Мариовски панаѓир – цела книга – Стале Попов

Booking.com

АРНАУТЧЕТО

Јован Василев од Б. остана рано без татко. Мајка му Стојна остана црна вдовица— сиња кукавица без нигде никого и ништо свое. Сета сермија што и ја остави Васил беше една плетена кошарка со слама покриена, една мала огратка и градинка околу неа и неколку прслици далеку во планината каде што пасеа зајаците.

Тој беше неподвижниот имот на Васил Јовановски Арнаутинот. A подвижниот беше уште ,„поголем”. Дванаесет овци осум кози, една крива магарица и пет-шест кокошки со еден петел во нив. Посатката пак в куќи не се „добројуваше”. Три смрекови столчиња, две каци, еден вршник, една кација, два котла, една софра и ноќвите за леб месење. A за постелите и рубата да не зборуваме. Невестинските два покривача, една сакма, гуна и неколку парталави преперници што ги сменуваше Васил секоја втора недела, немајќи гаќи за секоја преоблека.

Јадење пак остави Васил според народната песна:

Шикла сокница — полна пченица

Од глувче меше — полно со мавца

Од жаба нога — цела пастрма..

Што можеше тогаш Стојна друго да прави освен да се премажи?

Се премажи в село и го зеде со себе тригодишното Јоше, но очувот се погоди терсене карактер (како сите селски чорбаџии) и отворено и рече на Стојна:

„Не можам јас туѓа челад да гледам. Многу јаде твоето дете; те задржува од работата; ти само за него тегниш; моите си ги напуштила” дури еден ден отворено не и рече: „барај му го чарето нему, ако сакаш кај мене да го јадеш лебот. Инаку, барај сиго и ти чарето. Не ми треба мене жена што ќе ми ја запусти куќата.”

Стојна истури еден грст солзи по Васила. Сиромав, сиромав ама барем зборот му беше сладок и милоста меѓу нив со ништо не се плаќаше. Ама го прости господ пред време. Што да му прави сега на детето!? Да го истера ли надвор од дома или да се врати и таа во својата мила кошарка со него?

Плака Стојна и кука над својата зла судбина, и, како секоја мајка што се жртвува за чедото, и таа, уште на втората година по премажувањето, го напушти Веска и се врати во куќарката од Васила. Се врати и заживеа вдовички самотен живот. Сама се грижеше за куќата, за работата на малкуте нивчиша и градинчиња што и останаа од Васила; сама ораше, сама копаше, та” дури и овчарка прооди неколку зими дури да и потпркне Јошето. Кога ова ги наполни шесте години, Стојна веќе му ја предаде грижата за овците. Тргна Јошето овчар со децата од стрика му и уште првата пролет извади десет јагниња и шест јариња. Срцето и прваше на Стојна кога го гледаше својот малечок берокуќник како се грижи за јагнињата и јарињата; како ја тера магарицата товарена со вејки или порековици. A кога во деветтата година Јован се фати прв пат за рачица и ја тргна првата бразда во огратчето зад куќа, Стојна ги навири очите, се заврте спроти сонце, се прекрсти и со затаен здив си прошепна: „Сиот татко му Васил! Арнаутин ќе биде во работата”. Така го викаа селаните татко му на Јована — Арнаутин оти многу работеше како Арнаутин. А кога Јошето истото лето заврте и вител и го врза првиот сноп во истото тоа огратче во коешто пролетоска го фрли првиот заграб семе, мајка му веќе се издиши длабоко, ги растовари сите домаќински работи од својот грб му ги натовари на Јошето. Го држеше уште „ќесето”, но по две-три години и од таа беља куртули. Јошето почна само да продава, само да купува, само да ги крои работите и да ги врши. A со тоа веќе стана „ас домаќин”. А ги фати веќе тринаесетте години; завлезе во четиринаесетата.

Кога виде Стојна дека Јошето нејзино со убавина и со богатство не ќе може да прелаже девојка, се утеши со оваа друга негова добродетел:

„Со итрина тој маж ќе си прелаже невеста; со лага…” си мислеше таа и почна да му ја зацврстува таа добродетел:

„Не давај му се на никого да те лаже и да се мајтапи со тебе. Лажи ги ти другите и терај шеги со нив”, — му зборуваше секоја вечер и му ги раскажуваше сите приказни за Итер Пеја; особено оние каде што Пејо надмудрува.

