ЛОВЕЧКА ПРЕТПАЗЛИВОСТ – ЛОВЕЧКА ПРИКАЗНА — ВИСТИНСКА ВИСТИНА – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

И добри ловци не секогаш имаат добри загари. А понекогаш остануваат и без никаков.

И нашиот ловец Крчо остана една зима без загар. Што и стана на неговата Лиса, којзнае, ама човекот остана, ете, без алат. А браќата Србјаковци убаво велат: „Без алат — нема занает”. А ваму пусто срце ловечко не трае. Паднало пусто снежиште до стреи, само за лов. Навистина по таков снег и без загар се ловат зајаци, но сам човек за никаде не е. Загарот е другар не само да го истера и дотера зајакот, ами и за разговор. He еднаш Крчо си правеше муабет со својата Лиса и се чувствуваше со дружина. Ќе ја пуштеше во грмушките и ќе и шепнеше: „Ајде, Лиса, дотерај го Сивчета. Вечер тебе цревце, мене мевце. А ако не го дотераш, главата да ти ја јадам — леб ако ти дадам”. И Аиса му ги тераше зајаците, лисиците, па дури и срни тераше таа златна. Арно ама, ете, ја изгуби Крчо некако по дупките и остана без неа. Кога сака да го најде такцират човека не знае откаде ќе дојде. А Крчо мора да оди на лов.

 

И што направи? Го викна комшијата Нида да му поттерува денеска, па ако одредил нешто Свети Игнатија, сполај му, ќе му оддели некое черече и нему да направи со бабата една зајачка кашичка. А многу му се јадеше на дедо Нида каша од зајак. На кого пак не му се јаде каша од зајак?

И така двајцата уште рано ги фатија грмушките спроти селото. Ги фатија и се разделија. Крчо поизлезе како понапред да поначекува, а дедо Нидо остана да понафрла, да понакрка, по смреките белким ќе изрипи од некоја. А кога ќе изрипи од него, сигурно ќе побегне нагоре. А таму ќе биде Крчо, ќе ја обиде среќата. И не се излага. Покрка Нидо, профрла и изрипи едно зајачиште како неговото магаре. Така барем на деда Нида му се стори. Изрипи и летна да бета, нагоре се разбира. Дедо Нидо кладе раце одѕади и запна да вика колку што може и не може:

—           Кајгоче, Чокр, кајгоче, кајгоче вчетаси, раоѕго, раоѕго…1).

Крчо застана со навртена пушка, ама не можеше да разбере што вика дедо Нидо. А тој се дере одоздола доловите ги цепи:

—           Сноде, Чокр, сноде ќе бегнепо! Жидр, бре, чеслеп бегнапо.2)

И навистина „бегнапо” зајакот,оти Крчо не погледна „сноде”.

Кога довтаса Нидо се раскара со Крча оти не му фрли на зајакот, а овој го праша:

—           Ама што дробеше ти одоздола што не можев да те разберам?

—           Што дробев зар глув беше оти ти викав да го чекаш зајакот оддесно.

—           Ами какво ти беше тоа викање што не се разбираше?

*) Чекај го Крчо, чекај го Сивчета, оѕгора, оѕгора…

г) Десно, Крчо, десно, ќе побегне? Држи, бре слеггче, побегна.

— Ех, како! Ти викав опачички. Инаку што фајде; ќе чуеше и : ајакот и ќе се вратеше, та ќе побегнеше на друга страна. He е будала толку, да слча и пак да ти дојде пред пушка!

Се изнасмеа Крчо и му објасни на дедо Нида дека зајаците не разбираат по човечки, ами само по зајачки, та слободно другпат да му вика направо — по нашински ако сака да јаде зајачка каша.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com