КРПЕН ЖИВОТ – СТАЛЕ ПОПОВ – ЦЕЛА КНИГА – ДЕЛ 4/4

Booking.com

Есента започна Балканската војна и Турчинот си ги крена парталите од цела Македонија, та и мудурот од конакот во Витолишча. Тој навистина не ги дочека војниците со крстовите и забитите — офицерите со белите коњи, но навистина ги собра селаните пред конакот на тргнување и навистина им одржа еден говор. Тука беа и поп Петко, и коџабашијата Лесната, и Колобан, и Младен Чкулот. Па дури и Илко Сукалов, излегувајќи од вигната на Прцуна, застана да слушне за последен пат турска лакрдија.
Мудурот сега зборуваше сосема со друг глас. „Анасана-аврадана” беше го оставил во конакот, гласот му беше мек, мазен, умилен, дури личеше на родителски, кога човек се разделува со своите најмили:
— Ете — рече. — Тој вашите каури, Бугарот, Србот, Гркот и Карадакот отворија муаребе на царот наш. Да накажит ала нашите бегови од чифликот за неубавите работи што правеа на рајата, помагат на вашите каури и тие сега тепаат аскерот на царот. Тој бегат пред каурскиот и остава царцката земја на нив. Ќе дојдат и овде, но нема да останат. Нашиот цариштина голем. Од Мека и Медина, од Алжир и Тунис, a оттамо до Белиград и Сараево. Ќе соберит царката сите муслимани и ќе избркат вашите ѓаури. Затоа гледајте вие да не кодошите еден со друг, живејте како браќа, да не плаќате после борчоите кога ќе се вратит Османлијата. Седите ми со здравје, побргу да се видиме, Ишала! Ишала! — Мавна со главата на поп Петка, на даскалот Бина и на Лесната. И кога овие се приближија, стариот бег просолзи, и се избакна со сите тројца и им подари по две железа за кревети.
— Земете, рече, за спомен. Вратил — не вратил, алав и од мене и од ала. Лежете и мислете стариот мудур.
Се збогува и со другите селани, го јавна коњот: сувариите по него прејдоа отспротива и заминаа долу Руда, накиснати, како војска која бега пред непријателот.
Јован Ѓуров како орел на мрша се прибра до над село и чекаше да се истави волкот за да долета да колвне некој сокол. И уште мудурот :не скриен на Србјаково лозиште, тој се опушти долу Балевец и влезе на горниот крај на селото откај Баникот. Задоволен што им го виде грбот најпосле на тие пезевенци, викна колку грло што му држеше и запеа стара комитска песна.
Четниците, меѓу кои прв беше Коле Куков, се одушевија и како под команда удрија радосни залпови од малехирите. Турците ги слушнаа и ги боднаа коњите да ја прејдат барем Црна со видело, а селаните, не знаејќи оти Јован со четата влегува, се разбегаа кој каде види — долу река — горе река. Останаа пак оние што го испратија мудурот да го дочекаат војводата Јован.
Средбата, се разбира, беше срдечна, само што војводата не остана задоволен од тоа што се разбега народот и што не го дочека свечено. Но тоа беше негова грешка: не си го организира својот дочек.
И, додека Јован кондиса со својата чета по Витолишча, Жиово, Врпско и Полчишта, Стојко Цицо ги фати Бишишта, Градешница, Старавина и другите мариовски села што тргнаа на грчко. И уште тука се виде дека четворицата ортаци што го нападија Турчинот не јадат леб на една софра. Тие — Грците Цицовци, Кондиловци, Кацигаровци за една две недели довикаа од Лерин регуларна грчка војска и го нападија Ѓypa и од неговите „бугарски” села. Јован се врати назад, некаде по Тиквеш, за да испрати цел полк, но не бугарска, ами српска војска, а самиот тој не се појави веќе во своите „бугарски села”.
И, чекајќи ги Јовановите и Бинови Бугари да дојдат и да ги ослободат „бугарските села” од Цицошци и Кондиловци, еве ти ги еден ден откај Зелка некакви селани со опинци, со кавали, со торбички нарамо и само по пушките се познаваат оти се војска. Тоа офицерите личат некако на грчките, но војниците — вистивски Тиквешани со селски шалварчиња и со некакви особени капи, што ги викаа „шајкарчиња”.
Дојдоа до Ѕадна Река, зад село, и започнаа преговори со грчките офицери, бидејќи овие не сакаа да ги пуштат в село. Се разви фронт на цел километар и повеќе. Co спремија да се удрат овие до вчера што го бркаа Турчинот. Го пренесоа фронтот овде во Мариово.
— Ќе пуштите да влеземе в село! — велеа српските офицери.
— He пуштаме, — одговараа грчките, некако по три дена пукна ѓавол, се разбраа некако по три дена, и пуштија една српска чета од четирите, а другите се вратија назад за Кавадарци.
И така, во Мариово се сретнаа сојузничките војски и Витолишча го разделија на две идеални половини — Горно маало кондисаа Грците, Долно маало — Србите, Направија две општини — српска и грчка; два кмета — српеки и грчки; два протуѓера. та дури и два полјака — српски и грчки.
— Mope, шо ќе бидат виа уќумати, мајката? — си велеа селаните, гледајќи разни знакови на капите на службените лица. Дури српскиот кмет, протуѓер и полјак носеа кокарди со двеглав орел — грчките со крст. Сo два уќумата, селаните не знаеја кого понапред да го слушаат и на кого понапред да му даваат маст, сирење, овци, кози, говеда и свињи. И дури Србендовци трчаа по дебелите крмначиња, Грковци ги затреја јарците и јаловите кози. — Секој со вкусот, — велеше Бино даскалот на плетчето, разговарајќи се со поп Петка:
— Mope, лош дошол, попе, шо велеше Рашид чауш кога ќе му направеме трица. Лош дошол. Ние, сиромаси, се сокинаме со готвење за нашите Бугарчиња, ама еве, излезе: не за кого е речено, ами за кого е печено. Суќаме. готвиме, пржиме за Бугарчињата, си дојдоа Србјаците и Грчулињата и немаат ниет да си одат.
— Mope остави и, даскале, букарињата, остави и грнчињата, ами гледај да се припниме до виа со торбулината — Србулињата. Тиа ете а разбираат нашата аз, буки, веди, глаголе, Разбираат „господи помилуј” и „свјати боже”, та белкм ќе го задржиме сомунчето. За мене лесна работа, кој да е, јас и однапред и одназад да ме читаш поп су, ами гледај ти да не испадниш од даскал — лаксад та нигде да не те збере земја!
Така резонуваше поп Петко. А така му советуваше и на даскалот Бина. И Бино се кандиса и од даскал со три лири стана г. претседник општине со пет франги на месец. Уште доби и еден суфикс „иќ” и се стори од Антонов на Антоновиќ, бидејќи Грците летото го напуштаја не само Витолишча ами цело Мариово
И сега Србите ќе му плаќаат, ним ќе им служи и за нив ќе умре иако триесет години му плаќаше бугарскиот владика.

 

* * *

Кај поп Петка кладоа на конак осум војници, меѓу кои и четниот писар, седмокласниот Милош Милиќевиќ. Војска — како секоја војска во воено време. Седи по цели недели и месеци без работа, игра папски, дама, пишува писма; некои занаетчии наплетоа кошници и табли од врбите и им ја собраа сета сланина на витолишките баби и невеста.
Милиќевиќ имаше за должност да ги „надзирава” касапите и магацинот, та немаше ден да не донесе полни џебови од шинелата со месо, дробови или ориз, шеќер, суви сливи, и други продукти што ги земаше со таин. Од тие работа му даваше и на попот и така често беше задржуван на ручек или вечера од самиот поп.
Анѓа веќе беше кон четиринаесетта петнаесеттата година. Беше почнала да ја покажува својата женственост. Милош, исто така млад, на осумнаесет години почна да се загледува во неа како секој маж во жена. Загледувањето се порашири до некакви симпатии од двете страни и Милош почна да носи почесто и повеќе разни продукти. И не само тие што ги земаше од магазинот војнички, ами почна да купува разни портокали, смокви, урми, шеќери, суво грозје и други детински залажачки и да и ги носи лично на Анѓа, криејќи се да не го види попот.
Попот пак не се правеше слеп, виде еднаш, виде двапати, три, и бидејќи немаше што да му прави на Милоша, а Анѓа не го слушаше, ни пет ни шест, еден ден си ја зеде торбичката со „алатите” и си отиде кај ќерка си Бисера.
— Јас, рече, не а сакам наа роспиа за Крстета, да ми а погани она мене брадата, a јас да дрема. Тоа не може да биде дури су жив.
— Бре, шо ќе направиш!
— Бре, срамота е да лижиш кај шо си плукнал!
— Бре, немој, ќе ти се смеат векот и тебе и на детето — го советуваа селските луѓе, ама попот си остана на своето и го прати притропот Петрета да му помогне на малиот Крсте да ги натоварат парталите на магарето и да ги донесе кај Бисера.
— „Еј, сполај ми ти, боженце, оти имало осамнување и за мене!” — му се симна од очите темницата, од грбот сто оки товар, мозокот му проработи, срцето му затропа повторно. Се почувствува слободен, одврзан, без нарилник, без самар пашито добитче, ждребе, jape, теле. He, не, нешто уште послободно: срнче, еленче, сокле кое не знае за никакво ропство ни ограничување; кое никој не може да го задржи кај што ќе сака да оди, по земја или по небо, преку планини, преку реки и мориња, на крајот на земјата и кога сака пак да си се врати во седелцето. — „Токмо така — сокле! Сега су сокле”, — си велеше тој, скакајќи од радост низ дворот од сестра си со големиот стап, на кој го носат пералникот со сливи до казарницата кога варат ракија.
Но и Анѓа не направи никаков каршилак. И нејзе и се виде дека оваа работа кога да е, јалова ќе излезе, и само попот може да се користи, та поповото излегување таа не го направи некаков маслават. Та дури се понасмеа кога дојдоа Крсте и притропот Петре да и кажат и да ги кренат тоа плачкуринките и некој и друг товар дрва. Еден господ ја знае? Можеби и таа си ја имаше негде „обесено пушката”? Но од сето нејзино држење не се гледаше дека нешто губи. Напротив, и таа како да се ослободи од некаков товар.
Првите дни Крчо се надиши слободен воздух, се најаде слободен леб, се напи слободен вода; та дури така се распеа, да се зачуди попот, и сестра му, и целото маало. Од намуртено, наведено. натажено дете за миг се претвори во вистински веселник.
Јавајќи го горе Врбица магарето, го сретна Стојана Рожденкин со маските од колибата. И уште оддалеку го позна и се затресе. Се исплаши ли, или се засрами? Но веднаш се сети дека е одврзан од Анѓа и се окуражи. My излезе пред очи сестра му на Стојана, Неда, и сети потреба од нивното старо пријателство.
— Добро утро, Стоане, товари ли дрва? — го поздрави Крсте, иако беше ред Стојан да поздрави. Крсте се уплаши да не замине Стојан, како што му направи порано неколкупати, инстинктивно чувствувајќи дека не треба да има давање земање со овој „предавник”
Стојан се зачуди кога го виде така весел и ја ости онаа пријатност од времето кога Крсте дружеше со нив.
— Доброутро, бре шмеќар! — се нашегува Стојан со него — каде си тргнал вака со вујка ти? — И се насмеаја обајцата, држејќи си ги веќе десните раце и стискајќи ги еден на друг што поцврсто. Стојан го турна Крстета од магарето и почнаа да се дават и борат, а потоа седнаа на тревата крај патот.
— Шо носиш, бре пријател, одоздола во ѓумовите? — Си ја почна старата песна Крле и стана да ја бастиса старата маска, којашто започна да скубе некоја уст од Каматникова ‘рж. Стојан не се спротиви, ами и ја симна торбата, го извади помалиот ѓум и, по три години, го напои својот драг другар безмера со кравјо млеко.
— А бре ми, кај си, стопанка му, од кога не сме се виделе. Загинаме, без зрно барут. Кај вати, отка со ожени веќе не стапи во нашата куќа. Тики дури и другарството го заборави! — рече Стојан и го покани уште еднаш да се напие млеко.
Крлета сега веќе не го печеше зборот „ожени” како до пред два дена. Тој со полна уста му одговори на Стојана:
— Mope јас се жени, брату, и се оджени, токо гледај сега побарај ти некое пупулче тебе да те прожениме, да ти се наиграм на свадбата.
— Как бре, шмеќар, се оджени? — се зачуди Стојан, а Крсте му раскажа се.
Стојан си појде дома и уште од порта, ни не растоварени маските, почна разговор со Неда.
— Знајш, дотко, кого го пречека на Врбица?
— Кого?
— Де погоди, ќе ти дада нешчо.
Неда почна да ги реди Опстранчари на коишто им е патот во таа посока.
— He, не, ни на тој век не ти текнуа. И млеко го напои. Сети се, де! Кој идеше кај нас пред три години тиква, компири и кора да јадеме заедно?
Неда ја штрекна нешто во главата. Ги затвори очите небаре мисли за да погоди, a се сети уште кога Стојан и рече „пред три години да јадеме тиква”, ама не сакаше да го изусти името и да си го покаже лицето.
— А де? He можиш да се сетиш? — Ами, Крчето попово, мори утко! Знајш оти, отка се жени, отка го армасаа, ни су го видел, па дошол дома, а знајш колку идеше пред тоа?
Неда се направи небаре не се интересува за него:
— Та шо дека си го сретнал! Кај кршил глава тамо?
— Одеше по дрва кај Кораќевица, та ме запре на патот. Бре ош, бре дрш, та дури и млеко го напои. И шо ми кажа, знајш?
— Шо ќе ти каже тој шмеќар? Шо да ти кажал, те излагал — млеко да го напоиш. Друго шо можел да ти каже.
— Mope, како шо? Тој маж се женил и се одженил, рече.
. — Иии! Големо чудо ти кажал! Се женил човекот и се одженил. Нити беше женет, нита се одженил. Појде попот, го заведе по него, си киниса попот, го зе и него. Шо има чудно? — го прекина Неда разговорот и ги зеде торбите со ѓумовите — зашто веќе тоа го знаеше.
* *

Откако се наигра, наскака и се издиши од тригодишниот товар, Крле го зеде магарето од сестра си Бисера и заедно со притропот Петрета тргнаа долу Цулевата улица да ги товарат багажите од попот. Како нарачана оздола се зададе брачеда му Тода — Маловата помала невеста, на која Рожденката беше и го открила пропаднатиот план и со која Неда многу добро се опријатели. И кога се сретнаа обајцата, се изгледаа некако чудно. Тода оддалеку подвикна:
— A, а! Ќе купиш смокви, Крле, ќе купиш, ќе купиш. — И се приближи та му ја стисна подадената рака.
— Е, море, ќе купа, сестро, ќе купа. Лели рече господ да се куртулисам еднаш, алав нека ти е. Разбра ли шо направи татко ми? — ја праша Крсте Тода и и ја стисна раката во својата. — Токо сега? — тука Крчо ги крена веѓите за да и покаже на Тода нешто што го интересува, a се наоѓа над неа. Тода се насмеа, се сети и ја заврте главата со едно „а! ax! јас!” Co два неврзани збора се разбра дека, ете, сега Крсте е слободен, а Тода треба да му ја кандиса или да му ја „врте” Нешка Рожденкина.
Тода си ја исполни својата посредничка ролја до крај. Оно, таа и пред тоа неколкупати ја задеваше Нешка, ама Неда строго го избегнуваше тој разговор и еднашка дури и се подналута и и рече:
— Шо ме задеваш, невесто, кога човекот си е заватен? Да беше како сете деца и да правеме муабет — и теклив не ти ваќа, а вака — ти се мола да не ми го пикаш во очите!
И сега, кога Тода разбра оти Крлето се искубало од стапицата, и дојде мило и не можеше до дома да си дојде од задоволство оти таа прва ќе и ја каже на золва и Нешка пријатната новина. И само што го остави букарот на воденикот, се поткачи на кармата од дрво, ја исправи главата на калето меѓу двете сливи и викна, како секојпат што си викаше. А откога дојде таа у Малови си заживеа со Рожденката како со мајка. А пак Рожденката, бидејќи се раскара и се дели со јатрва си Митра, се нафрли на стрико Маловите невести, а особено на помладата Тода и само кај неа имаше доверба, и само таму ја пушташе сама Нешка.
Кога викна, кучката се загна, но замолкна, бидејќи ја познаваше, а од под тремот се одзва Неда:
— Ела, ела, кој вика? — се слушна ѕвовливиот глас на Неда.
Тода ја викна до калето.
— Кај вати, мори џадио? — и се обрна на Неда со очигледно задоволство. — Ела ваки! Кога ти веле оти и снаа и золва ќе та бида, ти ка велеше, а? — „Шо ми го пикаш во очите кога си е заватено?” A сега да те вида, де? Ете го де, беше заватено и се одватило. Стегај си и ремењето ако сакаш попова снаа да бидиш.
Неда отпрвин не разбра што сакаше Тода да каже. Се понамурта малку и рече:
— Пак ти тоа шо си го знајш. Mope ми, не е Турчин по две жени да води, натема пo натема! Ти вела, не пикај ми го во очите! — И се насмеаја и двете.
— Слушај, мори утко, слушај шо ќе ти кажа! — продолжи Тода. — Ете сега го пречека, одеше надолу со Петрета притропот. И пратил попот да си го кренат парталот откај Жиовчеви. Он, попот, си избегал оттамо и сега Крчо си е ергенче како сете други, токо гледај ти да не ми мрднеш од белешката оти он одамна а има тука пушката обесена. Најстина, ошче сте мали, токо ќе пораснете, та и тоа ќе ви требе. Та зар јас поголема бе кога ме даде татко ошче на шеснаесет години? Токо ич не ми е гајле. Кој мал се жени и рано руча — не е лаган. А знајш оти ми стори ишарет да ти кажа? — Тода ја прегрна Неда преку кале, се стиснаа обете и гласот им се слеа во едно „ахаха — ихихи!”
— Шо токо бреате, мори маторици? He гледате п’но е селото со аскер, а вие сте се развикале како солуноките телали. Ај, ела си вамо ти, мори мрсолка една! Си пораснала голем гаглак, пак ќе ми извикаш тамо.
Сета затресена од возбуда, Неда си дојде дома и ја праша мајха си што вика.
— Варди се, чедо, варди се, убава на мајка! Ете, веќе си се издргнала како мотавило. Тебе ти се читаи, ошче си ми дете, ама годините си врват и утре други ден ќе влезиш во петнајсет. Еј, јас на шеснајсет веќе бе пуста невеста. Ти нема да го патиш тоа јас шо го пати. Јас не те давам пред деветнајсет, ама ако си го бериш умот да не ми донесиш некоа беља и страм на главата. А ако бреаш вака — денеска, утре, море ќе ти го наметна оглавчето ошче на петнајсет шеснајсет години и ќе те подврза, како маторица со клапка, да не можиш да ми мрдниш. Токо, ми е жал од моа напора така рано да те поцрнуам. Оди ми си, веди ми си а главата, да ми си поседиш кај мајка и кај татко, додека му е редот, па после ќе бараме некое сиромашко ќе поцрнуаме. Колку ошче отсега, не ти давам изим.
Неда се слуша, ама ништо не разбира. Умот и лета негде Долно, негде Горно мало.
„Дали не ме маслосуаше ваа невестата Тода?” — си рече еднаш сама со умот — „Зошчо пак да ме маслосуа, шо лошо су и направила?” — И гореше од желба и од друго место да ја чуе оваа мила и пријатна новина. — „Кој ќе дојде мене овде друг од Тода да ми каже” — ал рече таа и го зеде букарот да оди на вода, иако пред еден саат полн го донесе. Го истури во мacapникoк, и таман да излезе, влезе мајка и.
— Шо правиш, Нешко, кај ќе одиш? Лели преѓеска залеа вода? — и ја погледна некако зачудено.
— Залеа, токо реку да не ти притребе за нешчо, та пак да залеа, — рече Нешка и поцрвене како дете фатено на дело да краде слатко или шеќер од мајка си
Доста виде дека има нешто необично во нејзиното држање. Тоа црвенило, таа збунетост, тоа решение да оди така бргу на вода, предизвика во неа оправдано сомневање. Но да не и го крши ќефот, ја пушти да оди по вода, а сама слезе на она исто кале каде што пред малку стоеше Неда со Тода. И како преѓеска Тода што и викна на Нешка, сега Доста ја извика Тода.
— Шо има, стрино Досто! Ела де, на вратничето! Ела ќе си поседиме! — се јави Тода и се качи пак на дрвата за да можат да се видат.
Доста ја погледна испитувачки и небаре на шега и се обрецна:
— Шо му стори, мори џадио, на чупето преѓеска? — и зачека одговор.
Тода се уплаши некако отирвин, гледајќи ја старата Рожденка пред себе и, откако се поприбра, одговори:
— Ами, шо можа да и стора, стринче? Да не даде господ и да помисла, а камо ли да и стора лошо. Шо ти рече она, ти се поплака од мене?
— Абре, не ми се поплака, токо од ка се врати откај тебе чупето, не се држи. Mope пее, море скока, море шетка, место не го ваќа, ене го, го грабна букарот и крши лејка, по вода отиде, ако беше п’н букарот пресна вода. Та си вела да не му тури некои муи во главата невестата Тода та шо се расклоца како коза од стршни.
— А хахаха — ихихи! — се насмеа Тода како преѓеска и ја наведе главата кај стрина и Доста.
— Ете те, златна стрино! А ти зборуј ми мене ота Нешка ти е малечка и туткун завалана, не ти разбира од нишчо. Ами знајш ли шо и кажа? Ете и тебе да ти го кажа тоа нејзе шо и го кажа и ти ќе се насмејш . ..
Попот наш, тетин ми, од сабајле си а зел торбата со крстот и киската и ти побегнал од Жиовчеви — дури кај ќерка му Бисера. И нашол мана на Анѓа и неќе да ја земе за сина си Крстета. Го пречека јас преѓеска Крлето долу Цулевата улица каде оди со притропот Петрета да си го земи магарето и парталите од Жиовчеви. Ете тоа и го кажа и на сестрица Неда, и види, ѓупката една, не ми веруа мене и отиде на чешмата да разбере поарно.
Доста просто занеме и не знаеше дали да ја кара невестата Тода или да и заблагодари за пријатната новина. Испушти само толку:
— Ами, шо го бодело попот шо си го погазил дадениот збор и го остави сиромашчето страмотно до векот?
И си киниса, си дојде дома. Бидејќи никој немаше дома, Доста не можеше да го таи своето задоволство, та и сама почна да потпева некаква грчка песна и дури ја заигра. Пред очите и никна она малото Крле попово, на кое му даваше тиква, кора и јајца заедно со нејзините деца и и излегоа пред паметта сите стари планов:и. „Ами кога ти вела оти „ако е пишано не може да се распише”, ти ка велеше, Дочко? Се е изгубено. Ете, загубеното се најде, умреното воскресна. Биди ербап сега — не пушчај го”, — си зборуваше самата и гореше од желба што побргу да го види Крлета и да го избакне како свое дете.

