Откријте го Мариово

 

 

3. ПОП ТОДОР „АПСИКА”

Големо „искушение” претрпе таа година Тодор Стојчевски, манастирскиот ѓак на Чебренскиот манастир.

Да се жени, или да се попи? беше прашањето. А тој го сакаше и едното и другото. Да остане без жена, беше уште млад —одвај на триесет и пет-шест години — не му се оставаше. А да се жени — не ќе може да се запопи, бидејќи канонот не даваше преженет човек да биде посветен. Затоа Тодор се витка, се крши, се чуди и дума кое од двете да го избере. Да се прежени — ќе му одлета засекогаш поплакот, што беше ретка среќа за сиромав човек како што беше Тодор. Да бидеш поп по тоа време, значи да и речеш збогум на сиромаштијата, од која секој сиромав сака да се избави, па и Тодор, се разбира.

„Ја ако се запопам зар не ќе можам да најдам жена макар и потајно, потскришум, крадено што се вели?” си помисли во себе и слатко се насмевна кога си припомни дека не се за бадијала толку приказни за поповите со разни селанки; како оваа да речеме: „На некојси поп му умрела попадијата, a пo црквените канони не може поп да се прежени. Ваму, не бил уште толку стар да не му треба попадија, а и дечиња му останале за гледање, та решил да го замоли владиката да му дозволи да прибере некоја жена, макар и под друга некоја форма; да речеме, да ја пријави како слугинка, готвачка, перачка, домаќинка. Така нешто како што прават католичките попови. Си имаат „готвачки”, „перачки”, „слугинки”, од кои им се раѓаат и по тричетири деца, ама канонот е запазен; нема попот попадија.

Владиката, и тој млад како попчево, поразмислил малку и најпосле си го дал „благословот.”

— Ајде да направам еден себап заради децата, амѕа ќе гледаш да прибереш некоја постара, докај педесет години, да не паѓа ептен в очи на селаните.

My благодарил попот на „милосрдието” и си отишол дома. Си отишол и почнал да бара жена каква што му рече владиката. Барал, барал, ама никако да најде таква. И најпосле се решил на едно. Се решил и го направил. Место една од педесет години, тој зел две пo дваесет и пет. Едната за готвачка, другата за перачка.

Кога по неколку години го прашал владиката што направи по таа работа, попот му ја кажал вистината, правдајќи се дека не можел да најде една од педесет години, затоа зел две од по дваесет и пет, да го запази канонот.

Владиката сиот задоволен му рекол:

—           Многу добро си направил, но не е право ти да имаш две, јас ниедна. Ќе ми ја дадеш мене едната, нели?

—           А, кабул не го чинам, свети владико! He можам јас да го газам канонот и да тргам маки на тој век во пеколот, — му одговорил попот и си отишол кај готвачката и перачката…”

И кога му дојде на ум горнава приказна Тодор, ич не се помисли; се запопи.

„Ете, и јас како тој попец ќе направам. Како на вдовец со две деца владиката сигурно и мене ќе ми дозволи да приберам некоја попрекршена жена од педесет години нагоре. A јас таква не ќе најдам в село, та ќе си земам две по дваесет и пет и ете го канонот запазен. И волкот сит — и овците на број.”

Со таа надеж Тодор го прими свештеничкиот чин и стана поп на пет-шест села наоколу. Се разбира дека си ја нареди работичката од сите страни, само што не прибра дома, ни една од педесет, ни две по дваесет и пет. И зошто му беа дома кога му беа сите врати в село отворени? И баш кога мажите беа по работа в поле или планина, поп Тодор влегуваше каде што сакаше и каде што го сакаа. А тој гледаше да не го крши канонот. Ако не беше една од педесет, гледаше да бидат две од по дваесет и пет и шест, Пак педесет и нагоре; токму по канонот. А куќата имаше кој да ја гледа. Постарото дете му беше женско и веќе на четиринаесет – петнаесет години, та можеше (барем најосновните домаќински работи да ги врши дури да му настане помалото — машкото. Кога ќе настан,е ова, Тодор ќе го ожени, а девојчето ќе си го удоми — омажи. Поарен од овој план за поп Тодора не можеше ни божицата на мудроста — Атина — да измисли.

И поп Тодор си запопува по селата. Штом ќе му се досвршеше грашокот си ја земаше торбата со „алатите” (требникот, епитрахилот, крстот и босилковата китка), си го викаше глувиот Мицка (нарочно него го земаше да му ја носи торбата, a да не слуша што ќе пее или зборува по куќите) и си заредуваше од долниот крај на селото.

„Во Јорданје крешчајушчусја тебе господа, троическоје јависја поклоненије”, започнуваше поп Тодор во секоја куќа каде што наоѓаше некоја старица, дете или повеќе од домашните. А каде наоѓаше сами млади невести што му го „фаќаа” окото, Тодор почнуваше отприлика вака:

,,Ех што си бела, што си дебела, црвена, убава; што очи имаш, нозе, гради, бутови…” и се ка гласот од тропарот „Во Јорданије…”

Тука ги бараше и ги наоѓаше поп Тодор оние две од по дваесет и пет место една од педесет.

