Мариовски панаѓир – цела книга – Стале Попов

Booking.com

5. ЏАКО

Неоти пак само кај попот имаше толку гости! Попот си имаше пријатели од својот еснаф, другите селани си имаа пријатели и роднини од својот бичим. И, се разбира, дека секој си оди таму каде што му е местото и каде што ќе го примат со задоволство.

Затоа и кај Џака не беше потивко отколку кај попот. Навистина не беа Џаковите гости толку многу колку поповите и не така „бендене” одбор како поповите, но тоа не пречеше тие да си се веселат исто така како поповите ако не и уште повесело. И Џако беше еден од мариовските шегаџии и мајтапчии. Тој немаше одено со никаков циркус никаде подалеку од Прилеп и Битола; ретко до Лерин или Кавадарци, но и толку доста му беше да може да ги развеселува своите гости. на Денешен. И ене го каде ги развеселува уште поарно од Чала поповите.

И Џако знаеше да свири на тамбура. И тоа убаво да свири а не како поп Тодора, Сивета и Ѓура. Имаше особена страст да ги крши тамбурите. И тоа зошто? Просто напросто уживаше во тоа.

Бил во млади години заљубен во некоја си Бојана, чорбаџичка ќерка. Џако тогаш почнал да учи да свири на тамбура и првата песна што ја научил да ја свири била онаа:

„Учи ме мајко, карај ме,

Како да земам Бојана …

И штом Џако ќе го изговорел името „Бојана” ја удирал тамбурата одземи и допазар донесувал од Битола друга нова за да ја искрши и неа во текот на неделата кога ќе ја запее Бојанината песна.

Сиромав беше Џако. Го запомнив и јас. Сиромав, ама ојнак, веселник, шегаџија, мајтапчија, може да се рече дека со ништо не заостануваше од Чала, Сивета, Ѓура и другите попови „бендене” гости. Само во сиромаштијата беше „пофарк” од нив. Но таа не му пречеше да биде  домаќин.

He ја зеде саканата Бојана (и поарно за него што не ја зеде), ами се ожени со едно сиромашно девојче од комшиите — Бисера.

„Гол за гол се зедовме”, велеше по стари години. „Бисер е Бисера моја”, стално се фалеше со својата бабичка Бисера. И навистина се погодија обајцата со табиетите.

„Има-нема, стопанка му”, велеа обајцата кога ставаше збор за имовиште и сермија. He се јадосуваа што немало ова, немало она. Главно Нако го вадеше лебот и тамбурата секоја недела со крбли и каци што ги носеше секој вторник во Битола или Лерин. Носеше оттаму по едно шиниче пченица и јадеа со Бисера и децата чист леб на пук на чорбаџиите што ја продаваа пченицата, а јадеа ‘ржан или царевен леб.

И сега на Денешен ене го се распиштолил Џако како цело Мариово да е негов чифлиг. Пијат гостите тиквешка комињарка трипати поарна и полута од поповата самоварна; вино — такуѓере. И оти да не пијат? Уште спроти Денот дојдоа кај Џака четворица тиквешани со четири маски и две магариња пијачка и го растоварија кај Џака. Го растоварија и му го оставија на „бог душа” да го продава Џако, а тие да тераат гости. И Џако си наточи колку што му требаше нему од сите дванаесет меови по две-три-пет оки од мев; им шибна двојно вода и до капка им ја продаде сета пијачка на Селаните. Co тоа си осигури пијачка за себе, а и на стопаните им даде за по десет оки пијачка повеќе пари. Тие ја разбраа работата кога почна да ги чести Џако; ја познаа пијачката оти е од нивната, но што имаше да му забележат кога тој и нив ги ќарува со по некоја бела меџидија?

А и со мезињата Џако не паѓаше подолу од попот и другите чорбаџии. Што беше за купување од пазар: шеќери, леблебии, суво грозје, смокви, локуми, Џако донесе од се помалку. Купи и една-две оки сирење, една-две лубеници и дињи, го закла и последното шилеже, а бабата Бисера намеси погачи цел шиник брашно што го донесе во неделата пред Денот.

Затоа сега Џако со светнато лице го тераше свети Илија, свиреше на тамбурата цврсто, но гледаше да не ја запее Бојанината песна, оти тоа би значело да остане без тамбура баш на Денов. Свиреше Џако и пееше со сиот глас, а гостите го придружуваа во песната и го послушуваа кога ги канеше:

—           Повелете, повелете, пријатели; напиете се од ракичката. Нека се живи пријатели, не жалејте го Џака; му дал господ од се по малку, — и погледнуваше во тиквешанките, па и викаше на бабата Бисера:

—           Жено мори! донеси една лубеница да пресечиме со гостите.

Жената ја носеше лубеницата, но Џако ја клоцаше со ногата и викаше:

—           Друга, друга донеси; кај ја најде оваа. Бисера ја земаше лубеницата и ја изнесуваше, a по малку се враќаше пак со неа. Џако и таа ја клоцаше и бараше друга, трета, четврта . . . дури не се запираше на петтата. А оти беше само една лубеница, тоа гостите не можеа да знаат. Тие мислеа дека Џако донесол цел товар лубеници за Денот.

