Сигурно сте слушале за арамијата Арнаутинот Каљуш што нападна во 1923 година по Кичевско, Поречијата, па дојде дури по Мариово и Тиквешко да швачка и граба.
Фати неколку деца од Власите — каракачани од Полчишките колиби на Сливина и ги поведе со себе во густата шума, уценувајќи ги татковците им со по илјада две наполеони. Но јас не мислам да ви раскажувам за тој Каљуш, оти тој нема никаква врска со ловот, освен ако не се земат Влашињата што ги фати тој како зајаци, а тој како ловец. Туку за еден друг Каљуш.
По името на арамијата Каљуша, еден наш ловец го крсти својот загар Каљуш. Уште од малечок почна да го води со себе и да го учи, да го дресира, што би се рекло по ловечки. My покажува траги од зајаци, лисици, волци, ама Каљуш, од добрата храна, порасна повеќе отколку што требаше, одебеле и отежна, та не сакаше ни три чекори да мрдне подалеку од стопанот. Денеска така, утре така, Ристе (така се викаше стопан му на Каљуша почна да му го куси таинот, знаејќи дека загарите треба да се мршави та да тераат зајаци. И наш Каљуш навистина ослабе. He само што ослабе, ами се стори само кожа и коски; токму вистински загар.
„Е, сега сигурно ќе тера”,—си помисли Ристе во себе кога го виде својот Каљуша така ослабен. И го зеде еден ден сигурен дека ќе му дотера барем некој зајак, ако не лисица или волк и отиде во шумата. Таму ќе оди, каде на друго место? Таму се зајаците, лисиците и волците, не се на сретсело! Шетка, вика, крка Ристе, потсвирнува, фрла со камења по смреките, скорна дватри зајака и му ги покажа на Каљуша којшто не се делеше од него, ама овој поттрчнуваше петшест чекори од Ристета и пак се враќаше да му прави друштво на сајбијата. Ристе се лути, се кара, му ја пцуја стопанката на Каљуша и си тргна да си оди дома празен.
Арно, ама, на излегување од шумата, списка зад него Каљуш и почна да ‘ржи и да прави нешто.
„Сигурно на лежење го најде по мракот и го налегна”, си помисли Ристе и се стрча да му го откине зајакот на Каљуша. Трчајќи, почна да вика: Држи, држи, Каљуш. Држи дури да дојдам”. И навистина Какуш држеше и ‘ржеше, та дури почна и да мласка — да јаде нешто.
Кога се приближи Ристе со навртеното чифте да пука ако го пушти Каљуш зајакот, можеше да види дека Каљуш наголемо тегнеше од „зајакот”. My се приближи и се скамени. Место зајак, Каљуш налегнал едно сиво jape од комшијата Веска кој штотуку ги наврте козите од шумата да ги отера на трлото. Замркнало јарето во растот по мракот и Каљуш го налегна и го удави.
Ристе поразгледа леводесно, но Веско пред кози веќе беше на трлото, та не виде што стана со јарето.
„Што пак да не си го однесам јаренцево дома?, — си помисли ловецот Ристе. „Итака мракот еве го падна; никој нема да ме види”. И си го зеде младото цицалче јаренце, си го однесе дома и уште ноќта си го сварија со жената и убаво му се нагостија. My ги фрли цревцата и главата на Каљуша; и тој да се омези, зашто негов беше ловот.
И си почна ловецот Ристе секој ден да си оди на лов со Каљуша и, за чудо, празен не се враќаше. Ама и со видело не се враќаше. Се по мракот си идеше дома.
Арно ама, и јарињата од Веска, Петка, Стојка и други козари почнаа да гинат.
„Мајката! До мракот тука беше сивото, брезото, црното, рошото jape; каде загина по мракот?” се прашаа козарите, барајќи ги вечерта јарињата”.
Ристе пак, секој ден вари „зајаци”, а ниедна зајачка кожа нема да суши по стреите или дворот. И почнаа комшиите да се сомневаат во неговите „зајаци”.
И една вечер му застана Веско на патот со полјакот.
— Фати ли, Ристе, денеска некој зајак? —го праша Веско и го запре.
Ристе замрзна кога го виде полјакот. Почна да се буни и да ја вади ловечката карта да му покаже на полјакот дека има право да лови.
— Зајакот, зајакот да го видиме; не ми треба ловечката карта, — му се опрости полајкот и го потера за в општина.
Ристе уште патема призна што зајаци лови и му ги „продаде на Веска осумте кози што ги имаше да не го изнесува пред селаните, а утрото уште рано пред зори го изваде Каљуша зад село и му ги испука двете цефки од чифтето.
***
Токму тој ден потерата што го бркаше арамијата Каљуша беше слегла в село, и кога жандарите ги слушнаа пушките зад село, се истрчаа да видат што пушки пукнаа. Го сретнаа Ристета со чифтето нарамо кај влегува в село уште неразденето.
— Стој! — свика наредникот и му ја наврте пушката.
— Стојам, — одговори Ристе.
— Кај беше? — го праша наредникот, бидејќи не го познаваше; тогаш беше дојден со погерата по Каљуша.
— Овде зад село, — му одговори Ристе растревожен.
— Ти пукна двапати?
— Јас!
— На кого?
— На Каљуша.
— На Каљуша? — просто изрева наредникот. — Што направи?
— Го отепав; што има друго да направам.
— Mope молчи?! — избезумен викна наредникот и летна кон жандарската станица каде беа четниот командир и срескиот началник што ја водеа потерата по Каљуша. Сиот задишен, стропа на вратата кај што спиеја овие и без здив почна да вика:
— Господине капетане, господине началниче, ставајте, ставајте. Готов е Каљуш, готов. Го отепал изутрина еден селанец.
Овие изнарипаа, запалија видело, а веќе и Ристета го доведоа жандарите што беа со наредникот.
Српскиот началник веднаш го праша Ристета:
— Ти го отепа изутрина Каљуша?
— Јас, — одговори Ристе и почна да се чуди што толку се интересуваат овие луѓе за неговиот Каљуш.
— Откај го познаваш дека е тој Каљуш, та што го отепа? Ами ако е некој друг човек, знаеш оти ќе те обесиме?
— Кој? Јас да не го познавам Каљуша мој. Ами две години кај го хранам, та не ќе сум го познавал …
— Како две години го храниш кога ни две недели нема како е дојден наваму Каљуш? — му се наврека началникот.
Ристе дури сега се сети за кој Каљуаш мислат наредникот и началникот, па ги праша:
— Ама за кој Каљуш ме прашате вие, господине?
— За кој Каљуша? Зар триста Каљушовци има? Еден е Каљуш качакот што го бркаме ние, — остро му одговори началникот.
Ристе почна да се кикоти.
— Што се смееш, будала еден; кажувај каде е тој Каљуш што си го отепал ти изутрина.
Ристе се фати за стомак од смеа, што началникот го разлути, та му удри една затилница. Овој се исправи, се посмири и почна:
— Ама, чекајте, господине; криво сте разбрале. Никаков Каљуш качак јас не отепав, ами го отепав загарот мој Каљуш оти почна јариња да дави.
Началникот и капетанот го погледнаа наредникот што ги разбуди и ги завртоа главите, а наредникот го втера Ристета во избата и му удри неколку стапови и клоци, придружени со најголеми пцости.
И тука Ристе ги плати јарињата што му ги ловеше Каљуш. Си отиде дома и од прагот го искрши чифтето и го фрли на буинштето, заколнувајќи се: „Да си ги искршам нозете, ако отидам уште еднаш на лов”.
И денеска уште го задева козарот Веско, дали не подранува пак некој „добар” загар да лови „зајаци”, па да му даде за јариња — стари кози . . .
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com