Мариовски панаѓир – цела книга – Стале Попов

2. ЧАЛО

На еден панагир за прв пат се сретна Јошето во црквата со прочуениот мариовски итроманец и комедијаш Трајка Чала, и тоа во црквата на певницата. Не малку се изненади Чало кога го слушна убавиот баритон од грлото на едно, на вид сосема чурук детиште.

„Не остава господ никого без некој дар. Види го какво е алчак, а каков убав глас има. Ова се вели: да го затвориш и само да го слушаш, а да не го гледаш”, си помисли Чало во себеси и се пренесе назад за дваесет години во својата младост кога побегна со минхенскиот циркус да ги чува коњите од циркусот, но дарот што беше му го дал господ го направи токму циркуски уметник, та за тие дваесет години ја прокрстари цела Европа, ги изучи сите циркуски трикови и марифетлаци, но пак се врати во своето родно место В . да го затне своето дупче што зјаеше отворено со неговото раѓање. Така тој на селаните им ја објаснуваше желбата на човекот за неговиот роден крај.

,,Кога ќе се роди човек,” им велеше—„се отвора едно дупче во земјата и само тој може да го затне кога ќе умре. Затоа секој тегне пред смртта да се најде во родното место, за да си го затне своето дупче”. Затоа и тој по дваесетгодишно лутање се врати во родниот крај да не го изненади негде смртта, та да му остане дупчето незатнато. А тоа би значило вечно мачење на душата.

Се врати Чало во своето село и си ги донесе со себе сите циркуски вештини: одење по ортома, преслепување (хипноза), кловновски вештини еден кош, а лаги, шеги и шеретлуци — со товари.

—           Да се нафатиме, ефенди, по една бела меџидија дека ќе голтнам десет црвени јајца и пак ќе ги вратам назад, — му предлагаше Чало на стариот мудур Арслан-беј на првиот Велигден по враќањето на сретселото пред педесетшеесет селани.

—           Како ќе голтниш десет јајци, бе Чало, и пак ќе вратиш назад? — се инаетеше мудурот. — He можеш, жими вера, не можеш. Не терај мене да земам белата меџидија. Сиромав човек си.

—           Ја ќе ја земеш, ја ќе ја земам, — се инаетеше и Чало и им намигаше на селаните да не се смеат. Тие почнаа да го дразнат бегот:

—           He може, бег ефенди, не може! Така се петели Чало. Кај може човек да голтне десет јајца? И тоа црвени, нелупени? Тики дури пак да ги врати. Земи му ја белата меџидија…

—           Ако не можам — ќе платам, бре! — се провикна налутено Чало и ја извади белата меџидија.

—           Еве ја, бег ефенди. Ако не ги голтнам и вратам назад сите десет јајца, нека ти е алав.

Мудурот поттикнат повеќе од радозналост отколку за парите, се согласи ,та и тој извади една бела меџидија и му ја даде на коџабашијата.

—           Дај и ти белата на коџабашијата да не пишманиш после облогот, — му рече и застана да гледа што ќе прави Чало со јајцата.

И Чало му ја даде белата меџидија на кметот, собра од луѓето што стоеја крај него десет црвени јајца и им ги покажа на сите. Ги изброи мудурот — токму десет.

—           Гледајте сега сите, — им рече на присутните и почна да ги „голта” едно по едно. Кога го „голтна” и последното, му се обрна на мудурот:

—           Шири шамијата, мудур ефенди!

Овој зеде една шамија од еден селанец и заедно со катипчето ја раширија. Чало почна да ги враќа јајцата, удирајќи се на секое иждригнување по врат. Едно, две, три, пет, седум, девет, десет. На очиглед на сите поврати токму десет јајца и токму оние што ги „голтна”

Се изнасмеаја селаните, се намурти мудурот, ама му ја даде белата меџидија.

По малку време дојде и мулазимчето од кашпата на орото и му се придружи на друштвото. My раскажа мудурот што му направи Чало, но тоа не поверува та се обложи со Чала на по два бели череци да пикне Чало десет јајца во едно шише оканиче штотуку беше го испразнил од виното.

Јок не можеш, јок можам, не можеш, можам, му ги зеде и нему двата черека, бидејќи јајцата влегоа во шишето така нелупени, црвени, и само тој — Чало можеше да ги извади.