Сите млади жени од селата уште од првата година по запопувањето го разбраа што „добиче” е нивниот нов поп Тодор. Некои од понамузлиите избегнуваа секаква средба насамо со него, но имаше и такви (и тоа повеќето жени со такви) што им беше и им е пријатно да си „побластарат” со некој туѓ маж; да го исчешаат јазикот со некој сочен или солен збор. А ако некоја можеше тоа да го направи со попот, тоа веќе беше ретко задоволство и особена чест. Толку повеќе што Тодор беше многу личен маж, а како поп — просто икона, што се вели зборот. Поради таа негова убавина уште од првите дни на запопувањето жените го крстија „поп  Апсика” и мераклијките затрчаа по него. Затоа на секој Сведен, особено Богојавление, Велигден, Илинден или друг некој селски панагир, кога сите домаќини и домаќинки одат в црква со разни поклони (јадења), сите мераклијки жени се врвеа со поскури и ракии кај попот што седеше на чело на трпезата пред црквата и, подавајќи му ја поскурата со сирење, месо, јајце, јаболко и други разни мезиња врз неа, му го подаваше и пагурчето со ракија и секоја со свои зборови, пријатни за попчето и за неа, настојуваше да се на пие од нејзината топла, блага, лута ракија.

И дури една го канеше: „Повели, попче, сркни: од ракичкава;” друга она „сркни” го заменуваше со „лизни”; трета ја препорачуваше дека нејзината е слатка, со мед запржена, уште топла; четврта го убедуваше дека со машата стиснала грутка шеќер врз неа; петта — дека само за него ја стискала и одвај ја достискала, оти мажот и бил многу стрвен, дерман немала од него, та одвај ја дочувала за да ја обиде, да се напие, да шмркне, да лизне младото попче Тодорче.

Други се редеа пред попчето со погачи и на свој јазик го нудеа: „скрши, штипни, касни, попче, од погачава; не стегај се, не срами се, обиди ја зошто си свештено лице и народен човек. Треба на сите да ни го правиш ќефот; и на богати и на сиромашки…

И не само жените што го „почитуваа” свештеникот Тодора Стојчевски и му носеа поскури, погачи и ракија, ами и мажите што седеа околу него на трпезата, па дури и од другата и третата трпеза, идеа и му носеа и тие од своето јадење и пиење.

„Повели, попче, олушти некое од јајцава, јаболкава; повели, попче земи, глодни некое копанче од пилево; повели, попче, омези се од краставицава ако е крива, сочна е; од црвенава пиперка; ‘рпни, попче, од расолецов;. Види што е кревок; ‘рпа како магарешки трн на пролет…”

И попчето земаше од секоја и секого. Шмркнуваше, лизнуваше, ги обидуваше сите ракии, сите погачи, сите мезиња. На Велигден лупеше црвени јајца; на Богојавление — црвени јаболка; на Спасовден — криви краставици; на Илинден — лубеници и дињи. И никогаш не забораваше да не го благослови. Се разбира и тој со свои „одбрани” зборови. Жените отприлика вака:

„Да си жива ќерко, снао, внуко! Да си жива. Господ да ми те радува со машко дете на рака, ластегарка по грб . .. Убави соништа да сонуваш; мека брада да помазниш и на јаве, не само на сон… А мажите: — Да си благословен — како овца под…. крава под… кобила под…. ги благошаваше поп Тодор кога му пристапуваа со „страхопочитание” и му велеа „благослови прче, јарче, чепишче”. Сите знаеја поп Тодор што чешит е и секој сакаше да му се приближи и да скрши по некој виц со него или на негова сметка. А и тој тоа го знаеше и се држеше за онаа евангелиска изрека: „со каква мера мерите — со таква ќе ви се врати.” И на сите им враќаше.

Со ваквиот свој карактер поп Тодор остави многу приказни да се прикажуваат за него и за неговите згоди и незгоди.

* * *

Колку било верно не може никој да тврди, но и денеска се прикажува низ селата дека поп Тодор настрадал една ноќ во соседното село Ж. И место да се најде во неделата изутрина во црквата да служи литургија, него го нашле селаните во дрмата во долот закршен во шипјето и заграден од сите страни од сите селски пци.

Некои ја објаснуваа вака таа работа: Дошол попецот по мракот в село и на гумната на крајот на селото нашол една сама невеста. Ја поздравил, ја пофатил за брадичката и ја прашал каде ќе спие ноќеска.

—           Овдека, на гумново, — му одговорила враголесто невестата.

—           Сама ќе бидеш? — ја прашал.

—           Како што гледаш, сама . . . !

Си отишол попот кај некоја баба каде што одел секој пат на конак, си ја оставил торбата со „алатите”, се навечерал и се напил некое и друго грненце вино, па и рекол на домаќинката да му постели во дворот; да не го јадат дома болвите. Бабата му ја исполнила желбата и попчето си легнало. Си легнало, ама умот му останал во невестата на гумното; како ќе спие таа сама кутрата и што прави? Тоа што се прави во ваков случај. Околу полноќ станал и се завлечкал на гумното од невестата. Понаѕрнал лево, понаѕрнал десно, ја видел постелата и се довлекол до неа. Во темницата не можел да види колку души лежат под покровот, ами на „игбал” се припикнал под покров од десната страна. И кога ја спружил раката да ја погали невестата го грабнала една рака за брада и еден машки глас почнал да вика: „Бргуте, луѓе,  арамиите дојдоа да ме пленат”. Попот ја дрпнал главата назад, ама половината брада останала во раката на тој што свикал. Летнал попецот надолу од гумното, се загнал по нeго мажот на невестата со пците; на гласот од овие се назагнале и се собрале сите селски пци и го поткачиле попот да го бркаат долу долот. Човекот потрчал малку надолу од гумното, се препнал од некој камен и се вратил, туткајќи ги пците да го бркаат „волкот”. Попот за да им куртули на пците да не го налегнат, се спикал во некои шипје трнје во долот. Но затоа пак пците изналегнале наоколу и цела ноќ лаеле и не го оставиле да излезе од шипјето. Така го нашле утрото селаните затресен во долот; ги распадиле пците и го извеле да им служи литургија.  Им отслужил, ги причестил и им го одржал секојдневното слово: „Што кажува поп — слушајте, а што прави поп — не гледајте”.

