4. ГОШТЕВАЊЕ
Си влезе поп Тодор дома, ги виде дојдените гости, се поздрави со секого, кршејќи по својот обичај по некој сочен – солен виц на нивна сметка. По него влегоа Чало и Арнаутчето, се поздравија и тие како со познати луѓе и пријатели и веќе изнаседнаа на трпезата, која домаќинот беше ја поставил уште спроти Денот.
Во седнувањето попот забележа некаква тревога во гостите. Седнуваа некои накиселени, други и премногу расположени, дури и насмеани, раскикотени. Попот ја разбра работата. Тие што седнаа на чело и близу до челото, беа насмеани, а тие што останаа подолу, беа накиселени. А сите беа „бендене” — видни луѓе од сите деветнаесет мариовски села и небарем беа на некаков конгрес, сите села беа застапени кај поп Тодора со некој свој претставник. Како такви, на сите им припаѓаше челното место. He беше можно да се подредат по својата положба и така да се наредат на трпезата по својата стојност и величие, како и пријателство, блискост и родбински односи на домаќинот. Ако беше зборот за роднини, никој не му беше „ни род, ни поможи бог” на поп Тодора. Но затоа пак сите му беа одлични пријатели и тоа подеднакво блиски и далечни. По таа причина никој немаше очебијни доказателства за некакви привилегии кај попот, па ни во седењето на трпезата како гости. Затоа попот реши и ова прашање да го постави на демократски принцип. Го викна настрана Чала и се посоветува со него што да направи за да бидат сите гости расположени и задоволни. А Чало веднаш го реши прашањето. Напиша на дваесетина ливчиња толку броеви, почнувајќи со бројот 2, 3, 4, 5,… . Првиот број — 1 го остави за домаќинот. My ги тури во фесот на Арнаутчето, а самиот им објасни на гостите зошто го прави ова домаќинот. Рече дека сите сме му мили гости и не сака никој од нас да биде навреден од друг во неговата куќа. Секој ќе седне на она место што ќе го добие од фесот на Јошето. Ги повика сите да станат и да си земат по едно ливче од Арнаутчето, коешто застана под огништето. Се понамуртија сега тие што беа фатиле почелни места, ама затоа пак се разведрија тие што беа подолу и беа повеќе. Се заредија сите и зедоа по едно ливче, та изнаседнаа секој на она место што им го покажаа ливчињата. На Арнаутчето му остана најчесното место — број 2, а Чало го извлече број 3 така што и тука правдата победи, та поповите „помошници” и на трпезата се најдоа крај попот; Чало одлево, а Јошето оддесно.
Сите се разведрија и се расположија. Седна попот на чело на софрата, а Велика веќе почна со првото честење — кафето. Попот го зеде филџанот и ги поздрави гостите по сите адети на домаќин. Секому во кусо му наспомна за врските што го држат нивното пријателство и другарство и вкупно ги благослови со неговиот благослов: „да си благословен — како овца под овен”. Co тој благослов и виц ја отвори веселбата во куќата, а Велика зареди со адетите — ракијата и мезињата. Се разврзаа муабети за разни настани и дoживувaњa, случки. Ѓуро ја раскажа ланската случка со невестата Благуња кај поп Пројчета, Чало — со невестата во В. што се засука до папук; со мудурот и црвените јајца и тн. и тн. дури нункото Сиве не ја дигна чашата и како нунко почна и тој да благошава:
— Ајде, добро го затековме домаќинот Свети Илија да не има во реката (место во раката)
Кај што сме јале, пците лаеле Кај што сме пиле, волците виле Каде пушките обесувале, да рече господ златен
Ѓупците тапаните обесувале
Во куќава ни дар ни бериќет
Сето море матеница
За домаќинов да не се најде лажица
Да му е жива стоката во главата и грбот
Мир и милост — пир и пилос меѓу нас и него
Братска љубов — со ластегарките по грб
Кој ќе пие — нека спие
Кој не пие — нека се убие
Денеска овде, утре кај Тодора, другиден кај попот.
Ако му е арно пак нека не вика ….
Сите аминуваа само попот потскришум се чешаше „кај што не го јаде” и ги повторуваше благословите од нункото Сивета со едно долго” „Амин, амин, куме, од твоја уста вo божји уши; амин, амин да ми ти е сурова уста… и да ми ти даде господ тебе што ми сакаш мене. Амин, амин, куме, да си ми жив до дните; од дните — на пците. Лај, куме, лај да не влезат други волци во трлово, та овие веќе колку да лаеш нема да ги истераш; те знаат оти не касаш ако лаеш толку…”
Се изредија благослови од сите. Ѓуро му ги благослови на пои „овчичките” — младите селски невести.
— Побргу да ти се измркаат, попче, и да ти се објагнат да фатиш некоја пара. Гледај, пушти им ги бравите навреме, да се објагнат совреме, да ги извадиш јагнињата од зимата.
Тоше Нале му го благослови дуќанот и калфите во нето — црквата и светците; Митре Куцов му ја испеа песната: „Питајте го попето — чие . .. вино опето” брат му на Митрета —Стојче Куцов — песната: „Купила си попадија прасе да си пасе”; Данабаш му ги благослови брадите на попот и му пожела да му пораснат поголеми за да има за што да се држат луѓето и жените кога ќе дојде редот да ги благошава; даскалот Димо Гулушот му отпцала неколку педагошки прилики за поведението: да не задева стари жени по селото; да не влегува кај младите апансас и несигурен, оти може да му се случи некоја инка со врела вода; да се варди повеќе од вдовиците отколку од женетите; да не оди сам кај воденичарот Ватралката оти тој не гледа кој го донесол житото (машко или женско) ами бара да му се плати уемот . .. и тн. и тн. дури дојде редот и на Чала да благослови.
— Како свештено лице јас попчево ќе го благословам со библиските благослови со желба еден да не го умине, — рече, стана, го симна фесот, ја крена чашата се прекрсти и почна:
—Буди благословен јакоже Ребека и Сара многочадием. ..
По благословите и доброто пиење започнаа свирките и песните. Скоро сите гости ги донесоа своите тамбури и почна плукањето на бургиите да закиснат за да се нагласат. И поп Тодор имаше тамбура. И тоа сам тој си ја направи од една голема лејка, но затоа пак и врза дебели тељови та толку многу пиштеше, што сите дури ги заглушуваше. А тој знаеше само една песна да свири на неа: „Три пилци пеат во градинчето…” Co таа почнуваше, со неа завршуваше. Ама затоа пак му ја даваше на Јошето Арнаутово (што уште немаше своја тамбура) и тоа со најголема вештина ги движеше прстите по пердињата и ги свиреше сите севдалински и патриотски песни, почнувајќи од тропарот на свети Илија па до оние од Толе Паша: „Нешто ќе те прашам, бабо, право да ми кажеш” и „Не плачи, мајко, не жалај, мори, не жалај …” Сиве ја пееше својата омилена песна: „Мори пијан идам од града, Велико, мори, сретнав моме в ливада.. . “; Тоше —: „Отруј се отруј, Митро мори, зошто да си жива … “; Чало — „Петлите пеат ми се осамна, пуштај ме тенко Тоде да станам. Пуштај ме рудо јагне да сјодам”; даскалот Димо и неговиот колега Бино и тука школски песни пееја: „Скоро, мамо скоро, слушам твојто слово. Облечи ме скоро, мамо, да бидам готово .. . “Од врх Пирин планина, очаен глас се чуе. Македонија плаче . .. “; Куцовци пак — се знае: „Питајте го попето, чие . .. вино опето” „Купила си попадија прасе да си пасе. .. ” И не случајно секој почнуваше со својата песна. Секој си имаше свои дертови и низ песната си ги искажуваше своите чувства. Ете на пример Јошето беше младо и бујно, та откако ќе го испееше тропарот (редот беше таков) веднаш поминуваше на патриотските песни. Кум Сиве ја пееше песната во чест на својата љубовница Велика Бездерова што ја држеше на кулата десетина години и после му ја даде на момокот Петко Бездерст, та ги задржа и двајцата момоци кај себе; Тоше ја пееше својата песна во спомен на својата Дулчинеа Митра што не му се предаде колку да опскака по неа, та од инает и извади песна со која ја тераше да се отруе што оди боса на жетва, со срп на рамо, дете во раце, нозе испукани, уста изгорени. Но таа и тука му одговори: Оди си по патот, лудо море, мене не задевај. Оди си по патот — крши си го вратот…” Чало ја пееше песната од тенкото Тоде, бидејќи жена му се викаше Тода, та Чало дури и манастир измисли на нејзиното име. И кога една есен немаше работа, ни парички, тој зеде една икона од жена, префрли едно рало чорапи преку, рамо, еден ќемер, една кадела волна и отиде во Бегништа на Богородица да пишува за новиот манастир свети Тодор. Кога го прашаа каде е тој манастир, тој им рече дека тој манастир е нов, тој — Чало — го подигнал на највисокиот рид во Мариово и толку е висок што само тој се качува на него. А никаков манастир Чало не подигна, ами жената му беше висока и за неа тој пиша и собра неколку рала чорапи, ќемери, кадела и стотина-двесте оки вино и ракија од бегништани, им ги продаде пак на селаните и се врати со петишест лири пари да ја помине зимата. Ете за неа Чало пееше и сега на Илинден кај поп Тодора и му се закануваше да не го лаже умот попот да се качи на неговиот манастир оти дури тогаш ќе го расипат побратимството. А на попецот му се ујдисуваа некако имињата Тодор и Тодорка, та ако му паднеше некако наколај не би се чудел и да се поткаче, ако беше толку висок Чаловиот манастир.
Во ваква расположба, со свирење, пеење и пиење куќата кај поп Тодора се цепеше, та дури и саѓите паѓаа од викотници. Шишињата со ракија фрчеа од рака нарака, мисурките ги полнеше Велика со сирење, пиперки, домати, а попот не престануваше да ги кани гостите: — Повелете, каснете срце ве јало; напите се — веда ве испила, да испукате од неа; кај ве донесе тој натемаго, ме запустивте да ви се запусти името и семето, да рече господ златен и денешен, свети Илија…
Ho гостите ja гледаа пијачката и мезето, а за слушање воопшто не им се слушаше што брбореше попот. Се напиваа, си каснуваа без да му се плашат на клетвите.
— He идат до нас тие, не. — Ги тешеше Чало. — Во брадата му застануваат. Ич не плашете им се; кркајте вие. Ако фаќаат клетвите, прво мене ќе ме фатат; јас сум најблиску до него.
Но нели е панаѓир, не можат да бидат раат од други гости. Навистина доста му беа овие осумнаесетмина на попот, дури и многу му беа, ама кој го праша?
И таман овие беа на највисоката точка на расположбата, ене ги други тропнаа на вратата. Довтаса една група ракиџии. Солидни и познати домаќини. Се измешале и тие од неколку села. Водачот му е добар пријател на попот, добро ја познава куќата, а и тој е добар домаќин кого што попот секој панаѓир добро го „врши”. Тој и сам имаше намера да го посети попот со целата тајфа, но го нашле некаде други пријатели, нека се живи, и го дигнале од трпезата да им го умножи друштвото. А и тој дојде да се види со сите пријатели, та ги остави децата со бабата на постојаниот конак, кај ќерка му, и киниса со ракиџииве, па ете, ќе се види и со својот стар пријател поп Тодора.
Тропа со стапот на вратата и не чека одговор — влегува. По него влегуваат: кој ќе ги знае кои се и колку? Главно е дека такво друштво не е без гајдаџија, којшто обично ода меѓу првите. Влегуваат еден по еден.
Еден долгач ја удри главата од рамот на вратата и се поврати назад, се понаведна и влезе.
Оној што одеше по него го бутна напред и го опомена да не расте толку висок, та да ги крши со главата туѓите рамови. Првите веќе изнаседнаа колку што можеа да најдат места, а некои се уште на портата. Еден младич прави патем акробации. My се качил на друг на рамењата и така одат патем. Друг другар им се „разболел” кај ште беа пред малку. Ги овргалил очите и се здрвил. Дружината не може да го остави. Затоа еден појак го кренал на грб и каде го носи. Поминувачите ги благошаваат: „Ајде да рече господ довек вака да се носите кркач”. Овој што јаваше го слушна овој благослов и одговори јасно и гласно: „Амин.” Ама затоа го клукна змија. Сите мислеа дека е „накиснат” та го носеа на грб, a со овој „амин” сам се издаде дека се преправа и косачот наеднаш го бапна наземи, а кога овој се придигна и сосема исправен тргна да оди, сега оној што го носеше дотука го јавна да му го врати носењето што го носи толку време. Се започна борење, давеше меѓу нив. Смеи и шаки се прават насекаде и од се.
Водачот веќе и кафето го испи, а последниот од друштвото одвај втаса да влезе. Кој ќе му најде толку столчиња? Секој седнува каде што ќе најде место и на што ќе му се згоди. Некој седнал како седнал; друг клечи покрај него, носите добро тргаат од отнатите шишиња. Тоа е главно. Таква е нивната сорта од гости – ракиџии. А кај попот некако се чувствуваат најслободни. Знаат дека има нешто и нивно во тоа што го пијат и јадат. Попчето и од нив има по нешто молзнато, бидејќи сите се негови „овчички”. И на нивните села тој попува, па ред е да скубнат и тие од него нешто. Поправо да повратат нешто од она што го молзнал тој од нив.
Секоја сорта или категорија гости си има и свој начин за веселба. А има, лебами, во Мариово доста гостински категории. И на гости се оди- со извесна цел. Уште кога се спремаат за на гости се познаваат од која категорија се. На пример: Ако оди свекорот со снаата, па и со бабата, тоа е домаќинска категорија. Ќе ја водат невестата кај мајка и; ќе се видат старите сватовштини и домаќински ќе се наразговараат за стоката, за седбата, за луѓето и животот во двете куќи:
Ако одат дедото и бабата сами на гости, без синови, снаи, ќерки и внучиња, таа ти е опроштајна категорија. Да се видат за последен пат со браќа, братучеди, сестри и друга блиска роднина, оти којзнае дали ќе го дочекаат свети Илија, свети Атанасија, Петковден, Спасовден до година;
Ако оди дедото сам без баба, таа ти е пијанска категорија. Оди да се напие слободно далеку од бабата да не му ги брои голтките ракиичка и винце и да се начури вистински тутунчок кај разни роднини и пријатели. Ергени и моми одат ли на гости, се знае — женидбена категорија. Сакаат децата да вкусат од забранетото јаболко и да влезат во „ќелеш тевтер” како што го викаше поп Тодор тевтерот каде се запишуваа венчавките.
Вдовец и вдовица најарно поминуваа на гости. Тие бараа и наоѓаа закрпи да го крпат својот искинат живот. Таа е крпачка категорија.
Гајдаџиите, ораџиите, песнаџиите, борачите, скокачите, сите тије си имаат своја категорија и цел, и одат на гости да си ги покажат своите вештини пред гостите од деветнаесетте мариовски села.
Сега кај попот се најдоа гости само од прва категорија, со исклучок на некои ергенчиња што дојдоа да ја видат убавата домаќинка поповата ќерка Велика. Но тие беа малку и посрамежливи, та попот немаше мака од нив.
Седнаа како седнаа и куќата се наполни од огништето до јаслите. Еден веќе го налегнале во јаслите и го врзале со ортомата од поповото магаре да не крева врева. Полека, полека се смирува и почнува да ‘рчи. Ни острите штипки — заушки не можат да го разбудат, макар да му ги дупнаа двете уши. Ќе осети кога ќе се поистрезни.
Гајдаџијата и овде доста добро тргна од поповата комињарка, но нему не му пречи толку колку на другите гости. Постојано дува во гајдата та алкохолот место во главата, оди во гајдата. Затоа тој беше најтрезвен од сите, а доби некаков страшен глас та запна да свири и да пее и сите други ги заглуши.
Какви песни ќе се пеат тоа не е предвидено во „програмата.” Се разбира весели како што е оваа на пример:
Невесто црвен трендафил, џанум
Сношти си дојдов од гурбет
И тебе мана ти најдов
Што ти е соба послана, џанум,
Зошто ти шише ракија
Стојане, море, стопане, џанум
Вчера ми Турци дојдоа
Кај нас на конак паднаа
Затоа ми соба послана, џанум
Затоа ми шише ракија.
Невесто црвен трендафил, џанум
Ај тоа да ти верувал
Кој ти е оној зад врата, млада,
Co сива сакма на рамо.
Стојане море стопане, џанум
Лагите се досвршија, џанум,
Прави ми што ќе ми правиш.
При последните зборови сите му честитаат на Стојана што ја фатил невестата со побратимот. Алав да му е маштината што не можела да го излаже и да му скрие како толку многу други нејзини другачки што го прават. Во тоа име сите тегаат од шишињата и надаваат друга врескотница:
Винце ле винце,
Гроздово зрнце
Кој те тебе пие
Без невеста спие
Кој те тебе сака
Без гаќи скака
Кој те тебе љуби, винце
Капата си губи
Кој те тебе ита
Се пo светот скита
Кој те тебе шмрка
Ластегарки крка.
Тука гостите ги порастрлкаа грбовите да се уверат да не заигра навистина од некаде некоја ластегарка. Но окуражени дека се почитани гости продолжуваат:
Mope вино голо
Ми продаде воло
Мене еденјот
На брата ми двата
На брата ми двата, винце,
На стрика куќата
На стрина вурката..’…
„Урааа! Ајде, ајде, ајдееее” грми од сите страни та саѓите паѓаат од гредите во мисурките со мезето.
Ракиџиите божем сакаат да станат, ама не им се остава веселбата
Чало почна да шеретува на големо
— Ќе ви кажам, — вели — една нова песна.
— Да ја чуеме, да ја чуеме, — повикаа сите и си ја најдоа маната да поседат кај попот.
— Добро, — вели :Чало. — Сега вие сите ќе викате: Има, има, има . ..
И сите почнаа да викаат: Има, има, има. . . Запинаат луѓето, тропаат со рацете и нозете. Има па има.
А Чало се запна да вика: Нема, нема, нема .. .
Педесет души викаат има, еден вика нема. Настана препирка со песна: има, нема, дури некое време не се сети еден што викаше има да го праша Чала што нема.
— Ами што има што запинате вие толку души? — го праша Чало овега место да му одговори што нема.
Видоа дека Чало е прав. Нека кажат тие што има, ќе им каже тој што нема.
Се изнасмеаја сите, се изредија пак со шишињата. Всушност, затоа и беше ова викање — да се извади пијачката. Само со седење и молчење и попот не дава ракија и вино.
И почнаа пак да се готват за одење. Станаа како што дојдоа сосе гајдаџијата и во дворот се фатија да играат, да ја одработат и последната попова ракија. Гајдата пишти, орото се вие од арно-поарно.
Во тоа време Чало остана послободен и се спреми за нови шеги. На оној што остана во јаслите му кладе заушки; еден вид штипалки што се прават кога ќе се насечи зелено дрвце на средето до половина, па ќе се прекрши полека, та на насеченото место ќе распука и ќе се расцепи до срце. После ќе се изострат двата краја и кога ќе се кладе меѓу нив ушето или носот и ќе се испуштат острите краишта, така лошо стега што к мртов може да стане, но не и пијан каков што беше овој попов гостин. Сакаше Чало да му кладе и запалена цигара во устата, но се уплаши да не ја запали куќата, Го замоли домаќинот да не му забележува ако претера во шегите, но домаќинот не се меша во гостинските работи како гостите што не се мешаат во неговите. Тој е должен да носи пиење и јадење, а гостите сами нека си наоѓаат разоноди. Ако некому не му чинат, тој си знае; нека не оди со такво друштво.
И ете, со такво одобрение Чало стана, излезе во дворот и се фати на опашката од орото. Малку се подржа одѕади, па отрча на танецот — го поведе тој орото. На ѓајдаџијата му залепи еден бел черек на челото, и овој дува во гајдата та ќе се расцепи и тој, и гајдата. Оро на големо. Ракијата ги крена и најстарите
По малку време го заврте танецот некако во ќошот од дворот и еден по еден се изгуби целиот танец, освен танцувачот Чало, некои од опашката и гајдаџијата.
Бре што беше, бре како беше, кај отидоа ораџиите? Се утврди дека во ќошот од дворот имал попот дупка од вар, а за празникот го дигнал капакот да ја позабеле куќата и така го оставил на празно, та Чало ги наведе скоро сите на дупката и тие, еден врз друг ја наполнија дупката. Се валкаа внатре, се мачеа да излезат и сите се варосаа. Најпосле станаа еден по еден и излегоа варосани. И се лутеа, и се колнеа, a повеќе се смееја, гледајќи се така испрпелани — бели. Пак Чало им предложи да отидат на блис-кото рекче, да се измијат. А во себе си мислеше со тса да ги истера од дворот и да ја затвори портата. He, џанум, не ги лаже уште еднаш Чало.
Така извалкани, се позабришаа со раце, го истресоа покрупниот вар и кал, си влегоа пак дома и се наредија околу трпезата.
Чало пак сака да ги занимава со нешто, оти, ако, не играат, не пеат, тие ќе пијат. А скоро сите се пијани.
— Ајде, — вели — ајде! Тоа беше што беше; ќе му бидеме касмет на дедот поп вечер, туку да попееме уште малку дури да втаса ручекот.
А на гости се руча на мракот, a се вечера кога ќе пеат петлите или кога ќе забели зората. He е ред да се руча и вечера кога му е времето, оти гостите ќе помислат дека домаќинот нејќе да му се пие ракијата, та им дал рано вечера што би било за потценување.
Затоа и Чало почна да им бара разоноди. Навистина пак може да ги излаже, но сега не може да ги нафрла во никаква дупка со вар кога седат крај трпезата. Затоа кандисаа што им предложи. И Чало почна да си ги кажува своите циркуски вештини. Им мрда носот ушите; го заврте носот на тилот; штрекна вода од папукот; оди на раце со нагоре глава, па ја врза ортомата од поповото магаре од една града на друга и направи „магарица”. Се качи на неа и почна да продава разни ситници — прематарија.
Гледајќи го Чала пијаните луѓе се обидуваа и тие да одат по ортомата како него, но штом се качуваа од едната страна, се препрчуваа на другата, та се враќаа на трпезата со крвави носеви, изместени вратови или шинати нозе, раце. Речиси сите се изредија на „магарицата” и сите седнаа содробени од паѓањето.
Чало пак не ги оставаше мирно да седат. — Ете, — му рече на најблискиот што седеше до него. — Ти, побратиме, ќе викаш колку што можеш на дебело: Зуј, зуј, зуј .. .; на друг му даде повисок тон да вика: Бим, бим, бим.. . ; на трет — уште подебело: Бам, бам, бам . .. ; на четврт — бум, бум бум … а на една група тенори им рече да викаат: клип, клип, клип… и так-гук, так-тук …
Леле мајко кога почнаа да си ги вршат сите своите улоги, би помислил човек дека се наоѓа во московската катедрала и ги слуша големите и многубројни камбани. А оние клип и так-тук го имитираа дрвеното клепало, без кое и најголемите катедрали не можат да им служат на Христовите празници. И само што ги ускладија овие живи камбани своите звукови, Чало викна колку грло што го држеше:
„Всјакое дихание да хвалит господа. Хвалите господа с небес; хвалите јего во вишњих. Тебје иодобајет пјесан богу”. И ги настави сите хвалитни стихири од осми глас со ред.
Слушачите без да сакаат почнаа да се крстат. Околу дворот се насобраа жени, деца и постари луѓе домашни и гости. А нашиот прота, како што го крстија Чала, отслужи служба божија и ги ослободи своите пријатели од пријатната должност.
И си останаа сите кај попот до мрак.
Што ќе прави сиромав поп Тодор; каде ќе ги смести ноќеска сите? He се нервираше за јадење и пиење. Тој пригоди за денешен па и стомина да дојдат, ама каде ќе ги кладе да легнат; што ќе им постеле, со што ќе ги покрие? А ете, и Чало не успеа да ги натера да си одат.
Викаа, пееја, пиеја и најпосле по мракот се донесе и ручекот. Каснаа по некој залак и друг и се истркалкаа на местата каде што седеа. Некои од потрезвените ги фаќаа пијаните за нозе и ги испружуваа под трпезата. Се изнаредија од билото до јаслите како сардели во кутија. Оној што го оставија во јаслите најубаво си помина; нему му беше најшироко. Само заушките долго го штипеа, но пак не можеше лесно да се разбуди.
Откако се сместија кој на постелата, кој на рогузината, некој и на гола земја, се јави сега тешкотија околу покривањето. Навистина летно време, топло, но луѓето поднапиени, се плаши попот да не изнесат зло од неговата куќа, да не настинат.
Дури имаше покрови фрли со ред до некаде; кога се свршија покровите, почна да фрла сакми, гуни, шајаци, елечиња, па и своето кусале што му служеше за мантија им го фрли на двајца. Најпосле останаа двајца без никаква покривка. Да не бидат без ништо, им фрли попот по едно рало чорапи на очите барем кога ќе се разбудат да видат дека сепак биле покриени.
Чало им дрпна на сите едно: „Со свјатими упокој”, ги препеа да не се свампират ноќеска, па и тој отиде кај поповиот комшија Стевана да се одмори и да се спреми за утрешните шеретлуци.
Претходно поглавје…
Следно поглавје…