Се обложи Чало со Рушит-чауш дека може да оди по ортома. Донесоа ортома и ја растегнаа на сретселото над главите на ораџиите и песнарките. Ја врзаа за јаболкницата на едниот крај и за црницата на другиот. Чало се качи на ортомата со една прачка в раце, ја јавна „магарицата” (така ја викаше Чало оваа точка од својата „програма”) и почна да ја тера,  удирајќи со прачката пред него и зад него. По третото удирање рипна и застана на ортомата, поревајќи се лево и десно, но тргна напред. Ората, песните и гајдите престанаа и сите се зазурија во Чала, којшто дојде некако до средето од ортомата, токму над главите на гледачите. Тука почна да се ниша и „само што не падна” да смачка некого. Луѓето ги запреа здивовите, жените проврескаа кога Чало се нишаше, но сите се издишија кога тој, просто, ја претрча другата половина од ортомата, се фати за една гранка од црницата и почна да изведува разни гимнастички акробации. Целиот собир гледаше во него кога тој застана и силно викна:

—Гледајте, луѓе, колкава греда влечи петелон! — и им го покажа петелот од Цуцевци кој штотуку излегуваше од портата. Луѓето се здрвија на местата. Цуцевиот петел влечеше по себе една греда десет метри долга. Почнаа бабите да цукаат, мажите да се крстат, агите да се чудат: како може петел да влече онолкава греда?

Но во тоа време се зададе одозгора по улицата една млада невеста, го виде Чала на ортомата, а ги слушна и жените пред неа што зборуваа за петелот со гредата, та ја разбра работата. Се опули во петелот, којшто мирно си тргна по улицата надолу, па почна да вика на сиот глас — Mope ве преслепил Чало, чума да го удре; каква греда. Петелот сламка влече, — го рече ова и се опули во Чала. Но како што си одеше спокојна и сакаше да ја пречекори браздичката, во која течеше сосема малку вода, веднаш почна жената да се собува. Набрзина се собу боса, си ги кладе чевлите во чорапите, си ги наметна на вратот и со двете раце почна да си ја засучува кошулата. Сиот народ се заѕвери сега во неа, а таа си продолжи да се засучува се понагоре и понагоре додека не и се прогледа и папокот. Откако се засука почна полека да гази во браздичката, не обрнувајќи никакво внимание на смеите, викањата и плускањата на сите присутни на сретселото. Ја прегази браздичката, си ја спушти кошулата, се обу, и сакаше да продолжи надолу по улицата, но наеднаш и се сретнаа очите со Чаловите и таа ги погледна луѓето на чаирот што се виткаа од смеа; се фати за очи и прсна нагоре да бега. А Чало викна по неа:

— Сламка или греда влечи петелот, невесто Достоооо!

Што и направи Чало на Доста та што се засука на сретселото пред сите селски мажи, жени па и пред Турците, пред коишто ни лицето не го откриваше?

Кога пдоцна ја прашаа за ова, таа раскажуваше:

„Кога реков дека петелот влече сламка а не греда, се опулив во Чала. Од неговите очи светна нешто како молња и јас трепнав. А кога ги отворив очите, браздата што беше пред мене, беше се сторила една река таман до папок да ме фати. Затоа се собув и се засукав да ја прегазам реката не гледајќи никого околу мене. Кога ја „прегазив” пак се опулив во Чала, пак ми светнаа очите, пак трепнав, и кога видов што направив пред целиот народ, побегнав дома”.

Сиот народ што беше на сретселото се изнасмеа и се изначуди на Чаловите трикови, a Турците особено беа задоволни со последниот. И колку беа намуртени кога Чало ги преслепуваше и им ги земаше парите, сега го викнаа пак во нивното друштво и заметнаа нови вицови и шеретлаци. My порачаа друга оканица вино и му ги сторија алав парите што им ги зеде. Тој седна на едно столче, ја префрли едната нога на вратот, потоа другата; им мрда со ушите; го заврте носот на тилот, устата на челото; штрекна вода од папокот; заврза едно момче што стоеше близу до него и го развалка како пењушка низ чаирот; друго натера да си ги собуе гаќите да игра прескакулица без гаќи. Барем така им се гледаше на луѓето што се држеа за стомаци од смев. Се знае ли уште какви ли не циркуски трикови не изведе дури та распади сите млади жени да си одат дома да не гледаат во нив Турците.

А стариот мудур’ стално го дразнеше Чала:

— А Чало? Ќе дадам тебе цел лира ако натераш Дафикчето да засучит до палок. Да обложиме оти не можеш!

— He сакам, бег ефенди, не сакам. Та да сакам и тебе ќе те натерам да поминеш низ чаир без бечви. Само, што не го носи редот — не го правам, — одговараше Чало и правеше други пристојни шеги.