 

* * *

Малата попова покуќнина Крсте и клисарот Петре ја натоварија на две магариња. При товарењето Анѓа му помогна од срце и ни најмала срџба или незадоволство не покажа. Ваквото нејзино расположение уште повеке го развесели Крстета, кој чекаше некоја кавга или плачка од Анѓа за нанесената навреда, но виде дека и таа е задоволна од поповата постапка, та ни тука не му остануваше некаква тежина на душата.
Дури таа го испрати до портата и му рече: „Ај со здрзвје”. Остана Крсте без непријател и нема кој да му се лути. А тој многу бегаше од пусти кавги.
Така весело настроен, си го поведе едното магаре тој, едното Петре и си кинисаа горе Сребринската улица.
„Кога сака ѓаволот шо ќе прави господ?”, велат мариовците. И таман го поминаа анот од Младена Чкулот и излегоа на сретсело пред Влашкиот ан, се зададоа девојчиња од вода откај Јановата порта.
Крсте три години не се опули настрана ни во девојчиња, ни во жени, ни машки. За него тие три години се беше мртво и пусто, потиснат од тагата за слобода. И сега, кога беше сигурен оти е навистина слободен, му се отворија очите и почна да гледа. Co скришен поглед се опули кон групата водарки и како од куршум пронижан ги наведе очите и го заврте тилот кон водарките, — го буцна магарето да повјаса да не го сретнат во тесното Мидово уличе.
Водарките ја дупнаа со лакти средната другарка, а левата рече:
— Ами кога та веле јас, златна, оти попот а оставил Анѓа, ти ка велеше? He веруам. Ене, да се увериш. Ене, Крчо каде си и носи парталите кај сестра му. — И се разнеое едно танко — „аха ха иии ихи!” Крсте не дотраа, пак се испули кон нив и пак боцнат од невидливото шило, ја заврте главата, и пак му даде зорт на матарето. Ама и водарките пуштија чекор и таман на ќошот од Влашкиот ан — среќа!
— Mope, каде вака, Крле, Горно мало? — го запраша слободната Бојана Катина, која со сите ергени правеше разговор и секого го задеваше — и што треба, и што не треба.
Крсте поцрвене како рак. Тој дотогаш немаше слушнато и не сакаше да слушне женски глас, особено глас од девојче и сега одеднаш натрапа не на едно, ами на три и кои се? Барем да беа некои родиини, ајде, де, ами овие — сите три јабанџички, а меѓу нив — Неда. Што да прави сиромав! Вземи пропадна од срамови., Што да одговори, занеме, запусти. Грлото му се исуши, не може плунката да си ја голтне, а ете Бојана, проклета Бојана, пак го праша:
— Тебе те прашам, море сому, шо не кажиш кај одиш? — и пак се насмеа сама и застана пред магарето да не може да помине.
Крлето собра сили и остро одговори:
— Шо ме задеваш! Кај шо сакам тамо ќе ода Шо ти е тебе од работа, гледај си го ти твојот пат! — И го удри магарето по десното уше за да ја помине Бојана.
Додека Бојана го задржуваше Крлета со магарето, другарки и поминаа неколку чекори. Средната што беше, сега десна, се заврте небаре да ја вика Бојана, но не можеше да изусти глас. На завртувањето погледот и се сретна со очите од Крлета и само ги наведоа главите и продолжија напред, а Бојана позабрза и пред самата порта на Бисера ги стигна. Cите три фрлија поглед во дворот на Бисера и како нарачан го видоа поп Петка под лозницата — седи замислен, со некакви исчекувања.
— Го виде ли, Нешко, свекор ти? — ја боцна Бојана Неда, небаре ги читаше нејзините мисли.
— Го виду свекор ти! — одговори Неда на ова боцкање.
— Ајде, мори, токо се бричите вие за попови снаи. ама којзнае ушче колку ќе се промени тој маж! — им вели Јова Даркова, третата водарка.
— Тој лели и заредил, денеска една, утре друга, трета, на сете ќе ви го направи ќевот.
И така се разделија нашите водарки — една лево, друга десно, а Бојана си влезе дома од малата врата.
— Шо виде, шо чу на чешмата? — ја подзе Рожденката ќерка си и сама чекајќи со нетрпеливост да се повтори она што и го кажа невестата Тода.
— Шо ќе вида, шо ќе чуа па ти! Си залеа вода, и си киниса ваки со Јова и Бојана, — одговори Нешка и си забуцка да бара нешто во камарата над огнот каде што си ги оставаше своите работи: кончарката, иглите, калец или чорап што плетеше.
— Се нешчо и виде, и чу безбеле. Ете, јас чу оти поп Петко, излегол од Жиовчевите и си дошол кај ќерка му Бисера, најсна ли било?
„Види, ата да ми а најде, старата вапирка”, — си рече Нешка во себе — и она ќе превркне за него”. — и и го раскажа на мајка си сето што го виде и слушна од чешмата до дома.
— Демек, најсна било? Нека му е аирлиа ногата, eгa. Нема да одиме Долно мало по поп, — изговори Доста и продолжи: — А велиш, го виде и Крлето со магарето ?
— Е, го виду де, го виду ветерот да ве не виде обата со него, шо толку си се запнала во тоа Крле? Баре шо Крле е! Еден пупурник, како светелникот наш. Шо токо ми го пикаш во очите? Се куртулиса од него две три години, појадоме со Толета сами, сега пак ќе почне да ти се натрапуа на синиата. Токо знајш? Ако го викаш пак како понапред, попот ќе ви викне на главата на обата. Да се седиш мадро, неќу јас заради тебе да ми се смеат чупињата!
— Кроце, де, кроце! — и вели мајка и. — Ако не го викниш ти, мене зошчо ми е? Ако дојде сам, не ќе го нападиш, слепела! — И на тоа се сврши денешниот разговор меѓу мајката и ќерката, на кои мислите им беа едни, а само зборовите други.
** *
По вчерашниот настан, Крле сети леснина на душичката.
Секој ден тераше по двапати дрва, а обата пати носеше цели лопки горски цвеќиња: јаглички, петреви гаќи, вратика, коловер, матерка. Се знае ли какви цвеќиња нема во планината од Ѓурѓовден до Митровден?
Едно старо котле крај бунарот на Бисера беше полно со китки и секој ден се менуваа попресни и попресни. Бисера им ги даваше вчерашните на девојчињата, носеше и таа како млада невеста по чешмата, по реката и каде што излегуваше по комшии. Бидејќи со Тода Малова беа братучеди, често си правеа посети и Тода слободно си земаше китки од котлето колку што сакаше.
Кај Тода пак, како кај делница и како најверна на Рожденката, секој ден идеше Нешка со ракав, чорап или фурка на работа и разговор. Ова идење се засили и зачести откако попот ја напушти Жиовчевата куќа. На малата Нешка повеќе и се седеше кај Тода отколку дома кај мајка и. Крвта ја влечеше. Се што беше Крстево на Нешка „сонце и грееше”.
И кога Тода еднаш и донесе китка цвеќе со алова врвца зрзано. Нешка, којашто како нарачана влезе на малата врата, извика со восхитен детински глас, небаре најмилиот предмет го виде.
— Иии. шо е киска, невесто! Каде а најде волку убава? — и ја зеде да ја разгледува и милува, мирисајќи го секое цветче поодделно.
На Тода и дојде згодно да го направи она што го сакаше.
— Mope да знајш кој а набра, ќе а врлиш долни крај, и ќе бегаш далеку не да а мирисаш, оти може да те маѓепца, чупе!
— Ами как не, ќе ме маѓепца! He ме ваќаат мене маѓии; веле мајка дека си имам наврзници во косата
— одговори Нешка и нешто ја штрекна, поцрвене како секојпат кога го напомнуваше Крстета во себеси, мислејќи ота сите што ја гледаат разбираат што мисли.
— Е, земи де, ако ти држи? Крчето попово ми a даде да та а донеса! — рече Тода и и се втренчи во очите да види какво дејство ќе направи оваа нејзина постапка.
Нешка уште повеќе се вцрвени, та дури и ушите како пламен и се сторија. Но собра сила, ја стисна китката како драг подарок и рече:
— Па оти да не а зема? Зар ме стра од тој шебек? Ете, ќе а зема, и да му кажиш ота ошче довечера ќе а исуша, да вида шо ќе ми праве, мочко еден! Ќе му се плаша ли јас нему? — И почна пак да ја мириса.
— Охохо, шо мирисала убаво, пустата, дека од ерген брана! — И веднаш ги фрли очите во Тода, небаре сакаше потврда на тој збор, а во себеси си помисли:
„Дали не ќе ми се смеат чупињата ако го зема него дека беше армасан? Ами как, ногу ми е гајле пак! Та он ни женет ни армасан беше, ни в црква, ни дома. Гледај cи ќевот, Нешко. кој как сака нека си дрдоре .. . Токо, е, еј, јас кај отиду!? Една киска зе и веќе се плаша да не ми се смееле оти ќе су го земела. Камо, камо до зимање! Ошче десет години сака да лапаме муи обата.
Тода веќе разбра дека на добар пат е работата. Стрина и Доста одамна ја разбра оти го сака Крлета, а еве денеска се убеди дека ни Нешка не е против.
Нешка везе и често ја мириса китката, за која Тода донесе едно шутаре од бардаче за вода, да не се исуши.
На кинисување Нешка се засрами да си ја земе китката, ама Тода, како мајстор од занаетот, и намигна со око и и ја покажа, а таа тоа чекаше, ја грабна и ја завитка во ракавот, велејќи и фалејќи и се на Тода со главата.
— Да не и кажиш на мајка, оти казан на главите ќе ви стое на обете! — и си отиде пак низ малата врата.
Сега не си влезе право дома и не го остави ракавот во камарата над оган, ами влезе в земник, го отвори ковчежето во кое си собираше разни работи и каде мајка и никако не проѕираше, го развитка ракавот, прислушна да не иде некој, ја извади китката, и така сама почна да ја гали, да ја мириса, да ја бакнува по цветот и повеќе по корењето, ја лепеше до образи де од едната, де од другата страна, ја притискаше на гради, та дури го извади гушалчето и ја кладе под левата гола град под која силно, како чекан, биеше нејзиното, тукушто разбудено, младо срце.
„Тука, тука, тука внатре ќе а чуам, никој да не a најде ни да ми а земе. Милата киска убава, мила! Кој ми те набра, доде? Кој ми те донесе? Зошчо си ми, доде, кај мене? Он, тој, ах, тој песот еден, тој ми те скина млада и зелена, росна како киска! Милите цветчиња! Убави, милите лисичиња зелени, мили, мили милиии!” — се разговараше Нешка, се разговараа две китки која од која поросни, помлади, поцрвени, поубави, а мислите на Нешка и беа таму далеку во планината, во Зелка, во Ѓурѓишта, во Ѓурѓовиот камен, Козјак, Трибор, Перун, негде, негде во Рожденската или Книнската планина, каде што он, тој мочко нејзин, бере дрва со магарињата и нови, нови, стопати поубави китки ќе и донесе нејзе да ја израдува, оти преку нив таа го имаше и го чувуваше самиот него. — „Ќе ми овениш тука, ќе ми се исушиш без водичка, ќе ми умриш! He, не, ти не умираш. И туа ти си за мене жива.”
Колку се задржа Нешка во земникот, не знаеше. Ама веќе почна да се замрачува, а некој почна да врви во дворот. Беше си дошло Толето и викаше да ги растоварат маските.
На брзина ја извади китката од пазувата, ја завитла во новото тулбенче и ја скри во еден ќош на ковчежето — да не ја види ни сонце, ни ветер, — и излезе, небаре сега се враќа од работа.
Мајка и беше излегла и растовариле со Толето. Нешка ги свитка ортомите на малата маска и ја поведе да ја врзе на јаслите.
Оваа ноќ таа не затвори очи. Во темницата под покровчето си даваше сметка за преживеаното денеска и си поставуваше илјади прашања во врска со Крстета и нејзиниот живот со него. — „Тој и никој друг, —си велеше таа. — „Се виде таа оти тој ме сака. . . Може, не колку јас него, ама пак ме сака”.
Околу зори Нешка задрема за да се разбуди повесела од вчера, попргава, помила и работна. Toа и даде сила и волја да работи, да се смее, да пее, да игра. Тоа и даде здравје, како на никое девојче во селото, и таа од ден на ден го менуваше дотогаш жолтото и бледо лице во румено, црвено.

 

* * *

 

Тода отиде кај Бисера и накратко и исприкажа што направи со китката што ја зеде од котлето: Како на Тода, така и на Бисера им се направи волјата дека Нешка ја зеде китката. Тоа значи дека го сака Крлета! А од тоа девојче в село ни поубаво, ни поумно, нити подобра пак куќа и фамилија нема.
Навистина, уште е рано, но, како што се вели, нужда закон менува: и тие со татко и нема да го чекаат Крлето осумнаесет и дваесет години да бреа по село, како што прават сиромашките ергени, ами ќе го наоглават уште на петнаесет шеснаесет години, да се отвори куќата и да има кој да му чини измет на татко и и брат и на Бисера.
Прашањето дали ќе му го даде Рожденката не ги плашеше, оти веќе Тода го знаеше нејзиното расположение одамна. Едно се понамршти Рожденката кога Тода ја гибна по толку години:
— Мори, ами да му а дајме, невесто, токо дека ќе а внесе? Ете, немаат кукичка, сиромаси …”
И Тода, и Бисера, и поп Петко го знаеја тоа дека домаќин на село, кој нема барем еден ќереп покривач над глава, тој не се смета за домаќин.
— Ќе си купат, мори стрино, ќе си опечалат. Занаетот му е златен. Ќе даде господ, едно зимо да се сторат дестина двајсет свадби, по една две лирички, ети ти куќа, да а ослепа. Доста е шо ќе си го наместиш чупето да ти и миросуа коските! — Тода ја убедуваше Рожденката, иако знаеше оти таа одвај го чека саатот да се израдува со сват поп и зет попов син.
— Нека бидат живи, нека дојде тоа време. Ако е речено, колку да се басам, не можа ни да направа ни да расипа. Коа тој шо рекол лели имам женска челад и со црниот Ѓуптин може да се сосвата.
Тода зеде уште неколку китки од бунарот и и донесе на Нешка, која не ги врати и отворено призна дека го сака Крлета, ама ја страв да не разбере мајка и.
На третата, четвртата китка, Тода му кажа на Крстета дека и дала на Нешка китка, небаре тој и ја пратил и дека таа ја примнала.
Тода ја продлабочуваше врската меѓу овие невини суштества. За да му даде доказ на Крлета дека Нешка ги прима неговите китки, таа ја кандиса и она да му прати нешто.
— He само да земиш, џадио, токо и да му дадиш некој нишан. И он да знае оти го сакаш како тој шо те сака! — и рече еднашка кога и донесе уште поголема китка, — сега, навистина, од Крстета набрана за неа.
— Шо имам јас да му дада зар? — поцрвене Нешка, одговарајќи на Тодината забелешка. — Ете, он е машко, бере киски, a јас не ода во планината!
Тода си ја знае работата и продолжува со корисни „совети”.
— Ете шо се дава: едно рало калци, после чорапи, ванела, ќурдиа, па дури и кошула, ама за сефте баре калци.
— И, да и ослепа, едно рало калци. Ами ако е за калци да ти донеса, токо — големи се плетени сите мој калци, та не ќе може да и носе, — со радост изјави Нешка готовност и таа да го израдува Крлета како тој неа со китките.
Уште на другиот ден Крчо ги навираше своите слаби раце во големите нови машки калци, на кои Нешка навезе и две букви: Н. К. за да се потсетува Крсте од кого се и да му ја потврди својата желба дека така сака да се вика Неда Крстева.
Како што се израдува Нешка со првната китка, така се израдува и Крле со калците. Mope, ги гали, ги мазни, ги притиска на градите, по образите, ги избакна секој по десетина пати и ги проба да ги обуе. Бидејќи му беа големи, не ги обу, ами и скри во ковчегот каде што му беше велигденската кошула. Од тој момент Крсте Попов и Неда Рожденкина се „залагаа”. И треба да се знае: ерген и мома залагаа ли да си даваат и земаат, тоа е сериозна работа. Тука веќе нема назад.
Ерген и мома се лажат само преку „кодош”: тој зема од едниот еден предмет, му го дава на другиот. И колку почесто се разменуваат предметите, толку вљубените се повеќе се вардат еден од друг, се повеќе се срамат дури и да се погледаат при изненадна средба. Затоа и Неда и Крсте, откако зачестија да си земаатдаваат, се се плашеа да не се сретнат некаде одблизу. Се погледнуваа од стотина метра, ги наведуваа очите и си одеа секој по својот пат.
Откако му ги даде Нешка калците, Крчо и прати огледалце и чешел; да се гледа оти е убава и да се чешла за да биде поубава. Потоа и прати кутија локум, та дури ја дотера до сребрен синџир со гровчиња и најпосле .,саватлија” прстен, со празно место за презимето. На него стоеше само нејзината прва буква Н, а за втората, местото стоеше празно. He му се пишуваше нејзиното презиме, а пак не смееше да го напише своето, иако гореше од таа желба.
И колку се плашеше да се сретне со неа насамо, толку сакаше да и го слуша гласот.
И затоа почна да оди често кај братовчетка си Тода, која нарочно по негова „порачка” ја извикуваше Нешка на калето и ја прашаше ту за едно, ту за друго во врека со него.
Крчо пак, скриен во малото ќералче, слушаше како шепоти Нешка кога беше зборот за него — да не ја слушне мајка и — а после заедно со Тода се смееше изгласи.
По обичајот, Крле тргна еден ден по пладнина да оди кај братовчетка си Тода. И таман ја наближи портата, гледа во дворот кај бунарот — жена. Одеднаш ја позна. — „Она е. она ! . . . Ами сега?” — се праша и нозете му се потсекоа. Бре да мрдне, да влезе во портата , . . Некако да пречекори. И уште кога таа го виде оти иде, со трчанка се окри во тремот, оттаму преку куќа, низ мала врата, та дури дома со бегање. А си мислеше дека ете сега ќе ја фати за плетенки и ќе ја заврти да и погледа во очите. Задишена, си влезе во земникот и се поуспокои, гледајќи ја неговата последна китка..
Крле, пак, бидејќи не можеше да ја пречекори портата, се заврте назад и како елен доскока кај Грбанџови, задишен, исплашен, небаре сите селски куч’ки го бркаа по улица.
Но со тоа само се зацврстуваше желбата за нивните врски.
— Така е убаво, да се сакаш, а да не се гледаш, да не се задеваш со него, — ја учеше мајка и кога разбра од Тода. И таа се радуваше на нивната радост

35
Времето си врвеше по зимата — пролет; по пролетта — лето, есен и пак зима. Месеците за месеци, неделите за недели, дните за дни. Ланските се повторија годинава, годинашниве ќе се повторат в година, на земјата ништо не се менуваше, освен старите што умираа, младите старееја, нови се раѓаа да поминат по истиот пат по којшто поминале нивните предци. Чорбаџии осиромашуваа, сиромаси забогатуваа, болни оздравуваа, здрави се разболуваа. . . така, господ си правеше скали од луѓе.
Од слеп сиромав, манастирски ѓак, се најаде првин леб, со лебот побара сиренце, мавца, сланинка. My текна дури и за мазниче — зелниче, та дотера дури до алва. Оти пак да не тера човекот?! Умреа стариот поп Трајко уште постариот поп Стево и поп Димитрија, и целото село, коешто хранеше четворица попови, му остана нему сам да се башкари. Дури беа живи старите, се плашеше од нив да не доведат секој од својот „метох” свој човек. Затоа тој си беше „божја бубалчица”. Ако венчаваа тие за половина лира, тој земзше бела меџудија, ако свртат тие на српски пари — десет динари, тој венчаваше за пет итн. се додека тие изумреа без наследници, та си го поклопи целото село од двесте куќи. А да имаш парохија од двесте куќи, лебами, не е мал имот.
Затоа и поп Петко присобра по некоја и друга лиричка — врангичка и ете го, си купи и куќичка. Навистина, не даде многу готови пари за неа, бидејќи ја мени за две ниви и шестотини и педесет гроша, но и тие пари беа шест и пол вранги и згора.
Како му годе, поп Петко стана „ас домаќин” и „ас витолишанец”. Сега можеше слободно да бара снаа и од најбогата куќа и со сермија.
На последната мисла „со сермиа” пак му излезе пред очи Анѓа.
„Зошчо побегаа јас, будала, од таков мрсен залак?” — си рече со умот. А како за инает, новата куќа што ја куќа се погоди калкан за калкан со Анѓината, та секој ден ја гледаше Анѓа на портата. Таа пак не држеше никаква пизма, дури како добра комшивка почна чосто да му ги лее стомничките вода. Секако на обајцата им беше криво што го расипаа дотоворот. Влезе ѓаволот во попот и напна со сиот ум да го жени Крчето уште на петнаесет години дете и тоа — за која? — за Анѓа, од која сам избега пред три години оти беше недомаќинка, „расипана”, како што велеше тогаш.
„А, a, а, да си го крениш од умот тоа, дедо попе!”
— си велеше Крчо. — „Еднаш лисицата влезе в стапица, ошче еднаш, ти да си жив!”
Се спротиви сега Крчо како машко, а не како дете од девет години што го излага.
— Таа ќе биде па таа! — запиња поп и по цели недели се лути, небаре се живо му исклаа Крчо и Бисера.
— He бидуа татко, не бидуа! — излезе Крчо отворено, — Ако беше арна Анѓа, ти не бегаше од неа. Сега јас пак да влевам в стапица, не влевам. He се жена и тоа ми ти е! Зар су престарел па да се жена? — се бранеше Крчо и бегаше од дома кај Бисера, кај Тода, кај вујковци, стрикови, само да не биде пред цевката на поповата пушка,
— Ќе биде бре, синдрак, ќе биде! Или не су ти татко јас. Таков син шо не слуша татко, го неќу дома!
— се наврека еден ден и му ја заклучи вратата на Крстета, да му покаже и на дело оти ако не ја земе Анѓа го отсинува.
— Лесна работа е сега, лесна! — рече Крчо и си отиде Горно маало да и го пренесе на Бисера решението на татко им.
Бисера застана сосема на Крчова страна.
— Нема да а земиш таа лигла. Ако а саташе, он зошчо избега од неа?! Иди си кај дотка. Дури имаме леб, ќе јадиме, после ќе работиме, ќе се раниме. — Крле ја напушти новата попова куќа пред да презимува и една зима во неа.
Попот се откажа и од ќерка си Бисера што го прибра Крлета и еднаш, кога таа отиде да го види, да му ги земе алиштата за перење и да му занесе едно грне кисело млеко, толку го налути кога му рече в очи оти тој е крив, а не Крсте, — го грабна од полицата грнето, и го удри од глава и ја истурка низ врата со полна уста клетви:
— Еве откаде дуел ветерот шо ми го подветрил детето, да даде господ нека срдешница да а вати! Надвор, кучко касапцка! Па си дошла млеко да ми носиш, пците главата да ви а носат со таа песјачка Маловата; триста алови да ве најдат, да рече господ златен и свега неделичка утрешна! — Ја симна капата, се заврте спроти сонце и почна да се крсти и колне.
А Бисера, колку го виде оти ја симна шалката и почна да се крети, избега и не се обѕрнува назад, оти поп кога колне не треба да го гледаш: макар и другото да колне, клетвите го фаќаат тој што е крај него.
— Да ти се вратат на главата, да рече господ златен! — изусти таа горе Врчкиќовата улица и си отиде дома, та се наплака повеќе отколку мајка и кога умре

36
Крчо оттогаш не му излезе веќе пред очи на попот, ниту пак овој го побара. Го советуваа Лесната, Колобан, Младен Чкулот и други селани и пријатели да си го прибере детето, да не си го отпадува, но тој си остана пред своето.
Откако ја истурка Бисера низ порта, никого не пушташе в куќи. Сам готвеше, сам јадеше. За месење и готвење беше цела домаќинка, бидејќи беше осумнаесет години момок на манастирот, та кога не одеше по селата да проси, тој му помагаше на маѓерот во домаќинлакот. Само едното приперување на двете недели му беше тешко, но затоа пак тука му беше Анѓа, врата во врата, една куќа, што се вели зборот, и таа пак си ја зеде грижата за несудениот свекор. Па не и беше за бадијала изметот. Што носеше попот од село — сето и го даваше нејзе, преку некаква снаа од втор трет братучед, кај која Анѓа се прибра со братчето кога попот ја напушти нејзината куќа. Лоши јазици зборуваа по село дека дедот поп си ја припитомил снаа си кога момчето и го зедоа Србите војник, но тоа си беше нивна работа. Главно, сите се прехранија покрај попот во тие гладни години. А причината за сите тие блиски односи беше пак таа старата: Анѓа да биде попова снаа.