„Петел да бидеш како Пеја, а не кокошка како сите ѓаци на Настрадин оџа,” му велеше кога му ја раскажуваше приказната како Итер Пејо и на Настрадина му подвалил и не снесол јајце како другите ученици, ами запеал како Петел. И кога Настрадин му рекол зошто не снесол јајце, ами пее како петел, Пејо му одговорил: „Зар во волку кокошки не треба еден петел?” Настрадин се насмевнал и разбрал дека ова дете не е како другите, та уште од малечок го засакал Пеја и доживоти го имал за пријател и еснаф во лагите и мудролиите.

И Јошето Арнаутово навистина во тој правец се разви. Ги научи сите селски трикови и марифетлаци. Научи одлично да свири на гајда, а уште поубаво на тамбура и со тоа веќе навистина помина во отменото друштво на времето. Кој знаеше да свири на тамбура, тој се сметаше за челебија, ага, бег, господин човек. Уште детиште пресрами оро да води на танец, да пее поарно од Митрета и Стојчета Куцовци што важеа како најдобри пеачи во цело Мариово; ги имитираше, речиси, сите животни, а особено кучињата, мачките и петлите та со нивните гласови правеше секаде разни шеги; ги плашеше девојчињата небарем куче ги здрмолило; ги будеше селските петли уште навечер, а во Сечка ги собираше мачките во некоја плевна, мјаукајќи како прав мачор. А научи и писмо во Чебренскиот манастир, та уште во седумнаесеттата своја година почна да пцала во црквата. Се изненадија луѓето на пријатниот и силен глас, а поп Тодор не можеше да најде зборови да го нафали неговиот нов пцалт — Јошето Арнаутово.

Сo сите овие особини Јошето Арнаутово веќе се нареди меѓу најбашта луѓе во Мариово’, почнувајќи од попот па надолу до чорбаџиите: Јована Сивета што имаше по илјада-две глави јарци и тргуваше дури со Каиро и Александрија, а веќе Атина, Истамбул и Солун му беа како дома да е; Јована Гуров од В. којшто долго време беше фарија кај битолскиот валија Абдул Ќаазим и цели дваесет години коџабашија, трговец; со шегаџијата и циркузантот Чала; со трговецот Мицета од Б. со Тошета Налев од Битола, со даскалот Дима, Бина, со Младена Чкулот од В. анџијата, со Џака, Васила од Д. и со други видни луѓе од сите села ка Мариово. А мудурот, јусбашијата и сите чауши и башчауши го викаа секогаш во нивното друштво да се развеселуваат со неговите вицеви и досетки што им ги кажуваше, пушејќи заедно со нив тутун, пиејќи ракија, јадејќи дебелите печени брави.

Поради овие негови особини почнаа и девојчињата во селото да го сметаат веќе во ергените.

„Грдо, грдо Јошето Арнаутово, ама ене го не, каде седи со мудурот, јузбашијата, со Ѓура, Сивета, даскалите и попот. Никакво чудо не е и тоа да стане поп или даскал. Гледате што убаво пее во црквата?” — се разговараа мајките на многу девојчиња и го редеа во ергените за нивните ќерки.

А Јошето почна да ги задева скоро сите девојчиња во селото. Прво со шаки, после и со вистински зборови кај сите натолче да го имаат предвид кога ќе, мислат на мажење .

„Убавина — за година”, им велеше на тие што му потфрлаа дека му е сплескана главата, шаплест носот и долги ушите. „Многу е полесно да ја дотераш главата однадвор отколку однатре”, им префрлаше тој на некои напрчени чорбаџиски ќерки што беа глупи како мисирки. „Нека е полна, та ако е грда”, им велеше и ги насамаруваше со некој од неговите вицеви, а тие си одеа засрамени дома да мислат што им рече грдото Арнаутче.

А од сиромаштијата Јошето ниту се плашеше, ниту, пак се срамеше. Нe се плашеше, бидејќи од работа не му се бегаше. А знаеше дека само со работа може да се излезе од неа. А не се срамеше, бидејќи не беше негова. Ја наследил татко му од деда му, но умрел млад, та не можел да излезе од неа. Да беше жив Васил, немаше да остане сиромав со неговата работа. Но таман се фати за работа и рече да ја истера, умре и му ја остави на синчето. Но тоа и се нагрби и почна полека, полека да ја пади од кај него. Со работа, со снаодливост ,ама веќе се осети дека нема да векува таа „ороспија” кај Арнаутчето. Тоа беше намегдан на сите; затоа и бабите почнаа да го редат во редот на зетовите за своите ќерки.

Следно поглавје…

Booking.com