смирено ја симна капата и му бакна рака, барајќи му од благословот.
— Стана ли, Петре?
— Стана, дедо попе, токо … да ми прошчаваш, коа се позадоцни воа сабајле! Знајш, како изморен и стар човек. .. Вчера бе на работа кај Милошка, на лозјето, да и го копаме со жената, в дупка да а закопаш, та сношчи не забави со вечерата, — се правдаше Петре.
— Добро, Петре, добро, не е доцна. И јас, ете, рано дојду, оти па мене ле ми се спие. Ете и Куле не е дојден, ќе ве почекам овдеа. Токо… донесоа ли сношчи некои поскури за литургиа, нарача ли ти немни во петокот? Вино за пречесна донесе ли некој од нашите чорбаџии?
— Донесоа, оче, донесоа. Јас нарача на дестина жени, коа вела: ако не донесе Милошка, нека донесат Билјарките, ако не Билјарките — Сукаловци, ако не тие — нека донесе Бела Бојана. И така, ете, што и нарача, сете донесоа — Сукаловци две. Митра вели: „Може да не чинат за литургиа, токо пак надробете и со дедот поп за навора или клај му и во торбата, лека си касне, стар човек е”.
— Арно, арно, Петре… Ами вино кој донесе? Или од некого ти зе?
— Mope, донесоа, сиромаси. Ете и печес шишиња, не едно. Има од Милошка, од Мисирлиата, од Балето. Голобан, и тоа нап’ни едно оканиче. Вели: „да му се најде на татка му, ногу му се пиело винце!
— И мене ми се пие, Петре, и мене, та сигурно ќе му се најде.
И во тој разговор дојде и псалтот Куле Кушо.
Куле е кус како копан, одвај од земјата се одделува, ама кога ќе тргне, ни поповиот коњ не може да го стигне. Кога ќе заситни со кусите нозе, небарем десет години пајвани носел. Ем работи. Татар е на пустата работа! Кога ќе му крене жената некој сноп, ќе го снема под него и само гледаш снопот сам бега преку нива. Ако човек не знае чија е нивата, се чуди и се дума како одат оние снопови сами и сами се прават капици. Секаде прв стигнува. Жние, ора од сите поарно, ама во браздата оддалеку не се гледа. Угарта црнее, воловите бегаат по бразда, небарем штрколот ги брка, а тој едвај се гледа по нив. Па знае и добро да псала. Го подучил и поп да го прави. Го ожени со попова ќерка, на дедот поп Стева, ама ете, кога човекот немал среќа, таа му умре. Кушо се прежени, та сега ќе си помине само со псалањето. И арно му е: три лири годината ни на најдобар момок нашите џорбаџии не му плаќаат, а тој само за неделините си зема три лирички. Нека му се алав. Учил човекот — научил. Па и дечиња му дал господ шестседум, треба да ги храни.
Кушо дојде до оганот како кабаетлија што задоцни; рече: „доброутро”, ја симна и тој капата и со „благослови оче”, му бакна рака на попот. Од попот доби благослов и наредба да оди во црквата, да ја земе кадилницата, оти и жарот веќе стаса во оганот.
Co кадилницата в раце дедот поп и Кушо влегоа в црква. Петре донесе и вода, и по заповед на Кулета, отиде да го удри клепалото, оти дури не удри клепалото, селаните не знаат дали е дојден попот.
Попот влезе во олтарот, тури темјан во кадилницата, го наметна петраилот и го почна утрењето со:
„Благословен бог наш, всегда, нинје и присно и во вјеки вјеков”, а Куле веќе застана на певницата поткачен на едно столче, и откако одговори „амин” почна да ги чете утрените псалми.
Попот застана пред „царската врата” и почна да ги мрмори молитвите. Петре шетка од олтар — во олтар, ги опрема серафимите. крстот за „входот” и друго што треба. Попот, читајќи, го виде Петрета во олтарот како ги носи поскурите, и од сред молитва: „Боже очисти мја грешнаго” го праша Петрета: — Колку поскури се, Петре?” — и си продолжи: „И помилуј мја!. . .”
— Идинајсет, дедо попе, — одговори Петре, a
Попот си продолжи:
— „ . . . и дажд нам владико …” Ами виното каде е? „ . . . единомислие .. .”
— Ене го во камарата, во малиот алтар, — одговара Петре и си продолжија сите тројца со работата.
Попот ги сврши молитвите пред олтарот, Кушо ги дочита утрените псалми, попот ја кади црквата, Кушо отпева, и веќе почнаа и селани да идат.
Бабата Каља Тушева, редовна и најрана посетителка, веќе прави метании пред Богородица и и се моли да и го поживи сина и и внучињата; дедот Бале — и тој му пали свеќа на Ристоса и го моли да му ги прости греовите што излага толку моми и невести за мажење и што зеде некоја и друга лиричка од такви како Илка Сукала, дедот Мисирлија — не може да најде невести за синови му и почна редовно да доаѓа в црква и да се моли на сите светци; на бабата Цвета Батанџиева невестата и нема малечко еве седум осум години, та и таа клечи пред Богородица и ја моли. И други жени, мажи, здрави, болни. Девојчињата — од уѕур, на прошетка. Кон осум девет саатот црквата се наполни,
Тие што имаа „пресни мртовци” донесоа пченица и поскури да ги препее дедот поп и да им раздадат за душа, некоја невеста дошла да си прави молитва со малечкото на шест недели; други ќе крштаваат. И на сите треба до ак да им дојде овој стар дедо поп Трајко. Две три молитви — однапред, една две одназад и со едно: „Христос, истиви бог наш …” свршува отпустот и селаните — нафора.
Дедот поп одржа општ парастас над сите поскури и им дрпна едно: „Вечна им памет, бог да и прости, да се живи живите, бог да и прости умрените” и Петре ги прибра и одовде поскурите, а жените си ги зедоа пчениците и застанаа пред вратата на црквата со распарчани погачи — леб, сирење, риби и други мезиња, да раздадат за душите на покојниците: да им се најде на тој век.
Дедот поп си останува во црквата со „својата свита”. Така ги викаше тој Куша и Петрета притропот. Донесоа веќе едно дете за крштавање и дедот поп ги зел ножиците, го потстрижува Потоа го капи со зборовите?
„Крешчаетсја раб божи …”
— Кажи нунко име!
— Трајко.
И попот продолжува: „Крешчаетиа раб божи Трајко, во имја отца амин, и сина амин, и свјатаго духа амин, амин, амин”. Да му е живо. вековито, да биде к’сметлиа, береќетлиа, овчар, орач, копач говедар да стане. Ги реди сите занаети „додека бабата да го разврзе крајот на црното шамивче и ги извади двата бели череци да му го плати заметот на дедот поп за работата.
По првото иде второ, трето и така со ред.
Петре веќе ги прибрал сите поскури и шишиња со вино во поповата торба што останале од нафората и причесната.
Бидејќи пак обајцата овие попови придружници земаа учество во неговите работи, секој ден дедот поп им делеше и ним по нешто: по една две поскури, по едно шише винце — и тие да ја поминат света неделичка мајчичка повесело.
И оваа недела се се повтори: службата утрена, литургија, парастоси, та дури и четири крштења.
Едно од крштењата беше на ќерката од Илка Сукалов и Доста Рожденката.
Доста го спреми девојчето дури Митра се промени, го наполни белиот ѓум топла вода ,и и го даде на Гуца Митрина да го носи до црква, та тргнаа трите „мили“ роднини за закон божи — в црква.
Таму затекоа две деца за крштавање пред нив, a по нив дојде уште едно, та така дедот поп Трајко оваа недела крста четири.
Нункото на Сукаловци е чорбаџијата Милош, подобро речено — чорбаџивката Милошка, оти Милош беше домазет. А таа пак беше ја пратила ќерка си Стојанка да го крсти и ова девојче. Старата обично одеше да крштава само машки деца за да може, кога ќе пораснат, да се кокори на свадбите.
И сега Стојанка ја пречека Митра во црквениот трем, си ја одврза шамијата со дарчињата за крштеничето: кошулче, минтанче, чорапчиња и тулбенче, и беше готова. Само чекаа на ред.
Дедот поп спремен, со засукани ракави, го распови на масичката малото, ги зеде ножичките, го потстриже, го фати за главче и почна да го брчка во водата што ја донесе Гуца во ѓумот, читајќи си напамет: „Крешчаетсја раба божја . . .” и се обрна на нунката: „Кажи нунко име”, и причека. Стојанка како крената пушка веднаш одговори: — „Неда”, а попот си продолжи: „Крешчаетсја раба божја Неда, во имја отца амин, амин”, и му ги Изреди ,и на ова детенце оние исти благослови што им ги рече на тие пред него. И Митра ги извади двата бели череци; подавајќи му ги на дедот поп — му ја бакна раката.
Доста со помошта на стрина Маловица, наредила дома за пречек. Трпезницата веќе е поставена и сега нека идат гостите, века добре дојдат. А ваму, гори од нетрпеливост и желба што побргу да го слушне ;милото име. Ја праша стрина Маловица како се викала мајка му на Илка. Таа и одгавори: Стојна. Доста се понамршти и си вели во себе: „Просто име, Стојна! Којзнае дали не ќе и текне на нунката така да го крсти? — Доста си цукна двапата. — Прво дете не се кршчава на умрен дедо или баба, — се поутеши некако и си брка работа.
Кога на портата се зададоа нунката, Митра и Гуца, — на Доста срцето и затропа силно: — „Како ли ќе си го викам анѓелчето мое?” — се праша сама и се прави небарем не ја возбудува тоа прашање. — „Ами, како! Како ќе му го кладе нунката, така ќе си го викам, само нека ми е живо”.
Во таа мисла ја најде нунката што го носеше девојчето в раце, и бидејќи е адет да не зборува дури го држи, — отиде право во јаслите и го остави таму. Мајката си го зеде, и пак, како поп Трајко што ја праша нунката в црква, запраша:
— Кажи, нунко, име.
Стојанка со полна уста одговори: . — Неда!
Доста ја облеа мило чувство низ целото тело и просто извикна:
— Неда! — Да сте живи и здрави! — и посегна, и бакна рака на Стојанка и ја поведе горни крај на трпезата.
Нунката го испи кафето, истури еден кош благослови за детето, родителите и роднините и си отиде да го земе кај ручек време и нункото со подарокот за на крштевање.
Митра се поразоружа од облеката и започна да готви. Доста си го надои девојчето, си го кладе да спие и се зафати и таа со нејзините манџи. Стрина Маловица се понамршти и кога виде манџи со расол, со јајца, па кога Доста и рече оти и лимун ќе и нацеди на супата, просто го искриви вратот на страна и се насмеа „подмустаќ”.
Кај ручек време дојдоа и гостите, начело со нункото Милоша, си поручаа од Митрините тепсии, ја пофалија Достината нова манџа и си отидоа да разнесуваат по селото за новините што ги воведува рожденката.
* * *
Кај Сукаловци животот почна да си тече нормално. Мажите одамна ја привршија сеидбата; жените ги уредија каците и легнаа на женските работи околу разбоите.
— Пуста да остане и работа, мори жени! — се плачеше Митра кога се подигаше разговор за женска работа.
И навистина, женските работи се беља по наше Мариово.
Волната јатрвите ја поделија уште пролетоска на три дела. Трајковиот дел го зеде Митра да го работи „наполу”, едно за него — едно за неа, оти тие со Стоја се поголема тајфа, та „да може да чкрипне некој и друг лакот за тие црвците децата”. Доста малку ја поизжала: како ќе ја изработи два дела, но Миша изјави готовност и нејзината да ја изработи под овие услови, на што Доста се замисли, но не се согласи.
— Та не су јас суа во рацете па да и а дада нејзе половината в’на? —си помисли и и кажа отворено дека сама ќе си ја работи.
— Та, да не можиш ти со чупенцето и да не а даваш наки, та мене доста ми е нашата со браче Трајка — одговори Митра и си помисли во себе: „Види, види, песјачката една! Велеа нишчо не знае да работи, a ошче првата година сама ќе а работе сета в’на. Де бакалум! Ќе а видиме шо работница ќе излезе!” И почнаа јатрвите да се натпреваруваат во работата.
Митра преде основа и јаток, се знае: за шајаци, за клашни или за покрови. Од шајаците ќе прави гаќи за машките, од клашните — гуни и сакми, а од козината — покрови за ергените во кои ќе спијат првната вечер со невестите.
Доста пак, сета волна ја испреде некакво си предено, кое не личеше ни на основа, ни на јаток за клашни, шајаци или покрови. И кога Митра ја прашаше: „шо ќе ткаеш, невесто Досто, со виа предотини”, таа неодредено одговараше: „Ќе видиме, сестрице Митро”, и на тоа се свршуваше.
„Сигурно вути ќе ткае, ваа песјачка ошче сега за ќерка и” — си мислеше Митра и при мислата дека Доста мисли за девојчето, таа вриеше во себе оти магијата од бабата Бисера уште нема да сврши работа.
— „Ах, старата вапирка таа! Me излага! Или сигурно ваа етрвка ми и има тапосано двојно, та a расипа маѓиата. Mope, бре брате, тоа лели ти шетало како аландарка одвам одотамо, го ваќа лит маѓиа ? . . . He е никакво чудо и она да ти е маѓесница. Гледаш секогаш кога го повива и успива тоа мачето, се токо го крста над лицето, над градите, и тики дури и над нозите, и се нешчо си брбори. Шо може да биде тоа брборење, ако не маѓиа?” — си заклучи Митра и си влезе зимата во разбоите. Иска шајаци, клашни, та дури и едно покровче затутка — да се најде барем за постилаче, ако не за завивач.
Доста ја дочека пролетта и еден убав сечков ден ги опра на реката сите мотаници од нејзината предотина, а на другиот ден зеде дваесетина триесет јајца и му отиде на Колобана на анот и за сите купи пет шест чешити бои. Ги зеде и си тргна кон дома, врцкајќи со вретеното да ја допреде и последната кадела.
Бојана Жиовката излегла на портата да го побара Толета, и кога ја виде Доста. застана да се видат и полафат, почнувајќи прва:
— Мори, каде вака, другачке, со вурката за поас? Иии, откако се стори мајка веќе и ноќот — ден го правиш! Ни на кат, ни на пат работата не а оставаш!
— Мори, златна сестрице Бојано, лели се окучило женцко, сакашнеќеш, ќе си а т’чиш главата. Малите растат како бостан, и година за година, токо — оп! — дошло време за се. А пред Божик прасето не се рани, ами сака ошче од Гурѓевден, та за Божиќ да направи месо. И јас така. Да не ми дојде потамо припрто — ако бидеме живи — ете, троа по троа, малу ногу, шо велаат, да пособереме, колку да не сме од векот одделени, та зар да не направиме некои товари! — и Доста врцна со вретеното посилно, да и каже на’ Бојана оти треба да се работи, а не како таа што се излежува.
— Ами кај одиш, шо правиш, мори другачко? Како си, како поминуваш? Шо ти прави момата? А порасна ли? Гуга ли? Оде ли или баре белки бор стое? Сите овие прашања Бојана ги нафрли небарем којзнае од кога не се виделе.
— Мори, a серат кокошките, златна Боле. Какво растење! Ете го дома, лежи како маче во пепелта. Токо, да не силиме бога, арна е, здрава до вој саат, та потамо — господ златен! Гуга, гуга за гугање. Mope, се смее и почна да си го знае името. Ќе и викна: „Нешко, Нешеее”, и веднаш ќе и заврте тие вилџаните по мене и ќе се оклешче, како стара баба без заби. Арни сме, сполај му на господ, да не чуе зло.
„Леле, леле, господ да ме затре, стара матарица”, си вели Доста во себе. „Су се заплампала со ваа легачката, како празна воденица, не ми текнуа да си кинисам. А оти може чупето да реве, папокот да му изврсне, тоа не ми текнуа, а? За плампање — волкава во камарата! Ами, ако е паднато од лулката? Па ако е влезена од некаде маторицата? Ја нашата, ја на стрико Малови? Лелееее, боже, за резил ќе се стора!
Како фуртуна профуче крај Катината мала врата без да чуе што и викаше Ката од среткуќа.
— Пуста, Досто, пуста, — си рече сама за себе, откако пристигна дома, вадејќи ја градата и клавајќи му ја во устата на детенцето — триста и педесет лоши мисли ти се претераа во умот! Ами како, ослепела, ќе се разделиш утре сосема од неа коа ќе дојде време да а удомиш? Ата ќе го најде и тој шо ќе се најде да ми ја прелаже. Mope, не си а давам наки од куќа, та ако сака и од Бомбола син му да ми а побара. He, не. Без мене она ќе ми се мачи, ќе ми страда, ќе ми а кара свекор — свекрва, па и тоа кучило — момчето, ако се погоди некое песосано — ќе ми го изедат чедото. — А, види, шо ми е убавко! На прво место — очите. Филџани, шо се вели, црни како трнје: клепки долги и ошче ќе растат. Како на руската консулица! Ами веѓите? Види, види, жено, цели пијавици! Била, та се рекла песната: „Нешкините веѓи, црни пијавици”. А косата, пак? — како шамак бујна, црна ќе биде сигурно. И така: црни очи, црни веѓи, црна коса, бело лице, танка става — цела солунска кокона!
Дури таа вака си мечтаеше, раката и врвеше по главчето горедолу, а наеднаш рачето на чупето го подигна гушалчето, ја пушти дојката и нежно, нежно го растегна малото устенце, гледајќи ја мајка си право во очи; пушти едно „гуу, гу, a? а?” и почна да ја врти главата пак таму ваму: да ја лапне дојката.
На Доста и се стори дека ангел од небото слезе и и падна на градите, та се милува со него преку своето чедо. И пак почна да се гали со детето:
„Мори, милата уста на мајка! Таа веќе се смее, ќе зборуа, ќе пее моминцки песни”. — Та дотера дури до таму како и она ќе лула нејзини деца и ќе им пее приспивни песнички.
Држејќи го малото раче, Доста почна да си реди: — ,;Милата рака на мама, мила. Она ќе ми меси поскури за црква, погача за тато на Велигден, свети Јован и Божиќ. Она ќе ми везе, ќе ми плете, ќе ми ткае, ќе преде”. — И кога и текна оти Бојана ја задои, на глас се насмеа. — Ахахаааа — и-хии !. .. Ако се погоди на задојницата — ногу работна ќе ми биде! Tоко, нека ми е жива. Господ на тие таквите му навева добри друшки, па и они си поминуат поарно од другите. Било па се рекло: „роди ме мајко со к’смет, врли ме на патот”. И ние така; ќе си бараме некој калнокапец, ќе си го земеме домазет, ем ќе си го повеламе како шо сакаме, ќе не слуша. Сака нејќе, ем дома ќе си седиме.
И Доста се позамисли.
— „Ами, ако квикне и некое баце? Тука шо ал правиме?” И ја стисна во своите прегратки, ја избакна и ја кладе на другата града убаво да се нацица.
— Мили боже, мили, — си вели. — Зар ми се вааше вера оти јас мајка ќе се стора, оти челад ќе имам, оти вака ќе се радуам? Ииих, кога ќе се сета на солунски маки, душата во носот ќе ми дојде! Па ете, имало господ и за мене. И малку ми е сега едно па: ако дојде баце!” ‘Рѓо ‘рѓосана, Досто! Си видела сомун, па сакаш погача. He ти е доста чупе, па требело и дете. Mope, дертот ќе го вате ошче еднаш јас кога ќе стенкам долни крај, душата да ми излева! — Нешка се нацица убаво и и се насмеа уште некој и другпат на мајка си. Доста ја избакна, избакна и ја кладе пак во лулката, па се зафати со работа.
Навапца петшест оки предено во разни бои и го обеси во дворот да се суши.
— Mope ми, шо ќе ткае рожденката со нолку црвени предена, бре ? .. .
— Mope, а ватил бесот таа жена. Вчера дојде и се некој моди токо ваде. Жената ми велеше пред некој месец и друг оти таа носила гаќи, та ми се запна и она мене: „Де да ми купиш меко платно од Прилеп и јас да си наорава гаќи како Рожденката”. „Мори, бегај наки, жено”, и вела. „Имало гаќи за мене, па и за тебе. И кој ќе чуе ка ќе рече: „Билјаровите невести се поѓупчиле, ете, гаќи опнале, како вретенарките од Мелница. Сега пак види шо бес а ватил. Сигурно пак некоа мода солунцка ќе ваде?” — му велеше Петко Билјаров на дедот Дојка кога гледаа во Достините предена.
Околу ужина си дојде и Митра од реката и ги спростре нејзините партали на другиот драг и замајана од шаренилото и се обрна на Доста:
— Mope ми, шо ќе биде воа чудо, слепела, шо си направила?
— Мори, шо ќе биде, златна сестрице Митро! Ете, ме ватал бесот, каде а расипуам ваа сиромашка мака.
— Ами, шо ќе правиш, невесто, со волку вапцано? — пак праша Митра.
— Шо ќе права! Неоти знам да ти кажа. Токо ме фати умот: дај да а собера ваа в’ничката, да не се пилат глувци во неа и да ми се смеат витолшките како на Пилови снаи. Си чула ли, сестрице Митро, шо прикажуајат за неј? Во еден кош в’на од пред печес години се пилеле глувци, во друг кош се мачиле мачки, во трет се окучила кучката и така Пиловиот земник станал: глувчарник, мачкарчик и кучкарник и еден ден не е чудно кога ќе му и подјадат ушите на сете Пиловци, — одговори потсмешливо Доста, не кажувајќи и на Митра и сега што мисли да прави.
Доста во Солун имала прилика да види како се мажеле пријателки на конзулицата и загладала дури и во нивната руба чеиз. Секоја девојка што се мажела, носела — покрај сите алишта што и требат нејзе — уште и кошули, чорапи за зетот, дарови за свекор свекрва, девери, золви, јатрви; постели, завивки, та дури и некакви шарени покровчиња. За постилање ли биле, за завивање ли, тоа отпрвин не можела да разбере, ама кога веќе се наредувале, видела дека за завивање носеле некакви меки завивчиња што ги викале јоргани, а тие, шарените, ги постилале во одаите. И тоа, не да речеш само ноќе за спиење како кај нас во Мариово, ами ќе ја постелат одајата и ќе си стои така послана со месеци и години.
И сега, ете, и даде господ женска челад, та намисли и тука да се покаже оти знае нешто повеќе од нашите мариовки. А бидејќи волната и беше без пари, оти пак да не си направи и таа како тие песјачки солунките за ќерка си?
Го праша уште со време Илка за оваа работа, a
Тој и одговори:
— Прави. Доцо, шо те вака умот. Јас лели гледаш, су си амак. He ти разбирам од нишчо. Шо ти требе, кажи ми да ти пригода, а ти работи како те учи господ.
А Дочка така сакаше. „Море, ти само носи Ило, та да видиш Доца што мајстор е за правење и за јадење!” А, лебами, и за носење не паѓаше подолу ни од една мариовска посестримка. Навистина, не одеше само во алови кистови како Жиовката и Мита Доломарова, но затоа пак не можеше човек да ја види искината, закрпена или извалкана и исчурена, како што одеа Пиловите невести на кои преѓеска им се смееја со Митра. Таа ги фрли тие „ѓупските” (како ги викаше Илко градските алишта,) уште првата вечер кога се венча со Илка и си запука да си ги носи новите кошули од првата жена на Илка. И, дури сите в село се преслечуваа ,на двете недели. Доста не пропушташе недела да не ги смени алиштата. А оти чешелот стално и беше во појасот, тоа сите го гледаа.
— Мори, ка не а мрзе, песјачката една, секој ден да се чешла! — се чудеа жените по чешмата и реката, гледајќи ја често да се чешла.
А и Илко Рожденкин (така го прекрстија Илка Сукалов, откако дојде Доста кај него) не паѓаше подолу. Откако дојде Доста тој некако се подмлади. Почна секоја недела да се бричи, месечно да се потстрижува, та дури постојано и подвески да носи. Често преслечен секоја недела, — изгледаше како да е секој ден спремен за на гости.
Доста ја испреде и основата за шарениот ќилим.
— Дали ќе има одаја тој прикрепникот на Нешка, да го постеле? — се праша Доста, радувајќи му се на уште неисткаениот шарен ќелим, па се поправи сама:
— Ами еве, овде во тремот ќе си направиме ние со Илка и тука ќе си го постиламе со Нешка.
Но во тој момент и појдоа мислите пак во „бацето” на Нешка: „Ошче тамо да ме замеша господ, нишчо друго му неќу, — си рече за себе. — Ајде, де, кај е господ, никој не е. Ако ме има за челад, сполај му, белки не ќе ме забораве и тука! Mope, ќе си издутна ошче едно машко, та шо сака нека биде! Троа мака, троа зорт долни крај, ќе си постенкам, ама баре дирек на куќата ќе си остава. Најстина, го рекле старите: зет — како мед, токо којзнае пак каков ќе се погоди, та може и лошо да си пата. А вака, синот си е син. Кое од сакање, кое од страм, нема да ме напади .. . Ииии, човечко око ненаситно”, се прекори сама. — „Дури не ми беше стигната Нешка, ка си веле: Mope, маче шо е маче нека ми даде господ, само да е од мое срце. А сега, еве ве, слепела; виде кубаса, па сакаш и крвавица. Те замеша господ во векот со едно, сега ти текнало па за друго. Де, мори Доцо, де мори вчерашна голтарачко и слугинко светска!”
И со тие мисли ја разбуди Нешка. Ја извади од лулката, виде да не е измокрена, ја намести пак со ќулката и излезе во дворот да види дали се исушија предената. Девојчето, сонливо, ги поразмавта рачињата кога му светнаа разни бои пред очичките и почна да гуга, небарем ја прашаше мајка си за кого се овие разни предена:
Доста ги „слушна” тие прашања и ги „разбра”, та почна да и одговара:
— За тебе, дусо, за тебе. За Нешка ќе бидат сете виа. Мама те и шали килим, ами? Гу, гу! Убав те биде, убав како тебе, срце мамино. И голем, голем, голем цела куќа да постелиме. Најстина! Се, ете така. Мама напледе и основа, те кадиме лазбој, мама те ткае, Неска те си седи до неа и те си игла, ами? Така те биде.
После, кога те поласне Неска и она те пледе, те ткае. Мама те и вапса и нејзе за вути! Тики те везе косули алови, плегаци, сагии, те плете цалапи, ами? Цуууцбуууц, цулалаааа, маминоооо! Неска те биде тогас мома гема, те оди на вода, на оло, те пеи со момите, еми? Моле, и тие кодоси елгените те а задеваат. Како да не! Ама ти ге вл’кне несто, токо нека и! Гавата мама те му а скоси со масата. Чекај да видат тиа со ми го задеваат цупето ! . . .
Предената се исушија и уште другиот ден Доста ги свитка од мотаници во клопчиња и ги остави во земникот додека да ја приготви основата, Да беше кабил око да не затвори, само што побргу да го кладе разбојот. И навистина, само што помина Благовец, Доста напрчи разбој под тремот.
„Така! — си рече сама со умот. — До Велигден има ошче цели три недели. Како да биде, по дветри педи на ден да ткам — ќе го искам до денот”.
Пред првото чкрипнување Доста се прекрсти со една длабока воздивка и рече: „Ајде боже, поможи. Да даде господ со здравје да се ткае”, и чкрипна. Првата нишка ја фрли со бело. „Бел да и биде векот на Нешка и тој на нејната друшка”, си пробрбори. Втората нишка ја фрли црвена: да биде бела и црвена Нешка. Третата — зелена: да си го ќердоса зелениот венец што ќе го носи како невеста”. Најпосле фрли по една жолта и црна нишка.
Така го почна Доста ќилимот за Нешка и, навистина, до Велигден го доврши.
На Велја среда го пресече и го извади разбојот од тремот, за да и го отстапи по Велигден на Митра и таа да чкрипне некој и друг лакот шајаци или некое козинавче.
Откако го кладе разбојот со ќилимот, та дури да го извади, се изредија скоро сите селски невести и баби да видат што ткае оваа јабанџика кај Сукалови.
Доста, по својот обичај, а и од скромност, ни на една не и кажа што ќе биде. Само на Бојана и поткажа, ама оваа не се ни интересуваше толку толку.
— Ами! Ќе ода јас да си го врлам здравјето и маката за некој си пезевенкзет. Малку му е шо ќе му дада жена, па требало и постели и завивки, дури пак и шарени черги. Нека запнат, лебами, со ќерка ми, нека си направат, ако сакаат да имаат! My е гајле на Ристе мој оти не му донесу јас ни за мене алишча, та веќе за него не е ни ред.
Но, колку да не и ја одобруваа модата, многу во себе си поставија задача и тие да си исткаат по едно вакво покровче. Особено оние што имаа по едно девојче, а повеќе волничка. Чорбаџивката Милошка, нунка и на Нешка, дури се најде навредена оти крштеничка и Доста не и кажа што мисли да прави, та заедно да излезеа со модата. Таа веќе правеше распределба на нејзината волна, која требаше на Ѓурѓовден да се настрижи од пет шест стотини глави овци и нарочно ќе ја посети Доста, да може да разбере колку ќе треба да задржи од волната.
И еден ден се крена со чорапот в раце, та дури кај кум Сукалови.
— Мори, дома ли сте домаќинки! — викна Цаца на малата врата и ја држи вратата за жапка, да се осигура од кучката, оти таа навистина не познаваше кума — побратима.
Ама лоша кучка беше таа Сукаловата, бреј! Беља си имаше сиромав Стојо со неа. Немаше ден, недела да не го викаат на уќумат заради неа. Еднаш му ја искинала гуната на поп Трајка кога се враќал од гробишта дома, другпат го укасала Црневото дете, трет — ја исплашила Улевата невеста и; сиромашката, си фрлила машко дете од шест месеци; та дури и панталоните на ќатипот му ги „закрпила” кога врвеле со Колобана крај Сукаловата мала врата да се прошетаат.
И сега ете, нунката Стојанка ја држи вратата дури да се јави некоја од Сукаловите снаи.
На нејзино викање, почна да се кашла некој и да ја кара кучката која, како верен стражар, навистина осети оти некој тропа и стои на малата врата.
— Наки, бесот да те вате! — извика однатре Доста. — Ида, ида! — се јави и на тој што тропаше на вратата и пак се сврте кон кучката: — оксо — ќерата! — се провикна посериозно. — Повели, нунко, повели. Тиии, ке ни умре кучката! Како се реши, братко, да дојдиш? Ете, Нешка веќе порасна и ќе прооди, а ти, откако кладе име, не се врати да а видиш. Повели, бујрум, ористе, шо велаат солунките! — и ја зеде оддесно да ја води горни крај, туркајќи ја вратата на мандало.
Стојанка седна на понуденото столче, море го испи и кафето што Доста веднаш го направи, го подржа и истури еден кош благослови на крштенчето, го избакна и ја пофали мајка му за доброто гледање.
— Ами, шо сработите вие со ваа момата воа зимо, мори невесто? Право да ти кажа, јас повеќе за тоа се накрена ваки денеска. Векот, братко, те разнесоа по сете села, а ние, авој луѓе. не сме разбрале.
— Мори, златна нунке, златна! Греот да ти го берат и тебе, и мене. Шо виделе, орјатките, кај мене та шо завиделе? Дали извади шајаците, како они; дали та кажа, нема зошчо да ти криа, неоти ти ќе ми го клашните, покровите та толку шо се зилјатарки? Ќе земиш? Токо на, подржи го чупето да ти го изнеса „чудото” шо го собра воа зимо.
Доста слезе во земникот, го донесе шарениот ќилим. Нунката се вџаши од чудо, се изненади, изнацука на убавините и умот што го направил ова „чудо”, и разбра што сакаше да разбере! Го избакна уште повеќе крштеничето и стана, си киниса, решена по секоја цена да исткае и таа такво „чудо”.
Доста ја испрати до Манџиковата порта и се врати дома да го чека Илка од работа.
Милошка уште до есен иска поголем ќилим, со четири дипли и прва го изнесе на коњот, на кој беше товарена рубата на ќерка и, но сите знаеја дека модата е од рожденката, та и денеска, кога меѓу момите станува збор за руба и чеиз — се прашаат: дали таа и таа девојка носи „рожденски ќилим”?
* * *
— Охохо! Ама ни се погоди денеска денот да се измиеме и да си запереме за утре! Mope тој, сполај му, си а годи работичката!
— Ама и он гледа оти го чекаме со душа, сполај му, та ќе дава, шо ќе прави! Токо .. . најстина ти, Боле, шо стори, шо направи? My скрои ли ново ќурче на Толето? На Вилка и навеза ли ново кошулче? — ја праша Доста Бојана со која никаде не се делеше, та дури и на Велја сабота навалија двете еден котел, да приперат нешто ситно од децата и да набелат некоја нова нивна кошула, оти утре треба да се излезе на сретсело, а дал господ, тие двете се „брези магарици” и сите витолишки во нив ќе гледаат, а особено нивните деца: како се облечени и наружани.
И навистина се погоди времето. Пролетен ден со сите свои убавини. Уште од рано Деницата излезе јасна, како солза, и со своите искри разнесе на сите четири страни вест дека овој Велигден ќе биде насмеан.
Та која ѕвезда толку јасно свети? Та која од нив толку ја познаваат луѓето? Која од нив им го покажува времето и оди напред пред сонцето? Ни една. Неа ја знаат овчарите и по неа ги скориваат своите стада; неа ја знаат орачите и по неа ги спрегнуваат своите ѕевгари; неа ја знаат жетварите и по неа ставаат да ги зафатат долгите опашки на ушите подолгите слогови. Та по неа се управува и самиот наш дедо поп Трајко, кој ете, утре ќе стане кај полноќ, ќе излезе надвор и ќе ги фрли очите право кон Српјановец да види дали е излезена Деницата. Ако не е излезена, ќе прилегне да ја дочека, та да оди в црква, да ги извести верните за големиот празник — воскресението на божиот син.
И ене го најпосле и „Илиос” на Трибор, како нункова погача, на лоза печена, поцрвенета на горната коринка. He излегол ни еден остен, а веќе насекаде се осетува неговото пријатно присуство со светлиот поглед и пријатната пролетна топлина.
Тој „Илиос”, уште пред една две недели ги извика од земјата качунките, јагличките, петревите гаќи, момини солзи, а дренот го натера да ја облече својата жолта облека.
Сега пак, ене го каде ги брка јагнињата во дедо Маловото асло, ждребето по ливадите и децата на чаирот. Од дрвата направи цела променка. Сливите, крушите, кајсиите, ѕенѕерите во “даскаловата градина се променија во бело, јаболката и праските во црвено, a на сето тоа — лилјакот го покри целиот осој со своите антерии. Пчелите одамна тропаат на вратите на сите видови цветови, а славејчето го извива својот тенок глас од рана зора до доцна вечер, скриено во мирисавите цветови и зелените лисја на разбудената природа.
Еден од таквите дни беше и Велјата сабота, во која Доста и Бојана навалија котол да приперат, да се измијат, да се дотераат за утре, за Велигден.
— Мори, му скрои, златна Доле. My скрои нешчо, токо зар толку убаво како чорбаџичките! My скрои, Ристе ми донесе басмичка од Прилеп, затули тамо едно вурдуче, како сака нека биде. Коа таа шо велела: „ако е куска — нека е новка” и јас — какво сака нека биде, лели е новко? Нека ми е живо коњчето, та какво и да е самарчето, ќе ме носи! — зборува Бојана и ја бели жолтата грчка волнена шамија, продолжувајќи: — На Вилка и „навеза” Риете, да му даде господ илјада добрини ! . .. Mope, море, море! Co злато не се докупува вој Ристе мој! — почна пак да го фали. —’ Ич, јас ни абер, кога вака: еден ден Ристе ми ти носи нешчо во торбата. „Бојано, Боцо, види да видиш шо су ти донесол!” — вели тој, и ми а подава новата торба, влашка, со ново струнено поврзало. — „Море ми, кога а иска, слепелнику?” — му вела јас, a тој се насмевна и ми чини со ишерет: „види, види шо има во неа, та не питај кога су а искал!” Кога вака: јас проѕирам во неа. — Шо велиш, шо имаше, a ? …
— Ами, шо можело да има, Боле, некој ореи, круши, јаб’ка, или некоа и друга грутка шиќер. Друго шо ќе имало! — одговори Доста со голема увереност дека погоди.
— Хаха, ха и хихи! — се насмеа Бојана гласно и се слушна дури на конакот, та и стариот мудур погледна преку отвореното пенџере, кое гледаше кон перачките.
— Бак, бак, бак, шејтан — ѓелин1, — процеди тој преку двата предни заба.
— Мори, какви круши, какви opeи, какви јаб’ка, каков шиќер, сестро златна? Ами а дом’кна мој ми ти Ристе „старавинската” за мене и едно грабенко — малецко за Вилка. Ем да видиш, Доцо, ќе се чудиш. A бре, рацете да и капнат на таа шо и везела? Ајде, аловата за мене — и така и така — може да се најде, ами ка му беше лет пак и за Вилка да најде? Оди ти, Доцо, дупи си прстите цело зимо, а Бојанка ќе и навре утре готова алова кошулка и ќе си и облече дечињата. Ама оти не се од неа везени шо дека? Она не и украде? За пари! Некој работе, друг јаде. Имаш ли денеска грош, шо сакаш можиш да најдиш.
Бојана удри пак на фалба: како нејзин Ристе за ништо вузло не ја дава. Само таа да му е здрава и убава, да му ја држи куќата отворена, а тој за се ќе најде чаре.
— Ами коа била таа душа шо си а продала кошулата од грбот, да и е арам? — праша Доста небарем не и текнува откаде е. Та таа знае сигурно дека во Мариово никој не продава никакво алиште освен оние што ги даваат на црквите и манастирите.
И навистина, Ристе помина крај Чебрен, а таму одат секакви страдалници и оставаат што им кабули душа. Некој овца, друг коза, некој жито, трет прасе, теле, крава, дури и цели ѕевгари, а жените — тоа што имаат. Која волна, која чорапи, гаќи, ќурдија, дури и по некоја сакма, а ете, некоја сиромашка фрлила писана кошула, — алова, „старавинската”, а некоја пак грабено детинско кошулче. И Ристе. бидејќи си ја знае Боца каква работница му е, а ваму сака да му е подгиздена, дотерана, си ја зеде грижата и да и „навезе”, и да и „сплете”, и да и „искае” и кошула, и чорапи, и прегачи.
Затоа тој одамна беше му натратил на игуменот од Чебрен — поп Трпета, ако падне некој женски шеј бездруго да му го причува, и уште една две оки масло напред остави како капар. Тој капар нема да се есапи во пазарот.
И навистина, ете, пред големиов празник во Чебрен се заврвеа поклоници — болни, неволни — со десетици. И секој од нив носи што му душа сака и бара помош од свети Димитрија. А тој — сполај му, и помага, само и таа помош е сразмерна на донесениот подарок. Ако се бара здравје и напредок за овците, ќе се донесе или овца, или коза, некој стог сено за да се изранат 800те манастирски овци; ако се бара здравје за говедата, ќе се ариза ја само теле; крава или пак и двете заедно; да навали св. Димитрија потешко да се умножат поголема сурија) ако се бара услуга човек, тогаш со што ќе знае свети Димитрија оти тој и тој бара од него некаква заштита, ако не да ги гледа тука, пред него по една две години. Таквите оставаа, според тежината на болеста — да служат по една две години на манастирот, се разбира бесплатно — за здравје, и кога ќе си отидеа по две години, ќе пуштеа на дизгот по некој черек, бела меџудија или лира — како им стига рака. Со тоа си земаа збогум со свети Димитрија и го молеа да им ги прости гревовите што ги направиле за оваа и друга година, што газиле околу манастирот, што јале и збореле можеби понекој непристоен збор во негово невидливо присуство. Кога си одеа дома боси и голи, тие се заветуваа дека нема да го заборават доброто што ги излекувал свети Димитрија и секоја година идеа на денот да му благодарат. Тогаш пак не идеа со празни раце: секој носеше што можеше.
Ете, по тој пат беше дојдена и аловата кошула за Боја и грабеното кошулче за Вилка.
Бојана ја набели шамијата и тулбенот на Вилка и се готви глава да се мие.
— Ама време, ааах! — Пак почна да го фали времето. — Ако сака господ, ќе му се наиграат утре Макревите моми и млади невести.
— Mope, ами и време му е да е убаво, Боле, — одговори Доста, тресејќи некои од пелените на Нешка, кои требаше до утре да бидат готови ако сака да излезе со бел образ на сретсело.
Околу ручек другачките го кренаа котолот и „дробните” работи, измиени, исправни, набелени, готови за утре.
Си дојдоа дома, ги распростија алиштата по драговите да се досушат и седнаа да си плетат кај Бојана, оти пак да не си дојде Ристе со маските и да замине за Прилеп! Тој непара го бакареше ни Велигден, ни Ѓурѓовден, не гледаше да извади некој грош, оти требаше, ете, и да „везе”, и да „плете” и да „ткае”.
* * *
Најпосле и Велигден дојде.
Дедот поп Трајко неколкупати излева ноќеска да види што коа е и таман Деницата се јави над Српјановец, си ја зеде торбичката со алатите и пукарачукара, дојде во црквата.
Таму сега веќе Петре беше го разгорел оганот, се направил жар достур, а и пцалтот Кушо беше го преварил дедот пол и го изнесол „воскресението” надвор да му тропа на дедо поп кога ќе почне службата. Да знаат селаните кога службата ќе почне, Петре го удри клепалото, и од сите најнапред се довлечка бабата Манџичица, Милошка, дедот Пило и некои други стари жени, и службата можеше да почне. Дедот поп влезе внатре и се затвори добро. Сите однадвор ја нападнаа вратата да молат да ги пушти во „царство небесно”. Тој однатре им одговараше: „покајте се, оти се приближи царството божие”. И овие сите паѓаат на земја, удирајќи се со тупаници в гради, во знак дека се каат. На тоа дедо поп ја отвори вратата и ги прими покајаните „деца божи во небесното царство”.
Церемонијата се сврши брзо, бидејќи на Велигден нема многу пеење в црква. Се што беше да се пее: за фаќањето на Ристоса, за распинањето, за закопувањето, за влегување во пеколот од каде го извади Адама, та и за самото негово воскресение се пееше цела недела пред Велигден. Сега само отслужи една обична Златоустова литургија, се назова „Христос воскресе”, се причестија луѓето што ги испостиле седумте недели страшните пости, му дадоа по едно јајце на попот за „божиот дар” што го примија од него и црквата се пушти.
Дедот поп, како што му е редот, остана последен в црква. Ги собраа со Петрета и Кулета јајцата и поскурите, им даде и ним по дееетина дваесет јајца, по дветри поскури и му ја нарами торбата на Петрета да ја однесе кај него, оти толку беше „лесна” та сам, така стар, не можеше да ја однесе. А требаше и да им рече на старците што останаа под тремот да го чекаат„Христос Воскресе”. По поздравот изменија со Коло бана, Бина Даскалот, Лесната и Мисирлијата по едно јајце за „ногу години” и си разотидоа секој подома.
Петре замина, но бидејќи неговата куќа беше поблизу од поповата, се врати прво кај него и им го честита Велигден на неговите дечиња, преполувајќи ги поскурите и јајцата од торбата. Тоа што остана и го однесе на баба попадија со големи и убави благопожеланија.
На Велигден рано в црква одат само старците, стариците, мали деца, момчиња што си дошле од овци, од говеда и моми што сакаат да се причестат. Додека млади невеста, младоженци не се причестуваат до годината, оти „не се чисти”. Но затоа пак денеска, на пладнина, се оди в црква со леб, со подароци, ракии, вина, мезиња и тука им е местото на сите. Особено на момите. Тука и на орото на сретсело треба да се покаже мајсторлакот и трудот од цела една година: која девојка навезала поубава кошула, искала поубав прегач, саѓија или исплела поубави чорапи.
Ни Доста не беше баш чиста за в црква. Навистина, нејзините постеа, ама таа си поткраднуваше од сиренцето кога го видуваше да не фатило „живина” и си ги лизнуваше прстите да обиде да не е изветреано солилото. Да не се плашеше за Нешка, ич немаше да пости, но којзнае, може некој да гледа одозгора па да му напакости на девојчето.
Бидејќи Ристе Бојанин не одеше в црква ни наутро, ни со подарок, Бојана беше ослободена од таа должност и спа до сонце огревање. Потоа стана, наготви колку за неа со децата, се накрка слатко и благо и се промени „велигденски”.
Ама Доста требаше да ги задоволи потребите на Илка. Тој цела зима не се врати дома, оти требаше да се вади стоката. На колибата на „Опстраница” браќата Сукаловци ја собраа есеноска стоката: овци, говеда, коњи, маски, волови. Само товарните добици Стојо ги тераше дома со дрва, назад со леб и сено, а Трајко и Илко цела зима — едниот по овците, другиот по говедата, ич дома не се вратија. Дури и алишта за преслекување таму им носеше Стојо.
И сега, редот го носеше Илка да си дојде. И си дојде.
Стојо однесе на Велја сабота мазник зелник, јајца, сирење, сланина, a eвe веќе имаат и млеко од кравите и козите,; ќе го прават Велигден со Трајка таму, а Илко ќе оди в црква да се причести и да се замеша во еснафот.
Доста со душа го чекаше. Велигден да си дојде Илко. И како да не го чека? Од свети Атанас, кога Илко наврте пуста „Опстраница” се на се двапати си дојде на преслечување. Дури и тогаш не можеше на раат да се излафи со него, бидејќи зимното време не им позволуваше да си постелат сами на чардакот или на амбарот, ами беа принудени да спијат дома на женскиот кат, заедно со брата си Стоја, со Митра и со сите нивни деца та не можеа и салам да се завртат, a камо ли да си проговорат нешто „шепни покров” како маж и жена невидени одамна.
А сега, временцето се стопли. Нешка потпорасна.
Достините јадења и пиења: мазник, ракија со мед, булиња, погачки на тенкото сито, на црковната трпеза предизвикаа чудење и завист кај витолишките невести и мажи. Мажите, што седеа поблиску до Илка, а што му беа роднини, завидуваа на домаќинлакот и убавината на невестата Доста, а тие што не му беа роднини, си поголтнуваа: старите — од убавите готвени што ги донесе Доста пред Илка, а младите од нејзината убавина. И навистина, и Доста, иако мајка со дете на гради, скромно облечена, па и не толку млада, не се разликуваше од најубавите и најмладите невеста, па дури и постари девојки.
По раѓањето на Нешка, лицето и се избистри и обеле уште колку што беше бело, очите и светнаа како молња, косите и беа заплетени, прибрани, а растресените цулевци како свила ги покриле ушите!
Од се повеќе ја разубавиле бујните гради кои, наполнети со млеко, само што не се истуриле надвор од гушалето.