* * *

Поп Петко си го поклопи цело Витолишча и кај него ништо не се измени. „Оче наш”, „Свјати боже”, „Господи, помилуј”, останаа истите. Крштеваше деца, венчаваше, препеваше мртовци, како и за времето на Арслан беј. Неговото излезе како што му велеше на Бина на плетчето: и отспреди поп и одзади поп. Ништо ни доби, ни загуби
Даскалот Бино веќе си седна на столот од стариот мудур Арслан беј, и почна да си мудурува под заштитата на двеглавиот бел орел и Њ. В. краља Србија Петра I. Но нему навистина му излезе работата незгодна. Од народен просветител стана извршна власт. Почна да собира порез, прирез, да собира војници, a требаше да оди и потера, оти собраните витолошки „Б’лгари” не сакаа да одат да се бијат со својот „б’лгарски” Војвода Јована Ѓуровчето, кој заедно со Гурлука и други „патриоти” се врати во своето Мариово летото 1913 година со голема чета и дојде во Биновиот реон — онаа пуста Опстраница. каде што се Сукаловите колиби.
Бино собира војници и ги испраќа во Прилеп, но тие за една две вечери ја напуштаа касарната и се присоединуваа со Јовановата и Ѓуруковата чета.
Јован го опомена Бина со кратко писменце:
„Братучед Бино!
Ти се продаде шо се продаде на Србите, но внимавај на поведението оти иде денот на расплата.
Ѓуро.”
Бино се однесе кон ова писмо како Јован кон неговото кога му го однесе Коле Куков на Сињак, та и тој ги повтори тогашните Јованови зборови кога го прочита: „Ќе му кажиме, кога ќе го видиме”, го искина и продолжи со потерата да го брка Јована.
Создадената ситуација по Сојузничката војна му помогна на Бина. Бугарите ја изгубија битката и Ѓурлуковци се вратија со своите чети назад во Бугарија, a Јована го оставија да го подига духот кај „македонскија б’лгарин”. Тој остана со Колета и Стојна Салила од Полчишта во својот реон. Почна волчки живот: по пештерите, дупките и шупливите буки.
На Бина му испратија помош од Прилеп на чело со еден наредник и педесетина жандарми; уште толку доброволци од „српските” села од Азот и Поречијата, та го запашкаа Јована убаво.
Бино пак го покани сега нему да му се предаде како пред дванаесет тринаесет години што го канеше да му се предаде на мудурот, бидејќи сега тој седеше на тој стол, но тоа само го налути Јована, та за инает на Бина реши да се предаде, но не вему, ами направо на окружниот началник во Битола. Толку повеќе што Ѓурлуковци го оставија на цедило и се извлечкаа навреме дури каналите не беа затворени. Сега и да сакаше да се врати, навалите беа растроени, дејците позатворани, некои од нив и избиени.
„Да му се предада на Бина?” — почна да се колеба по Биновото писмо. — „Не, не. Нема Бино да доживее триумф над мојата несреќа, што е и негова! Caмо тој се продаде!” — И ете го, реши да се предаде на поголем од Бина и од наредникот, направо на окружниот началник.
И преку Илка Сукалов, кај кого сега навистина се прикри, иако не го сакаше и сега како едно време кога излезе комита, му ја соопшти својата желба за предавање на самиот окружен началник во Битола. Началникот се израдува и испрати еден од своите агенти и еден жандармериски офицер, и за два дена Ѓуро се најде во окружното началство. Пред началникот Јован, како и Бино, плукна на бугаршчината и се заколна на верност краљу Петру I, за кое веднаш стана општивски шумар на оној ист свој реон во којшто брка комитаџилак тринаесет години.
— Јас не можа без шума, — му одговори на началникот, кога овој го праша каква служба сака да му даде кога веќе се посрби”.
— Па добро, кад ти хоќеш шуму онда буди шумар у твојој шуми, — му одговори началвикот и му стави во задача сега пак тој да ги брка комитите во таа иста шума, во која него толку години го бркаа мулазимот, Рашид чауш и Шарен Мустафа, а во последно време братучед му Бино.
Во Битола Ѓуро не заборави да издејствува помилување и за своите двајца четници Колета и Стојана, но додека тој се задржа таму да ја положи клетвата и го утврди „посрбувањето”, наредникот успеа да ги фати неговите четници и една ноќ ги „суреди” обајцата со ладно оружје — по еден штик во градите — и ги закопаа во грмаѓето Уровички. Ги запретаа колку да не ги јадат утре пците и чавките. Но на Салила не му беше му било „пишано” тука да загине, та бајонетот во темницата беше го прободил лесно крај десните ребра и така жив беа го закопале. Да благодари што му беа ги оставиле палците на двете нозе незапретани. Откако беа се тргнале жандармите, Салил се отпрета и „воскресна од гробот” како Лазар на Лазарева сабота во Витанија.
— Си дојду, Бино, си дојду, но не по твоа желба, ами по моа, — му одговори Јован на даскалот Бина, сега претседател на Јовановата општина, и почна да си шета, слободно, во овојот стар војводски реон. А за да го убеди началникот оти навистина се посрби, почна да ги брка своите селани — воени дезертери, што не сакаа да се борат против пријателот на Бугарите — Австроунгарија. Поправо, тие сакаа да си седат дома покрај жените, децата и стоката, како што си седеа старите петстотини години дури повелаше Турчинот. Тоа беше разбирањето на мариовците и затоа масовно ја напуштаа српската армија. Бегаа уште од Прилеп ни непојдени на фронтот, кој беше далеку од север од Мариово.
Сега Бино беше мирен, бидејќи и Јован им се продаде на Србите, та немаше кој да му забележува и да го гони ако ставе некој „лимпрч”, како што се изразуваше за државните преврати самиот Бино.
Јована пак, страшно го печеше Биновата положба. — „Јас излегу да го бркам Арслан беј, а Бино, кој ме кандисуаше да му се предада, седна на неговиот стол!” — си велеше сам за себе и не можеше да се помири со тоа. — „Море, ќе седна кај Арслан шо седеше, макар да знам и ќе се поѓупча, не само шо се посрби!” — се заколнуваше Јован и се гледаше да му подметне нешто на Бина за да го турне од мудурскиот стол. Но и Бино беше мариовец, и тоа од еден сој со Јована, та не се туркаше така лесно. Затоа тој си претседитекуваше, а Јован гаумаруваше во истата општина и во истото село.

***

Работата меѓу таткото и синот многу се заостри. Од тебе — од мене се разнесе по сето село. Се разбра зошто Крчо седи кај сестра му и скоро сето село застана на негова страна.
— Ќе се глава негде, дотко. Ќе бера дрва кај некој чорбаџија, колку лебот да го јада и пинците да и кина, — и велеше Крсте на сестра си Бисера со плачни очи.
— А бре, како ќе се главиш, бре Крле, главата да му падни да даде господ, вешчерот стар! Кој ќе чуе, ка ќе рече? Едно дете има попот и тоа си го нападил да се главуа по туѓите луѓе! — плачеше Бисера и не можеше да му помогне на постраданото братче.
И дури Крсте да го дочека Митровден да се глави, стана голема промена во земјата наша.
Србендовци си кинисаа еден есенен ден преку Козјак и Кравица и се изгубија негде долу во Мегленијата, а со нив се изгуби и војводата Јован Ѓуров. На нивно место се довлечкаа „братја б’лгари”.
Даскалот Бино ја наведна главата.
И додека по малку се надеваше да го поканат да си го заме старото место — даскаллакот, една вечер го најдоа во Село Манастир неколцина четници — поправо воени дезертери што ги бркаа со Јована — и го фрлија жив од една стена блиску до селото, во еден длабок процеп, од каде што ни орлите не можеа да го изнесат.
Војводата Јован Ѓуров и сега „погледна во торбата”, и, бидејќи немаше друга Јованова глава, реши да ја спасува таа што беше на рамената. — „Да ода со Србите во Грција, ошче во Баово Чочо ќе ме познае и ќе ме предаде на Кондилис”, — си мислеше Ѓуро. А неговата глава одамна и скапо беше уценета од Грците за пет-шестгодишната негова борба со нив, та Чочо, којшто се префрли како Цица, одвај го чекаше да му излезе пред очи и да го предаде. — „Тоа би било: само месо в куќи на Чоча”, — си потврди Ѓуро. — „Не а бива, не. Ќе ода долу Тиквешиата, ќе се потпра прво до поп Илија во Бешишча, а он ќе ме ставе со Ѓурлукот, Шаќира и други мои стари другари и дејци од комитлакот, белки не ме имаат заборавено за виа дветри години”, — донесе итриот Ѓуро решение, и така направи.
На Пуловец, на границата, им „удри еден залп” на Србите што бегаа за Грчко и со две три момчиња, свои роднини, слезе до Бешишча и му отиде на поп Илија.
— Е, побратаиме, сега, или никога! Еве ме на твоа бога, на твоа душа. Само ти и господ можете да ме спасите, — му рече и му ја предаде кусата манлихера што му ја купи Толе Паша во Софија пред петнаесст години од „Браќа Иванови”.
Тој ја запази и со неа војводува до пред три години, та дури еден од условите за предавање што му ги постави на окружниот началник во Битола беше тој: да му ја остави манлихерата како спомен и да се служи со неа во шумарската служба. И началникот му ја остави, но Ѓуро кроеше и така и така. Та макар да прооди и со Биновите потери, таа не пукна на никого, па дури и на Пуловец. И тие стрелаа по ветер колку да се слушне во Рожден дека Ѓуро ги „брка” Србите. А тој пак, се избакна со полицискиот писар Јачмениќ, со наредникот Радована, ќатето Драгутина и ги испрати со желба пак бргу да се вратат. „Шо знајш шо иде назад?” — си велеше Ѓуро кога се разделуваше со нив.
Па и сега, за првпат ја положи пред поп Илија и му се предаде на „богдуша”.
Попот, бидејќи секој ден имаше работа со господ и знаеше колку е голем овој, се најде поласкан од Јована што го спореди со него и реши да му помогне на својот стар пријател, Иако за овие три години се „посрби”, за која постапка и го намрази. Но му помогна го стави со Гурлукот некаде по Богданци и Криволака.
— Ми дојде ли мори, продадена душо? — го сретна Милан Јована и му ја покажа сувата врба крај Вардар, што требаше да го заплаши Ѓура дека таму, на врбата, ќе го заврши животот.
— Ти дојду, господин коркар војводо, — му одговори Ѓуро иронично, иако неговиот живот зависеше од Милана.
Збор по збор, се скараа на лаката старите другари и војводи. Милан го осудуваше Јована за предавство, овој Милана за кукавичлак што избега во Бугарија и го остави него на цедило, и на крајот на краиштата и Милан виде дека Јован си имал право донекаде што се предал, бидејќи друга глава немало во торбата. Ја кладоа на кантар Јовановата тринаесетгодишна „б’лгарштина”; ја кладоа и тригодишната „српштина”, но последнава натежна некако по Милановата преценка, та Јован беше принуден да фрли уште сто лири на тасот од бугарштината за да се израмни со другиот на кој беше неговата српштина.
Така Милан си ја зеде грижата да го спаси овојот стар пријател од другите кои не знаеја зошто натежна бугарштината. И го спаси. Го испрати со Ивана од Гудјаково за Прилеп и во својот стан го криеше два месеца, дури да „се разбере” со другарите. Ги убеди дека Ѓуро е грешен, но не за колење, ами помалку нешто. А тоа „помалку нешто” беше интернирање во внатрешноста на царството: да не им мател вода по Мариово, да можат тие слободно да вршат што сакаат.
И така Ѓуро по два месеца, некако пред Божиќ, се најде со група „с’омнителни лица” — гркомани, србомани — во Хасково, а оттаму во Стара Загора.
Ги остави, поправо го нападија Ѓурлуковци Ѓура од Мариово, и за прв пат мариовските шуми по петнаесет — шеснаесет години останаа без него.
Момчињата, што го испратија до границата и што пукаа на Србите, не можеа да ги убедат своите селани — противници, — та и тие, (како Коле Куков и Стојан Салил што платија со главите за „бугарштината” од српските жандарми, ја платија „српштината” уште на вториот, третиот ден по идењето в село.
Во Ѓурово Витолишча се установи сега нов „б’лгарски” уќумат. Јовановиот бивш четник, шивачот Милан Ѕвезда од Прилеп го зазеде местото од Арслан беј од Бина Даокалот. Стана претседател на ошитинскиот тричлен совет. Притребаа секретари, писари, стражари. Што не треба за уќумат?
И, ни пет ни шест, поповиот зет Грбанџо стана општински стражар, а нашиот Крчо во своите четиринаесет петнаесет години — мал писар.
— Ете, не требе да се главуам сега, — со радост зборуваше една вечер со сестра си. — Сега си го вада лебот сам, и никој не може да ми заповеда.
Се почувствува свој човек и порешително застана на своето.
— Или Неда, ако сака веќе татко да ме жени, или никоа! — и натрати тој на Бисера, а која преку бабата Манџичица му го пренесе ова „попуштање” на Крлета.
— Неда? Коа Неда, мори стара вешчерко, света недела да ве пресече сете шо сте му го исчукале умот на детето! — се разлути попот и ја зеде патерицата да ја истера и неа како ќерка си Бисера, но се сети оти ќе му треба некој, та ја врати од сред двор.
— Слушај, Бисеро (ќерка му беше крстена на баба си Бисера) — јас знам оти ти подваќаш по нешчо од маѓиа страна. Поможи ми, мори мајче! И на вој век и на тој мајка ќе те знам. 3еми, земи, одврати му ти вода, јас ќе му пеа љубовна песна, белки ќе го нападиме натемато од него, да се прибере, да си го земиме воа сиромашчето. Та тиа нивните Неди, Велики, Бојани, Јани — чорбаџички ќерки — нас ли ќе не гледаат, мори сестро? He гледа ли, парталко еден, нема гаќи на задникот па се запнал во неј? Токо и тиа мајки магарици, не гледаат ли на кого и даваат својте ќерки? — И почна попот да ја моли и благошава Бисера оти „од неа ќе го знае тоа добро”.
— Mope, какви маѓии, попче, какви тикви стамболки! Јас да можа да направа маѓии, ќе си направа за Мицето мое да си го прожена, токо толку да ти помине меракот, дај ми по еден шеј од него и од чупето, ќе му одврата вода, ама пак да не веруаш. Летнало детето по неа и тоа ти е. Триста маѓии за една аспра. — Овде Бисера се сети за маѓијага што и ја направи на Нешка кога се роди по Митрина желба и си рече сама со умот: „Еее, лели мене ми дојде пак да и права маѓиа нејзе, ќе вати колку првата! — и се понасмеа, вртејќи ја главата на другата страна, небаре се секне, да ве ја забележи попот.
Попот и го даде на баба Бисера Крстовото ќурдивче и Анѓиниот тулбен и со нетрпеливост го исчекуваше дејството од маѓијата.
** *

И oвој настан не остана далеку од ушите, како на Доста Рожденката, а уште помалку од ушите на ќерка и Неда.
Во првите денови Неда се увили, уште црно што не проноси: — „Таман си мисле оти нема разделба од него, ете пак ќе ми го грабнат! — тагуваше таа во самотните ноќи. Но кога виде дека Крчо заради неа ја остави татковата куќа и се пресели кај сестра си, уште толку го засака и се ослободи. — „Кај да оди, шо да прави, јас ќе си ода со него, лели волку ме сака. Та шо има да бера гајле? Ќе си дојде кај нас на чичко Трајковиот мал. Нека рипа брадата до господа ако сака!”
Мајка и пак, отиде уште подалеку. Каде потскришум, каде јавно, почна да му праќа преку Тода на Крлето секој ден, секој други ден, нешто за јадење; му прати чорапи, гаќи, фанела; за Водици цел такам од конец и и потфрли на баба Бисера да му го каже ова на попчето. — Ако го нејќе тој, јас си го сакам и ќе го гледам.
Попот зовре уште толку и престана веќе да оди кај Рожденката да и крсти вода, од инает не побара кутол на Митровден и сите поскури што ги носеше Нешка в црква ги враќаше назад или му ги даваше на крмникот. Толку ја запизми оваа жена, дури на патот не сакаше да ја сретне. Мислеше дека сето зло во неговата куќа таа му го донесе.
Крчо си затера свој живот. Co платачката од шеесет лева месечно се облече „по френски”, се обу со офицерски чизми, та дури имаше пари да и купува, сега слободно, на Нешка што сакаше. По синџирот дојде окопецот пафти, сколци и други решме направи од сребрени петодинарки и турски бели меџудии.
Арноама, таман се готвеа и двете страни за радост, положбата на Бугарковци се измени и тие го напуштија Добро Поле, ги кренаа пушките да си одат дома. Општинската управа со целиот персонал требаше да се евакуира пред војската. Да се запази архивата која ќе треба „когато се врнеме пак”. А персоналот го собра „един патрул” и го поткачи напред пред „отст’пваштите герои” од Добро Поле. Таа метла го фати и нашиот Крле.
„Ај беља!” — си мислсше тој, терајќи ја малата Сукалова маска преку Жиово и Врпско, која беше реквизирана да ги пренесе багажите на општинската управа до најблиоката станица Тројаци. — „Од една куртули, на друга нагази!” — се жалеше, вртејќи ја главата од Становица за да го види за последен пат своето Витолишча и во него Нешка. — „Нема назад, не пушчаат виа пци. Па и да се искуба некак, да избегам, дали не ќе ме проколат тиа шо ќе дојдат?” — се прашуваше Крсте и сам си одговараше. — „Нека помине ваа бура. Па ќе се врата коа ќе се поумири”. — И продолжи со „героите” од Добро Поле.
Поп Петко не можеше да се додржи. Виде дека Крсте навистина го остави и тргна со Ганчовци, ја наведе главата и киниса Горно маало. „Крвта не била вода” — си рече тој. — „Имало право старите што го велеле тоа”.
Нога за нога, отиде Горно маало и ја најде портата на ќерка си Бисера.
Кога таа го виде на портата, малку се израдува, но со влажни очи го пречека, оти братчето и го зедоа Бугарковци, та којзнае дали не ќе пропадне некаде патема.
— Ела, не плаши се, го нема Крлето веќе; ни кај тебе, ни кај мене. — И почна да си ги брише солзите со црната шамија, која беше знак на преголема жалост.

— Mope, еве ме, јок господа да ме стори, токо зошчо дека су жив! — изусти и попот и почна да плаче.
— Пукна ѓаволот, — си рече Бисера и го фати под мишка, го заведе дома, му даде столче, го кладе ѓезвето за кафе и седнаа да се разговараат како родители и чедо по две три години.
— Mope, отрова, ќерко, отрова клади, а не каве! — рече попот кога Бисера стана да тура кафе во ѓезвето. — Шо ал правиме, мори Бисо, мори ќерко? Boa прле најстана не остави црни гламни покрај огнот? Леле, мајко ти мила, шо да се праве!? — И пак залипа длабоко, та дури и едно темно тажење испушти
„Ууу, море боже, та дури добога, шо ми било црно напишано’. Co челад — без челад да остана!”
„Аха, ќе ми те м’сне м’њата, ќе ми те трешче од јаскина, вапиру стар, шо го зе детето на душа!” си помисли Бисера и почна да си го крпи татка си.
—. Ами кога ти велеме, бре татче, стори се помал, дај да си го прожениме, да му а земиме таа шо си сака, ти ка велеше? Света Недела ќе ве отепа, не ќе останете кога јас друга ќе прибера во моата куќа. Ете шо направи и нам и за себе ќе си а сторе негде липата, ја некој аероплани ќе го смачкаат негде. Mope за леб ќе пцовиса, та остави друго! — Бисера го подзеде филџанот дополу испиен. Попот не можеше да го допие кафето.
— Тоа се стори шо се стори, токо давај ум шо да правиме. Јас се реши: ќе ода до кај Врпско, белки не се прејдени на Црна. Ако можа некак да го прелажа да се врати, та после ќе гледаме, ќе правиме! — рече попот и остави едно сандаче пред Бисера. — На, има овде нешчо. Ако се врата, ќе си го зема, отворчето е у мене. Ако скапа јас некаде, ќе го скршиш клучето и ќе си земиш половината, а половината ќе му и чуваш нему до десетге години. Ако не се вратаме никој, алав нека ти се и од мене и од господ.
— Ми дал господ, татче, мене колку за живот, доста ми се и пари, и се, токо пак би те поучила, ако си ми татко. Ако го втасаш, не да го лажиш та после „ќе гледаме, ќе правиме”. Апла, отворено ќе му речиш оти не го тераш Анѓа да а земе, ами ако сака да се жени пак со неа, со Рожденката, ќе го прибериш. Други лаги и такцуања не го враќаат. Тој веќе е завлезен до гуша и назад не се враќа. Че се правиме, ете, помали. Таков е векот, малите кренаа глава и не слушаат.
Попот го остави сандачето и и ги даде на Бисера клучевите од куќата, и торбата на рамо — се загна гope Жиовски дол, со надеж дека ќе ги втаса општинските управници. Но за жал, транспортот беше ја поминал Црна на врпските лаки и мостот гореше во пламења.
„Нема шо, било такцир: си го загуби изгледано детенце, ќе кукам како утка сам”, — си рече поп Петко и се врати во Врпоко, каде што закопа еден мртовец и си ја најде мааната пред Србендовци кога го начекаа горе Становица да се враќа за Витолишча. Успеа само толку да му нарача на стариот „б’лгарски” деец Ивана од Гудјаково: ако го види некаде по Бугарија Крчето да му каже оти татко му го бараше и да го доведе. Голем бакшиш ќе добиел. He заборави да му рече и тоа дека тој, попот, е согласен да ја земат онаа чупа што ја сака Крсте.
Си се врати попот и си залелека. Денеска утре, цели три месеци.

37
Крле продолжи со последните бугарски војски и уште за пет шест саати време што не стана пленик на Французите при Крива Паланка. Таман, тој со дружината го префрли Султан тепе, втаса француската коњица, но не ја префрли српско-бугарската граница. Слезе надолу до Ѓуешево. Ќустендил и таман се запалија магацините во Радомир и се отвори сражението по Владаја, Крле со дружината се качуваше по југозападните огранки на Витоша за да дојде по друг пат до Софија.
По патот се најде со Иван од Гудјаково и, јавајќи двајцата на маските, бидејќи архивите ги наполнија со пченица, Иван му ја пренесе поповата порака на Крстета, но не можеше да го кандиса да се врати дури не го виде вујка си Ѓура, во Стара Загора. Затоа и Иван не успеа да го врати Крстета со првата група бојци од II македонска дивизија, кои се групираа во Софија и си тргнаа кон своите родни краишта по цела Македонија.
Крчо замина за кај вујка си, но зборовите на татка си пренесени од Ивана му останаа во умот.
„Аха!” — си рече. — „Значи се кандисал коа сака нека биде, само да се врата. Убаво, убаво. Ќе се врата, ама ако ми прави пак џева, ќе го остава сосема, ќе си а зема Нешка, та каде со очи — тамо со нозе!”
Co тие мисли и тоа цврсто решение стигнаа кај вујка си, којшто сега како маченик од победителниот фронт беше се окуражил и се спремаше да се враќа во Витолишча и да си ја види сметката со тие што го испратија три години во прогонство.
My ја откри целата млада душа на вујка си и побара заштита кога ќе се вратат.
— He бери гајле, внучко, лели останавме живи. Јас су со тебе, и ако не го закла попот во турско за многу кабаети, ќе го заколеме сега обата и ќе се куртулисаме од него, — рече Ѓуро и го тупна по рамо внука си, негов најблизок род. — Така треба, да си слободен, да живејш на слобода како шо мислиш дека ќе ти биде поарно, а не ропски, како шо научил татко ти и нашите чорбаџии. Се гледа дека најстина тече моа крв во тебе. Биди жив и здрав, ќе си одиме и ќе а земиме Рожденкината чупа. Пет пари да не даваш од попот. Ќе си седи мадро, како поп, шо велат.
Крсте доби нови сили за живот. Неговата цел не е изгубена. Оддалеку веќе се гледаше како стои покрај Неда во црквата и како, некој поп брчи околу нив и ги врти околу бурилцето. Во тој момент нејќеше татко му да го венчава: да не му направи некој пакост, не ќе го довенча!
Чекаше да биде готов вујко му и гореше од желба што побргу да се јави на Слива и да ги види витолишките планини, покриени со вечно зеленило, а под нив селото, покриено со редок дим од двесте огништа.

И последните бугарски војски се источкаа преку Витолишча и собраа со себе се што најдоа; ограбија што можеа да носат; собраа стока што можеше да се тера и ја поминаа Црна за да дадат отпор некаде по дренската планина и Бабуна. Но не се запираа луѓето што не ги имаа видено своите огништа четири години и тие што бегаа, та остави оние што трчаа.
„Празна раница не чува граница”, почнаа да се читаат пароли по буките на Кравица, Петерник, Соколот и Добро Поле, изрежани со штиковите на гладните војници од оваа страна на фронтот и се зачестија „мечките” каде што имаше Германци, а бугарските војници со „дикат” дигаа се што имаше за јадење од нивните магацини и кујни. Гладот ги тераше луѓето на остроумност и тие измислуваа разни марифети како да дојдат до парче леб. Еден од марифетите беше и правење „мечка” и играње со неа по селата или пунктовите каде што имаше Германци, а особено нивни складови со продукти.
Што ли не се случува во војна? Пријател со пријател, другар со другар, дури и брат со брат на Овче Поле, во Сојузничката војна, се навреле на штиковите и дури, откако се погледнале доцна се познале оти се браќа.
Во војнава, под Грунишкиот Вис или „Ерголем”, како го викаа Бугарите, во еден ноќен напад српскиот потполковник Драгутин Радовановиќ со својот револвер го „застрела” бугарскиот полковник Жеров. И кога по судирот чкотна клечка ќибрит и го погледна убиениот непријателски офицер — како и него да го пронижа куршум, бидејќи во него го позна најблискиот свој другар од универзитетот во Марсеј, каде што двајцата студирале на една група, та дури заедно и во еден кревет лежеле цели две години.
А дедот Петко Беренџев од Старавина имаше два сина. Едниот на 28, а другиот на 31 година. Токму момци навреме. Во 1914 година беа мобилизирани од Србите и двајцата отидоа на австрискиот фронт, Се бореа што се бореа, Митре ја помина Албанија, а Петрета го заробија Австријците и од Надмеѓар, како „б’лгарин от Македонија” го испратија во Бугарија и по смирувањето на Романија, се најде во II тракиска дивизија на Солунскиот фронт, во синорот на неговото село Старавина — Соколот.
Митре, пак, го преброди Крф, излежа еден тифус и се приброја кон IV чета од 21 пешадиски полк на Југословенската дивизија. И каде ќе го пратат неговиот полк на позиција? Се разбира, на Соколот над Старавина. Митре служи во српската војска на Соколот, на доглед на својата куќа, на своето село, а ништо не знае за своите, а уште помалку дека брат му Петре стои против него, на дваесетина триесет метри во бугарските окопи.
Секој ден ги гледа Митре познатите долишта и ридишта. нивите и ливадите. Ја познава секоја стапалка шума и сето тоа го потсетува на неговото детство и среќните дни, кога таму ги пасеше овците, свиреше со кавалот и мечтаеше за евојата идна среќа: како ќе се ожени, како своето прво синче ќе го води со себе да го запознае со пределите на шумата; како ќе му влее кураж да не се плаши од волците; како тоа ќе ги пасе овците и јагнињата, и најпосле, како и тоа ќе биде домаќин, како што е татко му Петко, и тој сам што ќе биде.
А сега? Од сето тоа само сон! Ене, непријателот копа окопи, ја сече немилосрдно шумата, ги копа ливадите и лозјата, ги урива ѕидиштата, племните, та дури и куќите; ги копа огништата и визбите и прави бункери за да се задржи што подолго; за да го мачи што повеќе и Митрета и Петрета кои гледаа што се прави, а не можеа да помогнат.
А жените? А децата? Што стана со нив?
При оваа помисла на Митрета му идеше да летне од Соколот и да падне на сред село, барем нешто за нив да разбере. Но шумата беше непроодна. Непријателот здраво се зацврстил и немаше изглед дека бргу ќе го напушти овој Митрев свештен крај, неговите ниви, ливади и куќата.
Така Митре протурка две години во неиздржлива желба за својата куќа, што ја гледа, а не може да влезе во неа, ниту пак може да разбере барем нешто за своите најмили. Единствена утеха му беше самиот Сокол и шумата, и во повеќе моменти се чувствуваше како да е со своите овци и кози, па дури и кавал купи и по цели дни ги свиреше оние исти песни што ги извиваше со звуците на ѕвонците и клопотарците. Но токму тие звуци сега му го параа срцето при помисла дека тоа време нема веќе да се врати. А најмногу, што не може ништо да разбере за своите најмили Неда и малиот Петка, кого го остави во лулката. Што стана со него? He знае. Тоа толку го притискаше, та иако имаше одвај триесет годиии, почна да белее. Но немаше каде. Војната траеше. Ниту напред, ниту назад. Барем малку да сакаше да се помрдне фронтот, Митре ќе дојдеше до своето село, до својата куќа. „Малку нашите да мрднат напред, непријателот ќе го напушчи селото и јас ќе си отида дома”, — си мислеше тој, гледајќи од височината во селото. — „Ќе удра секако на некоа трага, било некој селанец ќе затече в село, или од некој заробен војник ќе чуа нешчо”. — Имаше право Митре, бидејќи овие војници што беа спроти него не беа некои други ами неговите селани — мариовци, што ги дотераа Бугарите да се толчат еден спроти друг, како тие со брата си Петрета. Но фронтот не се местеше. Се зацврстиле едните, се зацврстиле другите, и никој своите тврдини не ги напушта. Рикаат топовите, трештат бомбите, но фронтот си стои на истото место. Митре си останува со своите соништа да ја чека општата катастрофа на противничката страна.
Петре пак, пред самото влегување во окопите, помина преку своето село Старавина, го виде разурнатото дедово оганиште, упропастените лозја, ливади, исечените кории, та може да се замисли со каква омраза во душата отиде да се бори. И со кого? Co брата си Митрета, за кого веќе домашните дадоа и пченица за душа уште пред две години. Само едно Петре беше посреќен од Митрета, што патема за фронтот, преку Дуње и село Манастир, во Витолишча го најде татка си Петка со невестите и децата кај Илка Сукалов, кој го прибра „од гревот” да им помага на уште малите негови деца Толето и Нешка, оти сега сите Куковци, Дрманчевци, Ѓуровци, Пуцевци и други сиромаси исто така беа војници, та Сукала, Билјарот, Чолакот и другите чорбаџии не можеа да најдат момоци за триста гроша годишно и аргати за три гроша дневно. А нивите беа истите и требаше да се работат за да раѓаат уште повеќе пченица одошто во турско време, оти тогаш таа беше 55—60 гроша, половина лира килото, a сега стана осум па и десет лири, шеснаееет дваесет пати поскала. Од тој „грев” Рожденката го советува мажа си Илка да ги прибере овие погорелци да си прави „себап на душата”. А ќе се сместат во Трајковата, поправо во Нешкината куќа. Зошто пак таа да зее празна? И Илко ја послуша мудрата Дочка и го прибра дедот Петка, си направи „себап на душата”, ама и си осигури три аргати за цели две години. А за дедот Петка и ова добро дојде ота додека многу од истераните селани гладуваа, а некои дури од глад и изумреа, тој имаше барем леб за себе и за внучињата.
На Змеица, баш под Соколот, окопите беа одвај на дваесет триесетина метра отстојание едни од други, бидејќи врвот на чуката доминираше на десетина дваесет километра околу, та не смееше ниеден од непријателите да му го пропушти на другиот.
Двете војски ги делеше самиот врв — „цуцката” — тако што ја викаат селаните. Тука, на таа цуцка, оставаа Бугарите разни летоци со кои ги покануваа нападените Срби да се предадат и им ветуваа дека ќе ги пуштат да си ги видат невестите и децата. Србите пак разбраа дека Бугарите гладуваат и оставаа по дватри сомуна бел леб од три оки стари и на секој сомун закачуваа на дрвце по едно книжулче на кое пишување: „Со ова ќе победиме”, како едно време што му се сонувало на византискиот цар Костантин Великиот крст и под него исто овој натпис.
Некои Бугари пишуваа долги писма и ги навредуваа Србите: како сега се вратиле од Србија и ги виделе нивните невести; со нив јаделе и пиеле, та дури и спиеле; како тие таму кркаат и беснат со Германците и со нив — Бугарите. Се знае ли што не ќе измисли војник во првите бојни редови, чекајќи ја смртта секој момент?
Ho по едно време оваа цуцка се претвори во вистинска стапица за војниците од двете страни. Како по договор и едните и другите решија да се фаќаат живи на цуцката (или во краен случај да се колат со штиковите) кога ќе дојдат да клаваат мамци, одговори на најдените книжулчиња и разни продукти, без да стрелаат едни на други, бидејќи началството ова општење го забрани строго.
Покрај сомуните, Србите почнаа на „стапицата” да оставаат: конзерви, шеќер, кафе, сапун и друго што имаа во изобилност со разни предизвикувања. Тоа им ја зголеми желбата на противниците, та овие често одеа да ги прибираат овие предмети и да протутнат по некој навистина крвав ден, сите во окопите.
И токму една ноќ Митре со двајца свои другари кладе мамец на стапицата (еден сомун и на него книжулче со натпис: Бегај Гано од мое Старавина оти мајчето ти го расплака ако ми падниш в рака), и еве ти ги во утрешната мугра двајца „Гановци” на мамецот, а Митре со другарите кои преседоа цела ноќ на „пецање” им се фрлија одзади. Двајцата Митреви другари го налегнаа едниот Гана, а Митре се одвалка со другиот низ стрмната клисура, преграбени преку гради еден со друг, и така како трупје удрија во една стена и застанаа Бугаринот здола, Србинот врз него. Промртка Бугаринот што промртка и кога виде дека овој го притиска изусти едно тажно стенкање на чист македонски
ГОВОР:
— Е, јади ме, де, јади ме, ти падна во рацете! — и ги олабави своите раце од Митревите гради, откажувајќи се од понамошна борба.
Митре ги слушна зборовите од „Бугаринот”, го слушна и гласот и за миг се пренесе три години назад и се најде на колибата во Сува Река. Таму тој овој глас го имаше слушано цели дваесет години и еве сега овде. „Чиј беше тогаш тој глас?”, — се праша Митре и со молњевита брзина си одговори: .,Нa бацка Петрета”. И како што го стегаше сега безопасниот противник, и тој разлабави рацете и веднаш го праша со истиот старавински говор:
— Откај си ти бре, вака шо зборуваш нашинцки?
Кога го слушна и Петре Митревиот глас, ги ококори очите, ја отвори широко устата, му се загледа право во очите и почна да муцка одоздола:
— Ми . . . Ми .. . Митре, брате Митре!! ? Ти ли си, или твоата сенка?
На Митрета не му требаше повеќе. Офна како од куршум пронижан и изусти длабоко потресен:
— Ти ли си, Петре, брате? — и почна да го бакнува по крвавото лице на бацко му Петре, којшто се онвсвести од силната возбуда што го најде брата си во крвавата борба со „непријателот”, за кого веруваше дека загинал уште пред три години.
Митре почна да го гали по главата, ги залепи своите испукани усни на негавиот образ, гушејќи се и тој во солзи.
Тивко, тивко го расвести и бргу го поведе кои своите српоки окопи, каде што веќе другарите беа се загрижиле за него, ота и зората наближуваше.
Го напоруча убаво, убаво, и Петре изјави желба да остане со брата си во првите редици и да се бори за ослободување на неговото село Старавина. На началството му се свиде оваа Пегрева постапка, ги остави браќата заедно и тие први влегоа во Старавина по пробојот на фронтот. Први дотрчаа и во Витолишча, каде што го најдоа татка си Петка и невестите со децата…

 

* * *

Одењето на општинската управа првите петшест дена никој не го правеше разговор. Избегаа Бугарите, дојдоа Србите и општината па се отвори. Само нашата петорка уште од тргањето на општината во црно се завитка.
Бисера и јави на Тода дека Крчето замина со Бугарите и Не знаеше да и каже дали ќе се врати. И кажа оти татко и веќе е согласен на се, само да се врати. Тода ја пренеое оваа новина преку калето кај Рожденкини.
— Ете, така златна стриничке, си го напади детето, сега токо плаче, како бабата Бисера Манџикова. Нарачал, вели ќерка му, нека се врати, та коа сака нека а зима. Ама којзнае дали ќе се врати? Ако отиде кај татко во Стара Загора, тој не го остава, ќе го доведе.
— Е море, шо да му правиме, невешче? Ете, ние шо беме вредни, помагаме. Кога они двајцата, син и татко, не можат да се сложат, шо можиме ние да направиме? Нека бидат живи и здрави, од наречници не се куртулуа, — рече Рожденката и отиде да си ја гледа работата.
И Нешка ја разбра новината, — „Иииих! Дали има потакцирлиа од мене, мили боже, мили?” — си велеше таа ронејќи солзи во земникот над малото ковчеженце каде шо ја чуваше првата Крстева китка. — „Та шо толку су ти згрешила.. сполај ми ти тебе, шо ме замачи отче од десетте години? . . . Но тамо е вујко му Ѓуро и сигурно ќе го доведе. Само да ми го видат очите ошче еднаш, та не го пушчам од раци, сто мајки и сто татковци да ми пречат и мене и нему. На краот на земјата да знам со него ќе ода, туѓа аргатка по полињата ќе стана и од него не се дела. Само да си дојде ошче еднаш!”
* **

И си дојде, навистина си дојде и навистина со вујка си Ѓура и некој си Димитрија Попов, претседател од Старавина.
Поп Петко разбра од пазарџиите дека си дошле во Прилеп и дека си кинисале, од други разбра дека се вратиле во Дуње; од трети дека ја поминале Црна, а последните му рекоа дека се вратиле од манастирот да запалат по една свеќа и веќе се зададоа здола Сидорка.
Излегол народот да го дочека стариот бугарски војвода и српски шумар. Тие што го сакаа, го чекаа од ќеф, тие што го нејќеа — од страв, оти знаеја: сега на Ѓура му е порасната работата. Неговите, Србите, победија и тој ќе биде нешто голем. И поп Петко затоа излезе: да го дочека Ѓура како шура, да му се извини нешчо ако згрешил што им зел на децата и жената некоја пара повеќе, за некое и друго кило жито а повеќе да го пречека и да си го прибере Крчето, да му благодари на Ѓура што го доведе.
Дочекот не беше господ знае како срдечен, но сепак беше дочек. Роднините и вистинските пријатели го дочекаа Ѓура искрено. Ѓуро искрените ги поздрави искрено и од срце, а на лицемерните не им рече ни „добровечер”.
На поп Петка му одговори на здравоживото ладно, бидејќи одамна се караа по семејни причини, и му го покажа со глава малиот Крчо со неколку зборови:
— Еве, го, го доведу, ама гледај да не го нападиш па оти со мене ќе си имаш расправиа. Сега не е само твој, ами и мој! — си го дупна коњот и си влезе во портата; влезе по три години, да вечера со жена, со деца и да види да останат на трпезата залаци и комади леб.
Поп Петко си го пречека Крлето како родител којшто си го загубил чедото и, да имаше, ќе го заколеше и шареното теле, но бидејќи немаше, си помина со едно кусо петле.
Гласот за пристигањето на Ѓypa и дружината, во која беше и поповиот Крчо, се разнесе од долниот до горниот крај на селото. Разбраа и Бисера и Тода, и двете со трчанка слегоа Долно маало да ги видат Тода татка си, Бисера брата си.
Разбраа и кај Рожденкини, но требаше некој да потврди со своето очевидство. А кој можеше друг ако не Тода? Затоа Нешка по мракот застана на познатото мосто на калето меѓу сливите и до стари вечери чека да се врати Тода откај татка и. И ја дочека, се разбира.
— Mope, кај вати, слепелнице, невесто Тодо, шо се забави толку? Си дојде ли чичко Јован? — праша таа и го запре здивот да го дочека одговорот.
— Си дојдоа, си дојдоа, токо оди спи си слободно. Утре дојди да ти раскажа шо те интересуа, — и одговори кратко Тода и си влезе дома да види дали и се вечерани и заспани децата.
Неда како срна отрча дома и на прашањето од мајка и засрамено одговори:
— Си дошле, в река да појдат обата, токо лели се арамии, неоти ногу ќе седат! — И седнаа двете да повечераат и да ги чекаат утрешните настани.
Помина ден, поминаа два, Крчо се виде со Неда оддалеку, и се насмеа со претпазливост да не го забележат другите деца што беа со него; таа на ист начин му одговори и ги наведоа обајцата главите.
На третиот ден се зеде „пукара чукара”, дури кај Бисера, а оттаму — кај Тода. Извика оддалеку да ја врзат „кучката Рожденкина”, ако е тука и влезе дома. Гласот стаса до тремот на Рожденката, и бидејќи тука беше Неда, и до нејзините уши.
„Еее ќе ода да го вида па макар до тука да е животот. Ври и преври котлето. Еднаш се умира. Или жива со него, или на гробишча без него”. — И тргна кон маловата мала врата.
Во исто време Крсте и говореше на Тода:
— Јас веќе се реши. Или неа или жив не шетам. Ете, и татко се кандисал, вели Бисера. И сега сакам да ми а викниш овде, да се изочиме — очи на очи. Ако не ме е лагала, ќе се види. Ако ли пак си играла мајтап со мене, ќе и го поткина вратот со секирата на прагот.
И таман Тода на малата врата, Неда преку дворот на Митра.
— Зар чу мори, џадио, оти те бара Крчо? — ја праша, фаќајќи ја под рака и водејќи ја кон вратата.
— Кој ме барал, мори невесто, со бурина да го бараат?
— Крчо, кој! Ѓоамита не чу, па се правиш на три и половина.
— Ако ме бара, еве су. Ајде да го вида шо машко ќе биде? Јас го чека печес години, нека почека он печес минути. Токо, чекај да те прашам: шо вели он, на шо ниет е, татко му шо му рекол од ка се врати.
или ошче крши жегли? — праша Неда и ја моли Тода да ја поучи како да се држи при оваа прва средба.
— Mope ми шо мисли! Шо мислеше понапред, тоа мисли и сега. Вели и татко му не е противен, па ѓаволот да го знае. Тој коа самовилничав си е, па којзнае ка ќе помине. Токо лели те сака главата, пашката шо ќе ти прави? — Ја утеши Тода и веќе ја воведе во вратичката. Влегоа и двете заедно и застанаа на сред куќа.
— Еве а бре, Крчо, еве а. Откога а дотерам со стражар. А седнете, седни, мори мустро, шо се плашиш? — и и подаде столче.
Крле беше станал од билото и ги пречека стоејќи. Кога тие влегоа, нему нозете му се затресоа и седна место на билото, на едно смреково столче, крај огништето на машкиот кат.
— Ете ве, сега кажете си шо имате да си кажете. Од мене да не ве стра. На никото не кажуам.
И двајцата снемеа. Та шо мислеа да си кажат, си прочитааа во очите и во црвенилото на нивните млади образи.
— Ајде де, шо се гледате како маче и куче!? Ајде кажи, Крчо? Шо ми велеше? Сакам да а вида и да и кажа. Шо м’чиш сега како пењушка? — му се врекна Тода на Крстета.
— Mope, шо да и кажа? — почна да дроби со јазикот, небаре oca го каснала. — Шо да и кажа кога она веќе знае. Ете, јас те сака’м, мори Недо? — се опули во неа и лути мравки го полазија од пети до теме и ја удри главата ничкум.
— Хи, хи, хи! — се слушна придушен смев. — Сето тоа што ќе ми го кажеш? — се ослободи таа, бидејќи тој почна, та забуната негова и ја поолесни нејзината положба.
— Ами шо друго сакаш, мори златна? А да те чуа и ти да го речиш тоа, де?
— Тииии! Чудно чудо: су не можела да реча „те сакам”! Ами еве ве: јас те сакам, те сакам, трипати, не еднаш, ако сакаш да знајш.
— Ами без смеа ти вела, Недо, — почна Крсте со растреперен глас. — Јас си дојду за тебе и ти кажа зошчо. Ама, поарно да чујме еден од друг.
— Шо има да ме прашаш пак? Да не сакам, ида ли овде да права муабет со јабанџија човек? Токо шо вели татко ти? Анѓа? — И застана да чека.
Тие зборови, особено последниот, срцето му го параа на Крстета и затоа рече налутено:
— Никаков татко, никаква мајка, никаква Анѓа, никаков никој? Јас и ти. Кандисуаш ли ти со мене на краот на светот? Јас кандисуам со тебе . .. Само така те сакам и те зимам, инаку, кажи ми отворено и јасно: за мене ќе се мажиш или за некој околу мене? — И стана од столчето, се приближи до нејзиното.
Неда немаше сили да стане. Ја крена главата нагоре и му се спили во очите. Затрепте неколкупати и ги затвори клепките, па мижејќи одговори со немо нишање на главата. А потоа изусте со шепот:
— Така, сакам и јас, бре Крчо! — И му ја подаде раката: — Држ’, држ држ ме да стана.
Крсте ја фати за рака и за првпат сети како му зовре крвта во лицето. My се сакаше сега да ја пикне во џебот и никој пат да не ја извади. Таа стана и наеднаш си ја тргна раката од неговата, се заврте да не му гледа во очите и побегна низ малата врата, викајќи:
— Доста, доста за сега! Утре пак дојди, друг ден, секој ден иди. Сега ме стра мајка да не дојде да ме побара… ја стрина Митра, Гуца… — и се изгуби.
Крсте остана со Тода насамо и поразговараа за нејзиното држење.
— Те сака, бесот да а вати. Токо се плаши да не ве види некој, — го убедуваше Тода Крстета.
Затоа тој реши сега на подобар начин да дејствува: во Софија и Стара Загора разбра од детишта како него оти си пишувале „љубовни писма”. Што пишувале точно никое не можеше да му даде рецепт, пишувале дете на девојче, девојче на дете.
И Крле стана и напиша писмо.
Неда го прочита десетина пати, го измилува, го избакна, особено потписот и го кладе во малото ковчеже каде што стоеше исушена првата китка. Одговор не напиша, ами порача:
— Нека дојде во четврток, ќе му кажа нешчо! Дните до четврток се направија цели месеци, a
среда се продолжи во година. Се најдоа овие двајца млади кај невестата Малова.
И едниот и другиот беа послободни отколку првиот пат. А Тода, како отштен мајстор на својот занет, ја затвори малата врата и излезе на големата да го наполни котелот вода од бунарот.
— Седете и кажете си шо имате да си кажете, ама умно! — И ја заврте главата и прстот во знак на фалба оти ќе и каже на Рожденката.
Крсте и Неда останаа сами. Необично на двајцата, ама веќе се приближија еднододруго и почнаа да се ослободуваат.
— Е, кажи, де, кажи зошчо ме викна? — започна Крсте со посигурен глас од некни.
— Зошчо те викна? Да ти кажа да не пишуаш такви писма. Коа да сме преку море, та писма ќе си пишуваме! Ете вака, ќе се видуаме и ќе си прикажуваме, зошчо ти се пак писма? — И застана Неда да го гледа. Таа гледај го него, тој неа. дури не станаа обајцата и сами без да знаат зошто.
— Седи, седи! — му вели таа и му покажа на големата врата, да го предупреди да не влезе Тода да ги види како стојат та којзнае што ќе си помисли.
Оваа средба се сврши со тоа што ќе се сретнат па во четврток.
Третиот четврток дојде многу побргу од вториот, оти веќе за тие седум дена и двајцата подготвија „терен” дома и можеа послободно да се сретнат.
Поп Петко пак промртка.
— Да а земеше, бре синко, ваа сиромашката. Она ќе не гледа, та тие чорбаличките не гледаат куќа без сермиа!
— Татко, шо зборуаме ние со тебе? — го праша Бисера и „работата легна”.
— Е море, така велите, така нека биде. Токо, мене не ми се прави ќевот, — беше последниот збор на попот. — Само гледајте да не ве матне и она та од две да останете без бар една!
Неда немаше кого да кандисува, бидејќи се што работеше таа, работеше со знаење на мајка си. Дури и за двете средби и кажа, и за самото писмо.
— Е, ќерко, лели до тамо си а дотерала работата, гледај — прави побрго нека биде, да не разберат светот да ти се смеат! И гледај, варди, — и рече, — да не се дадиш в раце безвреме, слепела. — Рожденката и нареди на идната средба да го викне кај нив дома и таа да зборува со него.
Неда му ја соопшти оваа желба на Крстета преку Тода и тој ни пет минути не се мисли.
— Ошче поарно лели дотамо излегла работата. Јас сакам татка да го терам сводник да праќа, ама лели она посакала јас да ода и така нека биде!
— Ќе си а најдиш маната, — му вели Тода, — небаре кокошка или јајца бараш да купиш, ќе тропниш на малата врата околу ручок, a оние веднаш ќе ти отворат. Ќе си влезиш дома. Неоти еднаш влеваше кот’а бете малечки?!
Така и беше. Крчо тропна. Неда отвори. Влезе сет црвен и задишен и место „доброутро” или „добарден”, тој извика:
— Mope врзете а кучката да не ми се загне, тето Достооо!
— Врзана е, врзана, Крле, токо ела! А таа одврзана не лае на секого! — се насмеа и се опули во Неда.
— Е, добарден, де, или доброутро. Јас се заплаши да не ме закрпе кучката, та се заборави и доброутро да реча.
— Mope доброутро, Крчо, море добре дојде, море како си, шо правиш, шо чиниш? Ами кај си, ослепаго? Толку време се изгуби, не дојде да а видиш тета ти Доста, пустињото! — го праша Доста. Го праша како е со здравјето, како си помина на туѓина и којзнае уште колку прашања ќе му поставеше да не стаса кафето и да не го ѓибнеше на најосетливата жица.
— Ами шо направи, булаќе, ти: Се жени, се армаса, како беше таа работа? И се оджени, се одармаса, како слушам. Ами ногу рано, бре теткин, и се жени и се оджени? Ако проджиш вака. двајсет невести ти се кусо до четириесетте години!
Крчо се можеше да поднесе, се, само овие опомени никако не сакаше да му се меткаат во умот. Затоа, кога Доста го испушти зборот „се жени”, „се оджени”, тој се засркна со кафето, си го изгоре јазикот, ја мени бојата на лицето и ги наведе очите пред себе во пепелта, се увили и се навреди.
„Затоа ли ме подмами ваа старледина, да ме кине?” — си помисли тој во себе и така му се стори одвратна, што немаше желба да ја погледне.
Доста го забележа тоа, но не го почувствува така како што го почувствува другата присутна — Неда. Таа не помалку од Крлета се оневесели, не помалку ја заболе таа боцка, но бидејќи беше тука топраклија место Крча, таа одговори:
— Ако сакаш да знајш, жено (во моментот Доста за Неда беше жена, а не мајка) тој ниту беше женет ни армасан, та затоа ни се оджени ни се одармаса. Појде попот кај Жиовчеви, го зе и него како овој син. Си излезе попот, си го зе и сина си. Шо има тука сега ти да и раскопуаш тиа марази и да чукаш туѓа ‘рж? Ако сакаш да проговориш некој лав со човекот, проговори човечки. а ако не — нека стане, нека си оди откај што дошол. Ама, не е убаво од тебе и мен да ме мешаш во ваа твоа каша. — И Неда застана зад грбот на Крстета да го брани од нејзиниот напад.
Крсте ја сети помошта и се окуражи, а затоа пак Доста отстапи и почна да се правда:
— Mope, ами, да ми прошчевате, пак јас неоти сака некого да навредуам или да жалоста. Токо така ми текна оти, ка го заведе попот Крчето кај Жиовчеви — не стапна во куќата наша, та шо му беше алот тој си знае. Пак јас неоти знам шо зборуам! He ваќајте ми вие теклив. Такви сме ние старите! — и го пренесе разговорот на вујка му Ѓура, Бугарите што „кршија глава”, на Бугарија, додека не се врати назад — на поп Петка.
— Ами шо прави татко ти, бре Крчо? И он одамна не е дошол кај нас. Којзнае дали не се луте и зошчо! Шо правите вие двајцата сами беќари: Кој ви замесуа, кој ве приперуа? — и собра сили та заврши: — ами не барате ли некоа сиромашка, да се прожениш, та на татка ти не му дава закон шо не му дава.
„А ха!” — си рече Крчо. — „Ете ја те, кај го врте езикот кај што е боле забот!” Потоа одговори.
— Mope ми, кој е тој шо ќе ни даде нам жена, тето Досто, угу да сакаме, та остави шо су јас ошче мал и испустања коа шо знајш. До вчера немаме ни врталишче, шо се вели, ни покрив над главата. Таа жена шо ќе дојде кај нас, ќе најде голо пепелишче: една маша, една кација, еден т’чник, печес лажици и едно ѓуме. Ете тоа е нашата сермиа. Зар да не и најде каците или покровите! Та да има некоа будала, ние со попчето мое азар сме. Најстина сум мал, сега завлегу во седумнајсет, токо ја и ошче помали и татковци се сториа и пак ич гајле не му е, — и Крчо ја исправи главата, што му беше наведена уште од Достаната навреда.
Доста го ислуша внимателно и многу се зачуди на зрелите зборови од вака младо, дури може да се рече и зелено, дете. „Се што рече, се наместо, песјачето”, —си помисли таа и проговори:
— Mope, теткин, господ е богат та ние луѓето колку да се валиме — ич нишчо немаме. Вие со татка ти, велиш, немате каци, немате покрови и други сермии, ете па имате тоа другите шо немаат. Кој има брада дома, тој има и булук каци да нап’не, и покрови ќе направе. Ти, ете, си си го испекол занаетот со перото во раката, си го вадиш лебот со седење, та коа е таа сиромашка шо не ќе дојде кај вас рает да трга?”
Крле гледа дека таа ја води водата на нејзината, ама и на неговата водеиица, та да не обиколува леводесно, таман таа заврши, тој ја бапна пред обете:
— Е, море, шо ќе барам јас наки-ваки сиромашки ај дај ми а ти! — и се испули во Неда, се понасмевна и го запре здивот да го чуе одговорот.
— Ха, ха, ха! — се насмеаја мајка и ќерка наеднаш — а Доста му одговори: — Ами така ли море, бику, наеднаш се бара чупа, a — И му се загледа во очите. — Ни пет ни шест, „дај ми а”! Ами ако не ми е за давање? Ами ако те неќе? Ти ич не праша ни да ли те сака ни дали ми се дава, токо „ај дај ми а”! Види го ти него, ни се страми, ни се плаши од некого.
— Сполајбогу, ни крада, ни лажа, ни пала, та да се страма и да се плаша. Ти ме натера да се испушча и да ти го кажа тоа шо го мисла јас, а ми се чиниш и ти да го знајш одамна и да го присакуаш. А колку за некогашната другачка, еве а пред нас, да а прашаме обата. Ако рече „неќу”, пржете јајца да ручаме и ќе стана, ќе си ода како стар пријател. Ако рече пак „сака”, тогај ќе заколите и некое пиле, ќе си поседа и довечер, — да се вида и со другарчето и со дедовците.
— Види, види! Вој човек место сводник да праќа како векот и да се страми како зет, тој сам сака да си прави работа! — се замеша Неда. — Mope ми, страмота е, брату! Кој ќе чуе ка ќе рече? Крсте попов сам си бил стројник!
— Арно де, арно. Страмота, страмота, ама арна работа. Шо ќе ода да ме лаже и да ве лаже Шпиро Манџик, Гого, бабата Бисера и некој друг, оти па да не си го чујме ние од нашите усти шо ќе го пренесуат тиа лажачи сводниците? — почна Крчо да ги убедува двете жени, откако сети дека и двете заедно се послаби од него во умот и може да га надвлада.
— Е арно де, арно! — рече Доста. — Ајде јас да ти а дада Нешка. Еве да речиме оти и она те сака; ами татко ти лели а неќеше, бре внучко? Кај ќе а водиш, дека ќе живејте. Ајде ќе работите, ќе се раните, ами лели се сака куќа, покуќнина? Шо мислиш ти на таа работа? Или само — „дај ми а”. За давање лесно, токо за гледање жена непара е лесно. Си чул ка велаат машките: „Жената имала седумдесет и седум рани за лекување”, та и ти размисли ли? За сете тиа рани сака лекови да бараш. — Разговорот постепено стапуваше од шега на вистина. Се изменија мислите и се разгледаа сите можности неможности.
Крсте окрка една тава јајца на ручек и го закла пилето за вечер, со кое Рожденката ќе го пречека Спира Манџик како сводник од попот за нејзината Нешка.
— Само пари не ќе му сакате ногу, — рече Крле на излегување. — Тој адет, да се купуат жените, ич не ме бендисуа. Колку за адет некоа лира нека ви даде попот, а за даровите јас си знам. Ич не стегајте се, барајте, затоа сте а гледале од залаг месо деветнајсет години. Нека речат роднини и пријатели оти најстана Доста изгледала чупа и свадба направила.
Co тие зборови Крчо си излезе низ мала врата и околу мракот пак намина да види дали се свари пилето.
На влегување, сега без тропање, ја најде Неда сред куќи каде му мете на прасето и посегна да ја фати за образ, ама таа му ја турна раката настрана и му ја покажа големата врата откаде можеше секој минут да влезе мајка и, и му рече само: — „Пст, мац! He ваќај кај шо не си клала ота може да е жешко да се попариш!” — И навистина старата влезе со заграб борина и едно столче.
— Mope ми, дојде ли, побратиме ? — му вели таа мило, небаре, крава со теле и дотера.
— Дојду, дојду да ве вида да не ми мрдните од белешката. Ошче, не си дојде некој оздола?
— Нема и ошче токо ти не бери гајле. Ти стој си на твоата белешка. Ние од нашата не мрдаме. Нека се позабзве, речи му на Шпира да не го види некој позарана! — рече Доста и ја пушти борината под оган.
— He берете го тоа гајле. Шпиро си го знае занаетот и времето. Токмо навреме ќе дојде, токо пари да не барате! — пак повтори Крчо и си излезе откај што влезе, испратен од Нешка, фатена рака за рака. Срцата им прваа на двајцата кога се фатија за раце и се подржаа една две минути.
Кога Крсте излезе низ малата вратничка, а Нешка се наведе да се појави да види дали некој не ќе го види оти од нив излегува, овој ја исползува нејзината положба, ги бакна своите четири прсти на десната рака и и ги залепи на левиот образ. Таа моментално истрпна и се уплаши да не врви некој по улицата да ја види, но во мракот и да врвеше некој, немаше да познае дали е таа или мајка и. И му се пофали на Крчето.
— Е, е, ата ќе ми те најде, токо ошче некоа недела! Коските ќе ти и сокрша!
— Ќе видиме кој на кого! — и одговори Крчо и побегна долу Црневата улица, за да му стори абер на Шпира, вечер да слезе до кај нив долу. — Татко нешчо те вика, — му рече.
Шпиро си ја има „муата на капата” и не се противи. Оти пак да се противи? Од секоја свадба, каде што оди сводник, добива по едно рало чевли, и тоа некаде со голема пот заслужени, а овде ќе оди на готова работа, колку „нишан таши”, да не се рече оти зетот сам сводник си бил, што нема да биде лага.
Шпиро наврте кај попот и доби напатствија повеќе од самиот зет отколку од свекорот.
Кога попот веќе го одврза ќесето да му дади на Шпира пет – шест лири за „прит”, Крсте задржа само една и му рече ,на Шпира:
— Ќе и а носиш ваа едната и ќе и кажиш на бабата ота зетот не купуа кобила со пари, ами сака невеста со ќев. Ако сака да а продава ќерка и, нека a извади на атпазар: кој џамбас ќе даде повеќе, на тој нека му а даде, a јас не су џамбас со кобили да трговуам.
— Бре, како така, слепелнику! — вели Шпиро. — Два товара руба ќе ти донесе, угу за една лира ли да и а земиме?
— Ако сака гола нека а прати! — вели Крчо без да се срами веќе. — Јас се жена за неа, а не за рубата. Ти слушај ме мене, па ќе видиш оти така ќе излезе!
Попот си ги зеде петте лирички назад и се поослободи малку, мислејќи дека со ова ќе се расипе работата. Рожденката не ја дава ќерка си без пари, Крчо нејќе со пари, и така ќе си се врати на Анѓа.
Арноама, работата излезе така како што беше приготвена.
Шпиро повечера кај попот, си поседе убаво. Исчурија по пет шест десетина лулиња тутун, тргнаа по две, три, четари кафиња и си ја зеде ластегарката, та дури у Сукаловци.
Тропна полека на онаа иста мала врата од каде по мракот излезе Крчо и со шепот влезе дома. Домаќините, се разбира, не спиеја, та дури не беа ни вечерале. Одоздола си беше дошол Илко и веќе дремеше, потпрен со лактот на билото, чекајќи го човекот што ќе дојде да му го земе „пиленцето од седелцето”.
Работата одамна беше готова. И Илко како Доста го сакаше Крстета, ама сета тежава беше ја оставил на неа. И кога таа му расправи што решиле двете со Нешка, а особено оти она го сака детето, тој само рече:
— Е, нека е аирлиа! Кога мислите? — и си го зачека сводникот Шпира.
Шпиро го распрета жарот со ластегартсата и седна. Co тоа даде знак дека иде за „аирлија”. Го испи кафето и тука, го запали лулето, сркна и еднадве ракиички и многумногу не му се задржа.
— Mope, да си го кажа алот, комшии — почна тој и со три збора навистина си го кажа „алот”. Домаќините, сите тројца, не рекоа ни збор против неговиот „ал”. My го изнесе Нешка „рачунот” — најубавата кошула — „шарената писана” со целиот такам што оди со неа: саѓиа. прегач, чорапи и калци, ги врза во едек бел тулбен со бели череци по сите краишта, коишто и беа дадени „проводиа” уште на крштењето и ја даде на татка си. Илко стана, се заврте спроти сонце, се премрсти, го бакна јазелот од сите четири краишта и му ја даде на Шпира со „аирлија да е саатот” и две солзи во очите, а Нешка му бакна рака на Шпира. Тој и ја даде лирата, испратена од попот, поправо од Крстета.
— Сега за сега толку ми прати сватот поп, — се извини Шпиро оти му се чинеше малку, а не знаеше колкаво богатство беа за Доста и Нешка неговите обично изговорени зборови: „сватот поп”. — Тие се погледнаа право во очите и си ја прочитаа радоста во нив самите.
„Шака ли е да бидеш попова снаа?” — си мислеше Нешка.
„Шака ли е да бидеш попова сваќа?” — си мислеше Доста.
Само Илко мислеше за тоа кој ќе му помага на лето по жетва — вршење, кога ќе му ја земат Нешка! И затоа, дури Нешка и Доста се радуваа на својата среќа, Илко го канеше Шпира да си макне од тепсијата и му велеше:
— Ваа веќе ќе а заведиш, шо ќе а заведиш, токо ајде, гледај па да доведиш некоа. Ваа од место — друга наместо, шо велаат. Ете ни го и Толето веќе завлезе во седумнајсет ошче од Митровден, та не ќе биде лошо да си го удомиме. И право да ви кажа ногу е поарно во една вечер, со еден мастрав, со едно растурање, оти и тиа свадбите нопара се лесна работа. Јас досеа свое не су ни женил ни мажил, ама знам по мене и по браќами кога се лоснеме. Ваа годииа еден, по некоа и друга — друг, по трета, четврта — трет и така, остави шо отиде сермиа, ами се натргаме мака, да не чујте лага. Co недели од ка ќе се почне не може човек на нозе да застане. Токо, ајде, ајде да се напиеме, та ошче утревечер истреси му се на дедот Анда нека ни го даде чупето. И така сме камшии со колибите во Опстраница, ќе се пригледуаме еден со друг. — И кренаа машките — Илко и Шпиро, — се напија вино па станаа. Шпиро си отиде кај попот со „раунот” околу полноќ.
Таа ноќ кај Попови ламбата не угасна Бисера остана да го дочека резултатот од Шпировиот сводниклак, иако знаеше дека работата е свршена од самиот Крсте. Се радуваше на братовата среќа и со нетрпеливост чекаше да се врати Шпиро и да го донеое милиот дар „раунот”.
Уште од портата Шпиро свика нависоко.
— Ајде, аирлиа, дедо попе! Да ти се живи, вековити, некој к’смет господ да му даде, да се пофалиш со неа! — и најпосле пред самиот праг на вратата последниот благослов го истури на Крстева сметка. — Кога ќе се биете, дома да се криете, внучко! — и влезе во одајчето каде што попот седеше на креветот со лулето в раце.
Шпиро му ја подаде бовчата, тој ја зеде колку за адет, со едно мрзоволно „аирлиа нека е лели сте а направиле, аирлиа” и и ја подаде на Бисера.
— Ете така, ви се направи ќевот, на вашето нека биде, ама лошоарно, вие си го направите! — и го покани Шпира да го наполни лулето од неговата кутија.
Тој го извади ќесето, и бидејќи Бисера беше ја разврзала бовчата и ја извадила кошулата, попот фрли и на неа една франга и честита родителски.
Бисера се топеше од милина, подигруваше од радост, а Крсте седеше некако малаксан и задуман. Во тој момент тој чувствуваше една леснина како симнат голем товар од грбот. Од друга пак страна, го печеше татковото нерасположение.
„Нека го, нека се лути, ќе се лути, лути — ќе се одлути”, — си заклучи Крчо. — „Ако не му чини, пак јас може и да си излеза” — си рече најпосле и почна да си прави „сеир со умот” и да си крои потамошни планови, како секој млад човек кога стапува во живот.
Бисера даде „проводиа” половина лира и ја однесе бовчата во земникот да им ја покажува утре другиден на сите роднини и пријателки, што ќе дојдат на честење.
Шпиро пак вечера, иако по третпат. Сега јаде повеќе од првите двапата, бидејќи и тој се чувствуваше победник во борбата против попот, а и ракиичката му отвори апетит. Мешаше вино, ракија, пред јадење, по јадење, како секој сводник што не смее да рече „неќу” оти ќе се неќат младите.
Пред зори Шпиро се прибра дома, а Бисера без да мигне, дури татко и и брат и предремаа, замеси дветри погачи, залеа вода, ја почисти куќата, ваганите и си отиде дома да наѕре и пак се врати долу да ги пече погачите. Потема не остави ни еден човек, ни една жена да не ги задене оти има кај татка и радост.
Гласот се разнесе по село како молња. Дотрчаа роднини, пријатели, а меѓу првите Тода. Се слушнаа, главно, оние благослови што ги изговори Шпиро и како секое чудо за три дена, работата легна за да се чека свадбата, да се види каква ќе излезе.

39
Кој не правил свадба тој не знае ништо од веков. Особено селска и мариовска. А Илко Сукалов и Доста Рожденката годинава ќе прават две. Ќе дадат, и ќе земат, оти Шпиро Манџик навистина сврши работа и кај Анда и донесе исто таков бовчалак со „руан” од Андовата Петра за Рожденкиното Толе. Затоа Доста сега засука поли и ракави и почна да се спрема да испрати и дочека, да дочека и испрати два табура сватови. Така требаше. И двете свадби ќе бидат со сватови. Та можело ли да биде инаку, току да ја напади ќерка си никој да не ја види? Господ да чува и да брани! Таа на староси се мачи, ги израсна децата како арслани и еднаш во својот живот ќе прави радост и ќе ја прави сите да ја видат, некои да и заблазат, други да ја оговараат. Но за свадба не се фаќа кусур. Кој што сака нека си зборува, свадбарите си ја тераат свадбата.
Претсвадбената главна подготовка е пазарот. Сватовите се советуваат со недели напред, и обично одат на пазар без пазар, кога градот е помирен, кога можат послободно да се пазарат со Пушмарковци за шамии, со Алекса баба за бакаллак, со Јашмакот за чевли и со други прилепски трговци, коишто, кога ќе разберат оти е за свадба, не ги пуштаат муштериите па дури и „под зијан” да дадат, само да е за „аирлиа” радоста.
Доста се разбра со двајцата сватоштини: со сват Анда и со зетот Крстета.
Кога седнаа четворицата: Илко, Доста, Неда и Крсте да утврдат колку и какви дарови ќе му бараат, Илко запна да качува што повеќе.
— Кожув, вели, сакам бездруго. Толку рала чевли, шамии, крпчиња, марами, капа, минтани, минтанчиња!
Накажа толку, колку којзнае дали имаше во дуќанот на Пушмарко.
Жените слушаа, слушаа и наеднаш Неда се замеша.
— Е татко де, дека рече човекот оти на се кандисуа, тики веќе и кожата ли да му а одериме од грбот? —и се заврте да не и го види лицето зацрвено. Таа за вторпат застана на спротивната страна од татко си. Тој „човек” на којшто не требаше „да му се дери кожата” и беше поблизок од татко и и таа се стави во негова одбрана против родениот татко како пред неколку дена против мајка си.
— Види, види, кучка една! Ошче неизлезена од нашата куќа, почна за тамо да печали! — се насмеа татко и им ја остави грижата тие двете да го направат предлогот за даровите.
Тие ги исфрлија сите работи за кои мислеа дека се непотребни и така даровите слегоа на еден кожув, дванаесет рала чевли, седумнаесет разни шамии и шамивчиња, седум крпи за лице, два минтана, четири минтанчињаа, две капи, пет тулбени и две градски кошули за некои братучеди од Тиквеш коишто носеа градски алишта.
Крсте си ги забележа сите предмети во тевтерчето и се посоветува со баба си колку пари горедолу ќе треба.
— Горедолу, ќе ватат дватриесет парчиња — рече бабата и го праша Крстета:
— Имате ли со попот толку пари?
— А бре, кој го знае дали има, бабо, токо и да има кој знае дали ќе ми даде. Ама за тоа да не ми го берите гајлето. Нека е жив вујко Ѓуро. Ќе ми даде на заем, па ако сме живи, ќе работиме, ќе му и вратиме.
Рожденката ја боцна нешто под левата града. — „Ќе работат — ќе му и вратат”, — повтори таа. — „Значи, сега Крсте ќе се заборче кај вујка си и после ќе му ги одработува” — Ц’к, ц’к!” — си направи таа и му рече да не заима. Ако има татко му да му даде, арно. Ако не, нека дојде, таа ќе му даде на заем. И му намигна да не ја види Илко.
Крчо не беше веќе наивно дете. Тој ја знаеше наклоноста на Рожденката кон ќерка си, а преку неа и кон него. А знаеше оти Неда беше посинета од Трајка и оти половината сермија — Трајковиот дел — и чини нејзе, но тој не правеше збор за таа работа.
Доста пак сакаше да биде и „волкот сит и овците на број”, да му даде нешто малку многу на Крча и со тоа да го откупи целиот Трајков мал, да и остане за Толето. Затоа и му рече да не заима пари од вујка си Гура,
Кога Крсте два дена пред пазарот и кажа оти татко му од десет лири не може да му даде повеќе, таа стана, отиде во земникот и му изнесе дваесет наполеони и пет лири и му ги врза (во едно крпче:
— Земи, сторите арч со стрико ти Трајко, та за враќање — бидите живи, со Толето ќе се есапите. Ете, она има нивје од стрика и Трајка и шо ќе и купуа друг, ќе му и оставите на Толета.
Крсте ги прибра паричките и не сакаше да знае ни за нивје, ни за некаква сермија. Нему му беше важно да ја сврши главната работа, да ја земе Неда, та за друго ништо не мислеше.
Се спремија тројцата сватовчини. Од Сукалови — Трајко, од Андови — стариот Андо и од попот — самиот зет Крсте. И тргааа уште во четвртокот, за да пазарат во петокот без пазар, со парите во ќесињата. Нема што да продаваат, освен што ќе купуваат.
Пазар во Прилеп е сабота, затоа и нема Евреи тука. Навистина, идат Евреи и во овој град како по сите градишта, но не во тој нивни празничен ден во кој што не работат, ами ја прибираат вересијата од своите многубројни муштерии. И убав распоред имаат овие големи трговци. Дури една сабота иде кај Пушмарка, Долзите, Зојчевци, Даута, Желчевци и друг прилепски баздриѓани претставител од Челебон од Витола, Аврам Ароести од Скопје, другата сабота идат од Фараџи од Битола, Давида Леви или Мушон Кастро од Скопје и со дикат им ги прибираат, околу ужина, собраните лири и наполеони на прилепските трговци, а овие прават нови порачки. Се разбира, за поголеми суми од овие денеска што ги платија. Трговијата, значи, се засилува. Големите фирми влегоа во врска со уште поголемите од странство и ја распраќаат стоката надолу, да дојде до Сукаловите и поповите сватови. Кој колку сака, толку им зема на селаните, особено ако Пушмарко намириса оти се пазари за свадба.
И ене ги, нашите свадбари веќе растовараат кај Перета Селчанецот на ан. Та каде ќе одат на ан, ако не кај Перета? Тој е стар пријател на мариовците, особено на витоливци. Правеа со брата му Јована во турско време ќерамиди во Витолишча и добија пријатели,
Каков поголем пријател можеше да има селанец од оној што го спаси да не ја менува секоја година сламата или ‘ржањето на куќата и пак зиме да седи во виришта и мразурки на сред куќи? А тој, Пере со брата си Јована, им направи ќерамиди тука, в село, на Црниот дол, во нивчето на дедот Ѓура Јовановски, и им ги покри, еднаш за секогаш, куќите. И откако ја сврши оваа работа, Пере отвори ан во Прилеп и ете, триесет и повеќе години витоливци не го менуваат. Ги служи човекот поарно од домаќинките дома, та дури и пари назаем им дава кога беа некои во нужда. Секако идеше сарата. Луѓе сме. Купил човек добиче, a не бил со намера да купува, та не понесол од дома пари; друг — радост прави, нека е аирлија, како Рожденката и попот сега. Та понесоа ли толку пари колку што ќе им се требни? Домашниот есап никогаш на пазар не излегува, но затоа тука е бацко Пере, бацко Петруш, бацко Алекса и други мариовски пријатели, та ќе ги сосаат луѓето. Ги оставиле ли да се срамат пред сватовштините? Ќе ги вратат чесно и поштено и со некој динар и друг интерес на недела ли, на месец ли, како ќе најдат мунасип бацковците.
Пере дури и првиот петрафил му го купи на поп Петка кога си дојде нов поп од Битола и му даде цела лира пари да се позакрпи — за нов поп. Така беше адет тогаш: кога се прави нов поп, сите пријатели да го поткрепат за да се приближи и тој до старите попови. Скоро сите нови попови одеа со магарето (за да изгледаат сиромаси) по селата и од куќа на куќа прошетуваа — за нов поп, а селанките ги даруваа што имаа: брашно, волна, јајца, кокошки, некој побожовен чорбаџија им аризуваше по некое јагне или jape, од кои на попчето после му се правеа булучка, ако немаше и свои по стотинадвесте глави, та со испросените се намножуваа.
Петруш Пушмарко отиде уште понатаму од Перета. Тие со Алекса Баба се согласија и му купија на новото попче Петка цел такам црковни одежди за да му се најдат во последен час — за закоп, господ да чува, оти попот не може да излезе пред господа во мирјанска облека.
Ете, затоа и нашите пазарџии кондисаа вечерва кај Селчаните на ан, а утре на раат ќе пазарат, за во сабота да си одат позарана дома, оти во недела треба да се раздадат даровите на роднините.
Се разбира дека сватовчините нарачаа тава за вечера. Та немаше тие што да нарачуваат? Уште со видувањето Пере знаеше дока идат за радост. Инаку во четврток кој иде на пазар? А кога се иде за радост, каква радост ќе биде ако за вечера и ручек нема тава и пиење?
Вечерта. Пере даде и од него две оки вино. Пушмарко, Баба, Јашмакот, Желчевци и сите други чаршиузлии, од кои утре ќе треба свадбарите да ги пазарат даровите дојдоа да обиколат и да го видат Перета; та дури и Даме кожуварот наѕрна да намириса колку кожува ќе се требни.
По добрата вечера и уште подоброто пиење, за кое време Пере постојано ги канеше сватовчините со познатите негови зборови: „Повелете, браќа, како во своја куќа, од своја мака!” — зетот Крсте ја наду и гајдата од Перета, која секогаш беше готова да проквичи, штом ќе дојдеше некое весело друштво. А кој повесел можеше сега да биде од нашиов зет Крстета? Никој, се разбира. А тој пак, иако „голем човек-ќатип” на целата витолишка општина, во „френцки” алишта облечен, не се срамеше и не се креваше наголемо, како некои селани што се беа пограѓаниле, та сметаа за простоталак да свират на гајда. Тој ја наду гајдата и викна да пее колку грло што го држи, бидејќи целата таа радост се правеше за него и тој со полно право се веселеше. И убаво свиреше Крсте, та штом гo рече „тешкото”, и самиот Пере се фати на танецот и почна да се крши и врти како што се кршеше на сретсело кога правеше ќерамиди. Се врати човек за триесет години назад и се почувствува момче од дваесет години, толку што му се свиде свирката од зетот Крстета.
— Горе, внуче, наполни го пералникот вино, ќе плати поп Петко! — запален викна Пере, а Ѓоре гo изнесе спремнатиот пералник со вино. Дали беше само вино и по малку вода, тоа тие знаеја со стрика си Перета, ама свадбарите ќе платат вино, оти тоа што го пиеја беше црвено.
Во тоа расположение дојде однекаде и Апостол со гуслата и почнаа да се натсвируваат со зетот, и така околу полноќ се направи свадбата кај Селчаните, место кај попот и Рожденката.
Апостол, ќевледисан, по полноќ ја викна „Гордеј се, мајко Б’лгаријо, с’с својте синове герои” и гo праша Перета: „Јасно ли е?” Но при вториот или третиот стих Пере тивко му шепна: „Се заоблачи, Апостоле”, и тој веднаш ја сврте на „Дуњеранке”, оти влегоа двајцажандарми и дежурниот полициски писар Јачмениќ, кој се врати од Солун и си го зеде пак старото место. Гo позна внукот на неговиот пријател Јована Ѓуров, сега Ѓуровик, претседикот на Витолишча, та и тој кандиса да ја зголеми веселбата. Кога Јачмениќ стана, Пере пак му викна на Апостола: „Се изјасни, Апостоле, се изјасни”, та овој со сиот глас нададе да пее:
С’с Срби, Грци, Турци
Ни бихме се без страх
А клетите Романци
Дигнаха малко прах
Еј, ништо, ништо, ништо
He штем да жалим ниј,
Че скоро, скоро, скоро
Бај Гањо ште ти би.

И така, во пријатна расположба ги затече зората и градскиот телал Дуче со својот барабан.
Кој не го знае Дучета барабанџијата во Прилеп? — Тој што не е роден или е роден глув, та не можел да гo слушне неговиот пријатен глас. А што убаво викаше Дуче! Особено во сабота поручек.
Секој ден Дуче одеше поручек во општината и оттаму добиваше наредба каква новост ќе им соопшти на прилепчани, а особено во сабота. Затоа сите со душа гo чекаа да тропне со барабанот. А многу убаво и гo тропаше тој ѓаволски барабан.
Уште на пет чекори пред општината, а Дуче веќе чука со двете големи вретена на него: дангара, дамбаpa, дангара, дамбара, — мава Дуче колку што може и не може и знае дека далеку се слуша неговиот барабан, иако сам ништо ве може да слушне, бидејќи беше глув на двете уши. И ќе викне да ја соопшти пресната новина, издолжувајќи го својот врат и последниот слог од кажаното:
— Денеска на атпазар загубена е една црна бреза, куса магарица со мало машко прлеееее! Кој ќе ја најде.. да ја доведе во општинскиот авур. Голем бакшиш ќе добие од стопанооооо! Ќе се издише, ќе ги позабрише долгите мустаќи со ракавот од искинатото палто и ќе продолжи:
— Денеска е загубено ќесе со пари под сааааааат! Кој го нашол да го донесе во општината, голем бакшиш ќе добие од стопаноооооо! — па ќе го симне малку гласот: — Ако е будала, нека го донееесеее! — И продолжува со разни наредби од срезот, од пореската управа, од ошптината и други „уќумати”. Им соопштува на свој начин дека дошле даскалиците од Охрид и дека вечер ќе даваат претстава и кои се цените на местата, та иде и до најинтересната новина од денеска која сам си ја додава, разбирајќи дека: на некое момче од Марул му избегала невестата и запиња повеќе од секогаш:
— Денеска на пат за Прилест загинала една млада, бела, калеша, убава невеста од Маруууууул! Кој ја нашол, да ја доведе во општинскиот авур. Голем бакшиш ќе добие од момчетооооо! — и пак го спушта гласот— Ако не му треба немууууу
И така ќе ги изреди сите денешни новини ,по сите улици во Прилеп, и секаде кога ќе ја заврши последната, ќе запее „кикиригуууу”. Тоа е знак дека новините се завршени. Децата што го слушаат си разотидуваат, а тој си продолжува во наредната улица.
Но денеека беше петок, та Дуче немаше да има многу работа како во сабота и затоа и тој цврцна како другите пријатели и му издекламира на зетот една своја солена декламација, од оние што ги имаше на стотици за секој случај, а особено за свадби, крштења и првичиња.
И веќе се раздени, та чаршијата почна да се отвора. Навистина, рано е уште, одвај пет часот ако има, но eнe, дошле луѓе без пазар, та иако платат Пушмарко, Баба, Јашмакот и други по две банки казна на рефератот од командирот на општинската полиција, Милана, за предвремено „отварање радње”! Лесна работа е со Милана. Наш човек е, „муцкало” и тој, како Пушмарка. Па и бурмут го научија да трпа, та, ене го и тој дошол и седнал кај Петруша, којшто покрај бурмутот и цигарата и „чај” му нарачал. Каков чај на деветти мај? Но Панче Маџар знае што значи чај кога порачува Пушмарко. Се разбира, „метаксас”коњаче кое поднесува и лимунче во себе и наоко изгледа наивно чајче. И сите ги гледаат и веруваат дека пијат чај, но само едно не им е јасно и се праша по некој:
— Зошто, душко, овие луѓе пијат по пет шест десет чаеви наутро? Сигурно, некој зуќам имаат фатено зимоска, та сега со чаевите го бркаат.
И го бркаа зуќамот Пушмарковци, Милановци и други „муцкала” како нив.
Кај Араста, пак, друг адет заведе господин Ѓоле Богосавлевиќ, адвокат, кој дојде некаде од Заечар. Бела Палавка, или Крагуевац — Ужице — Чачак. Кој ќе го знае од каде дојде Ѓоле? На едни им кажуваше од Заечар, на други од Чачак; на трети од Белград, но сите знаеја дека ‘господин Ѓоле е претседател на „муцкалата” во Прилеп. Дали беше правилен неговиот избор на оваа висока положба или не, не би можел човек да се заколне, но на дела докажуваше дека ја заслужува.
Туку, како беше да беше, Ѓоле измисли еден поздрав: сечење на воздухот со рака хоризонтално и силно извикување: „Здраво, муцкала”. И тешко на тој што ќе влезеше во ова кафе да не поздрави „прописно”. Се знаеше: ќе плати една ока „запрженица”. И дури Пушмарко, Милан и компанија пиеја „чаеви”, Ѓоле и на Петровден пиеше „запрженица” — топла сливова.
А имаа сметка и да пијат! Оти да не пие Петруш кога еве ги, поповите и Рожденкини свадбари дојдоа уште предвреме и го поздравуваат, се ракуваат срдечно, иако пред два саата се оддели од нив.
— Доброутро, стрико, бацко, браче, Петре — го поздравија свадбарите и му ги подадоа своите испукани раце, кои Петруш ги стиска во своите и топло, братски ги поздравува:
— О! Доброутро, Крчко, Трајко, Андо, Велико, доброутро, доброутро, добре ми дошле во дуќанов! Како сте, шо прајте, шо чините наете ли? Катсо е татко ти, Крчо, бацко ти Илко? Како си ти, Андо, Велико, што ти прави Пејо? — се распрашува Петруш макар и сношти да ги праша. И веднаш ја вади кутијата со „Зета” и им нуди по цигара. Иако не пушат, муштериите земаат по една „господска” цигара и зачуруваат, а Трајко Сукала веќе и бурмут тргна во носот.
Петруш нарача преку сина си Мечета и четири кафиња.
— Co кајмак, Мече, со кајмак, еден прст, ќе му речиш на Панчета, за мили гости на Петруша! — И се позаврте настрана, се исекна крај пангото зад себе, ги истресе бурмутот од елекот, го избриша секогаш полниот нос со бурмут и му довикна на Мечето: — И два чаја за нас со стрика ти Милана, Мече, — и продолжи со разговорот: — Та така, Трајко, а? Вие со Рожденката, нека е аирлија, две свадби наеднаш? Така, така. И господ се радува кога се праат два радоси во еден ден и во една куќа, само нека е аирлија.
Пред другите дуќани веќе полсаат, некои и цел, чекаат со клучевите в раце, но тие не пијат „чај” со командирот на полицијата, та не смеат да влезат предвреме, оти тој пак затоа седи кај Петруша, да види кој ќе се огреши од законот да му состави реферат и еве ти ги, — пукнале двете банки казна; по пет динари за присутните; банка „такцират маркаси”, што велеше Мамут ковачот, та на крајот казната излегла над педесет динари. А тоа значи, кршила глава половина франга. А, лебами, Мамуд и други параспурџии од чаршијата којзнае цела недела дали толку ќе заработат. Друго беше со големите трговци бездриѓани или бакалбашии, како на пример: со Петрета Миновски, Диздара, ракиџијата Трајка, Арсовци и ним слични. Но тие пак, не сакаа да имаат работа со уќуматот, a особено со полицијата, а уште помалку со господин Јачмениќ. Кој ќе чуе, што ќе рече? Бре, бре на Диздара, Петрета, Арсовци, Долзите им однесол Фаик од срезот позив. И тоа кај Јачмениќ ги викаат. А зошто? Отвориле предвреме, или затвориле по одредениот час. Налет нека е таква печалба! Поарно без неа, отколку со неа. Домаќинн луѓе да се влечат по срезот, не го чинат кабул сето што ќе го продадат да е печалба, не само 40—50 проценти колку тие што печалат на продадената ракија, шеќер и друг бакаллак. Затоа, ете, го чекаат да удри оној „високион” седум и да им ги фукнат клучевите на мазите, а Мамут и компанија да им фикнат на клинците и плочите, да прошерпаат по стотина двесте денеска, ота утре е сабота, та треба да ги задоволат муштериите.
За ова време нашите свадбари веќе беа при крајот со пазарот кај Пушмарка и едно дете од Јашмакот дојде да наѕирне и разбере докаде се дојдени оти од него пак треба да се пазарат чевлите. А не е мала работа да фати човек две свадби во сабота. Сигурен му е лебецот за до другата. Затоа „влезе ли свадба — држ’ не пуштај”, мислеше не само Пушмарко, Баба, Јашмакот, ами и Пане ситничарот, Милан куменџијата, Рампо чешларот и други чаршиузлии. Се знае: каде лази мариовска и полска вошка, таму има аир, а од оние суртуцине: плетварци, оровчани, крстечани, деништави, небрежани и други пограѓанети селани можат само Долзите, Зојчевци и Даут да се користат по нешто, и тоа слаба работа, од некоја басмичка. Додека мариовците пазарат, еве кај Петруша толку и толку шамии, шамивчиња, тулбени, грлувчиња, ракавчиња, капи, разни бугасии, ѓувезии, астари, што ли не; од Алекса Баба ќе кренат со оки шекери, леблебии, суво грозје, смокви, газија и друг бакаллак; од Јашмакот — десетина дваесет рала чевли. Навистина, ги бараат поевтинки, ама и тој знае да ги прави такви. Место јусшевро или бокс тој ги прави од овчки мешини; место ѓон, ќе кладе мукава, но кога ќе им го удрат децата лустрсто, ни Петре Модерното, што е прв мајстор во еснафот, не ќе може да разбере оти не е ѓон. Ластикените чевли место од лак ги прави од мушама, но светат како вистински лак. А оти ќе испукаат со првото обување од невестата, тоа и мариовците го знаат, но главно, кога ќе ги обуе тие се убави.
Милан куменџијата на свој начин си го вади лебот. Ќе ги побели старите скопци, павти, синџири, решмиња. Ќе смени некој грош, бел черек или бела меџудија, ќе им „измие очи”, што велеше тој, и од стари, ‘рѓосани, ќе светнат, оти човекот клава сребро: ќе платат мариовците, иако тој арчи петдесет драма киселина за сета таа работа. А сигурно ќе продаде и некој нов „шеј”. На новата снаа свекрвата треба да и подари некое ново сребренце. И тука Милан ќе ги продаде бакарните павти или скопци место сребро, а тенеќиените подрески место гровчиња или сребрени стопаралничиња. Co некои ги заменува теноќиените со вистивски — сребрени — да не чекаат луѓето, да денгубат. Нешто малу многу ќе придадат за заметот, a Милан ќе им „услужи”. Зошто се стари пријатели уште од Турско?!
Пане пак е ситничар. Но и без тие ситни работи не може да се замисли свадба. Мониста, прстење, скопчиња за ќурдиите на зетот. Што не треба? Та само прстење педест или сто се малку за една свадба. Што ќе ги дарува невестата другачки си, ако не еден прстен? А Пане држи токму такви прстење какви што носат мариовките — жолти, од туч, се разбира, но нели се жолти, најблиски се до златото. Се нарачува специјално по некој „саватлија” прстен за зетот и невестата со црн монограм, но само за пишувањето ќе се плата десетпати повеќе, отколку што чини самиот материјал, ако не стопи Пане цела бела меџудија за таков прстен и ги убеди дека е од нивното сребро. А што клава и колку клава, тој си знае.
Рампо чевларот ќе продаде барем петдесет чешли за свадба. Та со што ќe ја зачешла невестата свекрва си вечерта по венчање и на што ќе „т’кне прва вошка” од неа, ако свекорот не и купи нов чешел? A кога ќе купи за новата невеста, ќе купи и за старата, за ќерки му што се одамна мажени, па и за бабата, и сама да се позачешлува, да не чека само на невестите итн. итн. Сега се прави арч за свадбата, та иако се поарчи свекорот некоја и друга пара повеќе, тоа ќе биде до друга свадба.
И така, секој дуќан во кој денеска ќе влезат свадбарите, ќе има понекој петак аир, та дури и Мамуд ковачот ќе се овајди, оти ќе се требни клинци и плочи да се коват коњите на свадбарите што ќе бодињаат по невестата цел ден.
И токму го завршуваше Петруш пазарлакот со свадбарите, еве го Стевана од Гудјаково со еден сир биено сирење во едно цедилце. На пат за мастпазар ќе наврати првин кај бацка си Петруша да му рече „доброутро” и да му го честита денот, па после ќе оди да го продава сирењето.
Петруш го дочека со особена љубезност:
— Ооооо! Доброутро, Стеване, доброутро, светијоване. (Петруш, како и други прилепски трговци, беше фатен светијован окоро со половината мариовци кога одеше со Алекса Баба варија да го брка комитата Ѓелета Галишки и Катар Ќаа по мариовските планини). Бујрум, повели, седни, добре ми дошол! — го покани Петруш Стевана и го распраша за сите живи и умрени Гудјаковци и веднаш се фати за цедилцето и почна да се чуди:
— Види, види! Деца! — се обрна кон двете свои деца, Мечето и Бучето, и им викна: — Гледате? Стрико ви Стеван ви донесол биено сиренце, да му се живи дечињата и стоката. Бргу, Буче, земи, однеси го дома ,на мајка ти, и побргу донеси му го цедилцето на стрика ти Стевана, си има работа, да не го задржуваме! — и просто му ги дрпна од раце цедилото на Стевана и му то даде на Бучето, кое веќе си ја знае должноста понатака, а тој го продолжи разговорот со Стевана, кој засрамен му го пушти цедилото со сирењето.
— Како ти текна, светијоване, ова да го сториш? Mope, јас знам што светијовани имам. Ете, првно биено сирење и ми донесе да се омрсат децата. Сполајти, сполај ти многу, — и го чести и него една „Зета”. Нарача и кафе, но Стеван одби, поткаснувајќи си ја долната муцка и чудејќи се на Петрушевото безобразие. Стана и се извини оти не може да го дочека кафето, a пo цедилото ќе се врати попосле.
— Бујрум, бујрум, повели кога сакаш, дуќанов е твој, Стевко, Да те викам дома на ручек, знам ота не идиш, туку дојди барам овде, на дукан — ќе се полафиме.
Црно ти лафење, отиде десет оки сирење — десет банки, цела франга и повеќе, ама Петруш ја изведе работата мајсторски; човекот се засрами пред луѓето и му го „ариза” сиренцето, а Петруш продолжи да се пазари со свадбарите:
— Кој? Јас вам ќе ви земам појќе од колку што чини. Аир да не стори госпо. Жими десното око ако сакам од вас да печалам, — им се колне Петруш, а на свадбарите не им текнува да го погледнат десното око на Петруша и да видат дека тоа е шлупка ореова — истечено уште пред петнаесет години. А кога човекот се колне во најмилото, во очите и „госпо да не стори аир”, ќе му веруваат, но по обичајот му ја даваат половината цена. Ништо затоа. Тој побара три цени, та овие веќе му дадоа една и пол, но Петруш и понатака се колне во денешна света Петка, утрешна света сабота, други денешна света недела и сите годишни светци, си ја пцуе по десетти или стоти пат мајката оти не сака од нив да печали, и исчепкува уште една четвртинка од вредноста, убедувајќи ги своите пријатели дека им ја дава стоката „под зијан, само и само да не ги пушти на друго место, да им услужи, и да не речат прилепчани оти на Петруша му избегале муштериите и отишле на готов пазар кај комшијата Плашета.
А оти во завиткузањето децата ќе завиткаат други подолни „шеови”; оти крпите што ги пазарија ќе бидат расцепени и ќе станат од едната — две; оти тулбените и шамиите што ги гледаа со реси, ќе излезат дома без реси, тие се детински работи. И со големи, и со мали ќе се отстрамат свадбарите. Нели се дар — какви да се, ќе ги дексаат роднините. Главно е да има што да фрли невестата кога ќе се качи на коњот.
И таман Петруш ги испрати нашите свадбари, еве та го Волчета Касов од Бешишта — бара основа за покрови.
— Како немам, Волче? Како сум немал? Јас ако немам покровка, кој друг во чарнгијава?
И кога Волче праша колку пари е основата, Петруш му рече оти е сто динари, оката. Волче даде осум банки и Петруш му нареди на Мечето да му мери на стрика му Волчета пет оки основа, a со левото око му намигна да се сети какви треба да бидат оките. И Мечето му мери, ама место стари оки — кила, та така Волче ја плати пак сто динари оката и им кажа на сите мариовци што сакаа да купуваат покровка, ота само кај Пушмарка ја најде на осум банки, та сите од него купија утредента. Им се колна и ним Петруш во десното око, ги убедува дека „под зијан” им ја дава, но пак присобра педестина шеесет лири франги и му ги даде на Фараџи за друга стока.
А кога Брајан од Витолишча, Стојко од Полчишта и други сиромаси немаа да доплатат, тој им ја даваше стоката и без пари, на вересија и му наредуваше на Мечето да запише во тевтерот.
— My пиша, Мече, на стрика ти Брајана три оки основа?
— My пишав, му пишав — одговараше детето.
— Пиши пак, да не се заборави !… Луѓе сме, се заборава.
И Мечето пишуваше по два три пати една иста вересија, која по неколку месеци ќе ја плаќа Брајан кога Петруш ќе си ги земе тевтерите и ќе му оди в село. Тогаш Брајан ќе простенка дека не зел трипати по три оки основа, ами само еднаш, но Петруш ќе го убеди дека тевтерот не лаже, ќе му се заколне пак во десното око и како интерес што го чекал толку месеци Брајан, Брајаница ќе му кладе за патема некое и друго кило биено сиренце, некоја залупка мавца, малку грашок, леќичка, па дури може и некое и друго руно волничка, да им ги потплете Петрушица чорапите на децата. Тоа е стар обичај: кога иде граѓанец в село да не се пушти со празна торба. А Петруш носеше и по дветри торби за да ке ги мачи луѓето да му бараат и торби на светијованот.
Кај Мицка Мојсовски пак, ене, растоварил дедот Билјар два товара волна. He ја носи на пазариште да не плати две банки сергие. Од дуќан ќе ја продадат со светијованот Мицка и поскапо.
Намириса Мицко дека дедот Билјар вртка уште од турско по петшестотини илјади жолти и гледа на некој начин да ги лапне. Првин се фатија светијовани. Отиде на свети Атанаса на гости и се убеди дека навистина ги има оние златни уште од султан Меџидово време. Потоа му ја „отвори” куќата и мазата и дедот Билјар не одеше веќе на ан никаде. Дури и маските ги врзуваше Мице кај неговите крави, а стоката од светијованот ја оставаше во дуќанот, да не плаќа ан параси. Тој продаваше — тој купуваше за него и праќаше разни бакшиши на децата.
За две три години го „втера в грне”. Му донесе дедот Петко осум стотини парчиња „мувлосани”, да ја прошири Мице трговијата. Лесна работа, ќе му ги врати сосем мамеле, зошчо да лежа ти да мувлосуваат кај дедо Билјара?
Зема дедот Петко заире; носи стока, а Мице ја продава и пишува „приход расход” и по пет шест години, кога си ја видоа сметката, уште малку што не излезе должен дедот Петко. Покрај стоката што ја носеше дедот Билјар, a ја продаваше Мице, беше ги „подјал” и оние осумстотините!
— Бре, како така, светијоване? Толку ли ногу су арчил јас? — се зачуди дедот Петко, но Мицко му се заколна во се најмило, а и тевтерот беше тука да посведочи. И работата се стори. Си остана Билјарот без парички!
Излегувајќи за последен пат од дуќанот на својот светијован плукна на прагот и се заколна да не стапне веќе во него. А на Мицка веќе не му беше ни потребен, си ја врши работата со него што му беше за вршење. А дедот Петко, пак, се утеши со онаа турската „Арам ѓелди —арам ѓитти”. Како ги собра со момците, така отидоа по ѓаволите.
И така со ред, со клетви и пцости во живи, во мртви, во мајки, во жени, ги убедуваа прилепските трговци селаните и си живееја добар животец. Јашмакот се колнеше во чеканот и калапите што го хранат; Милан куманџијата — во дувалото што го дува огнот за да се стопи среброто со кое ги посребрува павтите и скопците; Рампо чешларот — во биволските рогови од кои ги прави чешлите; Желче — во сите свои деца, макар да ја немаше уште видено мајка им; Даме кожуварот — во сите јагниња и брави, од чии кожи ги правеше кожувите, а Мамуд ковачот — во чеканот и наковалната, на кои ги шерпаше клинците и плочите за свадбарските коњи и магариња.
И пазарот се свршува докај ужина, но нашите свадбари ќе преноќеваат и оваа ноќ, да се почестат и вечерва со тава риби, оти света Петка не дава мевце. A за винце — пак ќе се напијат, ако им остане по некој динарец од денеска, ако не, ќе запише Селчанецот, тако што запиша и Мечето од Пушмарка. И налето, по вршење, ќе се прошета лично бацко Пере по селата, ќе се види со пријатели и ќе ја собере вересијата.
Од друга страна, треба Андо и Трајко да излезат до пазариштето и да „намирисаат” како оди стоката
— овците, козите, јагнињата, говедата, оти од утре ќе дојде пак Мате од Кокре, Мице од Бѕовиќ, Ангеле од Штавица да купуваат стока, та и нив да ги „излажат” како Петруша и другите трговци во градот.
И утрото, уште со видело, си дојдоа нашите овадбари в село со сите дарови.
Го поиспцуја Пушмарка што им ги сменил дарчињата, но и тие се согласија со неговото разбирање: нели се бакшиш, какви да се — роднините нема да им фатат теклив. Па најпосле, која свадба била без озборувања, та и оваа? Нека си зборува кој како сака, тие си ја сторија честа.
Така се спремија за најголемиот утрешен празник
— свадбите.
** *
На единаесетти мај 1919 година во Витолишча зовреа гајдите на трите краишта на селото. Попот жени, Андо Андовски мажи, а Рожденката — и жени и мажи. Сите тројца збираат сватови. Попот ќе оди со сватови по снаа кај Рожденката, а таа — кај Анда. Затоа сето село забрче од гајди, зовре од песна, извикнувања, а кај попот уште од десет саатот загрмеа и пушки, пиштоли, за да ги прифатат од сите страни на селото. Секој сват што се спремаше да оди по невеста од Рожденката, или за Рожденката, почна да го спрема коњот и пушката,
Bo тоа време, шест седум месеци по свршувањето на војната, останаа полни магацини со оружје, а во секоја смрека имаше по петшест пушки, револвери, бомби, та дури и цели митралези се наоѓаа ако му требаше на човек. Затоа и почна да грми целото село.
Околу дванаесет часот се собраа сватошите и кај попот и кај Сукалови. Ги боднаа коњите, па играат од горни до долни крај на селото. Се сретнаа поповите и Сукалови сватови на сретсело и почнаа да се натрчуваат по сите улици. Се измешаа така и се разделија на групи и секоја група бодињаше по една уличка, за да се сретне со друга во друга та да нема каде да се поминат. Секој носи по еднодве шишиња ракија или вино и при една таква средба појакиот го тераше послабиот да се врати. Се разбира, не се бореа ни луѓето, коњите, како Крали Марко и Лутаца Богдан, ами ги удираа двете шишиња и чие шише ќе се скрши, таа група се враЌаше и се придружуваше кон победничката, така што оваа стануваше поголема.
Бидејќи повеќето сватови се понапија, веселбата се развиори. Некои паѓаат од коњите, други ги дигаат и сами пијани, но благодарејќи на убавото суво и топло време, немаше опасност ни од кал ни од простуда.
Откако се наиграа и нашетаа низ село, сите улички ги протрчаа со коњите, сите кучиња ги нападија надвор од селото, ги направија коњите бела пења, изгазија ергенчињата по некое девојче, турнаа по некоја стара баба и ќерамида од покривите; на еден знак се прибраа секој во својата „база”. Слегоа од коњите, влегоа дома, го заиграа венецот, на кој момите ја пееја „Венче здравче” и деверите ги зедоа венците на глава за да им ги носат на невестите, без кои не можат да се качат на коњот.
Седнаа за адет, каснаа кај зетот за да продолжат кај сватот, од каде што ќе ја земат невестата.
Тргнаа едните одозгора надолу — од Рожденката по Андовата чупа; другите одоздола нагоре, од попот — по Рожденкината чупа. На сретсело пак се сретнаа и ги изменија картите со вино и шишињата со ракија.
Пукаат пушки, револвери, луѓе викаат, коњи трчаат нагоренадолу. Зетовите јавнале на најубави коњи и само се крстат со старисватот и деверите, со сваќите што одат пеш до сваќата — да помогнат кога ќе се качува невестата и да и се најдат. Крчо Попов го расипа адетот.
Ја пободиња малку одутрина кобилата на новиот нунко Димитрија од Бешиште, дојде дватрипати до Рожденкината порта — проти сите адети — и за малку што не јаде ќотек од Трајка Малов, кога рече ота сака да ја види невестата.
Ceгa, кога тргнаа сватовите по невеста, тој се смири и си оди „срамежливо” со вујка си Ѓура, со нункото, деверот, општинското ќате, и сите други „сериозни” сватови.
Тие што се за бодињање, ќе си бодињаат, а овие што се за сериозност — ќе се „кремшат”.
** *
Кај невестините, пак, свадбата почнува од петокот, кога се меси тестото, како и кај зетовите. Тој ден се месат погачите со кои ќе се канат нункото, попот, деверите, старосватот и другите блиски роднини, а уште подалечните — само со карта.
Тестото го замесува специјална месарица — девојка со татко и со мајка, а пред тоа едно мало детенце — машко — заборава прво во тестото со жегол: да им се раѓаат на младенците машки деца, жито и волови со кои ќе ораат.
Во саботата едниот девер кани од кај зетот, братот или братучед кани од кај невестата, а другиот девер оди во планината по бршлен, од кое се прави зелениот невестински венец.
Во саботата се плете невестата со гајтани, се реди со разни решмиња, монистра, ѕрнѕурки одзади по грбот, од тилот до пети, отопреди — од ушите до прстите. Се прави нетопот (една тенеќија, издупчена и свиена како корона, наресена со разни пари и мониста) и невестата се променува во особена кошула која се вика „црнетата”. Значи, венчавката била „поцрнување”, подјармување, потчинување волјата на девојката пред мажот.
Се бричи и се стрижи зетот, иако утре пак „официјално” ќе го забричи деверот за да не се појави небричен пред невестата.
Се колат брави, овци, јагниња, па некаде дури и крави, волови и се спремаат манџите за утрото, да бидат готови, оти тогаш ќе се стои од други поважни работи — пречекај испрати.
Бидејќи сите овие подготовки беа направени кај свадбарите навреме, затоа ги видовме на сретсело да одат по невестите и, ене ги, веќе стигнаа пред портата на Рожденката.
Арноама, портата е затворена. Роднините стојат пред порта со стапови в раце и не пуштаат никого да влезе.
— Mope, доброутро, домаќину, бре! — вика Манџик, братучед на Крлета и сака некако да го протера слепото магаре покрај Малови, ама овие знаат тој што сака и со една сопа го нападија над кале.
Се зададе отаде Ѓуровци, Врчкиќовци, Љутовци, сите роднини, со грабинкање да влезат, — не бива! Еден од нив го фрли шишето во ѕидот, белки ќe се исплаши оваа лоша „стража”, ама и тоа не помогна. Само вртат, сиромаси сватовите, околу куќа, внатре не можат да влезат.
Дури најпосле не се зададе полека, кротко, со сите свадбарски церемонии сериозниот дел од војската — со сите главешини: стариот сват, нункото, деверите, меѓу кои и зетот.
Групата мирно се приближи, поздрави и моли за услуга да преноќева.
— Mope ми, добровечер, побратиме! (макар да не е уште ни пладнина!).
— Mope ми, да ве пушчиме, токо којзнае дали сте за вера; да не ни донесете некоа беља, оти едвај истераме едни силници, сакаа да не изгазат преѓеска.
— Mope, бре браќа, ние сме си патници луѓе, ич не плашете се од нас. Ќе преноќеваме и ќе си одиме.
И додека се води разговорот меѓу стариот сват и „командирот” на стражата, обично стрикото или братот на невестата ако е поитар — некој од зетовата дружина ќе се префрли некако и ќе ја отвори, небаре насила, портата и овие што преговараат заедно со другите сватови што бодињаа досега, ќе напнат и небаре насила ќе влезат во дворот. „Стражата” ќе „капитулира” и ќе ги земе коњите да ги смести по комшиите, a луѓето ќе влезат дома во куќата, каде што се поставени трпези од горни до долни крај. Тука ќе дојде честељето со кафе и ракија, ќе напнат гајдите — сега две, една откај зетот што си ја водат сватовите, другата ќе ја најдат кај невестата ,и така ќе се заредат прво песни, потоа и ора, како на свадба! И кој умее и кој не умее на свадба и на коледица ќе се научи и ќе се пресрами.
Околу ужина излегоа сватовите да играат во дворот, а веќе и невестата ја изведоа деверите од земникот.
Судна мака сиромаси видоа додека влегоа кај неа и ја кандисаа,
Кога тргааа да одат во земникот кај неа, ја најдоа вратата затворена, како преѓеска портата.
Однатре се слушна глас од „клучарот”. — „Плати да влезиш!”
— А, бре ќешки за плакање нека е, колај работа! — рекоа деверите и фрлија по еден грст ситни пари преку дупката. Вратата од предниот земник се отвори. Тужа ги пречекаа три моми и побараа „плетнина”. — „Платите што сме а плеле другачка ни дваесет години!” — рекоа тие и се фатија за раце, им го преградија патот на деверите кон средната врата.
Сиромаси девери! Фрлија и тука по една рака пари. Момите се скараа која повеќе да собере од парите, а деверите се провреа меѓу нив и стигнаа до средната врата. Оттаму се слуша глас:
— He си а давам, неее! Дваесет години су а гледала, та сега да ви а дада вам! Бегајте оттука или платите толку и толку!
— Какво бегање, море! Плаќај и граби! — вели стариот девер и веќе фрла под штици пари. Вратата се отвора, деверите влегуваат среќни и задоволни оти ја најдоа најпосле невестата.
Но и со неа беља.
Едниот девер ги става пред неа новите чевли, таа ги клоца де онаму!
— „Ај беља!” — вели тој. — Едвај влегоме па и она крши жегли. Mope ќе и земиш, дури мајко ќе речеш, токо дури ќе те изведа боса по мразот! — И пак ги подава да не оди боса по „мразот” на Св. Кирил и Методи.
На третиот пат невестата попушта, го обува едниот и по тоа другиот чевел и си ги брише солзите, оти и ги врзале нозете во букагии, нема да биде веќе „пашито добиче”.
Другиот девер сака да и го стави венецот на глава. Невестата го турка трипати, а потоа си ги брише солзите, оти ја наоглави деверот и сега ќе му ја водат на зетот — тој да господари со неа.
И навистина, деверите, — стариот девер оддесно, малиот одлево, — ја изведоа невестата во дворот, каде што купишта од девојчиња ја пречекуваат со песни и ја качуваат на коњ.
На коњот идат сите роднини, почнувајќи од родителите та до далечен род — на испраќање и исплачување. Роднините се поткачуваат на едно столче, специјално наместено до коњот и се прегрнуваат со нeвестата. Тогаш се проштава таа со својот роднина, за кого и е жал и плаче, и му го фрла дарот на рамо, подарен од зетот, а девојките ја пеат песната:
„Мила ми мила — таткова рода”.
Дури невестата се исплачува со роднините, други, најблиските, што се исплакале веќе, ја товараат рубата на невестата.
— Леле, слепела! — вели Бојана Катина, кога виде колку многу руба натовари Рожденкината ќерка. — Види, види, песјачката, ка и настегала вреќите! — A кога го видоа шареното ќилимче врз вреќи, сите се фатија за усти да не се развикаат „што е ноа чудно чудо!”
Момите им отпеаја на сватовите: „Ајде со здравје сватови”. Се сврши и црковната церемонија и кај вечери заман и двете невести влегоа, едната во поповиот двор, а другата во Рожденкиниот.
— Ни ќар ни зијан, — рече Трајко кога си дојде со новата невеста, — една од порта, друга в порта.
Поп Петко си дојде од црквата малку пред снаата и сватовите и седна на тланик. Иако не му беше ќевот, се помири со судбината и ги направи сите адети.
Јадоа сватовите, пиеја, играа, фрлаа пушки пиштоли, изгореа петстотини ракети од разни бои, — и за напад, и за отстапување, и за примирје, — и веќе предзори едни си разотидоа, други капалдисаа и позаспаа околу трпезите.
Невестата и зетот бакнуваа рака, гувееја, тураа ракија и вино, та дури и заиграа колку за адет и најпосле дојде саатот да останат и тие насамо. Co благослов од попот невестата си влезе во земникот. Ја растоварија золви, јатрви од венци, нетопи, решмиња, ѕрѕулки, дури му ја опашаа на зетот и го пуштија внатре со едно барде вода.
Вратата се затвори: Крсте и Неда останаа за првпат сами, не туѓи.
Седнаа едно до друго на шареното килимче од бабата Доста, втренчија очи едно во друво, и се така молчејќи — се прегрнаа како сите младенци во првата ноќ.

***

Горни крај ,на билото покрај трпезите седеа едно додруго Доста Рожденката и Илко Сукалов, гледајќи се во очите, навирени од солзи. Доста се заплака гласно и веќе по десетти пат го повтори:
— Сполај ми ти, бре боженце, оти и за мене дел си оставил!
Илко се наведе, и ја исправи главата меѓу своите плускавичави раце, ја погледа во плачните очи, се разлигави и тој, и со пригушен глас, глас на човек што ја постигнал својата цел, рече:
— Е, Дочко! Крпен живот, ама ете и со крпен си поминаме, поарно од со нов. Нека ти се живи зетот и снаата, да се повалиш со ниј!
Се наведе, ја бакна старски по сред чело.

ЗАБЕЛЕШКА
Повеќето имиња во книгата се автентични, но тоа не значи дека и сите настани врзани за нив се автентични. Затоа ги молам сите живи а на умрените — нивните потомци, да не го земаат за зло и навреда ако се прикажани како негативни личности. Тоа излезе од проста причина што требаше некој настан да се врзе за некоја личност и јас ги зедов оние имиња што ми паднаа во моментот на памет.
С. П

 

Непознати зборови

а — ја (од, она, таа)
аба — долно алиште (фанела)
авалеџиа —собирач на данок
авџитабур — потерно одделение, војска што ги брка комитите
аза — одборник, советник
ак — плата
акибет — најпосле
алабак — турски војник од Азија, развлечен, нечист
алабачка — исто се вели за таква жена
аламан, и — силни луѓе, напрасни. Се имаат во предвид Германците кои Турците ги викаа Аламани
аландарка — скитница, маалуша, покуќеша што шета по куќи
алипен — сакат од нога или рака, око итн.
ампа — несреќа
алтица — парче од ткаенина — крпара
амак — будала
амле — грижа
аргач — ограда за овци во нива
ариза — поклон
армасување — годеж, посвршување девојка вдовица
аро — страшило
артирисува — заштедува
асло — зелена нива напролет без клас во која пасат јагнињата
астретен — оскуден
ата — несреќа
бабуа — грижи од бабата за новороденото дете
басам — не признавам, одречувам тоа ти што го тврдиш
баснар — човек што баи, врача
бастра — болест по растенијата
беане — ивтирија. Се зборува за некого што не го направил
тој — измислица
беглик — данок на овците и козите
безбеле — сигурно
безердиса — јадоса (Душата ми безердиса — душата ми е потаоната од јад)
безир су — тешко ми е, не можам да направам нешто што сакам
бендене — најарно, најубаво, екстра
биала — врста шајачни чорапи
било — греда во куќа (горно и долно било)
бамбаша — полковник. Турски офицер на 1.000 души аскер
биро — јуначе (Ајде, биро бе — ајде јуначе бре)
бити-вајда — се стори, беше работа
благота —. млечни праизводи: сирење, маст, урда
бобовица — прат ргав качење
бојов — еден дел од везот на женска кошула на долниот крај одѕади
болка — Во овој случај жената Стојова не ја бива за ништо
бонгур — крупно мелена пченица место ориз
бош — јалов
брези магарици — во см. видни, утледни, во нив секој ќе се загледа
бришалче — шамивче за нос
букаре — дрвен сад за вода
буле — кравајче, малечко лепче
бутурисан — поттурнат, прекаран
вапцима — бојадисано предено
варија — специјален турски жандарм што ги брка арамиите
веда — вештица
везотница — везана кошула, саѓија
велјо — големо
велја среда — среда пред Велигден
верушки — вериги. синџир на кој се обесуваат котлите да се топли нешто на нив
виа — 1) овие; 2) брза (Имам виа работа — имам брза работа)
вијам по дирата — ќе му ја барам дирата, трагата со жал; ама нема да му ја најдам
вит — неповрат, далеку, неизмерно далеку
владичката — за секое венчање зетот плаќаше во турско време 1/2 лира за владика
влачи — овде: си го чука умот
ваа — оваа
вов’чам — ќе се ослободам, овештам
воденик — штица на која се клаваат садовите со вода, букарот, ѓумот и бардаците
вој — овој
волеса — бива (не те волеса за ништо — не те бива за ништо)
вра — врав, снопје насадени на гумно за вршење
вратика — горска миризлива трева
врзана коска — зрела особа, на време
вурдук — цигански шалвари
вутно — предено за унечки-фути
вутче — уничка, престилка
гаглак — слабуњаво дете, рахитично
галати — псуе
галиба — ама, ете, тукуречи
голтарачка —гола, сиромашка
грабенко — детско или старска боравена кошула, не алова, црвена
гребнарка — направа за влачење каде се клаваат гребните
грепка — брнка од дојка
грниче — шамивче за на грло, на гуша
грувам — ќе работиш што си се нафатил иако не ти е пријатно
гушале — шамивче за на гуша да ги закрива градите оти кошулите на Мариовките се многу отворени и без петлици
давија — тужба
далак — болест (далак)
дамка — жиг по дрва или стока
дартма — крпа за лице бришење
даше — јагне домашно кое обично девојчињата го пасат летно време
двајстипет — кове од тенеќија од 25 драма
декика — минута
декцан — мил, добро му дошло што е дошло
декшава — согласен, пристанува
дели — нешто се разликува од другите
дерт — болест по децата
дечуманец — дечиште
дизг (ск) — специјален тас во црквите на кој се собираат пари
дип — сосма, веќе
диќел — железна алатка со два рога за копање лозја, градини
доде — даде, цеце (сестричке)
дојница — овца на која јагнето и е умрено
докца — дотера (што те докца — што те натера да го направиш тоа)
дореда — идниот пат
дос — другарики
достур — достаточно, доволно
драк — долго танко дрво за сушење алишта (прат)
дркул — старец
дробни работи — утробата. цревата, дробовите и срцето од заклано животно
дуда — име на девојче додека не е крстено
дупкар — човек што наоѓа што бара
душогубие — злочин со убиство
ѓрпам — шетам, трапам без цел
ѓувезно — темноцрвена боја (предено, каделка)
eгa — де, а де
едноногиот — ѓаволот
елбете — сигурно, наравно
ешта — апетит, волја
земник — визба
зерем — значи
зилјатарка — завидливка
злов — лут, опасен, лош
ѕверам — гледам во некого или во нешто со алчност со пари на синџир или подврска
ѕидиница — урната куќа од која стојат само
ѕрнѕурки — накип
ѕрцки — очи
изведит — строен, висок
извреснам — искочувам. Папокот му изврекна, папокот му искочил
изгужвен, о, а. — Чорапи со искинати стапала
издутна — овде: роди
издргнала — пораснала
изим — дозвола, одобрение
излегло — бачилото излегло, го дале овците млекото што требало да го дадат
ила — 1) само и само, 2) но
измет — 1) услуга, 2) работа во куќата
исквака — одгледа дете, пиле
испрдопашен — без надзор — слободен
истеристемес — сакашнеќеш
јад — овде: многу зелена боја
јажичка — од ‘ржање плетено јаже 1) за рогузина, 2) за врзување снопје
јалов — 1) несигурен во работата, 2) безплоден
јаловар — овчар што ги пасе јаловите овци, брави, шилежиња
јаловица — жена без деца, 2) овца, коза бесплодна
јурнек — образец
јаток — уток за ткаење
ка — како
кабули — сака, колку му сака душа, колку милува доброволно да даде
калезмо — предмет со кој се канат гости (јаболка, погача, карта со вино)
калец — волнени нараквици без прсти
калкан — ѕид до ѕид надворешната страна
калнокапец — земјоделец, работник тежок
капица — стогови снопје, сено
караџо — име на црн вол
карма — дрва наредени
каршилак — одговор на прашање
кастиле — нарочно
кат — дел од куќата од двете страни на огништето
квачката — седумте ѕвезди
кило — мера за жито, 100 оки
кист — предето за кистење саѓии, унечки, гунки
кистен — китен
клови — растението ‘рти
клада — пресечено или паднато дрво без гранки
клашни — врста дебел шајак
клинкач — сводник, стројник по невеста
кловен — из’ртен
клопка — дрво врзано на вратот на свиња да не бега од свињарот дома
коа — 1) кога; како, 2) време през девоноќието
козинавец — покров од козина
коловар — планинска мирислива трева
колџија — шумар, чувар на нешто државно
конак — 1) преноќиште за војска, 2) куќа висока, беговска
конушма — врска
кончарка — штичка на која девојчињата ги виткаат конците за везење
копита — назив на кошула на која има навезени коњски копита
кос-коџа — дури
коте — дете (на галеб)
котелец — примка на плетен предмет — чорап, калец, фанела итн.
коцле — плетенки ситно плетени собрани во една плетенка
коцел — предена кои се надоплетуваат на косата на невестата
кочан — дозвола, извозница за штици, дрва, катран, 2) кочан царевка
коџа — многу, баеги
красте — потценување на човек — крастав е тој и тој
кременарка — пушка со кремен
крешник — окрајка од погача, леб, сомун
кркми — шишки од косата над очи
крла — едвај оди, се крлеба отколк-наколк
крмуз — боја за вапсување ѓувезно
кросно — направа на разбој
крпен живот — во пренееена слика. живот со втора жена
кршобарец — мариовецкршобарец
кудрет — материјална состојба, богат, сиромав
кумиш — види кудрет
купел — казанче в црква во кое ги крштаваат децата
купална — соба в црква во кое ги крштаваат децата
кутмач — првото млеко од крава напарвено со јајца се здебелува — пресипка
кутол, кутел — мера за жито 10 оки
кучило — дете кое се мрази — омрзнато дете
к’т — оскудица, недостиг
ластикини — лаковани чевли
латвица — врч, ќуп, земјан сад, големо грне
лачаи — одделува
лачка — оговара некого што не е заслужил лилјак — јоргован
лимја — пуста гора, невратило, безтрага, џенем
липа _ 1) дрво липа, 2) несреќа, зло го најде, човекот. My се стори липата
маѓер — готвач
мазгалка — камарче во ѕидот
мака — волку мака — сермија
макцам — дете малечко, неразвиено уште
мал — имот, земја
малчок — исто нагалено (диминутив)
мандак — пес. Погрден збор за човек што го мразиш
маскара — за срамота (се направи)
маслават — никакво прашање. За таа работа не треба ни прашање да става
матерка — мирислива горска трева
мачкарник — место каде мачките што живеат
машко — назив на јадење манџа. Кокошка на бел ориз, врста пилав со месо
мелнички — од село Мелница
месарник — кутел во кој се топли вода за месење леб
месарски (ковчег) — наќви
метанија — поклон длабок — доземја
меќан — сосов, зграда, сувата за секакво животно, па и за човек
меџудија — сребрена турска пара, 4 динари (во тоа време)
мило — расположен со милост
миневи празници — денот на свети Мина
минтан — долно алиште полно со памук
миросан — намачкан со свето миросветено масло
миросува — благословува, благодари, дури коските ќе му ги мачка со светено масло
мисур — ваганка
мифетиш — инспектор во разни гранки на државната управа. Во овој случај по горите
мласкам — јадам со шум
молзничар — овчар што ги пасе овците со млеко
мотавило — направа на која се мота предено, 2) во прен. см. долго дете или девојче кое бргу пораснало
мотаница — предено намотано
мртвени — задушница
мулазим — турски офицер, потпоручник
мунасип — согласие, право е тоа што се предлага
мутли — празниот простор од ѕидот на куќата под покривач
мушавере — другарство
м’ком — молчејќи
м’сне Ала — ,ќе даде господ
набабарам — потсмешка некоја млада да се стори баба
набастиса — најде
навале — навалица
навевам — добивам нешто што не сум го чекал. My навева господ на Илка жена
нави —болест кај жените леунки која ја предизвикуваат лошите духови — самовилите
наврзници — 1) наврза многу непотребни зборови, 2) Маѓија во косата
надретам — се поскарам со некого лесно
наѕрница — жеиа што наѕрнува секаде
налет — остави тоа ами …
налешам — навраќам
намесница — бив. жена е намесница на сегашната (Би требало обратно)
наметам — забуричкувам брашно за крмнакот
напара — пракса, практика. Од таа напара не го права сега тоа
напарки — попреку
нарилник — специјална направа која му се тура на добитокот на устата да не направи штета кога работи со него човек
насадам — нафрлам снопје на гумното. Тогаш е насаден вравот
натаврам — нагиздам
натуртан — гломазен несразмерно дебел или несмасно облечен со многу непотребни работи — алишта
небрана — неизвесност, забуна. Се најдов во небрана — изненадена сум
невела — не чини
неј — нив
непара — не толку
нетоп — невестински украс од тенеќија кој ја заменува короната
ниа — оние
нии — нив
нуна — кума (делхинутив — кумица)
нишан — знак
нишка — нит, нитка на платно
нишчелки — направа на разбој за ткаење
ној— оној
ногашчка — наплеток од косата
обрецнам — врекнам, нависоко ќе проговорам
обрус — долга везана крпа со реси од која се прави чалма на главата
одер — врста кревет на столни ногари закопани в земји на кој се чуваат алиштата и покровите во визбата
одвраќам вода — басна на вода за да се мени положбата во која се најдува
озастра — утринава
онбашија — турски војник десетар — каплар
опурчак — искинат опинок кој веќе не се носи
оралиште — место каде се игра оро
ораџика — жена што игра оро
орјатка — погрдвн збор за жена со која друга жена е скарана
орман — густа гора
оужје — накит
олепела — лесна клетва
осмак — мера за жито 50 оки
отпуст — поповска песна пред свршетокот на извесна. служба
павти — женски накит од сребро и бакар
пагурче — сад за ракија
пазамарка — џеб на селска кошула
пајвани — ортомчиња со кои му се врзуваат нозете на коњ да оди раван — ситно
парка — што и е, што и пречи да направи нешто
паскурник — шара за шарање поскури
пачавриче — книжулче, може и крпче од ткаенина
пашит — без самар коњ, маска, магаре
пералник — котел во кој се топли вода за перење
песјачка — погрден збор за жена со која друга жена е карана
петле — во онаа см. наполеон — пара златна француска со петле на неа
петравил — епитрахил
петреви гаѓи — горско цвеќе
пинок — опинок
плак — старец
плетва — трева во сеидбата
поврзало — врвца на торба или вреќа, како и на огламник на добиток
подвеска — дел од селска облека. Танка црвена лента која се врзува на чорапите врз врвци подница — црепуља за леб печење
позавалани — припростички (ни се мажјето)
поизгибри — 1) се позачисти 2) пооздраве, му светна лицето
покров — покривач од волна и козшга кој служи место јорган
пола-до пола — блиско одење та полите од гуните им се допирнуваат пола — едната страна од вратата
полупка — поклопец на грне. Обично керамитка
полупка — лоша, грда жена. (Ѓупка — полупка)
понатолчи — да му подрече, поднаговори
попраг — ремен или конопен колан со кој му се врзува самарот на добиток
поразружа — си ги остави накитите или новите алишта
порек — ветер што дува по реката
посатка — покуќнина
постилаче — покровче за постилање
потпркнам —
по тукум — нарочно, особено (те барам, ме бараш и тн.)
потуркам — скитам (оттамудотаму)
потурок — селска јавнија, манџа со кромид, ориз итн.
поусекна — (борината) ја трлка да падне јагленот за да продолжи да свети
прва — (од радост орцето и прва) весело настроение
првица — не е прво од нас. Тоа е позната стара работа
превркнам — препукнам
прегач — особена унечка со телови
прегос — денот после венчањето кога се пие блага ракија
предотина — прежда
преѕалувам — претерувам во нешто
пресек —ѓутуре (спаилакот се зема ѓутуре без да се бројат снопјето)
прид — пари за невестата без кои во Мариово не ја даваат родителите девојката
прикрепник — мажот ми (мојот прикрепник)
принова — новородено дете
припрто — кусо време
проведи ме (од кучката) — одбрани ме
провирач — камен со дупка преку која се прсвираат болни и бездетни жени
проводија — подарок во пари на невеста и мало дете
пролетнина — пролетни посеви
промрткам — не се согласувам, си пишманам
проскомидија — дел од црквената литургија
прочврча (сланината) — се испржи
пцалт — црквон пеач
пувка — врста печурка, габа која е мека и пувка кога ќе ја стегнеш со прстите
пупулче — младо девојче, пупуљак
пупурник — кржлаво дете, рахитично
пурде — име на машко дете дури да го крстат
пуст — ничии, без стопан. Обично клетва
пустелник — исто клетва
пустињо — исто клетва
разбреан — човек, животно кое тргнало по љубов и плотски наган
ракав — ракав за кошула кој се везе. Дел од кошулата
расип — вода за растур
раст — храст, ситна шума
ресен — веленце со реси, тулбен, шамија со реси
реченија — судбина
решме — женски накит од многу срсбрени пари нашиени на подвески
ромак — болно, обично криво животно кое дома се храни и пои
ронкарка — метла со која се метат ронките
‘рслан — лав 1) Во преносна см. син како лав
рувет — носија
рута — награда за трудот што го дава човек на човека, чорбаџија на момокот
саватлија — прстен сребрен со монограм
саѓиа — женска облека до над колена со кистови
сајсана — добра кобила, атица
сакма — машка долга облека, дебела место долго палто
сак’н — немој
сакуле — малечко торбиче
светилник — железна направа со венец на која се клава боријата да свети
сврчок — ѕадникот. Седи си мадро на сврчокот
секонотина — урок. Урочување од лоши очи. Народни празноверци
секнувам — урочувам
селамет — во овој случај „на глава”. Слабо ќе излезе „на селамет”
сенка — за душа. За умрените се дава на живи разни предмети и продукти да им се најде на тој век
сереј — волната кога ќе се попари пушта жолта течност која се зика „сереј”
симсиле — род, потекло
синдилија — кременисување од високо, паѓање, несреќен случај
синдрак — синко (аугментатив од син)
синија — софра, трпеза
сињелко — господ кој се наоѓа на синото небо
скипне — догорува оганот, скипнува сонцето, животот на човек кога умира
скисна — ми се досади
скопец — женски накит од сребро или бакар подресен со парк или трепки
скорнам — разбудувам, дигам некого од место
скубам — пасам трева
слеа се — се стопи како вооокот што се чопи
слог — нива слог
сповојница — веселба по повод на новородено дете
српјановец — рид над селото Витолишта
сртам — висам, се врткам околу тебе
срчка — види
срдешница срџба — лутина
ставам — се сретнав со тебе се ставив со некого, 2) Станувам од место
старавински — од село Старавина
стегната рака — скржав, стипца, циција
стигна — роди, се породи жена
стопанот — мажот, сопругот
страк — парче борина
странам (дрва) — редам дрва или друго нешто за товарење на добиток
стрелушам — се потплашувам
струнено — тканина или плетена врвца од козина
суварија — турски жандар, коњаник
сугарен —доцна, поназад. Јалне, теле сугаре, доцна објагнето или отелвно
сукало — направа за цевки виткање на разбојот, 2) Стапче за кори сучење
сурија во овој случај: многу говеда, инаку — толпа
сурме — справа за затворање на вратата однатре. Заѕидано дрво во ѕидот
сугурци — завиткана коса — локни на српски
тагар — сад за брашно како ситото и решетото што е само неиздупчен
таим — следуваље, оброк на војниците
такам — 1) руба, 2) спрема за куќата, за добитокот итн.
такцир — несреќа
татки — понатака
тезгере — направа за фрлање ѓубрето од дома
тек лав — пререкување
теклив — забелешка. He ти фаќам теклив — не ти правам забелешка
текна — се сетив
тешка (жена) — бремена
тизап — киселина за вапцување
тисов — столче од тисово дрво. Тиса специјално дрво зимзелен
тланик — горниот крај на куќата. Местото над оган на билото
товарит (добиток) — што се товари, за разлика од пашитиот што не се товари
топраклија — тврд, вистински стопан, газда
треска — јаде. Речено на лутина
Трибор — рид над селото Витолишта
трица — 1) дама со 9 зрна. Кога ќе ги врзе трите камчиња, 2) трици од брашно или дрво под бичкија, 3) лош човек — трица
трнка — растение со многу трнје
троска — остатокот од железото што останува после горење на железото
трпезница — долга софра — трпеза
тук — салото што се топи од сланината кога се јаде само пржена
тукче (деминутив од тук)
туткан — будаличка, завапкан
тутне — да помине овој бел век
ќаа — чорбаџија што пасе туѓи овци со кирија на руга
ќатипче — писарче
ќедер — штета
ќерал — дел од куќата (шпајз, мусандра)
ќеше — сакаше
ќешки — само . ..
ќилим — црна шамија за на глава
ќулка — детска горна облека со ќулавче
ќурдија — машка облека — елек
ќурче — легинско фустанче
угич — брав што оди пред овци, специјално острижен
уѕур — од досада од бес, од што нема што да прави
укрилам — заштитам
улишам — правам со некаков дефект, без нешто што треба да го имам
улка — утка, будала, глупа жена
уложје — кошулицата по раѓањето на дете или животно
уми се — се мисли, се чуди
Уќумат — околиска власт
ушчип — мена на месецот кога се подјадува
фарк — итер, мајстор, ербап, снаодлив човек
филџан — чаша за кафе
фудбал — гордост, на големо оди „фудул” — големџија
цврцнат — поднапиен
цинкам — се ењавам, стенкам
црквар — што оди или не оди в црква
црнгалест — калеш човек, жена
црнило — во случајов мажот или жената е црнило на другиот сопруг
цулувци — спуштена коса над уши и потсечена до под брада
Чебрен — манастир крај реката Црна
чеда шарени — мешани деца машки и женски
чекулец — дел од самарот за кој се закачува ортомата
чело — почесно место на софрата
чепкам — волната се чепка пред да се влачи
честица — дел од просфората од која се вади литургија
чисти понеделник — понеделник по поклади за Велигден
чмеам — полека вријам. Обично се вели за манџата чмее
чудило — нешто за чудење
шаит — сведок
шака — смеа, шега, нешто несериозно
шеј — предмет
шепнипокров — шепотење под покров со младата невеста
шилеже — ланско јагне
шубе — сомнение
шупур — чешма со шупурка
шутарка — скршено грне, бардаче, ќуп. Обичво само газерот останал
шутка — види шутарка
шушлек — 1) невидни моми, невести, 2) шушлек од лисјето на дрвата на есен
шчур — без глас. Во случајов клетва да остане петелот без птопан
ЗАБЕЛЕШКА: Зборовите се дадени онака како што се употребени во текстот, а не според реченичките норми.

 

 

 

 

 

Booking.com