Мајка Јаника плетеше
и си ја ука учеше:
-Јанике ќерко Јанике,
ти ќе ми одиш на свадба,
се жени ќерко вујко ти;
не си откривај лицето,
не си засучуј полите,
вујко ти рода не знае!
Јаника мајка не слуша
и си отиде на свадба,
и си го откри лицето,
и си засука полите:
сонце грее од лицето,
од очите ѕвезди трепетат
од забите бисер рони.
Вујко и вели говори:
-Свирете гајди тапани,
јас ќе ја земам внука ми,
внука ми бела Јаника;
сета ја земја ишетав
лика прилика не најдов,
таа е лика за мене.
Однесе да ја венчава,
сама се црква затвори,
кандила трептат и гаснат,
врапците пејат жаловно!
Попови велат говорат:
-Прашајте ја невестата
да не е нешто греовна?
Невеста вели говори:
-Јас не сум ништо греовна,
вујко ми да го прашате,
јас сум му внука од сестра!
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Неда Здравевска, родена 1910 година во с. Будимирци, а омажена во с. Груниште; во 1953 година имаше 43 години.
Вид на песна: свадбарска