А пак и таа знаеше да се носи ѓаволски! Само пред себе гледаше, никого без потреба не погледнуваше, ни муабет без потреба правеше. И сега, на Велигден, кога му го донесе подарокот на Илка, да ти е мило да ја гледаш. Затоа едни му завидуваа, други му заблазнуваа, а некои од нив тешко издивнуваа со жедни погледи.
— Mope, се заоблачи, побратиме, — му вели Мисирлијата на Трајка Ташков, кога ја видоа Илковица крај црквата.
— А бре, од облак врне, Ташко, шо ќе му правиш! Имал к’смет човекот, ќе му тече куќата мед и млеко. Ене не, ка напнала, машала, само ведро пушча! — и сите поблиску што беа на трпезата ги фрлија очите на градите од Доста.
— Пушча, ја! Рано е отелена, а изгледа теленцето е слапко, не може да а повлада, — се јавува Никола Косов, еден од многуте мераклии на убаво винце, поубава ракиичка и најубави невести, иако веќе стар.
— Ајде ти, плаку еден, бери си го умот во главата и полека, да не не чуе Илко, да ни и скрши коските на сред софра! — Го плаши Мисирлијата за да го одврати откај што гледа.
Се редат муабети за Доста, се срамнува со другите невести и моми, се пуштаа по некој и друг комплименти, некои пристојни, други пресолени, како од Мариовци. Некои идат и до ушите на Илка, ама тој беше ѓениш; ја знаеше Доста оти му е на место, ја сакаше тој неа и таа него и немаше што да се тревожи.
Помина ручекот велигденски, се најадоа мажите, се напија, дојдоа пак жените да ги земаат тепсиите и се надуја гајдите на сретсело. Некои, уште од црква цврцнати, поведоа танец, искочија горе и целото поручек помина за сите како една минута. Мракот падна и секој се прибра под своите стреи.
Илко и Доста се прибраа, и по слабата вечера, се најдоа на чардакот во постелата од нов посталач и нов покривач.
Чардакот на Сукаловци е токму карши сонце — право на исток. Од него се гледа целата борова гора од Трибор нагоре до Перун и Самовилска Тумба, надолу од Српјановац до Козјак — Лигураса — Куша, Камчева Орчица, та дури до Минев Рид.
— Види, види, Ило, како ни се смее месечината! Ем ни намига со едното око!
Илко се загледа во Доста, па во месечината, пак во Доста, пак во месечината и почувствува дека навистина му се смее и го гледа, ама место да се уплаши или засрами, тој го собра лактот на раката на која лежеше Достината глава и оваа се најде под неговата гуша.
— А, мори златна? Ќе а гушкам шо ќе ми правиш? — и се обрецна тој на месечината и му се стори оти таа ја растегна повеќе, и онака растегнатата, крива уста.
— Смеј се мори, смеј се, коа да не си видела како се гушкаат маж и жена! — пак и се брецна, сега посериозно, мислејќи во моментот дека нему му се смее.
— Еве, да видиш, не само што ја гушкам, ами и ќе а бакна, — а де? Пукни , да пукниш, ќорла една!
И за „инает” на месечината почна Илко да ја целива Доста и тоа така жешко, што и самата месечина се застрами веќе да гледа и слуша, и се издигна високо да се закрие зад ќерамидите од стреата.
* * *
Вториот, или среден ден на Велигден, е највеселиот ден. Дури вчера старите се занимаваа со црква и причест, младите со готвење погачи, мазници, благи ракии и мезиња, денес уште од утринта секоја млада, секоја стара, ќе се токми, ќе се ружа, според возраста, за на сретсело. А на сретсело, веќе, уште неогреано сонцето, излегле ергенчињата и машките деца и, ене ги, пред Влашкиот Ан и пред Батанџиовата порта во групи чекаат, кршат јајца. Стар адет на Велигден да се кршат јајца и чие ќе падне — ќе се скрши — ќе му го даде на победникот. He само децата и ергените, ами и по некој постар, та дури и старци си прават разонода со ова.
Една група се собрала и пеливаните се кркорат сред неа.
— Ајде, деца, врј, врј! — Кој има јак врј нека дојде вамо — вика Крчо Косов. Неговите кокошки биле пасени во оградите, бидејќи куќата му е на крајот на селото и тие јајца от такви кокошки биле појаки од оние што се од сретсело. И друго: Крчо е мајстор на одбирањето. Сите ги пробаат јајцата со чукање со прст, ама Крчо знае друг марифет. Тој ги проба на забите та тајната никому не ја кажува.
Ене го иде го проба јајцето од Ристета Попов — на поп Трајка.
Крчо се мршти и го кисели лицето. Изгледа позна дека јајцето од поповиот син е појако. И како да не биде појако? Попот собра велики пости пет шестотини јајца од цело село, па дури и од Врпско, каде што по „стручната” преценка на Крча јајцата се многу појаки од витолишките, бидејќи Врпско е дваесет и една куќа и сите се на крајот, та сите кокошки пасат, не само во оградите, ами дури во планината.
— Игбалана, — му вели Крчо на Ричка со мала сигурност на победа.
— Лежи, лежи, земи го, Ицо. Су зел со него, дваесет и едно, па најпосле и она е душа, се умори, стопанка му! На, лежи, земи го!.. . Ристе ја стегна раката. И му се сака, и му се нејќе.
— Еее! те србе, ем те боле! А де? лежи, или удри! — Крчо го стисна здраво јајцето и му го поднесе под носот на Ристета.
— Абре, ќе го земиш, токо земи го неоти парите су и дал за него — се теши Ричко: — Донесе попот петшестотини, па да ти оддела едно и тебе.
И Ристе мавна со дикат — право, ота може и накриво да мавне, па ако се скриш Крчовото не го признава Крчо и не го дава, а ако се скрши неговото, ќе го зијани.
— Долното, горното, долното, горното, едното, едното! — се слуша од десетина сеирџии, кои со запрен здив чекаат Ристе да мавне.
Мавна, најпосле, и навистина: Крчо имал право што се мрштеше кога го пробаше:
— Јааа! — му се насмеаја сите на Крча.
— И в’кот змиа го касна! — Така, така, охохо! . .. Го виде ли, Мице?
— Mope, брате, со поповото можеш ли да се бориш. Тоа е пеано јајце, — вели кисел Крчо и го вади од џебот скршеното јајце.
И така цел ден. Тие што не играат на танец или преокакулица, се занимаваат со кршење, лупење.
— И навистина, бре луѓе, виа велигденските јајца ем поголеми, ем послатки ми се гледаат, — си го даваше својот суд овчарот Билјаров, стариот дедо Беле. Тој и не јаде многупата во годината јајца, но дотол редот и јал, ама не се другите како велигденските. — Колку да е сит човек кога ќе се сети оти е Велигден, ќе касне едно две, колку за „Ристос воскрс” и најстина му се слатки.
— Божји благослов, бре Беле, — му одговара другар му Митре Србјаков и му го подава половината излупено јајце. — Земи, земи касни, за ногу години!
Сонцето веќе искачило над Трибор. Никакво петно на небото не забележува за да ги покрие неговите лачи. Трети бора на Трибор први го поздравија со своите подароци, а росата што беше на нив пополека се слизгаше од гранка на гранка за да слезе по стебло дури до корен и се скрие на жилите на борот. Крсташ орел се зададе откаде Пуловец и прелета над Трибор за да падне некаде по Раец, Раково или Дунското.
Реката бучи долу Папањ и ги напива ливадите со студена планинска вода, додека овчарите ги прибрале своите стада еден крај друг поблизу, да можат да си помогнат и ги фатат дојниците да намолзат млеко, та и тие да го прават Велигден в планина.
Таков беше овој Велигден. Убав, јасен, чист ден — радосен како целата природа.
Ете, на таков Велигден после изгревањето на сонцето, се најдоа пак Бојана и Доста на сретсело. Бојана ја опнала новата алова кошула што и ја купи Ристе од манастирот, море — нов прегач, нови алови чорапи, саѓиа, ќилим, грлниче, па дури нов појас од осум оки.
— Mope, ами шо а боде, песјачката песја, зар седнала да си и дупне прстите во ниј или пак да чкрипне некој и друг пат! Готови, везени, ткаени, плетени, кистени, од живи од умрени, лели Боца си има да си навре, шо и е гајле? — велеше Тушевата невеста, покажувајќи со прст ,на Бојана.
— Mope, лели мрцинаво, па мрцинаво! Јас да су, не на снага, ами в земник не и внесувам. Од умрен соблечени па јас да и носа — господ да чуа! — одговараше Стана Дојкова.
По облеката Доста не беше толку за гледање. Како жена со дете, а и не толку „зелена” — како Бојана — таа ни на средниот ден на Велигден не опна алови кистови, прегачи, ни шарени чорапи. Нови, но скромни алишта од Стојанка ја покриваа нејзината става. Ама по убавината не паѓаше подолу од Бојана. Додека Бојана беше бела, со руси коси, сиви очи, бело лице, (дури и веѓите и беа руси) — Доста располагаше со сосем друга — грчка убавина. Бело лице, црни очи, црни веѓи, црни коси, долги црни клепки и, како бисер бели заби во малата, како кутија, уста. А колку до ставата, Бојана не можеше ни да и признае нејзе.
— Mope, остајте а Бојана, жени, токо гледајте a онаа орјатка! Без кистови, без аловини колку е поубава од Боца. Ем ка е скромно облечена! И колку а вака вој нашиот рувет! Каква беше кога а видовме првин во грацките вустанки, а видите сега каква е! Ни Доста Макрева не може да и се вати на малиот прс.
— Ама и Илко не паѓа по долу, џанам, — пак се кажа Велика, и испушти една незабележителна воздишка. — Го гледате? И он како момче изгледа, ако веќе и помина четириесетте. — И покажа со глава на групата машки меѓу кои Илко беше за цела глава повисок. — Гледате ка зарудел по вратот, како ергеч од дваесет и пет години.
— Туа де, дури и вратот на Илка му го виде ти! — ја брецна Стојна Цулева. — Ете, тоа ти се вели стар мерак. Зарудел — не зарудел, он веќе не гледа ни во тебе, ни во мене. А гледаш Дочка, му и п’не и очите и рацете на Ила и ние сега можеме да си и пог’тнуаме слинките. Токо, види слепела, па не помина ни година, а таа песјачка му издутна и ќерка на Ила Види пак шо убаво го наружала кучилото. Гледај, гледај! Нова ќулка со киски, тики со череци опшиена. Ами оздола му облекла и грацко вустанче врз пелени. Да мириса на градјаншчилак.
А Стојко Катин ја надул гајдата и свири ли свири! Дури и сам поигрува, а чкрипа ли чкрипа со обете очи на Дунава. А таа, ене, само му дава ишарет што повеќе да свири.
Сонцето излезе на сред небо и како да позастана и тоа да го погледа орото на сред Витолишча. Покрај Стојка Катин напнал гајда и Крчо Косов да посвири, да земе некое тврдо јајце, оти откако Ристе Попов му го скрши борецот тој веќе не најде друг да се занимава со тоа. Вака, ќе им посвири на чупите. Секое оро се плаќа на Велигден со јајце, на Водици — со јаболко. Кој ќе плати, тој ќе игра на танец! А ене ја и Зоја Кожинкова со едниот образ изгорен: танец води, и Крчо — свири ли свири! И дури Стојко Катин дува од пети и се пред Дунавка поигрува — Крчо само квичи со гајдата и сосема по танец оди.
И Бојана излезе со Доста за рака; во десната држи бела шамија. Таа ќе го води танецот, а Доста до неа ќе го крепи.
Бојана го нарача орото „двапати зад нога”. Сите млади, и мажи, и женски, што беа на сред оралиште се тргнаа на страна да гледаат, да учат како се игра.
Играат играчите: — Петко — „машкото”, а Бојана — „женското”.
Извива Стојко со гајдата, го извива Бојана орото, а Доста и другите само во нозете на танчарката и гледаат и по нејзините движења играат. И го прави, пезевенката Бојана! Откако го тргна таа — сите очи во неа гледаат. Старите и завидуваат, младите и завидуваат оти и тие како неа не можат да играат и да се кршат. А таа кога ќе се кршне, ако така дебеличка, како ремен се вие, половината напред, половината назад. A Доста и држи само „сенка”!
Мудурот и сета „интелигенција” дури сега ги начурлија ушите.
— Бак, бак, бак! — вика старецот и му покажува со рака на Колобана кон танецот. — Она се велит оро, а не џиџимиџи, како оној малите чупи што го правеа!. .. Гледај, гледај како се кршит танчарот? Аферим — ашколсун, го правит, зарем, како треба. Аха! та и другачката, тој што дојде лави кај Сукала, и тој многу убаво играт. Така, таков оро ми се бендисува. Да сум помлад, жими вера, и јас би слегол да поиграм, Ама, ах!…
Од друга страна, сите сеирџии се насладуваат од убавото оро што го играше Петко.
Мажите гледаа во женскиот танец, — а жените во машкиот. Така си е тоа.
И Илко, кога виде дека Доста се фати до Бојана и оти сите во неа гледаа, му се разбуди срцето и тој со трчанка се фати до Петка.
— Ене не: златна сестричко. Ка виде Ило ота Доста му игра, и он се слече! — вели бабата Чочалица.
— Mope ми, оти да не игра, кога му е добра мисла? Шо му е кусо! Co жена, стока, па ете господ му даде и детенце, оти да не игра, зар престарел човекот? — одговори друга.
Колобан од балконот се шири „како орел во торба” оти му игра Бојана. Тој кај неа седеше, па луѓето си мислеа што си мислеа, ама ни нему, ни на Бојана, па ни на Ристета ич не им беше гајле. Нека си зборуваат што сакаат. Ним работичката им е арна и си го тераат животецот.
Само Јован Ѓуров му беше трн во очите и на Колобана, и на Ристета, бидејќи, во младите години на Бојана, се замеша малку во нивниот живот, ама ете и од него, даде господ се куртулисаа. „Крши вратот, побегна во планината кај сете неранимајковци и ете, сега место да игра со Петка и со Илка, тој седи негде зад Трибор или гледа од Зелка како се вие оро на сретсело, а тој си и пог’тнува слинките.
,Де го турка ѕидот со глава”, — велеа чорбаџиите кога паѓаше збор за него. „Ќе а ослободуа Македониа од царот шо а има петстотини години со една кременачка и никој не ќе го види!” .. .
Тој Јован Ѓуров, или како го викаа в село — Ѓуровчето, беше син на дедот Ѓура Јовановски од нашето село Витолишча, кој, за да го исхрани Јована и трите му сестри, помали од него, одеше секоја пролет во Ќесендра или Метуите на жетва, а откако ќе се вратеше оттаму продолжуваше со аргатлакот во Прилепско или Битолско Поле. Co парите што ќе ги донесе од жетва ќе купеше толку леб, колку еднаш во денот да јадат децата.
Бабата Тода ги заспиваше сите девојчиња и Јована со песна на уста и солзи по образи. Уште од малечки тие знаеја само за појадок и за ручек, а вечерата во нивната куќа не беше позната. Иако гладни, тие заспиваа, како и најадените комшиски деца, растеа не помалку од нив. Вака одгледан порасна и Јован: момче петнаесет осумнаесетта, ги фати и дваесетте години. Време за женење, ама се осмелува ли Ѓуро да побара негде в село некоја сиромашка за снаа? Та со што ќе пречека сватовштини? Co што ќе прави свадба? Та веќе со што ќе храни снаа — не мислеше. Нека работи и таа по туѓите чифлизи, нека печали, нека се храни! Ама кој е тој будала, пак, што ќе си го закопа на животи чедото: да му гладува:
И така, стариот Ѓуро гледаше да ги истурка прво тие „чумите”, женските, па за Јошета — ако се најде арно, ако не, — нека му е жива бабичката; ќе го приперува на две три недели еднаш, и ќе им завалкува по некој короман кога ќе донесе по некој тагар брашно. И навистина, чупите Ѓуро ги омажи уште со невреме. Наполни петнаесет шеснаесет години — ајде, турни ја на првиот што ќе ја посака, земи некоја и друга лира прид, позакрпи се со бабата и тие што останале назад; дури и последната не ја даде на Кулета Врчкиќа. Ама оти ги даде сите голи како змија на трн, многу му беше гајле!
— Такви се, свату — сваќе, такви! Голи, боси, гладни, ако и кабулите — да ваќаме рака, ако не — вие живи, ние здрави, ќе си го бараме сете чарето! — им велеше Ѓуро на сите идни сватовштини и стројници што идеа да му ги бараат неговите „бендене моми”.
Ама, нели во наше Мариово жените се к’т, едвај чекаа мариовците да се жугне некаде оти има женска полa за давање — како сака нека биде! Макар ќора, крива, саката .. . Па дури и немата Петкана Арапова се омажи за Трајка Рошајка.
И Ѓуро ја искористи оваа положба, ги измажи сите три чупи мали и остана сам со Јошка и бабата Тода. Јошето порасна момче, и Ѓуро се тешеше оти ќе види одмена. Ако ништо друго, ќе го води аргатин со себе во Ќесендра и по прилепско битолските полиња, и како да е, тие двајцата белким ќе го вадат лебот и за старата!
Арно ама, есапот на Ѓура не му излезе. Малото Јоше се стори Јованиште, веќе фрли дваесет и две и три години, а за работа ич не мисли да се фаќа.
— Ајде, Јоше, да одиме да му поораме на комшијата Тодета, белки ќе даде некој кутол на лето барем, да го јадеме лебот — му велеше Ѓуро. А Јошето одговараше со остер глас: — Нека ораат чорбаџиите, нека јадат чорбаџиите! Јас не му орам, ни му јада. Неќу на патот да и сретна не пак лебот да му го јада!
— Е, ајде, Јоше, да побараме некој ѕевгар да прсниме некој кутел на Кула наша? .. .
— Кој сака да јаде, нека сее. Јас, ни јада, ни ќе сеа!…
Се чуди пусти Ѓуро, се уми. Што мисли ова дете што никаква работа нејќе да почне? Од што ќе живее и како ќе живее без работа?!
Бабата Тода го праша еднаш двапати и кога виде оти нејзиното Јоше не мисли за живот, си ја поткасна устата и веќе не му проговори. Кај оди, што прави, што јаде, што пие, — тој си знае.
Го трати и дедот Ѓуро. Ако си дојде навечер — ноќеска, арно; ако побара јадење — што имаше во ковчегот и сам си земаше, — ако не си дојде и не побара — никому ништо.
И така Јошето Ѓурово тераше живот без грижи. А секаде го гледаа најоблечен, обуен, секогаш со чевли, та дури опна и фес со пискул и секогаш му се наоѓаа и по неколку черека во џебот.
— Откаде боже златен, вие пари?, — се чудеше пуста му мајка кога и се фалеше и дури и потфрлуваше по некој и друг бел черек. — „Откаде му се”? — И почнуваше да се чуди. „Да краде, не се слуша, душко, чишчо по село!? Да лаже? Кој е толку будала Јошко мој да може да го излаже? Ама сепак има нешчо шо нечини”, — кршеше прсти сиромашката кога ќе помислеше на него и на неговата судбина.
Јошето (или веќе Јошичето) имаше свој пат. Тој фати конушма со Младена Чкулот, со даскалот Бина, со Петка Спасов, со Трајка Ташков и други видни селани. Бистер по природа, научи да пишува уште во своите четиринаесет петнаесет години и уште од осумнаесет дваесете почна да се меша со самите Турци аскери и нивните забити.
Фатил пријателство со мулазимот од кашлата, со ќатипот од конакот, та дури и со стариот Мудур Арслан — беј; и зошто овие ќе го искористат овој млад човек ако не за кодошлак кај мариовките?
Јован требаше да им биде кодош кај Доста, кај Батанџиовите невести, кај Дунава Макрева, кај Бојана Жиовката; па дури и кај Рожденката, ама слабо поминаа кај сите. Заправо, секаде каде што Турците сакаа Јован гледаше за себе да си направи разонода и да земе по некоја и друга бела меџудија; „за да и купи на ,,посестримата” локум, чешел, огледало, та дури негде такцуам и в’нени шамии”. Барем така им велеше на тие што даваа пари, а посестримите ги газеше на секој чекор да не се даваат на Турците, оти главите ќе им ги скинел како на врапци.
По тој пат вела Јован дошол и до бела Бојана за која Колобан, ете, го пизми и раат е оти тој сега не е тука.
И како ќе биде тука при таква положба? Го излага мулазимот за Доста Макрева. Зеде од него две лири да и купи чевли и волнена шамија; го излага ќатипот за Дунава, сестра и, му зеде лира за бакшиш. Та го излага дури и стариот Арсланбеј да му направи работа за Доста Рожденката, па ете, помина година, завлезе втора, а тие само чекаат напразно. Јован ги мати сите од денеска за утре и си ја брка работата своја. А денеска ќе биде работа, ќе ги спријатели, a — утре; дните се редат, а агиве чекаат ли чекаат посестрими од Витолишча.
Е, најпосле Јован дрпна уште една лага во постите и ги бојадиса сите, дека на Велигден — по Велигден ќе имаат возможност да се радуваат на полни постели со витолишки убавици. Ама и овој ред не заборави да дигне: од кого лира, од кого франга — (од бегот — пет!) да ги задоволи утрешните нивни посестрими. Бидејќи пак тој не мислеше да биде кодош на своите мариовки, и тоа Турци да ги продава, тој и не можеше да го дочека Велигден.
Ни пет ни шест, Јован ја нарами кремењарката со која одеше зиме по зајци и — испадна комита!
* * *
Сонцето одамна зајде зад ридот. Се растури орото и сите си отидоа подома.
Мудурот, мифетишот, катипот, мулазимот, даскалот Бино, Колобан, Суло колџијата и коџобашијата Трајко Лесната, слегоа од балконот на Влашкиот ан, откаде одвисоко денеска го гледаа орото, и, нога занога, сите џумле, влегоа во портата на коџобашијата. Ги покани на визита, на по една ракија, по едно кафе; денот им е на каурите.
— Бујрум, бег, бујрум, повелете! — ги кани Лесната на прагот од својата ниска куќичка и вика по сина си Стојана да запали борина, оти веќе и мракот падна.
Стојан запали борина и го исправи светелникот под оган. Вивна пламон и ја осветли куќарката, та се виде постелата на машкиот кат.
— Повелете горе, бег, повелете. Повели, бујрум, катип ефенди, мулазим, мифетиш ефенди!. . Та дури и на Сула му закачи „Суло ефенди”.
Ефендиите влегоа на „големата” врата, ведејќи ја секој главата да не го закачи горното черчеве. Уште од вратата ги фати чадот од борината и боровите дрва и почнаа да си ги бришат очите, небарем се сетија за сите свои блиски и далечни покојници. А Трајко само чести.
— Повелете, бег, повелете ефенди.
Влегле веќе, не ќе се враќаат назад? Се веди бегот и оди, седнува што побргу, оти чадот се дигнал горе под греди. Се наредија сите по старешинство. Најдолу, се разбира, Суло и Злате протуѓерот.
Гезвето во оганот веќе брои. Лесната припикна и едно ѓумче од ока и веќе ја кладе машата во жарот да се гори. Стојан го направи кафето, а Велика, снаа му на коџобашијата сврши со едно „добро дошле” на сите и ги донесе филџаните.
Се послужи кафето, дојде редот и на ѓумчето. Лесната му шибна некоја полока „руски шеќер”, ситен, и зеде една грутка та ја стисна над ѓумчето и течноста во неа пожолте, оцрве — „ја запржи”. Ја претури неколкупати во една чаша и ги наполни донесените чаши. Caм служи коџобашијата; мудурот и другите гости пијат. Се донесе и мезето: сирење, јајца, цели мисурки се поставија на постелата. Софра се става само кога гостите ќе треба да останат на ручек или вечера. A вака се знае оти домаќинот не спрема јадење. Се почестија по една две ракии, се омезија и бегот напна да стане.
— Ајде Бино, ајде Трајче, ајде да го станиме, зерем, ќе го фатит ноќот, a јас стар човек не ќе можам да слезам до конакот! — навалува стариот мудур. — Па eтe, нека сет жив и „арни луѓе” имаме от село. Ќе треба да се позавардуваме навечер да не ни дупнат, зарем, кожите наш.
— Mope бег, седи, напиј се, касни си, та „трици” ќе јадат тие „арни луѓе”. За кого мислиш? Мене ми се чини баре во наше Мариово нема лоши луѓе. Кои се тие пезевенци шо ќе дигнат рака на царски човек; ќе му се исуши! — одговори домаќинот и му ја полни чашата на бегот.
— Ех! Кои се тие луѓе, коџобаши! Како ние трева да пасиме. Камо го денеска на сретсело тој Ѓуровчето? Мислиш ти, ние не знајме оти крши глава в планина?
— Кој Ѓуровче, бре ефенди? Јован на Ѓура мислиш? Тој да излегол в планина? И зошто? – праша Лесната и се прави како абер да нема од оваа работа. И продолжи: — Та он ли ќе направи нешчо на нашата царшчина? Ииии! Ако му се плаше царот на такви како Ѓуровиот голак, таман работа. Тогај шо ќе остане на светот. Земи, земи напи се, та нека кршат глава сете тие неранимајковци. Ќе го турнат со глава ѕидот, а не велат оти ќе и расцепат лејките!
Бегот и сите што беа со него се напија и станаа да си одат.
Колобан пред половина саат му шепна нешто на Златета, кој се изгуби низ малата врата без да го забележат Турците. Кога бегот навалуваше да станат, Злате си влезе од кај што излезе и му чкрапна на Колобана со левото око:
— Ајде, тогај, ајде да станиме — го прифати Колобан беговиот предлог. Станаа и излегоа од кај коџобашијата. И кога требаше да се разделат на портата од Лесната, Колобан ги повика „кај него на визита”.
— Јас немам овдека куќа, ни жена ни деца, ама ете, а брате на! — сакам да ми дојдете каде шо живеам да ми го честите денов. — Се запна и ги кандиса
Освен стариот мудур другите многу не се ни инатеа на предлогот на Колобана! Тие знаеја дека Колобан седи кај бела Бојана; та сите ги тргаше нешто надесно место налево, кај конакот. И немаше што. Мнозината го кандисаа стариот мудур и дојде веќе пред портата кај Ристета Жиовецот. Си дошол и Ристе и на веста што ја стори Злате, беше ја запалил ламбата (една во цело село), во одајчето, (едно во цело Мариово) и чека „мили гости”.
— „Колку мили” — „толку да бидат …” — си вели сам во умот, ама интересите му налагаат да се смее иако му идеше на сите со нокти душата да им ја извади.
— Повелете бег, повелете, — го пречекува Ристе со боринка в раце, оти беше темно под тремот. — Повелете, влезете во одајчето!
Навлегоа како и кај Лесната, ведејќи ги главите, ама овде место чад од борината и оганот им замириса малку на газија, што требаше да значи дека во оваа куќа прескочила некоја капка од „светската култура”.
Ем ламба, ем одајче — без огниште, — ем постелата некако на градска мириса. Mope, не само што мириса, ами сосем е по градски. Место рогузина и црни козинави покровчиња и шарени перници со слама полни ,овдека ефендиите најдоа: море — душек исполнет со волна, море — веленца, па дури и меки и бели перници со бубаќ и волна полнети!
На бегот и дружината им се бендиса постелата, одајчето, виделото без чад и седнаа редум со големо задоволство.
Трајче им направи „добродошле”, „за многу години, арлиа денот” и седна и тој како нив — гостин. Така стори и Ристе, фати рака со сите и отиде дома — в куќи, на вратата се појави Бојана, со сите денешни накити. Како да не беше се променила, па дури ни синџирот со гровчињата, ни крстот, ни амајлијата, скопците :не беше ги одврзала. Промената, наружана, како што беше на оро, влезе и на сите со ред, почнувајќи од стариот мудур, им стори здраво живо и фати рака, со секого па дури и со ќелавиот Сула ..
Се изненади мудурот, се изненадија ќатипот и мулазимот, башчаушот и чаушот кога видоа жена — каурка да фаќа рака со Турчин.
— Аферим, бре Ристе, анасана! — вели ќатипчето. — Види, како научил невестата Бојана да правит здраво живо по грацки. Така требит. Сите сме луѓе, и ние Турците не јадеме луѓе, зарем. Ама ми се чинит овој школо од ефенди Трајчета? — и се обрна кон него да го посочи на другите за пофалбен пример. — Така, ефенди Трајче, така. Co арно, со мирно, со љубов еден кон друг ќе можеме да живејме и ние и вие. He како оној пезевенк што рековме кај коџабашијата, Ѓуровчето? излегол в планина, ќе плашит мечка со решето. Е,е,е, брлива тикво! Ако плашеше орачот од врапците не сееше просо. Ако плашит Падишахот наш од такви пезевенци, неранимајковци, не држит царшчината четстотини години. Ајде нека обидит и он како и тие досега, нека туркат ѕидот со глава, шо рече коџабашијата. Вака зерем, учите вие вашите луѓе да слушат царот и царските луѓе, да бидат арно и вам и нам!
Цела беседа истури ќатипчето по однос на воспитанието на каурите, а умот му беше во каурките, (да прават здраво живо со Турците и да фаќаат рака што е најглавно!).
Ристе го донесе кафето, а Бојана по него топла ракија и почна да ги служи.
— Повелете бег, повелете, напите се иако не е, може се погодено, токо ќе ни прошчавате! Ние селанките не сме толку учени да пречекаме вакви госје, токо ќе декшавате!
— A, a, а, простено — благословено! — вели бегот, земајќи ја чашата од послужавникот, кој беше единствен во Мариово.
— Како непогодено, џанум? Шо велиш ти? Кој попогоден од вој куќа? Жими вера, јас чудам на чорбаџи Ристе и заблазувам оти вака погодил живот. Кој живее, зарем, како вас? — И ја гледа Бојана право в очи. Таа шеретски ги подигна веѓите и се понасмеа
Ги изреди Бојана сите гости со ред со по една ракија, повтори уште по една. Ристе веќе донесе и мезе. He како кај Лесната: само сирење и јајца, ами извади, пезевенкот, и разни шарени шеќери, суво грозје, леблебија, смокви, та дури и еден пјат сторени пиперки.
Суло и Злате пијат и спремни се на мигот од мудурот, ќатипот или мулазимот да скокнат и да извршат секаква заповед.
He толку поради убавата ракија и разните мезиња отколку за домаќинката си поседоа гостите и поправија „важни муабети”.
Ристе топли ракија, Бојана служи, и тука со чашките во раце „го разјаснија” случајот со Јован Ѓуровчето.
— Види, бре коџобаши, прати го абер на тој пезевенк нета се приберит дури не сум кажал на кајмакамот во Прилеп. Било што било, познавам јас него, не толку лош дете, тој токо го ватил некој умот, та побегнал. Ајде жити вера, да не правит беља на селото, та царот не пропаѓат од еден, два, десет, педесет и сто пезевенци. Ми е жал мене жими вера, младо момче да загине за банбајиала. — My се обрна мудурот на коџабашијата Лесната,
— Mope, кај ќе го вида бегу, да му нарачам, орман да вати, како шо ватил, не сакам дирата да му а вида, та камо ли него! — се брани Лесната, оти пак да не си ја зема бељата да го замешаат и него заедно со Јована!?…
— Знам бре Лесен. бре знам. Ти не знаеш него, ќе видиш, ама селанец пак селанец, ќе нарачаш в село кој ќе видит тој Ѓуровчето, нека кажит здравоживо од мудурот, нека дојдит право кај мене, ич, жими вера, потамо не велам.
— Е, е, е, лош дошол Лесна, лош. Лели дигнаа глава вакви неранимајковци, ќе страдат рајата. Токо, ајде нека кршит глава и Ѓуровче и сите со него! Ајде да го ставаме, зерем, го доцнивме многу. — И напна бегот да стане да се прибере во конакот.
Ристе стопли уште еден ѓум ракија. Колобан го запира, а бела Бојана по чорапи служи и така шеретски се врти, та сите грошеви, сите череци, бели муџидии и карагрошови тропаат на синџирите, подвеската и решмето, така што целото одајче ѕвони. Се завртува ли со тилот кон гостите и се наведува ли да ги наполни чашките од ѓумот, кошулата и се крева и над аловите чорапи и се прогледуваат белите жили под колена. A Бојана отиде уште подалеку: нарочно го разлабави гушалчето и под гушниче и се прогледаа краиштата на градникот, па се прави да не сеќава. А на агите им истекоа очите и само ѕурат: де во нозете, де во градите на Бојана. Колобан го забележа и едното и другото и зовре однатре, ама нели тој ги повика, не може да мм рече да станат. И кога мудурот предложи да станат, тој само колку за адет пробрбори преку заби:
— Рано е бегу, рано. Поседете си. Ќе се напиеме уште по некоја и друга ракија, ќе поправиме муабет.
— Рано не рано, ќе си одиме, ефенди Трајче. Стар човек, зарем, не можам да го седам. Ете, ако сакаат ќатипчето и мулазимот нека поседат. Мене нека испратит Злате и Суло, ќе одам да починам — одговори мудурот и стана со полна чаша во рацете.
— Ајде за „седи со здравје” домаќинке! — И наздрави на Бојана,
— Ами, поседете си бегу, оти толку рано ќе си ојте? — запна и Бојана да го задржува, ама Колобан и чкрапна со окото и таа ја зеде празната чаша на послужавникот и му ја подаде белата рака на бегот, на која светкаше на ламбата бела, сребрена гривна со три жолти черечиња подресена.
— Е ајде со здравје, ага! Прошчавајте пак ако не сме вредни да ве пречекаме како требе!
Бегот ја фати за рака и ако беше стар му тропна нешто на срце.
„Бак, бак, бак”, — си вели сам во умот, — селанка жена, ама што бела и мека рака има! А и наружана. ќерата, токму за пред гости, што велаат!
Станаа и другите, иако им се седеше уште да ја гледаат Бојана. Од друга страна пак ги влечкаше Бојанината рака. И се наредија да се простат прво со Трајчета, ама овој уште бегот кога му подаде рака рече оти ќе ги испрати до порта, та сите се поздравија со Ристета за да дојдат на ред со Бојана.
Најпосле дојде редот и на Сула-колџијата. Ристе му ја задржа раката, а и намигна на Боја тоа да го направи оти си има Ристе со него муабет. Бојана ја стисна Суловата рака во двете свои раце и Суло се најде во Мухамедовиот рај од задоволство. Ристе ја постави молбата. Суло го има чеканот за дамка, a Ристе десетина товари штици недамкосани, та „ако е кабил” да дојде утре Сулоага да ја удри дамката да не ги носи Ристе на каракулот и да не плати кочан.
* * *
По Велигден престануваат женските работи. Нема веќе везење ни ткаење. Пролетта ги вика сите в поле. Мажите ќе ораат, жените грутките ќе ги кршат, бавчите ќе ги прекопуваат, ќе садат грав, лук, кромид, пипер, зелки .. .
И Митра, и Доста си се спремија. Им направи Стојо на обете по едно рало опинци од кожата на крмнакот и почнаа секој ден по една да одат со него. И која? Се знае. Таа што е слободна, што не е нејзина „неделата”. И дури зимоска „неделата” беше тежина на јатрвите, ги задржуваше од женската работа, сега е лето, секоја сакаше што побргу да и дојде неделата за да остане дома.
Доста си ги брка, како домашните, така и полските работи токмо со сите витолишки невести и си го гледа девојчето. Прав не дава да падне на него! И ете го, уште година нема, тоа веќе стои во стојалката, гуга и се влечка по задниче. Доста го гледа како расте и се љубува на неговиот напредок. Косичката веќе му ја чешла, завртува зад уши, а во ушите му провнала обетчиња од сребрени гровчиња. Секој ден искапено, променето чисто — „како забитско, мила сестричко” — велеше Митра кога го срамнуваше со нејзините мрсулкоеци до под брада. „Шо а боде, песјачката, да не го гледа кога е едно! Нека врцне три четири пет та ќе а прашам и ќе а вида колку ќе и чисте”.
Митра беше „печена” на сите работи и само толку години даврандисуваше, а сега овие две лета и се поолесни. Куртулиса една недела од изметот во куќата, куртулиса од Илка — да не го пери, крпи. останаа уште девер и Трајко и Стојо со дечињата.
Ама не можеше рает да заспие кога си помислуваше оти рожденката стана топрак на половината Сукалова сермија. Оно, не е на половина, ама една трета сигурно Таа беше сигурна оти Трајко не се жени и оти кај неа ќе доживее и неговата третина ќе и остане нејзе.
По Ѓурговден иде бачило, света Никола летни кога се креваат овците в планина. Чорбаџиите се групираат по четворица и прават едно бачило осумстотини, илјада молзници; двајцата ќе бидат молзничари, а двајцата — јаловари.
Неколку години Илко оди јаловар, беа ќаи со бацка му Стоја; ама годинава ги сместија овците на руга кај Стрико Маловите, та сите тројца браќа тргнаа по полска работа.
— Што да капиме, браќа по ниј? — им велеше Стојо пред бачило на Илка и на Трајка. — Ете, нивичките ни се подгоени од лани — оломнани; па и тајфата не оти господ знае колкава ни е та да нема шо да работиме? Нека ни е добра мисла и нека ни се живи дечињата да си а собереме седбичката, благотичката, ете бостанец, царевчичка, градинки, лозјенца, едвај ако можеме тиа работи да и потиснеме и еве ти го, Митровден дошол.
Се сложија браќата и јатрвите, и си тргнаа по работичката.
Додека жетвата втаса мажите ги окосија ливадите, го прибраа сеното, излезе и едната мера млеко каде што Трајко измрда цела недела и, ене го, Петровден дојде!
Се точат срповите, се прават нови витли, опинци; се стегаат и Сукаловци и меѓу првите излегоа — „сосем дом, сосем чад” — што велеше дедот поп Трајко кога креваше панаѓии. Си го поведоа и крмнакот, та и кучката. Шо ќе прави она сама дома? — велеше Стојо. — Ќе ни се најде тамо, околу добиците и пљачките, да не и украде некој.
Сукаловската седба годинава е на едно место. Во „Гошово” тие имаат петшест кила семе и тука одамна имаат и колиба. Убаво орани, подготвени, нивјето ретко која година да изневерат. И годинава се добри.
— Иим! Сукала, ќе го нап’не амбарот ваа година од „Гошово”! — Завидуваа другите селани, гледајќи ја од В’ча жила пченицата од Сукаловци.
— Ќе а нап’не, ја! Работил човекот, печалил, ќе крка зелници — одговараа други од друштвото што одеше гope со добиците по дрва или си идеше од дрва.
Навистина, не беше убава седбата насекаде, ама „Гошово”, а особено Сукаловите нивје, немаа никаква маана.
Колибата Сукаловска беше од оние, „сталните”, во кои се мисли повеќе години да се живее. He како на Кањата, Карабоја или некој друг, што правеа меќани за една зима на едно нивчуле, па кога ќе го подгнои, кревај желниците и сламата на друго! И тие сиромаси не сакаа секоја есен да се селат и нови меќани да прават, ама нивните нивчиња беа кое осмак, кое шиник семе, та немаше што да гнојат, што да ораат. А колиба и трло се клава таму каде што има нивје за гноење, како што е случајот со Сукаловци, Чолаковци, Младен Чкулот и други, кои имаат по пет, шест, десет кила семе на едно место. Тие се велат чорбаџии. И нашите Сукаловци спаѓаат во овие ретки земјосопственици. Навистина, тие в село не беа многу прочуени, оти слабо се мешаа во селски работи, ама со сермиичка не беа подолу ни од Чкулот и Лесната, кои секоја година, ја едниот, ја другиот, беа коџобашии.
Еднаш Стојо влезе в село аза, но и тогај нешто ја избрбешка работата со некој аскер што дојде в село, и едвај, со триста придавачки, се куртулиса.
И кога на Митровден ги намнисуваа браќата Cyкaловци за некоја селска работа, Стојо бегаше Опстраница и таму оставаше цела недела и две, а Илко се изговараше дека без бацка си Стоја тој ништо не знае. И така си оставаа „зад врата”. Но тоа ништо не им пречеше на Сукаловци и тие си одеа, си работеа, си печалеа и си имаа од се по малку.
Уште пред да дојдат на „Гошово” Доста поотежна, но бидејќи домашните работи и работите по градините и царевките не беа толку зорт, Митра не можеше да ја сети на кој ред е.
А таа откако се сети оти лак ќе треба долни крај да „дере јарци” само на тоа мислеше. На моменти се каеше оти ќе си го подгази девојчето, може и да остане кржлаво, недодоено (оти во Мариово децата ги дојат три години); може да и се разболе чувај боже”; а од друга страна, пак, се радуваше при мисла и увереност дека тоа што ќе дојде ќе и биде „баце” на Нешка.
„Еее, ошче со тоа добро ако ме израдува господ, нишчо друго веќе не му сакам” — си повторуваше сама во умот.
Кога почна жетвата и Доста откажа на машките да им поткрева снопје, Митра како попарена си пи поткаса долните муцки: — „Мореее! песјачката песја! Ошче воа не го исквакала пак друго запатиле! Леле, мајко ми ти мила, ќе не изедат на зимо! Ете пак кршчење, арчови, растур. Шо ал се прави? Ами ако се погоде машко, кој ќе а гледа да се петле како црниот петел на бунишчето!” — И пак почна да си ја тепа главата. „Ах Митро, ах брлива главо! Толку ли не ти текнуваше оти тиа жени шо ќе дојдат за етрви носат деца? А тебе ти се чинеше ќе ти дојдат слугинки да ти и гледаат твојте и да ти работат, та запињај да се женат девери ти, желки по меот да му лазат, да даде господ златен! Ама нема шо да права сега, кога сама си а скрши главата! Ако му текне и на вој другиот да се жени, таман ќе а услагодиме!” — си повторуваше Митра со страв на душата да не и си слизне и снаа третана од имотот за која беше сигурна оти ќе и остане.
— „М’ња ќе го м’сне кога ќе му намнисам ошче однаш за женење! Ќе му го тргам гараметот дури е жив, ама баре ќе дела со Дочка две со едно …”
** *
По Петровден дните се долги, та време за работа колку си сакаш! Ама на витоливци и тие осумнаесет саати ден им се кусо, та ставаат рано пред зори или жнијат, доцна навечер, зависи од месечината. Ако е новина — навечер, ако е „ушчип” — наутро; ако е пак полна од ден до ден, тогај, и навечер и наутро.
Полна месечина. Ноќите се погодија како ден. Па времето се оклештило, јасници, опнало дење сонцето: пече ли пече! Кој може само да работи! И работат. како некој да ќе им го земе од нивјето. Жетвата брзо ќе сврши, ама за вршење ќе почекаат дури да дојдат спаиите.
„Главно да се соберат снопјето на капици, та за вршење веќе — кога цело село тогај и ние — си велеа домаќините кога намнисуваше некој за вршење.
Еден од марифетите во жетва е тој да се врзуваат што поголеми снопје, оти, ако спаијата не кандиса на „пресек” тогај „ќе се вади сноп” и тешко на оние што имаат многу снопје, а малечки! Тие ќе треба да дадат не десет отсто, ами може да ги фати и дваесет и пет па и триесет отсто. Кога се вади сноп, се земаа по сто снопа од три големини: најголеми, средни и најмали. Ќе се овршат и ќе се мери житото, та ќе се најде средниот принос од сноп. И сите ќе му платат на спаијата по оваа скала. Од шест, од осум, од десет, дванајсет — кило. И тогаш, тешко му на оние што имаат мали снопје! По бројот на снопјето ќе му го измери на спаијага житцето та ја останало за нив, ја не!
И затоа, ете, нашите жетвари гледаат каде има подобри ‘ржи да нажнијат јажичка, па и ако не е доста долга самата јажичка — сите ја наддаваат уште со пo еден страк.
А кој има добри ‘ржи? Пак чорбаџиите. Тие ќe ги направат своите снопови најголеми и ќе му кандисаат на Чатлакот, Расим-беј или некој друг ага-спаија и од осум — кило, а сиромашките и на сираците којзнае да ли ќе пуштат и од шеснаесет кило! . ..
Сукаловите ‘ржи во Кула се прикажани, та затоа тие секоја година врзуваат најголеми снопови, и затоа даваат најмалку спаилак.
* **
Митра и Доста уште во „Гошово” на жетвата се споречкаа. Неоти за нешто? Ете, јатрви како јатрви! Првин околу децата; после Доста не сакаше да им поткрева на машките снопје, и лав по лав се надретија колку за квас.
Машките, Илко и Стојо, се направија дека ве слушнаа, само Трајко и префрли на Митра оти не е право што ја напаѓа Доста за таква работа и Митра си го зеде тоа за шубе. „Види, види, песјачката една! Малку и беше шо ми го дрпна Илковиот дел, за велјо чудо ќе ми го прелаже и браче Трајка”.
Доста намириса оти Трајко ја држи нејзината страна, затоа почна да крои планови за иднина:
— „Ете су на друг ред. — Ако сака, сполај му, да ме израдува со некое баце на Нешка оти пак да и го остава на Миша Трајковиот дел, она да се чекори на два јас на еден? He оти мене ми се суи рацете да го закрпа? Зар ќе му и ткам кошулите, гаќите, гуните или сакмите? Бог да а прости етрва ми Велика, му оставила да носи дури е жив и два века да живее”.
И од тој момент Доста си го кладе тоа на ум. Ако и се роди женско — туѓа челад е, што се вели, нека крни глава, нека го ќердоса Митра; ама ако и се роди машко, ќе и се обиде ако може да и го дрпне, та така нејзиното што и паѓа од Илка да и се најде за Нешка, да си ја удоми на куќи, а Трајковото да си го остави на синчето што ќе дојде.
„Ногу ујгун ќе ми дојде така”. — Си правеше Доста план: — Ем чупето не си го давам наки од мене да ми трга мака, ем детето ќе ми има токмо сермиа со Стојовите”.
* * *
Спаиите како спаии, не се вјасаа многу. Тие дојдоа и фатија ќатипи, ги испишаа снопјето и си отидоа назад во Прилеп, да ги чекаат селаните со понуда за откуп.
Лесната, Трајко, Ташко, Младен Чкулот, Чолакот, Калешко и други „селцки луѓе” отидоа пред Богородиците во Прилеп кај Сулејманата кој беше закупец оваа година, за Витолишча и предложија пресек од триста кила секакво жито.
— Ба, ба, ба, — ја врти главата агата и чури на чибукот дури „измокарката” служи кафе и ракија.
— Триста? Шо триста, бре синко? He плаќате ни мастрафот што одев Битола да купам спаилакот? Ќе дадете барем петстотини кила. — Се дуе како „орел в торба и продолжува да се фали како е арен човек, како ќе попушти на селаните, ако се вади сноп. — „Ќе се идам, зерем, на село, ќе се вадиме сноп, шо дадит. Ала тој ќе земам. Зошто вака ќорлемечки да глобам селото?”
Сулејман ага посегна толку висока што немаше место за пазарлак.
— Ќе не јаде, како лани Масар-бег, и годинава овој пес! — и вели Лесната на дружината откако излегоа откај него.