И штотуку им ја раскажуваше на агите својата последна шега, се зададе мртовечка процесија право низ сретселото. Умрел дедот Секула Богданов та на пат за „вечната куќа” го поминаа токму низ сретселото — низ оралиштето. Co неговата појава, т. е. со појавата на попот и мртовечкиот сандак по него носен од четворица луѓе, a последуван од пет-шест старици, гајдите за миг запреа и луѓето ги симнаа фесовите. Жените се одбрадија и сите се прекрстија. Направија пат да замине мртовецот и секој во себе се прости со стариот сиромашец и испустинец Секула и си помисли: „Види , види праведна душичка, сиромав дедо Секула. Си го прибра господ на денешен, сполај му нему.” Да умре човек на Велигден значи дека бил праведен на овој свет и душата ка таков човек оди право во рајот. Затоа сите на сретселото му заблазија на дедот Секула што се пресели од „вечна” во рајот.

И навистина дедот Секула на овој свет беше во „вечна”. Останат сам без нигде никого и ништо, проживеа седум-осумдесет години темен и тежок живот, та кога умре одвај се најдоа луѓе да го закопаат. И да не беше единствениот негов имот и сермија — магарето, за големо чудо ќе останеше долго време незакопан. Но тоа сврши работа. Ама ќе речете како магарето сврши работа? Еве како:

Наследникот на овој дедо – Секулов „имот”, далечен некој роднина, Трајко Митрев, и тој окапан вдовец, со пет-шест ситни дечиња, се најде во чудо кога му кажаа дека стрико му Секула умрел.

„Ај беља”, му се поплака на првиот комшија Јордана Мурџев. „Што се прави, ал стрико Јордане, ене го умрел дедот Секула.. .

—           Умрел, Трајче, умрел бог да си го прости, што има да правиме. Сите ќе појдеме кај него. К блазе си му оти на денешен си умре! — му одговори дедот Јордан и длабоко издивна во знак на сочувство за покојникот.

—           Ќе појдиме за појдување, туку јас се најдов сега во тесно. Сака да се закопа мртовецот.

—           Сака, ами … !

—           А за тоа треба сандак, па да се заколе нешто за душа, да се плате попот. Сето тоа арчови се.

—           Арчови се, ами! He велам јас оти не се арчови. Ама затоа пак ти ќе го наследиш неговиот имот …

— Mope, ќе го наследам неговиот имот, стрико Јордане; што имот ќе наследам. Едно криво магаре …

—Толку — толку! Вели бериќет и на тоа . . .

—           А бре, велам, оти да не велам. Господ да си го прости, тој ќе умреше кога да е, туку поарно беше да почекаше докај Петковден, кога ќе го соберевме бериќетот. Тогаш човек можеше и да продаде нешто, да фата: некоја пара. Вака, што ал правам јас сиромав? Ни паричка имам, ни пак има што да продадам!

Јордан уште повеќе го направи увилено лицето. Јасно му беше на што се спрема Трајко.

—           Што да ти речам, бре внучко? Позајми од некого, па ќе толчиш глава потаму, ќе му ги враќаш.

—           Да зајмам, ама кој има сега пари на Велигден? Ајде, дај ми ти некоја бела меџидија.. .

—           Тиии! Кај ме најде пак мене. Одкаде накаде кај мене пари?

—           Mope ми, ако немаш ти со триста овци, кој ќе има друг, туку чини себап. He ти гинат, ако сум сиромав; да го суредиме човекот, греота е. ..

—           Немам, Тале жими здравје… — почна да се тегави Јордан, па како да се присети нешто, продолжи:

—           Немам, Трајче, немам и јас готова пара, туку и јас ќе се позајмам од пријатели, нека се живи, ако сакаш да ми го продадеш магарето од дедот Секула. Ми треба едно добитче за по бачилото. Ете ако сакаш .. .

—           Да ти го продадам, оти да не. Итака не ми треба мене. Доста ми е моето. Туку.. . колку ќе дадеш за него?

—           Лесна работа, џанум! Ете јас ќе го закопам дедот Секула. Ќе нарачам сандак, ќе заколам брав, ќе го платам и се што се сака и ќе ти придадам… — тука дедот Јордан позастана со муабетот. Сигурно сметаше колку ќе фати закопот, а колку чини магарето за да ја рече сумата што ќе му ја придаде на Трајка.

На Трајка не му се чекаше, затоа веднаш го праша:

—           Е, колку ќе придадеш де? Речи… — Ти колку велиш, а?