Донесе Бисера една-две ваганки сирење, a

Џако и се развика:

—           He од ова, мори утко, не. Донеси од прчаното, од помекото.

Бисера ги враќаше ваганките со сирењето), го промешуваше од една во друга и пак го носеше пред гостите. Тие јадеа и добија впечаток дека Џако има сијасет каци со секакви сирењиња, мазои и урди. А Џако немаше никакво прчано, никакво  мркано  сирење.  Купи  од  комшијата Милоша две оки и со него го истера Денот. Ама кој го правеше Џака домаќин и чорбаџија? Се разбира, бабата Бисера. Затоа тој и се фалеше со неа. Помина со неа, ене го, шеесет и повеќе години и ниедно бело влакно нема. Забите сите ги чува и уште води танец на орото секогаш со бабата Бисера до него. He само оро што водеше Џако, ами уште играше клис, бишка, долга магарица; рипаше прескакулица и тринога со децата, а старците — неговите врсници дерман немаа од него на секој собор. Штом се прибираше Џако до некоја група старци што се разговараа и пушеа на лулињата мирно, веднаш како штркот да влегуваше во нив. Сите се размрдуваа, се тресеа нешто,  го пцуеја Џака, го фаќаа два-тројца да го борат и се заметнуваше шега. Што им правеше Џако на тие старци не може да се доброи. Некого боцкаше со трн одзади, на друг му пушташе во ушето жар од лулето; на трет — грутка снег во вратот ако беше зимно време; четврт удираше по жили и го ставаше да седне во вирчето вода зад него; им кршеше јајца во вратот, елем, ако ништо друго, им туткаше силно во ушите. Тие што носеа бради најмногу страдаа од Џака. Се гледаше да го грабне за брада и да го води старецот кај што сака тој.

Тиквешаните останаа првиот ден кај Џака. Пијат, јадат и се чудат.

—          Ем ни ja платија, ем му а испиме. — вели еден на друг. — Каква ќе биде виа работа? А Џако ги кани: „Повелете, повелете како во своја куќа од своја мака”, а сам зел едно шише и дури гостите пијат, тој ја тура ракијата во огништето, во пепелта. Го забележи Бисера и му се наврека што ја тура ракијата но тој одговори:

—           Ајде, жено, ајде, нека е за душа на умрените. Зар овие што ја пијат ќе ја платат, та оваа ќе отиде за бадијала. Нека се живи пријатели… — и пак погледнуваше во тиквешаните.

Еден од тиквешаните го надушил качето со пиперките што ги стави Бисера за Денот и го изнесол да не слегува домаќинката секој час во земникот да носи мезиња. Пијат, јадат мушавере прават, што би рекла народната песна. Ама се седи ли на Денешен без гајда во такво друштво? А рековме дека и Џако свиреше на гајда и на тамбура. Тамбурата беше повеќе господска свирка, та и на Џака му се присака да посвири со гајдата. Ја побара од Бисера и оваа веднаш му ја донесе, а Џако ја надува.

Друштвото, вакво какво што беше одвај дочека да писне гајда и штом Џако го засвире „тешкото” сите изнарипаа и се фатија на танец. Еден од тиквешаните се фати напред. Ги тресе тенките гаќи, го извива орото сред куќата околу огништето, го пушти и долни крај, пак се врати горе по катиштата и почна по тактот на гајдата да прави некакви скокови — клекни — стани, клекни — стани, викајќи:

„Друс, баго мата, друс. А бре, де бре, a гope, а долу, друс бре улиња, друс, уште еднаш, два три”. Сите по неговата команда клекнуваа, стануваа, тропаа со нозете додека сите го сложија скакањето и сите наеднаш „друс” ама тогаш и гредите под нив „друс” и целото друштво се најде во визбата. За миг се најдоа сите долу еден врз друг, а танцувачот тиквешанец, како прв на танецот се најде најздола.

И дури тој стенкаше оздола, другите се смееја и се наместуваа да ја одржат „Полчишката кула” која се правеше од луѓе еден врз друг како овие Џакови гости сега што ја направија без да сакаат.

He му беше лесно на оној што го крепеше целото ова друштво на својот грб, но кога веќе се најде во таа положба, сe крепе и да нејќе.

Ни Џако не помина поарно од тиквешанецот. Падна некако незгодно’ со задникот во еден сандак. Двете нозе ги дигна нагоре, а гајдата не ја пушта. Ја прицнал, та пишти ли пишти сиромашката.

Така се сврши и оваа сцена кај Џака со „Полчишката кула”.

Еден по еден станаа од „кулата” и ги ослободија тие под себе, додека најпосле дојде редот и на тиквешанецот што го водеше орото. Кога стана, го позатрлка грбот да ги понамести ребрата и си промрмори за себе:

— Тих, баго мата, ама јунак човек сум, бре улиња. Да не бе јас на танецот немаше вака лесно да слеземе одозгора. Ајде, баго мата, да одиме на орото.

Претходно поглавје…
Следно поглавје…

Booking.com