— Ќе не јаде, ќе не јаде, — прифати Чкулот. Boa он шо го побара не се јаде со сто оки мас!
И си отидоа на анот кај Биковите да се накркаат од нарачаната тава, се разбира, на селски трошок.
По една недела Сулејманага нарача пет шест маски и отиде во Витолишча. Во неговата придружба имаше некој и друг што за првпат одеа во Мариово. Ама затоа пак, тие, откако ги фати спаијата за свои соработници, не оставија ни еден витолишец да не го прашаат што е и како е в село, а особено каде има поубава ракија и млади невести.
Пазарџиите, кој насмеа, кој навистина, сите како подготвени изјавија дека има и едното и другото — кај Батанџиовци.
И си го кладоа на ум презимето: Батанџиовци, Батанџи, Батанџи! — повторуваа обајцата гавази четири дена пред да тргнат за Мариово.
И кога дојдоа сега пред конакот каде што ги дочекаа со „добре дојде”, наеднаш едниот го праша Златета протуѓерот:
— Каде бидат конакот наш, бре протуѓер?
— Кај батанџиовци, ага! — како отпетлана пушка му рече Злате.
Скокна Турчин како со шило боцнат и се загна кај другиот, викајќи:
— Суло, Суло, Батанџилар, Батанџилар, Батанџилар! — И го грабна да му ја стиска раката и да се радува како мало дете на црвено јајце.
И навистина, спаијата беше кладен на конак кај долни, а придружбата кај горни Батанџиовци, кои беа делени, а во секоја куќа имаше по две млади невести.
И започна омилениот спаиски живот на Сулејман-ага и неговите соработници.
Уште истата вечер се заврвеа нашите чорбаџии со разни бакшиши.
Стојан Калешко, Главче, Шишето, Сребрин — познати ракиџии — зедоа по една оканица коминарка и еден по еден — право кај Сулејманага.
— Добровечер, Суло ага! — викна од врата Калешко, кој не еднаш му бил гостин на Сулиманага во Лагот и му испил некоја и друга ока ракија. Оно, Сулиман-ага не беше од оние Турци само што одат на гости. Тој беше и добар домаќин со чифлигот во Лагот. Оттука и познанството со мариовци и желбите да стане спаија. И помагаше по некој пат кај кајмакамот со своите интервенции и не еден мариовец беше се избавил од разни беди, благодарејќи на овој ага. Тие услуги се плаќаа можеби поскапо и од самите наказанија, ама главно луѓето не се запишуваа во „ќелеш” тевтер, како ги викаше тој наказателните книги што се водеа кај кадијата и кајмакамот за евиденција на накажаните граѓани. Оттука и сите селани — чорбаџии, се разбира, му беа познати на спаијата, а и тој ним, та и сега, кога им стана спаија, си идат како кај „свој човек”.
Белким ова старо познанство и пријателство ќе донесе некоја корист во селото”
— А бре Калешко, Шише, Главче, Мисирли, Лесна, коџобаши, абре, не дошол јас овде да печалам пари како Масарбег, Вртановци, Крепчевци, бре! Мене го дал господ, бре кузум, токо дојдов да се видиме и да куртулам селаните од овие пезевенци, вашите спаии, бре! А бре тија не знајат за исав, бре! Навистина, од верата ваш, ама кај нив нема „аман”. Зеле ферманот царцки и сосем опинци ќе јадат сиромаштијата. На, жими вера, затоа дојдов јас.
— Евала бег, евала! — благодарат селаните околу него и подава секој по некое шише со ракија.
— Повели побратиме! — вели Главче и му го подава шишето. — Јас ни жниа, ни врша, та од мене некаков аир нема да видиш; токо, како шо рече сам, сме поминале како луѓе, та дојду да те вида.
— Евала Митре, евала, да си жив, да дадит господ и тебе, та од спаија да не плашиш! Спаијата земит од десет едно; тебе ќе останит девет. И тој ред му е. Од што царката наш ќе ранит аскерот, ако не од тебе, од мене? Ете, и јас на чивлигот го давам десеток, арач, беглик. Уште сум пратил син ми на аскер, бре! Ете четири години не сум видел. — Сулоага се разнежи кога се сети оти четири години не го видел сина си, и уште за малку што не се разлигави, па продолжи:
— Евала, кардаш, на сите! Гледам оти вие мене пречекавте од срце, што се велит лафот. Пак, ако сум жив јас нема да заборавам вас. — Го поткрена гласот повисоко да им даде на знаење, оти сега се тие во неговите раце и „како ќе си постелат така ќе си легнат”.
Првата вечер анџак се извиде Суло со пријатели. Дојдоа Колобан, Бино даскалот и поп Трајко. Обновуваа опомени од младоста на Сула па и тој кога сакаше да ја задржи Вила Делинова на кулата, ама таа му побегна машки.
— Еее! кога текнит мене за Вилчето, ем смеит, ем плачит, жими вера, шерет чупа излезе! Го побегна, ем без „збогум” што велите вие каурите. Ех, јалан дуња, младост лудост — матна река. — И Суло издивна длабоко во знак на жал за изминатото време.
Кога Лесната, како званичен претставник на селото го допре прашањето за спаилакот, Суло го погледа попреку и му забележи:
— Дур, бре Лесен, дур! Човек од магаре паѓат и пак починит. „Вар вакат” кај Ала достур дни. Ќе осамнит утре, ако бидеме живи, ќе собереш некој селанец, тој ќе бидит. Јас го реков оти не дојдов да печалам пари, ами да видам стари пријатели.
Постарата невеста од Батанџијата, Јова, веќе се поткршнала и со бел ѓум во рацете и десетина чаши влезе на вратата. Таа беше одредена од свекор и да го служи спаијата дури ќе биде тука. Ракијата се стопли кај другите Батанџиовци каде што остана друштвото на спаијата и тука се донесе готова.
По негова желба останаа на пиење сите што беа тука, освен Колобан и даскалот Бино кон кои пак он немаше големи симпатии.
„Млади луѓе” — си правеше сметка — „поарно да не ѕурат во невестата Јовка. Нека одат кај другите Батанџии, нека прават шенлак со тие невести и моите другари!”
И дури Калешко, Главче, Шишето, Мисирлијата донесоа ракија, од малата врата, почнаа да викаат жените од Чолакот, Влајко Лазев, Макревци, Билјарите. И почнаа да се подаваат мисурки со маст, сирење и некој тагар брашно. А од Стоја Сукалов, поправо од Доста Рожденката дојде подврзана тепција.
— Така ќе му речиш на Батанџиовите невести. Само спаиата може да а одврзи ваа манџа. — My рече Доста на девер и Стоја кога му ја даваше тепцијата полна со баклава, како онаа што му ја направи на мудурот на Велигден. — И ако праша од кого е, слободно нека му речит од Стоја Сукалов. Моето име ич да не го споменуат.
Се напи спаијата, се напија повеќе Калешко, Главче, Шишето и другите и станаа си кинисаа. Ги запираше домаќинот, Стојо Батанџијата, ама тие рекоа дека агата е уморен од патот и нејќат да му додеваат вечерва, та одзтре натаму имаат време, ќе поседат и повеќе.
Се осамна и изутрината започна работата.
За „спаијата” се донесе едно ведро млеко од десет оки, се напоруча тој и сите покрај него, а протуѓерот Злате и гавазот Ариф го кутнаа бравот за ручек. Чорбаџи Чолакот caм се понуди да ми помине на редот и да донесе еден нечукан брав, еден звизјак.
— Првиот брав да нема маана — велеше Лесната, кога Чолакот рече оти прв ќе донесе. И навистина, ич маана немаше бравот. Чукан, дебел како зелка, a млад од 2—3 години не сакаше многу ни печење, ни варење.
— Така, така. Си го погодил чорбаџи Дано. — Го фалеше Леената бравот. — Да може да касне и спаијата, оти како шо гледате, човекот и без заби е.
Спаијата поруча „шо дал господ” а Ариф не заборави да ги испржи набрзина дробовите, срцето и бубрезите, од кои се разбира, еден дел донесе на спаијата, а другите ги мезија со Златета и другите другари.
За тоа време Лесната собра на сретсело баеги селани за да сечат пазар со спаијата. И кого ќе ги вика Лесната ако не чорбаџиите? Голаците — сиромаси како што со: Пуцето, Трајко Османчето, Кукот, Кушо, Дано Велјански, Јован Јанов, Ѓуро и другите чорбаџички момци зошто му се! Тие нема што да жнијат — што да вршат, та немаат ни работа со спаијата.
— Да гледаме, луѓе, да му го земиме со пресек — продолжува Калешко и го образложува со низа доказателства својот предлог.
— Ете, на прво место ќе куртулиме од мастрафот; ќе куртулиме од заметот. Нема да носиме секој ден по ведро млеко, по еден брав, погачи, алви. Ќе куртулат и Батанџиовци од заметот да го служат.
— Mope тоа не е голем мастраф, Калешко! — се јавува Чолакот придружен од Влајка Лазев, Билјарот, Милоша и други. — Токо гледајте поевтино да поминиме. Та ќе вршиме триесет дена, ќе сме дале триесет брави, триесет погачи, триесет ведра млеко. Шо е, стопанка му, за едно село тој мастрав?
— Сноп, сноп. Поарно е сноп! — се слушаат гласови одзади од собраната група.
— Mope сноп, пријатели, токо и снопјето не се едно! Има сноп и сноп. Та некој ќе поминат арно, ама на некои ќе му трпат дечињата! — стои на својот збор Калешко и сака да го протури својот предлог.
— Е, кој му е крив оти сакаат и жените да му стожуваат снопје на некои влечипинци? — се јавува пак Милош, чиишто снопје се сметаа за најголеми.
— А, баго! Милош, етете, токо напиња за сноп оти они двајцата со момокот не можеа да и стожат снопјето: — се замеша и средниот селанец Опурчак.
— Co пресек, со пресек да биде, та после ние селцки ќе видиме кој колку ќе тури, според тоа и ќе плати!
Расправијата околу „сноп” и со „преоек” ја прекина појавата на спаијата.
— Ете го спаијата — рече коџобашијата со висок глас. — Ете го него, ете ве вас. Ceгa пазарете се вие, немој да речете утре: „коџобашијата не зе на душа”. Агата го познаваме сете и он нас не познава. Мисла оти и он не ќе читаи кабул да ни трпат децата, ама и ние треба да знаеме оти човекот дал пари на царот и треба да си и прибере. Ако не ќаруа баре да не зиани. А и ние тоа кабул не го правиме. Ајде, ајде!
— се обрна кон опаијата. — Ајде, Сулоага, речи колку, жито ли, пари ли, колку ќе ни сагаш, та да а пушчаме сиромашчиата да го собере береќетот шо го дал господ!
Сулоага, со ќуркот на едното рамо, чибук од половина метро в уста, едвај го лапа ќилибарот, се шетка и прави муабет, де со еден, де со друг чорбаџија
Распрашува за дома, за деца, за стока и за бериќетот. Од секого добива по една притворна насмевка и краток одговор на неговите прашања; ама колку за бериќетот сите како под команда одговорија дека годинава бериќетот е слаб. Така треба. Ако се пофалат со бериќетот пред спаијата, таман работа!
И кога Лесната му се обрна да си го каже зборот, тој се приближи до него. Тргна од чибукот и пушти неколку обрачи чад:
— Што да кажам, бре синко? Јас кажав во Прилеп ќе го дадете пететотини кила жито или 250 лири, ќе башламам, одите, вршите. Нека дадит господ да најдите илјадници, мене не криво. — Пак тргна од чибукот и се загледа во селаните каков впечаток оставија неговите зборови.
— Ееее! го чуте ли агата, селани? — праша Лесната од столчето.
Купчето од селани се размрда. Тишината што настана при зборовите се прекина и почна врева како во улиште. Едни објаснуваа на другите дека е поарно сноп да се вади, други велат „пресек” е поарно, ама „високо посегна агата”.
— Е, шo велите селани? Ќе му дадите ли на агата петстотини кила или двеста и педееет лири? Ајде да чујме и да не губиме време, оти двите врват, ќе вати некој дош та и тоа шо е, ќе се батиса.
Пак се јави Калешко со својот предлог за „пресек”.
— Ногу е ага, ногу. Ќе посимниш нешчо да не страда сиромашчиата. Ете, и сам слушна оти ваа година бериќетот е слаб, не се роди, та да беше како од годините и шестотини да ти дадеме, токо не собирзме, та ќе се страмиме. Ами шо ќе се стрзмиме подоцна, да се страмиме сега, шо рекол некој. Угу да такцаме, а да не можиме да платиме, не а бива таа.
— Така е, бре Калешко, така , така! Кога пазариш — пазари ѓупци, кога плаќаш одврзи ќесето плаќај туџарски, рекол некој. И вие сега, пазарите. Јас не лутам, зерем. Ако чинит мене, кандисам, не чинит, вие жив јас здрав. Ќе бараме друг чаре.
— He, не ага, Калешко зборува од свој ум за пресек. Ете ние неколку мина сме за сноп да го вадиме та кој шо има на тоа да плати! Та вака со пресек ќе треба пак да се параме. Јок „ти толку најде толку да дајш”, јок „не најду толку, не давам волку”, — ќе си направиме омразиа меѓу нас. Ами вака: снопјето се броени, колку ќе пушчат ќе видеме и се знае колку кој ќе даде. — Се јави Чолакот, поткрепен од Милоша, Влајка Лазев и други чорбаџии.
Калешко сакаше да проговори некој друг збор во полза на својот предлот, ама спаијата му мана со рака и со едно — дур, Калешко!” — го задржа.
— Добро, бре Чолак, добро. Зати јас уште во Прилеп му реков на Лесната така. Што ќе пуштит снопот тој мој к’смет. Никој да не зианит. Ако има ќе земам и илјада, ако нема, толку бил к’сметот мој: Оти пак да правам ќедер на свои луѓе?
— Сноп, сноп, сноп — се слушнаа друга гласови на селаните.
— He е право, ага, не е право — писна еден глас од задната редица на купот луѓе — не е право ни тоа. Чорбаџиите си и врзаа снопјето големи, ќе му пуштат од 3—4. а ние сиромасите и тиа шо се по десетина, кое за јажичка, кое од самотиа, сирочиња и врзаме малечки та ни од 13—14 не пушчаат. Ќе не земат на душа виа нашите јадачи! И тука гледаат да глоднат од нас! — Гласот беше толку писклив што сите се обрнаа назад да видат кое е тој што се осмели на сретсело да ги нарече чорбаџиите глодачи. И кога го видоа кој бил — му се фрлија со најразлични селски пцости
— He јади трици, бре пес! Тебе ќе те слуша агата оти ти биле мали снопјето! Та ти неоти имаш и јажичка: шо се запињаш тука? — My се овргали Билјарот, мислејќи оти кај него беше момок брат му Коле та има право да го кара и галати.
— He слугаај го ага, не слушај го. Такви како нeго и брат му Колета ќе не запустат. He си а гледаат сиромаштијата што и ватила и да бараат негде некој залак леб, да не трпат како пци, токо дури овде на сретсело ќе лаат!
— Абре, јас немам, стрико Петко шо немам, токо тиа шо имаат, сиромаси, ќе требе за вас да платат. Та од вас немаме, еј! Неоти вие повеќе работите од нас, шо имате? Ама ете, сте не втерале во враот и ќе вршиме за вас, а ние пак гладни, голи и боси ќе одиме.
На Калешка му се придружи еден ортак и тој доби кураж да си го каже своето.
— Така е Сулиманага, така. Нашите чорбаџии сакаат сиромзсите да му го платат спаилакот. И наврзале снопјето цели капици и утре ќе требе да плати вој сирак Петре Жиовчев, шо не може ни гаќите да си и врзе, а не сноп како нашите чорбаџии. Лебами, јас не су ни сирак ни сирома, ми дал господ, и јас врза над илјада, и не да речиш оти мојте се мали та запињам, ама шо не е право, не е! Нека скакаат как сакаат: нашите чорбаџии ни се прави. Токо, речи што е мунасип да ти собереме селцки, та и ти да си а гледаш работичката и ние. Вака, сноп ако го вадиме, ќе сака со недели да седиш и ти и ние да денгубиме.
— Брак бре, Калешко, брак? Шо викат тој фукара тамо назад јас не сакам да слушам. Алто што велиш ти, што запинаш толку за пресек? Велиш твојте снопје не толку малечок. Шо запинаш? Ете нека речат чорбаџиите „пресек пресек”, „сноп сноп”. Јас не ќе слушам тој фукара што нема ни сноп, да дават ум на толку домакини, царцки луѓе! — И се обрна кон домаќините и чорбаџиите.
— Што велите вие луѓе? Пресек, го чуфте, зерем, мојот лав. Сакате, де бакалум, јас ќе седам, ќе зберам моето — ќе го одам. Сакате сноп да вадите, спремите колите, маските, магарината. Ќе одбереме од сите сорти снопје, ќе свршиме, што ќе дадит ала, и за вас и за мене. Чинит ли овој мој лав?
— Како не чини ага, како не! — се јави Влајко Лазев. — Се наместо зборуаш. Ете, ние повеќе кандисаме сноп да се вади. Коа шо рече Шо ќе даде господ, и за тебе, и за нас.
Од целиот куп почна да грми: „Сноп, пресек, сноп, пресек”, ама тие што викаа „пресек” почнаа да се губат. Дури и Калошко, првин што викаше „пресек”, почна да молчи, па после и он рече: — „Е, сноп, сноп. нека ве носи ѓаволот, јадете и сиромасите како досега. кога они спијат!
Само Ристе Куков истури неброени зборови на адресите на жените, ќерките и снаите на чорбаџиите и си киниса уште нерешено прашањето.
Одејќи долу по Сребринската улица го пречека Анда Шојов и го праша што направија чорбаџиите (Андон беше момак у Влајка Лазев). Ристе му нададе по капата и нему што му дојде в уста.
— Шо направиа, од куга нога да направите вие, алабаци едни! Шо ќе направат? Шо сакаат тоа направиа кога од нас сиромасите никој немаше. Еден човек, шо ќе направи во толку в’ци? Арно му се овргали Калешко, ама шо ќе правиме угу ние со него? Да имаш печејсет голтараци околу него — да видиш правиме нешчо или не! Вака, кога сте баби. нека ве вјаваат!
— Mope, бре, Ричко, — вели Андо — шут со рогат кога се бодел та и ние. Кој се бори со Чолакот, Билјарот,. Шишето, Лазот и други? He гледаш оти од ниј се раниме? Нека му даде господ на неј, та ние да поминеме покрај ниј.
— Mope, краста и орлови нокти да ви даде господ вам на таквите! Од вас си страдаме и ние. Токо, ќе ви дојде умот и вам, ама ќе појде кумот! — И си замина долу долно мало за да му занесе абер вечер на брат му Колета и Јована Ѓуров и да им занесе леб. иако немаше доволно ни за него.
Чорбаџиите решија да се вади сноп. Спаијата и неговата придружба само што не се разиграа, а за песна веќе се знае оти турија достур. Толку се расположија што Ариф опна и 3—4 пушки во знак на победата.
— Сноп, сноп, сноп ќе се вади, — се пренесе по селото резултатот од пазарлакот со спаијата. И дури чорбаџиите, задоволни од победата над сиродмасите ги пратија момците да ги дотераат воловите од говедарот, сиромасите почнаа да си кршат прстите.
— Ех, било такцмр. ќе гладуат дечињата — велеше Неда Гујдаковата и Димана Жиовчева, — каде брате, еден Чолаков сноп — наши пет! Токо, надуша нека и имаат они,
Спаијата легна вечерва задоволен. Бравот го изедоа тие околу него. Тој, како стар човек, касна некој залак и друг, не се напи ни една ракија; ама затоа пак му даде „достур” на Арифа и другите со него да се повеселат.
И додека Сулиман ага спиеше, неговата дружина пиеше и се веселеше, нашите чорбаџии ројат план како да скријат од снопјето, иако се испишани.
— Mope, да гледаме, да донесеме снопјето од Лазевата лака. Годинава е сета полежина и ич леб нема, — предлагаше Младен Чкулот.
— Бре, да не сака сам да одбира, та ако не пушчи нам пушка ќе го удри, ќе му го видиме задникот бес шалвари! — Велеше Мало, шмркајќи бурмут од дрвената кутија.
И така осамна убав летен ден со сите свои убавини и лошотии, во кој витоливци извадија сноп.
Спаијата сам излезе со коџобашијата и чорбаџиите по нивјето на Задна Река да изберат по сто снопје од трите големини: најголеми, средни и најмали.
И додека тие избираа снопје, по нив идеа коли, коњи, магариња и уште до вечерта беа пренесени на спаицките гумна.
Сулман-aгa го остави вечерта Арифа на гумната ,за секој случај” да варди да не ги менат селаните снопјето, а тој си појде на конакот да се напие некоја и друга ракија, сам, со домаќинот и невестата Јова.
Снопјето беа насадени уште рано на другиот ден на три гумна, едно до друго и втераа во секој врав по петшест коњи, та до пладнина беа извадени сите три враови. Дувна порекот долу. Војковец и бргу, бргу се извеаја куттиштата, та имаше време да се мерат довечерта. Влајко Лазев, Мало, Чолакот и Сребрин им советуваа на веачите да не брзаат, да остане мерењето за утре, за да можат ноќеска да спијат по некое и друго кило, ама Сулиман ага, и тој чивчија по занает со чифликот во Лагот, многу убаво ги знаеше сите марифети оти тој самиот им ги правеше на спаиите, па им даде зорт: довечера да биде мерено житото. Така и се стори. Го измерија прво враот со најголемите снопје. Од сто снопови пушти дваесет и шест кила.*
* кило = 1 товар (сто кгр).
— Машала, машала, машала — вика Сулоага и целиот се тресе од задоволство. — Од четири, од четири! Дури и повеќе пушти овој врав. — И трга ли трга од чибукот.
Вториот врав пушти 17 кила: Суло веднаш пресмета:
— Од шес од шес. Убаво машала, убаво, нека дадит господ!
Третаот, најмалиот наврте дури на 8 кила. Знае спаијата оти така ќе излезе и прави сметка колку ќе биде просечно.
Четири и шест — десет и третиот од тринаесет: се на се дваесет и три.
Кога ќе се подели на три излезе од осум — кило.
И дури тој есапеше колку снопови има и колку десеток ќе му падне, чорбаџиите радосно ги полнеа вреќите и го носеа житото во Колобановиот амбар.
Сулоага просмета: 40.000 снопови од 8 кило, тоа се 5.000 кила, десетина од нив чини 500.
— Ха, ха, ха. — Се насмеа слатко и го удри Лесната по десното рамено. — Ами кога велев бре, Лесен, дадите мене 500 кила? „Ногу, Сулоага, ногу”. Та јас чивчија или што стока, бре? Ако не знам некој друг работа, ами вие сакате мене да лажите на мојот занает? Живми вера, ете, пак не лагал окото мој. Го реков: ќе земам 500 кила од Витолишча, па полојната да кријат! И си зедов.
Сиот запливан во задоволство Суло ги напушти гумната и се прибра кај Батанџиите да се одмори на рает. Оваа вечер веќе знаеше оти од спаилакот ќе лапне 150 лирички како алва, оти тој го купи само за 100 лири; а пченицата, ене, врви на пазар по 55—65 гроша, што значи дека половина лира за кило му е сигурна.
Се даде „Башлама” за вршење. Летнаа селаните по гумната и селото се испразни. Батанџиите, двете куќи, оставија по една невеста дома да го дворат опаијата и неговата дружина. Суло-ага го спрегна Јосета да пресмета кој домаќин колку има да даде десеток. Оно, Јосе откако ги попиша снопјето на Илинден немаше што да работи, ама Суло му ја плаќаше заплатата и кога не работеше, скоро цел месец. Затоа пак сега Јосе запна и дење и ноќе да сврши работа. И тој, Јосе, прилепчанец, многу голем есапчија беше, особено кога имаше полно шише покрај него и мисурка кисело млеко. За тоа, пак, се грижеа Ариф и Злате, кои секое утро ги прибираа ведрата со млеко, мисурките со мед, погачките, шишињата со ракија и го колеа бравот.
На чорбаџиите снопјето им пуштија, — на кого од 6 на кого од 4, ретко на некој каде беше прегорено од 7—8 снопа кило, ама на сиромасите по Столови, Кула, Куша и други горски места — кој од 10, кој од 15; пусти Пуце ни од 20 не собра кило.
И ова лето „Гошово” даде што чекаа Сукаловци и есенва веќе турија, кое старо, кое пролетвина, ни горе ни долу, ами цели 110 кила жито, и си го продолжија животецот како лани.
* * *
Есента веќе се јави на прагот. Буката во Лигураса за една ноќ ја мени бојата од зелена на жолта, градините одамна се „испуштија” и мажите ги качија прачките (бобовици) по врбите да презимуваат, за напролет пак да ги накачат граовите. Уште по некој ќош од некоја градина заграден со трње зеленее, а домаќините ги прибираат последните „в’ровинки” од уште неосланетиот пипер и патлиџани.
— Летно ѓубренце, зимна понада — велеше бабата Стаќа Горева, кога и велеа зошто и се такви скапани, изгорени, ситни патлиџанчиња.
Бачилата одамна „излегоа” и ќаите се разортачија, замешувајќи ги молзниците и јаловињата во еден булук. Последната мера млеко веќе не се сири, ами се тура во качето за „сирната недела”, а чорбаџиите што наполниле и две три качиња ќе сторат севте уште на св. Јован за да се покажат и пред гостите на Свети Атанас дојде ли Петковден, тоа е меѓата до кога ќаите ќе ги пасат ругарските овци и кога ќе им ги лачат на стопаните тие што останале преку летото. Тоа се сиромасите со 5—20 овчички, кои се прашаат како кој ќаа му ја теслимил стоката.
— Mope, како, бамуа?! — одговара Дано Здрелиот. — Половината загинале летоска. — Mope, м’чи слепелнику! — Се чуди собеседникот Ѓуро. — Ами колку му теслими на Милоша, бре?
— Ами колку, бамуа, шес беа, трите и изеле в’ци – орли. — Објаснува Дано и се чуди каде да го тера стадото од 3 овци.
— Аах, верата нивна чорбаџичка! Оти нивните половината не и јадат в’ците, токо угу наш’те? — го сожалува Ѓуро.
А Карабоја извади 146 јагниња, јариња, 68 продаде, 5—6 закла преку лето и пак во булукот останаа 120. Едниот брат е само по нив — овчар. И се што ќе се примеше летоска во неговиот булук не се враќа веќе во својот. Ако е од селските, ќе го префрли во некој булук од комшичките села, било Полчиштец, Клинчанец, па тој што подалеку да ги префрли некаде во Градишки или Галишки булуци, да им се загуби дирата, a отаде тој ќе му префрли други по тој пат спечалени. Овчарите тоа го викаат „претерување”. И ете откаде Карабоја и коли, и продава, и на есен му се намножил булукот. И не само Карабоја! Сите овчари што одат со свој булук претеруваат.
Ене го, пред Митровден, дошол навалеџијата да бере арач.
Чорбаџиите платиле кој лира, кој две, три, донесле пак мисурки со маст, сирење, мед, зелници, мазници и се наредиле крај него за муабет.
— Ете, такви сакат царката наш! — ги фали Чатлакот доброплатците и им го дава ќесето со „биринџи” канатларски тутун да направат по некоја и друга цигара.
Сиромасите што имаат за плаќање по дваесет триесст гроша, дури до половина лира, се кријат по дома еден крај друг, да не ги најде Злате и Беќир гавазот, кои го придружуваа Чатлакот како извршна сила.
И каде ќe се скрие човек од власта?
Ене го Дрманчета, го собрал Беќир, терај удри, a Злате тропа кај Шојата и го кандисува да се јави кај авалеџијата сам, додека не се вратил Беќир.
И Дрманче, и Шојата, и Ѓуро и Здрелиот и сите други од нивниот „еснаф” одат со „голи раце”.
Беќир го клоцна Дрманчето од прагот кај Макревци, каде што Чатлакот со ред години кондисуваше и се врати да „помогнит” на Златета, да дотера некој друг како Дрманчета.
Одговорот нивни беше истиот.
— Немам, бре бег, немам. Сиромашиа силна, шо да права? И јас сакам да не се страма; ама ете, кога господ не одделил за нас, шо да правиме. Ете, ако е за душа, земете а и неа, — и строго погледнува кон групата чорбаџии што седи „уз колено” на авалеџијата и пуши од неговиот тутун.
— Абре, и јас знам оти нема, бре синко, ама царот сакат свое, бре! — Се врека Чатлакот на секого и еден и ист предлог дава. — Ете, чорбаџи Дано, чорбаџи Стојо, чорбаџи Младен, Коле, Илко, Петко — ги реди сите присутни чорбаџии. — Ете, они твој луѓе, ваши луѓе, побарајте, на нив дал господ, ќе дадат назаем па ќе враќате на зимо, на лето.
He му е севте на сиромасите да земат на заем пари од свсите чорбаџии, ама тие знаат како им враќаат.
— Ете, плати бре Чолак, за Дрмонче! Ќе вратит човекот на лето. Може уште назимо да одборчит. Дал господ нему пак деца. Ќе даит еден дете, ќе помагат на колибата кај овчарот и бити есап.
— Абре, ако му е толку тешка работата, да права себап, ефенди, токо којзнае дали ќе и врата, пустиљите. И јас леоти на патот су и нашол тие пусти пари! — Мрзливо одговара Чолакот на предлогот од авалеџијата и слуша што ќе рече Дрманче, а сам пак затоа и седи.
— Mope ми, најпосле плати, стрико Дано, сега; та ако сме живи, белки ќе се одборчиме! — Изустува Дрманче, само да откине од бељата.
— He така, синко, не: „белким ќе се одборчиме”. Ами сигурен работа фаќај. Ете, чорбаџи Дано ќе платит за тебе триесет гроша арач, а ти ќе пуштиш еден од деците кај него до Гурѓовден, ем ќе ранит чорбаџијата, ќе обуват и уште некој грош ќе придадит да го купиш сол на други деци, — вели Чатлакот и му се обрнува на Дана: „Ајде, Дано, кажи колку ќе придадиш на Дрманче за детето до Ѓурѓовден?”
— А бре ми, да му придада една бела меџудиа и 30 гроша арачот; ми се чини оти доста ќе му бидат 50 гроша.
Дрманче си ја чу пресудата. Шест месеци за 50 гроша треба да страда неговото деветгодишно дете на Чолаковата колиба по Сињак и Опстреница, ама му ги фатил камен нозете и ќе кандиса, па затоа рече:
— Таа се виде оти нема одборчуање, шо нема, и оти детето ќе ми трга мака, токо лели така, ќе ми придадиш ошче половина лира и 1 рало бијалци за него, та ете ти го на бог душа! Шо знајш прави му.
За Здрелиот плати Билјарот: да му жнијат децата 12 аргати. Пуцето го „откупи” Младен Чкулот: да му оди 10 пати со маските во Прилеп по стока за дуќанот. Шојата јаде 25 од Беќира, оти никој за него не сакаше да плати, а Стојка Катин, Ѓура, Стојана, Грдета и Гасакот ги собра Баќир со авалеџијата преку Врпско, Гудјакова, Дрен за Прилеп и секој ден им удираше по неколку камшика да не заборават кај одат. ..
* * *
Booking.com