—           Јас! Што jac. Што ќе речеш ти, на тоа нека биде. Колку е мунасип.

—           Јас велам да ти придадам уште педесет гроша, половина лира. Ја бива ли?

Трајко почна да се тегави:

—           Долу рече, стрико Јордане, долу. Што се педесет гроша, стопанка му …

—           Како долу, Тале? Пари се денеска педесет гроша — половина лира еј!

—           А бре, знам оти се пари, туку магарето чини најмалку сто и педесет гроша— тие се лира и пол…

—           Их лира и пол. Нe го гледаш криво е, уште на зима ќе пцовиса …

—           Mope не го ни боде. Навистина малку накривнува, ама здраво е како челик. И на кобили рипа; ќе ти изваде некоја маска …

—           Арно, арно, внучко, туку и јас треба да се арчам. Нe ќе бидат само тие педесет гроша. Есапи го прво сандакот колку пари ќе фати; па бравот, попот в црква сака да се пушти некоја пара…

—           Mope што сандак ќе правиш, баму бељата, за дедот Секула. Тој сиромав не беше висок ни метро и пол. За него треба сандаче, а не сандак…

—           А бре, така е за тоа, Тале, туку другиот мастраф ќе крене, е еве го платено магарето и над две лири.

—           Што е малку педесет гроша, малку е. Туку придај барем три бели меџидии — шеесет гроша, та види му го аирот; нека ти е живо. Ајде, пушти го срцето. Еснаф ти беше дедот Кушо; нека му е за душа …

Ќе биде — не бидува, најпосле дедот Јордан кандиса на шеесет гроша или три бели меџидии.

„Иако е скапо, нека му е за душа бравот на Секула, и така за него не давам готови пари; овцата ми го објагни,” си мислеше дедот Јордан.

—           Аирлија нека е, — му рече на Трајка и му ја стисна подадената рака. — Ела кај мене да побарам некоја пара и да се напиеме.

Отидоа кај дедот Јордана. Бабата Проќа им изнесе столчиња во дворот под оревот, им го донесе пагурчето со ракија и тие си почнаа:

—           Ајде аирлија да е саатот. Бог да ни го прости дедот Куле, — благослови прв дедот Јордан и тргна од пагурчето.

—           Господ да си го прости. Арно му текна да умре, да се напиеме…

Се напија по некоја и друга ракија, си ги зеде Трајко трите бели меџидии и тргна да си оди. Одеднаш застана на портата и се заврте назад:

—           Слушај, стрико Јордане! Јас пак се најдов во гајле.

—           Што е пак сега, што ти е кусо? — го праша стариот Јордан.

—           He ми е ништо кусо, туку се сетив уште за еден адет. Нели кога ќе умре човек треба некоја жена да го тажи?

—           Треба, внучко, треба како не треба. Во голем грев ќе се фрлиш ако нема кој да го таже стрика ти Секула.

—           Ами чаре? Ти ме знаеш дека немам женичка. А Миша ми е уште малечка, не може да ја сврши таа работа.

—           Лебами, за тоа не знам што да ти речам. Умре бабата Ристана, та таа кутрата ќе ти свршеше работа.

—           Ај беља што ме фати пак… !

—           Да ја викнеме Проќа моја, — се сети старецот. — Белким ќе ни помогне.

Се врати Трајко пак под оревот, се напија уште по некоја голтка од пагурчето, ја викнаа бабата Проќа и и ја изнесоа маката на Трајка.

Таа ги плусна рацете:

—           Тууу! Таа ли ви е маката? Еве јас ќе го истажам. И така Куле ми беше некој сватовчина …

— Ама, жено … — почна да се буни дедот Јордан. —Многу ќе денгубиш …

Кутри Трајко се препали:

— Аман, стрико Јордане, ти па господ. Ќе платам што е мунасип, само да се сврши работа.

— Е, така бива, Тале, бива…

— Колку пари ќе ми сакаш, стрино Проќе?

Бабата Проќа почна да се чуди и му си опули на дедот Јордана. Овој и направи ишарет со трите прсти од десната рака, а таа продолжи:

—           Еве вака: ќе ми дадеш три бели меџидии… Трајко подзина:

—           Бреееј! За тие пари јас ќе ревам цела недела.

—           Mope, Тале, ќе ревиш, ама нема да го истажиш како што треба. И тоа не е тукутака, запни се — реви. И тука си има мајсторија …

—           Ами чаре? Од каде мене толку пари? Да не се многу? Толку ли скапо е тоа пусто тажење?

