Ловците си се ловци со еден ловечки табиет. Учени, прости, кога е збор за ловец никаква разлика не барај меѓу нив.
Само ловечка вештина и снаодливост, ништо друго. Некој би дал на овие мои зборови и … фаленици. Но тоа не е важно за мојава приказна. Важно е ова:
На сите селани познато им е дека во бивша Југославија, речиси, сите учители беа и ловци. Што ќе прават, сиромаси! Ги поставуваа од Белград во разни села далеку од своите блиски и роднини; во непознати места, однесени од својот крај и пријатели, немаа со кого муабет да си прават. Освен децата што беа кај нив неколку часови дневно, другото време им беше слободно. И каде да го поминат? Или в крчма со папаските в раце и чоканчето поед нив. или . . в шума на лов.
Еден од таквите учовци — Тофе — доби место во село Житоше — Поречко. Навистина, не беше многу далеку од својот роден крај (околу 40 км.), ама пак не можеше да развие некоја друга „дејност” освен ловот. Си купи убава двоцевка, си зеде од село едно убаво загарче, го научи одлично да тера секаков дивеч, и веќе за две години стана биринџи ловец.
Убаво тераше Тофе работа со Лиска. Немаше ден да не излезе, било пред ручек, било по ручек. А немаше ден да се врати празен. Зајак, еребица, потполошка, што било да било, ама Тофе носеше нешто ловчок и задоволно си ја бркаше даскалската работа. Оти од шеесет деца во I одделение на крајот на годината само пет шест ги знаеја буквите, тоа не беше така важно. Тој им ги кажа на сите, та што ќе ги научиле, што е крив тука даскалот Тофе? Ќе ги научат во II одделение. За тоа Тофе не се сакалдисуваше многу, многу. Важната работа — ловот — одеше — одлично.
Тера така наш Тофе две години сам во школото и сам си го распоредуваше времето, кога ќе ги учи децата, а кога ќе оди на лов!
Арно ама, се намножија баеги деца, та ги дупна ѓаволот тоа просветните власти да пратат уште еден учител во Тофевото Житоше. И, кого ќе го пратат во тоа зафрлено место? Се знае. Некој што им мател вода некаде, ќе го пратат во јужните крајеви, по казна, се разбира. И беа го нашле еден од таквите. Некој си Босанец по име Димитрија Бајалица им ја мател водата негде на власто дршците тогашни и тие го пратиле кај Тофета на поправка; да види каде се раѓа лебот, па да си го пособере јазичето. Ама и тој беше се погодил инаетчија како сите негови другари, та место да си го пособере, тој во Житоше уште повеќе го потпушти. Влезе во селанковци и почна да проповеда некаква правина што требала да дојде; почна да ги брани селаните од разни жандари, порезници и ред други крепоземци што идеа в село за да дрпнат по нешто. И ништо лошо во тоа Тофе и селаните не гледаа. Дури многу близок и симпатичен им излезе Бајалица. Зборуваше токму тоа што ги болеше нив. Се бореше за нив и сите го засакаа овој јабанџија даскал дотука бидува. И Тофе го засака, макар да му дојде на глава. Бајалица беше назначен за управител на школото, што значи старешина на Тофета. Тоа Тофета не го навреди, бидејќи беше млад учител, а Димитрија многу постар и поискусен од него.
Но Тофета друго го засегна идењето на Димитрија. He можеше слободно да си оди на лов кога сака. Сиот тертип му се расипа, бидејќи Бајалица сакаше сите деца да ги научат буквите, а не само пет шест во одделението. Затоа го запрегна Тофета редовно да си ја врши даскалската работа, а ловот да го остави за в недела. А ловец ли е тој што ќе оди само еден ден во неделата на лов? Тофе се загајли, се сневесели, отемне небаре цел свет пропадна. А не може да си ја каже маката. Димитрија го потпраша одоколу што му е, но тој ги стискаше рамењата и кусо му одговараше дека ништо не му е.
Ја издржа Тофе првата недела, ја издржа и втората, ама кога веќе навлезе во третата, а само два дена (во неделините) отиде на лов, не можеше повеќе да издржи. A ја виде слабата страна на Бајалица — заштитник на обесправените. Тофе намисли да ја искористи таа слаба страна и една среда се сретна со колегата — ловец Мустафа и му го кажа алот дека од управителот не може секој ден да му прави друштво. А паднало едно снеже десетина сантиметри, за мерак. Живи би ги исфаќал Тофе зајаците, па и лисиците. Како да го пропушти ваквото златно време? Се јадосува и Мустафа и почнаа да кројат план како да се исчепе утре Тофе од школото да оди со Мустафа на лов. Така задумани обајцата, Тофе му се обрна на Мустафа:
— Знаеш што ќе направиш ти утре рано?
— Што! — праша Мустафа и подзина да ја слушне спасителната реч од Тофета.
— Уште јас нестанат (Димитрија ставаше многу порано од Тофета) ќе се запарталиш крај школото и ќе го видиш Димитрија. Викни го и со дикат, тивко, поверително ќе му речиш дека сношти си дошол од Слатина и си чул како порезникот му се фали на татка ми оти ќе му го продаде коњот ако утре не донесе дваесет банки за порезот што го должи на државата. Ќе видиш што ќе ти рече и ќе ми кажеш.
Утредента Мустафа уште рано отиде пред школото и навистина го најде Бајалица во дворот каде ги храни кокошките. Го виде и му мавна со рака да дојде на портата. Кога овој дојде, Мустафа го симна гласот и почна да му шепоти:
— Знаеш што, господин учо! Сношти доцкан дојдов од Слатина каде слушнав нешто незгодно за другарот твој Тофета, ама не можам нему да му кажам; ми е грев, ќе се сакалдиса детето.
Димитрија секогаш беше склон да слушне некоја неправда што се врши од страна на власта над селаните, та веднаш се заинтересува, толку повеќе што беше сега во прашање неговиот колега и другар, учителот Тофе.
— Што е, што? Кажи, ако можеме да му помогнеме…
— Еве што, — рече Мустафа уште потивко. — Дошол порезникот во Слатина и му бара на татка му на Тофета дваесет банки порез, а тој не може да ги најде, та денеска сигурно ќе му го продаде коњчето; ќе му го земе лебот на децата, бидејќи сета стока таа му е на стариот и со него ги прехранува другите деца.
Бајалица се запали кога го слушна ова нешто. Ништо не му рече на Мустафа, ами отрча во школото и почна да вика уште невлезен:
— Ајде, Тофе, станувај; имаш една важна работа да свршиш денеска, — и влезе, та просто го дигна Тофета од постелата.
Тофе ги растрлка очите, стана, се изми, а Димитрија му нареди:
— Одовде сега право во Слатина. Разбрав дека на татка ти порезникот ќе му го продава коњот што не може да го плати порезот од дваесет банки што го должел на државата. Еве ти и пари, ако немаш, да го спасиме стариот да не страдаат децата.
Тофе се „натажи” пред Димитрија, а во себе се раскикоте, та едвај се воздржа.
— Кој ти кажа тебе? — го праша кратко и ги зеде парите.
— Кој ми кажа, ми кажа, но ти не губи време. И дојди си барем утре да не ја губиш наставата.
Тофе и не чекаше друго. Си го зеде чифтето и отрча кај Мустафа којшто го чекаше. Веднаш тргнаа двајцата на кон Слатина, но уште на едендва километри ги пуштија загарите и цел ден се насладуваа на убавото време за лов. Отепаа и по еден зајак и Тофе му кажа вечерта на Бајалица дека го спасиле коњот со татка му, а за зајакот му рече дека го отепал патема на враќање. Така на Тофета му „фати лопатата вода” и кај Бајалица.
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com