Маларијата е заразна болест предизвикана од паразит протозоа од родот Plasmodium кој ги инфицира црвените крвни зрнца. Маларијата се пренесува помеѓу луѓето преку каснување од комарец од родот анофелес (Anopheles).
На глобално ниво, маларијата е една од најголемите закани за човештвото со преку 200 милиони заболувања годишно и околу милион смртни случаи, претежно деца од Африка(1).
Низ историјата оваа болест му нанесувала голема штета на населението во Македонија, населено покрај многубројните мирни и истечни води, кои помогнати од големиот број на сончеви денови и влажноста на воздухот, овозможувале оптимални услови за развој на маларијата. Најзагрозените региони во Македонија се наоѓале во Пелагонија вдолж течението на Црна Река (т.н Битолско блато), во одредени области вдолж течението на Вардар, Катлановско Блато, Моноспитовско Блато итн. Маларичните предели во Македонија опфаќале околу 70% од плодното земјиште, на кое живеело 92-94% од вкупното население. Секоја година 60-70 % од жителите на Македонија страдале од маларија (2).
Во стручната литература познат е терминот „македонска маларија“ која за време на Балканските и Првата светска војна им нанесувала сериозни штети и на странските војски. Често пати воените операции биле одложувани или откажувани поради големиот број на војници исфрлени од борбените редови, што ги натерало командите од двете страни на фронтот, сериозно да се позанимаваат со овој проблем. Така на пример, во пролета 1918 год. околу 25.000 британски војници биле вратени дома поради тешки последици од хронична маларија (3).
Маларични региони во Европа за време на Првата светска војна (Извор: https://malariajournal.biomedcentral.com/articles/10.1186/1475-2875-13-497)
За жртвите на војските кои војувале на овој дел и за мерките кои биле преземани од нивна страна може да се најдат доста информации. Но многу малку е покриен делот на индиректните жртви, односно цивилното население, кое прегладнето и со намален имунитет било особено погодено од заразните болести.
Со оглед на тоа да за време на воени конфликти има постојано движење на трупите, ова доведувало до дополнително ширење на маларијата во Македонија. Лошиот животен стандард, неедуцираноста на населението, лошите животни навики, малиот број на медицински лица задолжени за цивилното население, дополнително го помогнале ширењето на оваа и другите заразни болести. Сето тоа, резултирало со исклучително висок процент на смртност, особено кај децата. Имено, иако маларијата во Македонија со векови наназад била ендемска болест со епидемиски ерупции и морбидитет поголем од 80% во одделните маларични реони, во воените години достигнала застрашувачки размери со голема смртност кај детската популација (4).
Колку лица во Македонија загинале од маларија за време на Првата светска војна е тешко да се утврди, но поразителен е процентот на вкупниот број жртви. Според одредени извори, за време на Првата светска војна, тогашна Србија (во чиј склоп била и Вардарска Македонија) има најголем процент на жртви, во сооднос со вкупното население, односно 16.67% – 27.78% (5).
Треба да се има во предвид дека овие статистики се однесуваат на цела територија на тогашна Србија, односно можеме само да претпоставиме дека делот во близина на фронтовата линија имал далеку повисок процент на мртви. Голем број на села се тотално уништени во тој период, со смртност над 60 % во одредени региони. Исто така, горенаведената статистика не ја зема во предвид епидемијата на Шпанска треска (1918-1919) која на светско ниво зела повеќе од 50 милиони животи, а која слободно можеме да кажеме е директна последица на војната.Денес, многу малку се зборува за овие жртви и особено поразителен е фактот, дека нити приближно не може да се претпостави нивната бројка.
И по завршувањето на војната, маларијата продолжила до коси во Македонија, се до 60-70-тите години на 20 век, кога тогашната влада на Југославија презела мерки за сушење на мочуриштата, средување на речните корита и воведување на најразлични мерки за заштита на населението. Благодарение на ова, во 1972 г, не бил констатиран нити еден случај на заболен од маларија.
Колку генерации се спасени благодарение на овие мерки и дали лицата кои ги спровеле истите некогаш ќе го добијат заслуженото признание, се прашања за кои сите ние треба посериозно да размислиме.
Напишал: Парговски Јове, автор на веб порталот www.itarpejo.org
Литература:
1. Министерство за здравство на Репиблика Македонија „УПАТСТВО ЗА МЕДИЦИНСКОТО ЗГРИЖУВАЊЕ ПРИ МАЛАРИЈА“
2. Петар Бојџиевски, Рената Бојаџиевска – Цветковска „Санитетот во Македонија за време на Балканските и Првата светска војна“ Битола 2011
3. Проф. д-р Никтополијан Чернобузов, „Маларија“, Београд, 1949, 7-13.
4. Верица Јосимовска „ЕПИДЕМИИТЕ ВО ВАРДАРСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА И БОРБАТА СО НИВ ЗА ВРЕМЕ НА ВОЈНИТЕ (1912-1918)“ Штип 2014
5. Wikipedia – World War I casualties (https://en.wikipedia.org/wiki/World_War_I_casualties)
Booking.com