—           Како многу, црни внучко! Ти мислиш таа работа е лесна, а? И знаеш, ќе го истажам како татко да ми беше или брат. И тоа, ем на закопот, после ќe го истажам на шесте недели, па на полта година, па на годината за тие пари. И тоа какво тажење ќе му сторам. Кутрата баба Ристана земаше по дваесет-триесет гроша за тажење ама тоа неоти тажење беше?!.. . Да се скине човек во смеа, кога ја слушаше. A јас кога ќе викнам, на сите солзи ќе му протечат, — А во себе си додаде „низ ногавици”.

Се витка Трајко, се обидува да ја навдали цената, но бабата Проќа не попушти ни за грош, та виде-невиде, се согласи на шеесет гроша или три бели меџидии.

—           Ајде пак нека е аирлија саатот, — викна дедот Јордан и го накрена пагурчето. Трајко ги извади парите и му ги подаде на старецот, но овој му ја покажа бабата Проќа, и таа си ги прибра.

Ете како сврши работа дедо-Секуловото Maгape да не го остави својот стопан незакопан, A бабата Проќа низ сред селото разлегаше со тажбата и навистина ги заслужи шеесетте гроша.

Мудурот и овој настан го искористи да го задене Чала. Откако си ја кладе Чало капата, се прекрсти и му рече на дедот Секула: „со здравје, и носи му здраво-живо на свети Петрета нека отвора и за мене” мудурот почна да го задева:

—           Знаеш, Чало, како велиме ние кога умират некој од вашите?

—           Откај знам! — му одговори кусо Чало и почна да се мисли на каков ли трик сака да го наведе мудурот. Овој се насмеа гласно, а уште погласно проговори да го слушнат сите околу Чала:

—           Кога умрит некој од вашите ние велиме умре еден магаре што јававме на него.

Чало ги свеси веѓите, потемне малку, но се направи како да не го засега него ова прашање, та дури се насмевна за да не осети мудурот дека е навреден. Па му се обрна тој нему:

—           А бре, мудур ефенди, и ние велиме некако кога умира некој од вашите, ама не се вели тоа овде пред вас со мулазимчето!. Ке ви падне тешко, та ќе си имаме расправија за ништо.

Мудурот, мулазимот и чаушот напнаа да им каже Чало што велат каурите кога замира Турчин.

Чало се тегави, ењави, ама кога мудурот сериозно запна да му каже, овој се согласи, но само нему да му шепне на ушето и тоа под клетва да не се налути, ниту пак да им каже на другите Турци околу него.

— Ќе ти шепнам, — му рече —, ама ако не фаќаш кусур’ како јас што не фаќам. Инаку, ќе те натерам да се соблечеш гол и да шеташ низ сретселово на очиглед на целиов народ, — му се закани Чало.

Мудурот се согласи, а Чало му шепна на ушето:

—           А ние пак велиме кога ќе умре некој Турчин: „умре еден пес што не лачкаше”.

—           Ух, анасени. .. ана! — опцу мудурот, плашејќи се да не го соблече Чало, не им кажа на другите турци, ами го напушти Чала и сретселото и си отиде во конакот да се одморува.

Та со овој и ваков Чала ое сретна Јошето Арнаутово на еден панаѓир во едно мариовско село и „стариот ѓавол” реши да го испроба малото ѓаволче во ѓаволштините па да го подучи. И уште тука во црквата почна:

Застана тој на левата певница и почна да ги пее наредните песни, ама не како што треба, ами малку од почетокот, прескокни ја чинеше средината и заврши со крајот.

Ова го забележа Јошето, му се опули еднаш-двапати; и ја заврте главата, а Чало низ песната му рече: „На чекор, Јоше, на чекор!” И Јошето веднаш ја разбра работата, та и тоа почна да прескака и цели песни. За миг се срвши службата, што многу чудно му стана на поп Тодора.

Чудно — не чудно попот го рече отпустот, им го честита Денот на богомолците и ги пушти да си одат дома.

Чало и Јошето како попови „помошници” во работата, го дочекаа да се соблече и да ги прибере поскурите, и, како што му е редот, Чало ја крена поповата торба на рамо, попот го покани и Јошето да му биде денеска гостин, и сите тројца и тропнаа на поповата ќерка — домаќинката — бидејќи попот немаше попадија. My умре пред да се запопи токму на денот свети Игнатија, ја дигнаа и неа на носила. Затоа поповата куќа остана на постарото дете од попот ,— ќерка му Велика.

Претходно поглавје…
Следно поглавје…

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *