ЛОВЕЧКА „СНАОДЛИВОСТ” – ЛОВЕЧКА ПРИКАЗНА — ВИСТИНСКА ВИСТИНА – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

Рампо и Васил беа блиски соседи. И не само што беа соседи туку и двајцата страсни ловци.

Снабдени со убави пушки, уште поубави загари, го тераа ловџилакот по сите негови прописи. Но една работа не беше разбирлива во нивните соседски односи. Никако не одеа заедно на лов. Зошто и како, никој не можеше да одгонетне. И не само двајцата ” не одеа заедно на лов, но воопшто Рампо со никого не одеше. А одеше секој ден и тоа сам со својот Лиска. Одеше и ловеше, довдми. секој ден по дватри па и пет зајаци така барем кажуваше Рампо и на Васила и на сите во ловечкиот дом. А за да ги потврди своите фаленици, секогаш покажуваше неколку билета од дулието што платил по два динари за сексј отепан зајак. Толку тогаш се плаќаше. Чудно му беше на Васила ова Рампово докажување. Тепал човекот по дватри зајака, а Васил не гледа кожинчиња, децата не се фалат на неговите дека ручале или вечерале зајак, ниту пак исфрлила жената на буниште коски од зајак. А Рампо докажува со факти дека тепа толку зајаци. He ќе лаже дулеџијата?

 

Најпосле ловечката љубопитност го натера Васила да ја разбистри работава.

Еден ден го заварди Рампа уште кога тргна на лов во зората и му се заши назорум. Излезе Рампо од градот, а Васил на педесетинасто метри по него, и цел ден го следи, затскривајќи се зад грмушките да не го забележи.

„Тепа” Рампо цел ден, зајаци, еребици, гулаби, ама од една потполошка друго не отепа. И таман падна мракот стигна до дулието. Дулеџијата го позна.

—           За колку да сечам, денеска, Рампе? — го праша знаејќи дека Рампо никогаш не се враќа без зајаци.

—           Само за три денеска, Томе, — му одговори Рампо и му ги подаде преку прозорчето шесте динари.

Дури Рампо плати и ги зеде трите билети, во мракот пристигна и Васил. И кога Рампо си тргна, Васил го праша дулеџијата.

—           За колку зајаци плати Рампо?

—           За три, — одговори овој.

—           Те излагал, шест отепа тој маж денеска.

Дулеџијата се најде навреден што го излагал Рампо и го оштети со шест динари, па без да пушти глас, се загна, го стигна Рампа и просто го довлечка до дулието. Дури тука му кажа дека сака да види во раницата колку зајаци носи, но пред тоа го праша:

—           Колку зајака отепа, Рампе, а за колку плати?

Рампо ја разбра работата и почна да се правда:

—           А бре, јас не отепав ниеден, туку платив за три да не ме потценуваат другарите.

И кога провери Томе, навистина ниеден зајак не најде.

Утредента во друштвото сите го пречекаа Рампа со честитање:

—           Еве ловџија наместо, шест зајака тепа, а за три плаќа. И тука сака да ќарува шест динари.

Се разбира Васил ја откри вистината пред да дојде Рампо.

Оттогаш Рампо престана да му плаќа на дулеџијата по два динари за нефатени зајаци.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com