Друга незгода беше му се случила на поп Апсика еднаш на друго место. Пак кај некоја од дваесет и пет. Се потплашило попчето да не го затечат само со невестата, та немајќи каде да се засолни беше рипнало во празната преграда на амбарот во којашто чорбаџијата си турал брашно. Навистина преградата била празна, ама подот и страниците сеуште биле, бели, та прпелкајќи се и триејќи, попчето беше се направило цел воденичар. А свекорот од невестата не заборавил да го побара и во таа преграда, та го измолкнал за брада сиот  испрпелан во брашно и му го предал на еден заптија што беше го повикал да му ја заштити честа, бидејќи на попчето не му беше првпат ова идење кај чорбаџијата кога овој не беше дома. Невестата се правдаше пред свекра си дека си го чува намузот, но не може да го истера со сила. И за да се одмане попчето, ја нагласија работата со свекра и да го „скрие” таа во преградата од брашното, а тој — свекор и — го повика Селим-чауш со еден заптија и му го предаде. Го протера заптијата низ селото така брашнав и му го теслими на стариот мудур Арслан-беј којшто беше дошол од В. да пресуди некои тужби на самото место; да не ги вика луѓето во В. на судење. Се изнасмеаја селаните, а повеќе селанките кога го помина заптијата преку село; се изнасмеа и мудурот и сите што беа околу него; му зеде една лира џеза и му се закани да не оди кај невестата Јованка кога е сама, оти, ако го дотераат пак, ќе го казни со десет лири.

Од тој ден поп Тодор не стапна веќе кај Јованка ни по службена должност а камоли на ,,муабет”, како што ги викаше тој ваквите посети. Ама затоа пак таа и целата нејзина куќа останаа со години неблагословени од свештено лице и како за инает, почна се наопаку да им оди во куќата. Јованка се разболе, свекор и си ја лацна половината и заоди прекршен со два стапа под мишка; едниот вол си ја окрши ногата на права ледина, а магарето се кремниса од мелот.

 

— Ја фатија Јованка клетвите од поп Тодор, — си повторуваа жените по чешмата и реката и и препорачуваа да оди кај попот и да бара прочка од него за навредите. „Колку да е грешен тој, неговото пак се слуша од Горниот,” и велеа.

И Јованка почна да се мисли. Не да се мисли, ами да ги послуша „умните” совети на старите жени. А во прашање беа: нејзиното здравје и напредокот на целата куќа. Проклетството, анатемата фрлена од попот паѓаше на целата куќа и за чудо големо ќе се запусти ако не се исправи некако грешката. А кој можеше да ја исправи? Само тој што ја направи! Свекорот ја натера Јованка да го подмами попецот и таа нему му се нафрли сега да ја исправа таа „неправда”. А и самиот свекор го почувствува „гневот божји” врз неговиот грб. Затоа потклекна – попушти. „Со свештено лице навистина шеги не се терале”, си помисли прекршениот свекор и си ги зеде двете патерици, па му отиде в црква на попецот. Го дочека да ја пушти црквата и застана пред „царските двери”.

Тодор го виде и ја разбра работата.

„Аха! Ми го доведе свети Илија златен!” си помисли во себе и го скрои планот за одмазда. „Ќе се мирам со него само под два услови: да не ме брка од дом, и да ми ја плати лирата што ми ја зеде Арслан-беј.”

И се согласи свекорот. Уште тука, в црква, ја извади лирата и уште една франга до неа за срамот што го претрпе низ село; му бакна рака и го одведе од црква право кај него дома на ручек. Јованка стана и ги пречека пред врата. И таа му бакна рака и го замоли да и прости и да ја благослови. А поп Тодор „охотно” го излеа сиот свој благослов на анатемисаната куќа и животот тргаа да си тече и во неа како во сите селски куќи. И тргна наприет на куќата, ама и поп Тодор почна слободно да си влегува и излегува од неа и дење и ноќе. Јованка со ништо не можеше да му се оддолжи што и го поврати здравјето, а свекорот — што ја симна анатемата од куќата.

 

*      *

Дошол еднаш во поп Тодоровото село и владиката од Битола на таканаречената „канонска визитација”, отслужил архиерејска литургија и по одржаното слово им соопшти на селаните да останат тие што имаат некоја мака од попот и поплака на него; да му ја кажат нему — на владиката — а тој ќе го поучи, поискара, па, лебами, може и да го казни, та дури и да го аргоса, ако има толку големи грешки.

Останале скоро сите богомолци и некои се испоплакале дека попот не си ја врши совесно работата — не ја тера службата по канонот: венчава со мртовечката книга; на закоп пее свадбински песни; на крштење — оние од литија за додоле; на литургија чита молитви за „многочадие” и „плодородае” итн. итн. Со овие тужби излегоа пред владиката оние неколку души што се разбираа од црквените канони меѓу кои и самиот попов пцалт Арнаутчето.

Другите се поплакаа дека попот многу пари им зема за венчање, крштење, закоп и други свештенодејствија што им ги вршеше попот. Но најголемите и најмногубројните поплаки беа оние за неговиот неморален живот.

„Дерман немаат жените дома од него”, беше општата тужба.

А покрај овие и толку тужби се јави пред владиката и бабата Цвета Куцова со една необична тужба. (Како да беа малку другите.)

—           Јас — рече — ќе ти се поплачам на попчето наше, свети владико, што тоа не иде навреме в црква. Ниеден ден јас не сум го затекла него пред мене да ја отворил црквата, ами јас чекам со саати пред врата дури тој да се наспие на сабајле.

П Тодор ги слушаше сите тужби, бидејќи владиката така ја нареди работата. Го затвори него во големиот долап зад него да слуша, a селаните да не го гледаат. Ги чу убаво сите селани што рекоа и не му падна криво и тешко, бидејќи сите си имаа по некоја мака и си ја кажаа пред неговиот старешина. Си имаа, значи, право да се пожалат. Ама кога ја слушна необичната тужба од бабата Цвета, цревата зовреа во него.

Си отидоа селаните, а владиката го изведе попот од долапот и почна да го суди и тефтиши:

—           Слушаше! што зборуваа против тебе? —го праша и почна да му се заканува дека ќе го избриче ако е верно сето тоа.

—           Нешто има и верно, ама повеќе се плускотници, свети владико, — му одговори попот мирно и почна да приведува против докази:

—           Оти си ја вршам службата совесно и по сите канони нека послужат овие факти:

—           Што сум венчал, можеби нешто се развенчало, ти дошло тебе таму, та и ти си видел некоја вајдица од тоа; што сум крстил, можеби се има потурчено некој; ама најди ти да се вратил некој што сум го закопал, тогаш обричи ме слободно довечера.

—           Плускотници, траскотници, да си го пособереш умот ако не сакаш да те аргосам. Ако продолжиш вака, навистина ќе те избричам, та ќе пасиш; говеда како што пасеше порано . ..

—           Евет, свети владико; ќе си го пособерам колку што можам. — смирено му одговори попецот и му ја бакна полата од расото.

—           И да знаеш, за сиве овие тужби ќе и платиш џеза на митрополијата пет лири да те оставам да попуваш . ..

„Тука е работата”, си помисли попот и пак мирно му одговори:

—           Me фатил такцирот; ќе платам, што ќе правам! — воздивна и уште на часот го одврза ќесето и му ги даде петте лири црквени пари што ги зеде вчера за продаденото жито што ..го собра на Денот од селаните.

Владиката си ги тури парите в џеб, го посоветува уште малку, но сега поблаго, го благослови и му ги прости досегашните грешки и го поведе со него да му светат масло на болниот чорбаџија Чачот, откаде сите тројца попови добија по бела меџидија, а владиката цела лира. Се наручаа сите кај Чачот и владиката си отиде во друго село.

Остана поп Тодор јадосан и кимен на тужителите што го тужија. За парите немаше што да се жала, бидејќи беа црквени. Па, на сите тужители и не им се налути. Некои повеќе, некои помалку си имаа право. Ама што мака имаше бабата Цвета што го тужи? Кој ѓавол ја тераше и ја тера да доаѓа толку рано в црква?

—           Е, нејзе морам да и се одмаздам, па мајка да ми е, а не богомолка!” си рече попот во себе откако си отиде владиката.

И го зачека денот на одмаздата.

Бабата Цвета секоја недела, секој празник прва беше в црква. Неколку неделини поп Тодор станува рано, но кога идеше во црквата, ја наоѓаше бабата пред врата.

,Де ми те суредам јас тебе, туку чекај”, си мрмна една неделина кога влезе во црквениот двор и ја виде каде клечи пред црквената врата и се крсти, правејќи го секое крстење длабоки метании. И се приближи, и рече добро утро и ја заговори:

—           Знаеш што, бабо Цвето … ?

Таа седна на гробот од стариот поп Петрета (којшто беше закопан крај црквеката врата) и ги фрли очите во попот, а овој продолжи.

—… ми дојде ноќеска на сон свети Арангел и ми рече да ти кажам да се спремаш. Во недела на сред литургија ќе слезе тој во црквата и ќе те земе вака жива кај господ. Ти со твојата божевност и правина си заслужила жива во рајот да одиш. Разбра?

Бабата Цвета се исплаши отпрвин кога и го наспомна свети Арангел и си помисли дека ќе дојде да и ја земе душата. а тоа значи дека ќе умре. Но кога и рече дека жива ќе оди во рајот, се израдува и! цела недела оди од роднина до роднина да се прости, и да им каже оти ќе си оди жива во рајот. Се разбира дека повеќе од роднините се дошикаа во што ќе биде работата, но ја пуштија да се радува.

Попот пак уште во саботата навечер по „вечерната” го натера притропот да донесе еден кош што си вадеше во него слама за добиците и му објасни што мисли да прави утре со бабата Цвета. Го спуштија полијелејот што беше на средето во црквата, го извадија него и го врзаа кошот на неговото место. Отиде притропот во олтарот откаде што на чекрк се спушташе и се дигаше полијелејот, ја собра ортомата и кошот се дигна до под таван на црквата.

Утрото, таман на сред литургијата, попот излезе пред „царските двери” и им соопшти на богомолците дека сега, кога тоа ќе рече: „свјатаја-свјатих” ќе слезе свети Арангел и ќе ја понесе бабата Цвета жива кај господ.

И навистина, штом го пушти својот глас: „свјатаја”, кошот почна полека да слегнува. Богомолците почнаа да се крстат, а повеќе да се смеат тивко. Кога попот го рече и вториот збор „свјатих” — кошот веќе беше на подот, а попот, онака облечен во богослужбените одежди, отиде кај бабата Цвета, ја фати за рака и ја одведе до кошот. Потоа и бакна рака и и помогна да влезе во него.

Бабата сета блажена што ќе оди жива во рајот, им мавна на сите со рака, им рече: седете ми со здравје; „ќе ве чекам ако дојде некој во рајот” и веќе кошот почна полека да се дига нагоре. Попот ги скрсти рацете и почна да ја моли бабата да не го заборави кога ќе излезе пред господ.

Се дига кошот полека, се дига, а попот застана пред вратата на олтарот со дигнати скрстени раце и со најголемо страхопочитание, во верски занес, со молитви и издишки ја гледаше бабата Цвета како оди жива во рајот. И луѓето не ги симињаа погледите од кошот; се крстеа и шепотеа разни молитви, цукајќи и чудејќи се на невиденото чудо — жив човек да оди на небото —. Така полека кошот отиде до самиот таван на црквекото кубе каде што беше насликан Хритос со раширени раце и бабата му дојде баш во прегратката. На луѓето им се стори дека сега ќе ја прегрне Христос и ќе ја однесе преку покривачот право во рајот. Арно ама, таман’ да излезе преку покривач, наеднаш се скина ортомата што го држеше кошот и овој сосе баба бапна на сред црква.

Спиште бабата сета содробена од паѓањето, се раскикотија сите богомолци и избегаа надвор да можат слободно да се смеат, а поп Тодор отиде кај кошот и сосема мирно ја праша:

— Го виде рајот, бабо Цвето… ?

Бабата простенка, офна длабоко, но се исправи некако, излезе од кошот и само два збора му проговори:

— Ако ме видиш уште еднаш в црква да ме .. .

—           не го дорече последниот збор, бидејќи не знаеше што да рече. Дали да ја обеси за јазик; да ја пише на ѕидот или нешто друго, но не беше ни потребно тоа .Од тој ден бабата Цвета, не само што не стапна в црква, ами и не помина крај неа. И кога ја носеше патот тадева, вртеше сосема по други улици.

Неоти само овие незгоди му се случија на пол Тодор? Се знае ли и се пишува ли тоа што им се случило на поповите, особено ако е некој млад а без попадија? Кој не ги знае многуте приказни за нив? Колку, колку такви има што се прикажуваат! A се прикажуваат оти се случиле случките. На пример: да не се случила таа случка, немаше и да се прикажува приказната: „Сен папаз — бен папаз”;  или онаа:  „Вот   харашо —вот харашо”, па „Момокот и попот,, „Се лутиш ли, попе” и т.н. и т.н. Да не ги редам сите приказни за поповите, оти нема и пет вакви тевтери да стигнат. Ги пишав овие неколку незгоди што му се случија на поп Тодора наш кај кого што ќе бидат гости денеска Чало и Јошето Арнаутово што ги поведе попот од црква како негови помошници во утрешната негова работа. И, не само што му помагаа одутрина, ами поп Тодор секој Петковден му беше гостин на Арнаутчето, а секој Спасовден — на Чала. И по таа линија го носеше редот да ги покани, макар што тие и без покана ќе му појдеа Чало на пиење и јадење, а Јошето — и да ја види убавата попова ќерка Велика; да си ги покаже пред неа сите свои духовни квалитети: да посвири со гајда и тамбура; да ги испее сите песни што ги знае; да разговара со Чала и попот „пословички”; да го испее тропарот од свети Илија; а, што е најважно, да ги искаже сите досетки и вицеви што ги знае. Да слушне и види Велика што остар ум се крие во тоа несвидно тело, та белки од таа страна ќе го засака. А поп Тодор одамна веќе овие работи ги знаеше и немаше ништо против да се ороди со младата вдовица Стојна, на која не еднаш и имаше тропнато на малата врата, ама оваа не му отвори.

„Кога би се составиле, истер-истемес, ќе ми отвориш, сваќе!” си мислеше попецот и затоа со задоволство и особено внимание се однесуваше секогаш и секаде кон нејзиното Јоше. А тоа и го заслужуваше тоа внимание со својата бистрина и сите духовни квалитети. Само грдотијата ги загрижуваше обајцата. Дали Велика ќе се согласи да го земе грдото Арнаутче?

Му остана малку криво кога го слушна и него да го тужи кај владиката дека попот не ги врши работите по каноните, но не можеше да го мрази како бабата Цвета. „Сигурно си мисли да ме замени во енуријата”, си помисли поп Тодор. Но гласејќи ја работата да му ја даде Велика, немаше ништо против да се запопи Јошето и да го наследи, бидејќи неговото друго дете — Ѓоре — не покажуваше никаква дарба за наука, та ако не земе зет подучен, отиде поплакот во друга куќа. А тоа би значело да се врати во неговата  пак  онаа  „ороспија” — сиромаштијата.

Кога влегоа дома кај поп Тодора, куќата веќе беше полна со гости. Рековме дека тој секаде одеше, затоа и од секаде му идеа. Веселник беше поп Тодор, ама и домаќин, а уште повеќе гостољубив. Вистинска славјанска душа, што се вели зборот. Оти пак да не биде домаќин кога пет села работеа за него? Без градини, собираше по двесте-триста оки грав; без булук, собираше по двесте-триста руна волна, сто и педесет оки маст и урда; на Водици собираше по сто оки сланина; за Велигден — по пет-шест стотини јајца, а на Митровден — по педесет-шеесет товари жито.

Само од кожите од јагнињата што му ги носеа на Ѓурѓовден в црква да ги препее првите курбани, фаќаше по две-три лири, а веќе од крстено, венчано, закоп и Други услуги, му се собираа и по педесет жолти годишно, со коишто попецот многу умно работеше. Некои давале на заем; со мамеле, со други тргуваше повешто од секој Евреин. Ги наоѓаше луѓето во „тесно”, купуваше од нив евтино, а после го продаваше по двојни и тројни цени. Така ги множеше парите и селаните веруваа дека не е подолу од пет-шест стотини парчиња жолти. Па и тој самиот „не вилеше бога”, не се криеше како што правеа другите чорбаџии во Турско: имал-немал, кукај и навредувај го господ. Поп Тодор отворено зборуваше: „Имам, бре, ми дал господ. Никому не сум му ги зел насила или сум му ги украл. Будала дал — итар зел,” им велеше кога го прашаа дали има некоја пара да им позајми.

— Имам и ќе ти дадам, ама тапијата од оградата, лозјето, градината, па дури и од куќата на некого и. . . сенетот за парите, т. е. признаница со услов: по бел черек на парче месечно, што значеше 120% лихва. И земаа луѓето кога беа во „тесно”. Штом некој не ги враќаше на „меѓата” во (срокот) попот ги носеше сенетот и тапијата во мудурлакот и должникот мораше да ги врати парите и трошоците или пак да се прости со заложениот имот којшто обично чинеше пет и десет пати повеќе од долгот. Сите тоа го знаеја, та не чекаа да дојде работата до уќуматот, ами гледаа и пред време да се спасат од бедата, А тој секогаш им велеше:

— Не земајте, бре, да не плаќате? Или… кога пијам кр’, кр, кр, а кога плаќам тр, тр, тр.. . Е, како ти беше слатко кога пиеше, ќе ти биде сега горко кога мораш да плаќаш. — И не му се лутеа. Дури и му благодареа што ги сосуваше кога беа во „тесно”. А тој,- со особено внимание ги меркаше тие што беа во „тесно” и ја фрлаше пред нив јадицата за да ја налапаат. И ретко кој не ја налапуваше. Дури и сам мајсторски ги втеруваше многумина во „тесно”. Се готви човек за радост. Ќе жени син, брат, внук да речеме. Ама нема доста пари за мастрафот, а треба да смета и за поповото. Оти тој пред да тргне за венчавка секогаш нагласуваше: „што е попово — да е готово”, а тоа се рече: две, три, пет лири; колку ќе му дојде на јазикот; според „кумишот” на домаќинот. И ако ги нема на рака да му ги даде, попот не става да венча. А ваму човекот ја одвел невестата пред црква. Може ли невенчана да ја води дома? Ниту било, ни ќе биде таков резил да нема свекорот пари за попот, та да влегува снаата без божји благослов во новиот дом. Во таков случај на прво место тука се воловите, маската, некоја маторица со пет-шест прасиња или десетина овци – кози. А ако ништо од ова нема бриши, тогаш секако има некоја тапија ако ништо од друго, тоа од куќата сигурно…. сенетчето на десет парчиња по бел черек мамеле на месец. Ете ја свршена работата!

Редок беше случај, а за одбележување е дека имаше и такви кога поп Тодор отстапуваше од ова свое правило’: „што е попово— да е готово” и тоа на некој од своите најинтимни и блиски пријатели од неговото минато со коишто во тоа време беше еснаф по богатството — сиромав.

Од таквите тој не само што не бараше, ами дури им потфрлаше по некоја лира за другите трошоци за да се стори работа; да се прожени и тој сиромав, каде што на попот пак ќе му биде отворена вратата и дење, и ноќе. . . Тука беше дури и претерано дарежлив, но со своја особена сметка.

И не само со заемот и свештеничките услуги што си ги молзеше поп Тодор своите „овчички”, како што та викаше селаните, ами во секој случај гледаше да не му го јадат лебот залудно, та дури и сега на Денов гледаше од секој гостин да исчепка по нешто, макар што е гостин. Затоа пред да седне гостинот на трпезата, попот, без да се стега му наредуваше:

— Ајде, Мице, оди клукни некое дрво да не ни студи; ајде, Пеце, оди извади слама за добиците да не трпат ноќеска; ти, невесто Петро, оди, црпни некоја кофа вода од Попова да се најде; ти ова, ти она сработи да ја извадиш вечерата и пијачката вечер. Никого не оставаше „Јалов” да седне на трпезата и да јаде кај него арам леб.

Тие што беа сиромаси, ги тераше нешто да подработат. А тие што беа чорбаџии, веднаш ги закаструваше:

— Знаеш што, нунко Јоване! Пазарив два чифта волови – ангели, ама не ми довтасуваат пет-шест лири пари, та ако е кабил да ми позајмиш дури да ги сместам воловите, — му велеше и на овој Илинден на нунка му Јована Сивев по поздравот кога го најде дома седнат веќе на трпезата. И овој секогаш му даваше, иако знаеше дека не му требаат. Од Ѓура Јованов зеде десетина, од Налета, Данабаша, Мисирлијата, Мицета и други „дебели” пријатели — дваесетина, триесет, ако не и педесет и сите ги раздаде по селаните со по бел черек лихва на месец, а на позајмувачите не им плати ни грош. Тие го сосаа за пријателство, а тој ги држа нивните пари по пет-шест месеци, некои и по година, та и на нив спечали дваесетина – триесет лири преку лихвата.

Таков беше поп Тодор. Со селаните си играше мајтап и ги вртеше каде и како што сакаше тој, а и тие него каде што можеа, ама со луѓето од власта не се ни обидуваше да прави некои шмеќарлаци.— Секоја власт е од бога, — им велеше на селаните и ги учеше да ја почитуваат, а и самиот тој беше пример за тоа почитување макар да беше иноверска таа власт.

Штом ќе се појавеше некој човек од власта в село, попот не пропушташе да не го викне кај него на конак. Ги честеше издебело разните заптии, колџии, шумари, чауши, башчауши, мифетиши, беглиџии, авалеџии и спаији. А веќе стариот мудур не го оставаше да преноќева на друга куќа кога одеше во  неговото село. Откако го казни со една лира за невестата Јованка станаа присни пријатели и мудурот тука се чувствуваше најсигурен и најрасположен, та  кршеше и тој разни вицови и досетки со попот. „Сен ми-лет-баша бен милет-баша” (Ти народен главатар — јас народен главатар) му велеше стариот стамболлија на попот и го тераше да му раскажува од неговите солени доживувања, на кои мудурот слатко се смееше.

Од нив не бараше поп Тодор никаква работа, ниту пак пари на заем. Но затоа пак не плаќаше никакви такси за (објави) за дрва, за паша, никаков данок ни намет; носеше пушка и пиштоли без гаткакво тескере; пушеше слободно качак тутун и никој не го задеваше. Сите го знаеја поп Апсика и му оддаваа чест со познатите зборови: „многу ти години, папаз ефенди”. Тој ги отпоздравуваше пак со нивните зборови: „на сиџим, синко”, Тие се смееја и одеа, повикани од него, дома му и се гоштаваа издебело.

Со вака наредени работи поп Тодор почна да го тропа ќемерот со илјади парчиња жолти А кога има човек илјади лири опашани на половината, се плаши ли од некого? Сигурно сите ќе речете дека нема да се плаши. Нема,” ама и имало да видите! Поп Тодор се плашеше од еден човек во градот — од архиерејскиот намесник или протата што го викаа подоцна. Ни од владиката толку не се тресеше, отколку од тој ѓаволски прота. Владиката идеше еднаш годишно или на двете години, а протата имаше секој ден работа со поповите и ги знаеше кој колку тежи; кој што работи и што знае, та по таа причина протата знаеше дека поп Тодор не беше писмен воопшто. Знаеше по малку да чита на црквените книги, а повеќе и напамет пееше како црно-горскиот поп Миќуна. А за писмо… од едно: Тодор Стојческии, други букви не знаеше ни да пишува ни да чита. Затоа секогаш протата си имаше маки додека добие некој извештај од поп Тодора за да може да му поднесе на владиката за целата околија. Не еднаш го викаше лично попот за да та добие бараните сведенија, бидејќи на писмените ургенции Тодор ни главата не ја вртеше, не пак да одговори. Што ќе ја врти кога не знаеше што е тоа ургенција и што се бара со неа.

Кога го викаше протата кај него да га дава бараните сведенија, се пазареа. Тој — протата да ги напише тие сведенија, а поп Тодор да му плати, толку и толку пари. Co тоа протата сакаше да го принуди поп Тодора да научи барем толку да пишува и да чита колку што му требаше за најобичната администрација. Но дури беа во прашање пари, на попот окото не му трепнуваше. Плаќаше колку што му бараше протата, дури и го честеше со ручеци и пијачки по крчмите и си одеше в село испратен со протината насмевка. Ho и протата се погоди од истиот чешит — шегаџија — та на едно идење не сакаше за пари да му го пишува извештајот што требаше поп Тодор да му го поднесе.

—Ако ја прекопаш бавчана во црвенион двор, ќе ти го напишам извештајот; ако не, ќе те предложам на владиката да те распопи како неписмен, — му се закани најсериозно протата. Попот бара писари во Прилеп да му го напишат тој ѓаволски извештај, плаќа на два-тројца, ама протата не го прими, изговарајќи се дека не чинат; не се од поп напишани, ами од мирјанско лице не се благословени за да ги прати на владиката. Остана единствен спас да не биде распопен, да ја прекопа црквената бавча. Му предложи да фати аргати но протата седна и почна да го пишува предлогот до владиката за неговото распопување.

И … виде – невиде, поп Тодор го слече кусалето, ја грабна копачката и и влезе на бавчата да ја копа по летната горештина. Се испоти целиот жива вода и си мрмна:

,,Виде, попче оти и волкот змија го клукна? Co илјада лири во кемерот те натера да се потиш.”

Копа поп Тодор цел ден до ужина, кога протата го викна во канцеларијата и му кажа дека извештајот е готов, та и тој нема веќе нужда да копа. Го прискара и го посоветува и тој како владиката, го натера да се потпише на извештајот и го пушти да си оди в село со строга наредба да научи да пишува и да чита, ако не сака да го предложи за аргос.(проклетство во овој случај распопување)

Си отиде, ама од тој ден така се заплаши од протата, што немаше ноќ да не го сонува и се како го пишува предлогот за неговото распопување. Затоа се тресеше и на јаве, и на соне од протата. А како што знаеме, работите на поп Тодора в село не му беа така чисти и бистри да не можеше владиката да му најде маана за распопување. Доста му беше само да му ја прикаче заповед која попот ја кршеше секој ден, па да му ја обричи брадата. А веќе за „симонија” беше печен.

Но што ти велат: „волкот влакното го менува, ама ќудта не ја менува”. И поп Тодор така. Место да се стаписа и да ги кае старите гревови, тој паѓаше во нови такви и потешки.

Ланскиот Спасовден помина Ѓуро од В. и го наговори поп Тодора да одат нагости кај поп Пројчета во К. К-ци го прават панаѓир Спасовден. Се кандиса поп Тодор со истата цел со која и Ѓуро киниса: да купат некоја овца, коза, говедо, јагне, jape сега по пролетва, што ќе излезе касмет, и да видат по некоја убава млада невеста од другите мариовски села.

Ги јавнаа коњите, ги поведоа загарите по нив, пушките пред нив и му се истресоа на поп Пројчета уште првата вечер на Спасовден.

Ги пречека поп Пројче како што се пречекуваат присни пријатели и први луѓе од соседните села. Ѓуро како трговец и „голем” човек што има врски дури со битолскиот валија, а попот — на прво место како свој колега — поп — а исто така како виден трговец и познат итроманец низ Мариово. Ги кладе на чело на софрата и овие се распиштолија сред дваесетина гости и гостинки од разни села и почнаа со своите „мудрованија”. Едно кажи Ѓуро; дуплирај го попот, ама се некако очите на обајцата навртени во невестата Благуна од П.

Пија, прикажуваа, шеретуваа, попеаја некое време во придружба на поп Пројчевата тамбура. Им се придружи и самиот поп Пројче со по некоја и друга лакрдија, па дојде време и за вечера. По чаршискиот ред што владее по Мариово, младите невести, иако се гостинки, треба да турат вода на рацете на машките, та и невестата Благуња се истопори со ѓумот и леѓенот и почна прво од поп Тодора како свештено лице од гостите. Попецот и се зазури во очите, клепна сосема потајно но  со неговото лево, ама Благуња ја заврте главата и помина да му тура вода на Ѓура. Овој успеа и да ја нагази на десната нога, и се опули и тој како попот, и намигна малку повеќе, но таа си ја тргна веднаш ногата, а на намигањето ги свеси веѓите и се намурти. И попот и Ѓуро разбраа дека невестата Благуња не е дојдена кај вујка си Пројчета по тие работи.

Помина вечерата; се напија по некоја чашка и винце и се стори „мунасип” да се спие. Нели пустите куќи по Мариово беа од едно одделение, се изнаредија машките на машкиот кат, жените —. на женскиот. Како за инает, невестата Благуња си легна со свекрва и под огниште во засебна постелка. Таа нејзина постапка им влеа надеж на попот и Ѓура и тие изјавија желба да си легнат на долниот крај на машката постела.

— Сигурно се согласи што се оддели сама со свекрва и, — му велеше Ѓуро на попот кога излегоа да ги нахранат загарите во дворот и да им турат трева на коњите што беа врзани за плетот.

— Ај, боже поможи и денешен свети Спас, — се издиши и попот со извесна надеж.

Си влегоа дома и си легааа најздола во машката постела, завивајќи се, место со покривач, со своите сакми.

И таман се утишија гостите, се угаси и последното пламенче во огништето, Ѓуро се завлечка до постелата од невестата Благуња. Посегна под покровот и ја фати за стапалото од левата нога. Оваа изгледа очекуваше нешто слично од попот и Ѓура, не беше заспана и не се изненади или да се уплаши во сонот, ами мирно, полека се исправи до половина во постелата и со тивок шепот му преговори.

— Кој да си, оди, легни си, да не го земам бардаков од над перница, да ти ја скршам главата и да те направам резил пред волку свет, — и си легна на перницата, подвиткувајќи се убаво со покривачот.

Ѓуро се стаписа и се врати назад во неговата постела по истиот пат, лазејќи.

Попот одвај го дочека и тивко го праша:

—           Што рече, бре! Нејќе? Ѓyро веднаш ја скрои примката:

—           Тебе те сака. Вакви како тебе — ми рече — јас имам секој ден ако сакам, ама за поп сум изгорена. Тие се ретки. Речи му нему ако сака…

А поп Тодор и не дочека да доврши Ѓуро. Се свлечка и тој како овега пред малку, а Ѓуро веќе га зеде сакмите и пушките и ја фати вратата; почна да ја отсурмува; ја отвори полека, полека.

Попот се добра до постелата од невестата Благуња и посегна да ја фати за нога, но место неа, ја фати глувата свекрва. Оваа спиште, ама и бардакот од над перница полета во темницата. Се слушна остар женски глас:

—           Ами кога ти реков, бре магаре, да си седиш мадро, што не ме послуша? — и тропна од главата на попот, а Ѓуро извика, отворајќи ја вратата:

—           По мене, попе, ако сакаш да ја довардиш брадата, — и ја здрашти низ врата. Попот го слушна, та и тој ја најде вратата, излезе и го најде Ѓура каде ги одврзува коњите и загарите. Ги свлечкаа за огламници и набрзина се изгубија долу долот во темницата.

Пискотниците од жените ги разбудија гостите, запалија набрзина видело и ја видоа празна Ѓуровата и поповата постела. Невестата Благуња им, раскажа што и се случи, се изнасмеаа сите, a поп Пројчета измагариса Ѓура и попот и го распали огнот, бидејќи и првите петли веќе се огласија од пондилата.

Ѓуро и попот патем се раскараа. Попот се навреди што го наведе на тој трик и реши да го застрела со пушката. Но овој се оправда со поповата грешка што ја фати свекрвата за нога, a не невестата Благуња и на тоа се сврши. Прејдоа на Расим – беговиот мост и за ручек веќе беа во Б. каде што исто беше Спасовден панаѓир. Кондисаа и тука кај чорбаџи Чашулка, ама сега со друг ум оти Чашулко беше од нивниот табур, та не можеа да сучат пред него мустаќ како пред поп Пројчета.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu